Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

СТАТИЈА ЗА ПРОУЧУВАЊЕ 27

Биди истраен како Јехова

Биди истраен како Јехова

Преку својата истрајност ќе ги добиете своите души (ЛУКА 21:19)

ПЕСНА 114 Да бидеме стрпливи како Јехова!

КРАТОК ПРЕГЛЕД *

1-2. Како Јеховините зборови запишани во Исаија 65:16, 17 нѐ охрабруваат да не се откажуваме?

„НЕ СЕ ОТКАЖУВАЈ!“ беше темата на регионалниот конгрес за 2017 год. Од програмата научивме како да истрајуваме кога се соочуваме со разни неволји. Оттогаш поминаа четири години, а ние сѐ уште мора да ги поднесуваме работите што ни се случуваат во овој злобен свет.

2 Со кои неволји се соочуваш ти? Дали можеби ти починал некој член на семејството или близок пријател? Дали имаш некоја сериозна болест? Дали животот ти станал потежок поради последиците од староста? Дали си жртва на природна катастрофа, насилство или прогонство? Или, пак, можеби страдаш поради последиците од некоја заразна болест, како што е КОВИД-19? Со душа го чекаме денот кога сите овие проблеми ќе бидат минато — ќе бидат заборавени и никогаш повторно нема да се случат! (Прочитај Исаија 65:16, 17.)

3. Што треба да правиме, и зошто?

3 Иако животот во овој свет е тежок, можеби во иднина ќе се соочиме со уште поголеми проблеми (Мат. 24:21). Очигледно, многу е важно и понатаму да ја зајакнуваме нашата решеност да бидеме истрајни. Зошто? Бидејќи Исус рекол: „Преку својата истрајност ќе ги добиете своите души“ (Лука 21:19). Тоа што ќе размислуваме како некои други истрајуваат и покрај тоа што се соочуваат со проблеми слични на нашите, може да нѐ поттикне да бидеме уште поистрајни.

4. Зошто Јехова е најдобар пример за истрајност?

4 Кој е најдобриот пример за истрајност? Јехова Бог. Можеби ова те изненадува. Но, размисли за следново. Овој свет е под власта на Ѓаволот, и затоа е преполн со проблеми. Јехова може веднаш да му стави крај на овој свет, но стрпливо го чека денот што го одредил за тоа (Рим. 9:22). Сѐ дотогаш, нашиот Бог ќе покажува истрајност. Да разгледаме девет работи кои Јехова одлучил да ги поднесува.

КОИ РАБОТИ ЈЕХОВА ОДЛУЧИЛ ДА ГИ ПОДНЕСУВА?

5. Како било оцрнето Божјето име, и како се чувствуваш ти поради тоа?

5 Оцрнување на неговото име. Јехова го сака своето име, и сака секој да го почитува (Иса. 42:8). Но, во последниве 6.000 години му се нанесува срам на неговото име (Пс. 74:10, 18, 23). Ова започнало во Еденската градина кога Ѓаволот (што значи „клеветник“) го обвинил Бог дека им ускратува на Адам и на Ева нешто што им е потребно за да бидат вистински среќни (1. Мој. 3:1-5). Сѐ до ден-денес, Јехова е лажно обвинуван дека им ускратува на луѓето работи што им се вистински потребни. На Исус му било тешко затоа што името на неговиот Татко е оцрнето. Затоа ги поучил своите ученици да се молат: „Татко наш, кој си на небесата, да се свети името твое“ (Мат. 6:9).

6. Зошто Јехова дозволува да помине доволно време пред да докаже дека само тој има право да владее?

6 Оспорување на неговото право да владее. Јехова има апсолутно право да владее со небото и Земјата, и неговиот начин на владеење е најдобар (Отк. 4:11). Но, Ѓаволот се обидел да ги наведе ангелите и луѓето да мислат дека Бог нема такво право. Прашањето дали Јехова има право да владее не можело да се реши преку ноќ. Затоа, Бог дозволил да помине доволно време за луѓето да видат дека не можат успешно да владеат без својот Творец (Ерем. 10:23). Поради тоа што Бог е стрплив, ова прашање ќе се реши еднаш засекогаш. Тој ќе докаже дека неговиот начин на владеење е најдобар и дека само неговото Царство ќе донесе вистински мир и сигурност на Земјата.

7. Кој се побунил против Јехова, и што ќе направи тој со бунтовниците?

7 Побуна на некои од неговите деца. Јехова ги создал ангелите и луѓето совршени, односно без никаква маана. Но, бунтовниот ангел Сатана (што значи „противник“) ги навел совршените луѓе, Адам и Ева, да се свртат против Јехова. На таа побуна се придружиле и други ангели и луѓе (Јуда 6). Подоцна, дури и Израелците, кои биле Божји избран народ, го отфрлиле Бог и почнале да обожаваат лажни богови (Иса. 63:8, 10). Јехова со право се чувствувал изневерено. Сепак, тој го поднесувал тоа и ќе продолжи да истрајува сѐ додека не дојде време да ги уништи сите бунтовници. Тоа ќе биде вистинско олеснување за неговите верни слуги кои заедно со него го поднесуваат злото во овој свет.

8-9. Со кои лаги е оцрнет Јехова, но како реагираме ние?

8 Лагите на Ѓаволот. Сатана го обвинил Јов, а со тоа и сите други верни Божји слуги, дека му служат на Јехова од себични причини (Јов 1:8-11; 2:3-5). Сѐ до нашево време, тој не престанал да ги обвинува луѓето (Отк. 12:10). Ние можеме да докажеме дека Сатана е лажливец така што ќе истраеме во неволјите и ќе му останеме верни на Бог од љубов. Јехова го наградил Јов, а ќе нѐ награди и нас ако останеме верни до крај (Јак. 5:11).

9 Преку верските водачи од лажната религија, Сатана ја шири лагата дека Јехова е суров и дека е виновен за страдањата на луѓето. Некои дури тврдат дека, кога едно дете ќе умре, Бог е тој што го зел бидејќи на небото му требаат повеќе ангели. Колку одвратна лага! Но, ние знаеме дека Јехова е Татко полн со љубов. Ако се разболиме од некоја тешка болест или ни почине некој близок, ние никогаш не би го обвиниле нашиот Бог. Напротив, имаме вера дека еден ден тој ќе ја поправи сета штета. Затоа, на сите луѓе што се спремни да нѐ слушаат сакаме да им кажеме дека Јехова Бог е полн со љубов. Така Јехова ќе може да му одговори на оној што му се подбива (Изр. 27:11).

10. Што дознаваме за Јехова од Псалм 22:23, 24?

10 Страдањето на неговите сакани слуги. Јехова е сочувствителен Бог. Нему му е многу тешко кога гледа дека страдаме, можеби поради прогонство, болест или поради нашата несовршеност. (Прочитај Псалм 22:23, 24.) Јехова ја чувствува нашата болка. Тој сака да ѝ стави крај, и ќе го направи тоа. (Спореди со 2. Мојсеева 3:7, 8; Исаија 63:9.) Се ближи денот кога тој ќе ја избрише секоја солза од нашите очи и „смрт нема да има веќе, ни тага, ни пискот, ниту болка“ (Отк. 21:4).

11. Какви чувства има Јехова кон неговите верни слуги кои починале?

11 Одвоеност од неговите пријатели кои починале. Какви чувства има Јехова кон верните мажи и жени кои починале? Тој копнее повторно да ги види! (Јов 14:15). Можеш ли да си замислиш колку многу му недостига на Јехова неговиот пријател Авраам? (Јак. 2:23). Или, пак, Мојсеј, со кого разговарал „лице в лице“? (2. Мој. 33:11). И колку силно посакува да ги чуе Давид и другите псалмисти како му пеат прекрасни фалбени песни! (Пс. 104:33). Иако овие пријатели на Јехова умреле, тој не ги заборавил (Иса. 49:15). Бог се сеќава на секој детаљ од нивната личност. Библијата вели дека „за него сите тие се живи“ (Лука 20:38). Еден ден тој ќе ги врати во живот и повторно ќе ги слуша нивните искрени молитви и ќе се радува што му служат. Ако и тебе ти починал некој што го сакаш, овие мисли можат многу да те утешат.

12. Што особено му причинува болка на Јехова во текот на овие последни денови?

12 Угнетување на луѓето од страна на злобните. Уште од побуната во Еден, Јехова знаел дека, пред работите да тргнат на подобро, условите во светот сѐ повеќе ќе се влошуваат. Тој ги мрази злобата, неправдите и насилството со кои е преполн светот денес. Јехова отсекогаш сочувствувал со најранливите и беспомошните, како што се сираците и вдовиците (Зах. 7:9, 10). Нему му е особено тешко кога гледа дека неговите верни слуги се угнетувани и ставани во затвор. Можеме да бидеме уверени дека тој нѐ сака сите нас кои истрајуваме заедно со него.

13. Кои одвратни работи ги прават луѓето, но што ќе преземе Јехова?

13 Сѐ поголема изопаченост меѓу луѓето. Сатана ужива кога луѓето, кои се создадени според Божјиот лик, прават изопачени работи. Кога во времето на Ное видел дека „лошотијата на човекот на земјата е голема“, Јехова зажалил што го направил човекот, и го доболело во срцето (1. Мој. 6:5, 6, 11). Дали ситуацијата денес е подобра? Воопшто не! Колку мора да е среќен Ѓаволот кога гледа дека луѓето се впуштаат во најразличен сексуален неморал, и тоа не само со лица од спротивниот туку и со лица од истиот пол (Еф. 4:18, 19). Тој особено се радува ако успее да наведе некој Божји слуга да направи сериозен грев. Кога ќе истече времето во кое Јехова покажува стрпливост, јасно ќе се види колку тој го мрази неморалот така што ќе ги уништи неморалните луѓе кои не сакаат да се сменат.

14. Што се случува со Земјата поради луѓето?

14 Уништување на Земјата. Не само што луѓето владеат едни над други на своја штета туку и не ја извршуваат задачата што Јехова им ја доверил — да се грижат за Земјата и за животните (1. Мој. 1:28; Проп. 8:9). Некои научници предупредуваат дека во следните неколку години, поради човечки фактор, можат да исчезнат уште еден милион видови растенија и животни. Не е чудо што луѓето велат дека природата е во голема опасност. Колку се радуваме што Јехова ветил дека ќе бидат „уништени оние што ја уништуваат земјата“ и дека нашата планета ќе биде претворена во рај (Отк. 11:18; Иса. 35:1).

ШТО УЧИМЕ ОД ИСТРАЈНОСТА НА ЈЕХОВА

15-16. Што е тоа што нѐ поттикнува да бидеме истрајни како Јехова? Наведи пример.

15 Размисли за сите тие лоши работи кои нашиот небесен Татко ги поднесува веќе неколку илјади години. (Види ја рамката „ Кои работи Јехова ги поднесува?“) Јехова може да го уништи овој злобен свет во секое време. Но, многу ни користи тоа што тој е толку стрплив. Да наведеме една споредба. Замисли дека еден маж и една жена очекуваат бебе. Но, лекарот им кажува дека нивното бебе ќе се роди со сериозни здравствени проблеми, поради кои ќе има тежок живот и предвреме ќе умре. Иако знаат дека нема да биде лесно да се грижат за нивното детенце, тие се радуваат кога тоа се раѓа. Љубовта кон него им дава сила да ги издржат сите тешкотии за да му овозможат колку што е можно подобар живот.

16 Слично на тоа, сите потомци на Адам и на Ева се раѓаат несовршени. Сепак, Јехова ги сака и се грижи за нив (1. Јов. 4:19). И, за разлика од родителите во споредбата, Јехова има моќ да ги смени работите. Тој одредил ден кога ќе му стави крај на сето страдање (Мат. 24:36). Љубовта на Јехова нѐ поттикнува да бидеме истрајни сеедно уште колку долго треба да чекаме.

17. Како она што е запишано во Евреите 12:2, 3 во врска со Исус нѐ поттикнува да истраеме?

17 Јехова е најдобар пример за истрајност. Исус се угледал на него и, кога бил на Земјата, спремно ги поднел навредите, срамот и страдањата на маченичкиот столб. (Прочитај Евреите 12:2, 3.) Без сомнение, тоа што Јехова покажува истрајност му дало сила на Исус да истрае во неволјите. Тоа може да ни даде сила и нам.

18. Како 2. Петрово 3:9 ни помага да сфатиме што се постигнува со тоа што Јехова е стрплив?

18 Прочитај 2. Петрово 3:9. Јехова знае кога е најдоброто време да му стави крај на овој злобен свет. Поради неговата стрпливост, многу луѓе имале можност да го запознаат и да почнат да му служат, и сега големото мноштво брои милиони. Сите тие се радуваат што, благодарение на Јеховината истрајност, можеле да се родат, да го засакаат и да му го заветуваат својот живот. Кога милионите лица што истрајале до крајот ќе ја добијат својата награда, ќе биде очигледно дека Јехова донел исправна одлука со тоа што решил да биде стрплив.

19. На што треба да бидеме решени, и каква награда ќе добиеме?

19 Ние учиме од Јехова како да бидеме радосни додека истрајуваме. Тој и понатаму е „среќниот Бог“, и покрај сета болка и страдања што Сатана ги предизвикува (1. Тим. 1:11). И ние може да останеме радосни додека стрпливо чекаме Јехова да го посвети своето име, да го оправда своето право да владее, да го отстрани сето зло и да им стави крај на сите проблеми што ги имаме денес. Затоа, да бидеме решени да истраеме, имајќи на ум дека и нашиот небесен Татко истрајува. На тој начин, за секого од нас ќе важат следниве зборови: „Среќен е човекот што истрајува во искушението бидејќи, откако ќе биде искушан, ќе ја прими наградата — животот, кој Јехова им го вети на оние што го сакаат“ (Јак. 1:12).

ПЕСНА 139 Се гледаш ли во новиот свет?

^ пас. 5 Сите ние се соочуваме со различни проблеми. За многу од нив денес нема решение, и затоа мора да бидеме истрајни. Но, ние не сме единствените кои покажуваат истрајност. И самиот Јехова поднесува многу работи. Во оваа статија ќе разгледаме девет такви работи. Исто така, ќе видиме што се постигнува благодарение на истрајноста на Јехова и што можеме да научиме од неговиот пример.