Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

СТАТИЈА ЗА ПРОУЧУВАЊЕ 29

Радувај се на својот напредок!

Радувај се на својот напредок!

Секој нека има причина за задоволство во самиот себе, а не споредувајќи се со други (ГАЛ. 6:4)

ПЕСНА 34 Да живееме беспрекорно

КРАТОК ПРЕГЛЕД *

1. Зошто Јехова не нѐ споредува со другите?

ЈЕХОВА ја сака разновидноста. Тоа се гледа од сето она што го создал, вклучувајќи ги и луѓето. Секој од нас е уникатен. Затоа Јехова никогаш не нѐ споредува со другите. Тој го знае нашето срце, односно нашата внатрешна личност (1. Сам. 16:7). Исто така, тој е свесен за нашите слаби и јаки страни и знае во каква средина сме пораснале. И не очекува од нас повеќе од она што можеме да го направиме. Многу е важно да гледаме на себе онака како што гледа Јехова. Така ќе бидеме разумни и нема да имаме ниту прениско ниту превисоко мислење за себе (Рим. 12:3).

2. Зошто не е добро да се споредуваме со другите?

2 Се разбира, може многу да ни користи ако го набљудуваме примерот на браќата и сестрите кои многу добро ја извршуваат службата (Евр. 13:7). Всушност, тоа може да ни помогне да се подобриме и ние (Фил. 3:17). Меѓутоа, не е исто да следиш нечиј добар пример и да се споредуваш со тоа лице. Ако се споредуваме со некого, би можеле да почнеме да му завидуваме, да се обесхрабриме, па дури и да се чувствуваме безвредно. И, како што видовме во претходната статија, ако се натпреваруваме со другите во собранието, би можеле да претрпиме духовна штета. Затоа Јехова од љубов нѐ поттикнува: „Секој нека го испита своето дело, па ќе има причина за задоволство во самиот себе, а не споредувајќи се со други“ (Гал. 6:4).

3. На кое подрачје од твојот духовен напредок особено се радуваш?

3 Јехова сака да се радуваш на твојот духовен напредок. На пример, ако си се крстил, треба да бидеш пресреќен што си ја остварил таа цел! Самиот си ја донел таа одлука, на темел на твојата љубов кон Бог. Размисли за твојот напредок оттогаш наваму. На пример, дали се продлабочила твојата љубов кон читањето и проучувањето на Библијата? Дали твоите молитви станале подлабоки? (Пс. 141:2). Дали си се подобрил во начинот на кој водиш разговори додека проповедаш и дали повешто ги користиш нашите алатки за служба? А ако имаш семејство, дали Јехова ти помогнал да станеш подобар сопруг, сопруга или родител? Радувај се и биди задоволен поради напредокот што си го постигнал на овие подрачја.

4. Што ќе разгледаме во оваа статија?

4 Можеме да им помагаме на другите да се радуваат на својот духовен напредок и да не се споредуваат со другите. Во оваа статија ќе видиме како родителите можат да им помагаат на своите деца, како брачните другари можат меѓусебно да си помагаат и како старешините и другите можат да им помагаат на своите браќа и сестри. На крајот, ќе разгледаме некои библиски начела кои можат да ни помогнат да си поставуваме разумни цели во склад со нашите лични околности и способности.

ШТО МОЖАТ ДА ПРАВАТ РОДИТЕЛИТЕ И БРАЧНИТЕ ДРУГАРИ

Родители, покажете му на секое ваше дете дека го цените неговиот труд (Види во пасуси 5-6) *

5. Според Ефешаните 6:4, што не треба да прават родителите?

5 Родителите треба да внимаваат да не ги споредуваат децата едно со друго ниту, пак, да очекуваат од нив повеќе отколку што можат да направат. Поради таквите споредби и неразумни барања, детето може да стане исфрустрирано и очајно. (Прочитај Ефешаните 6:4.) Една сестра по име Сачико * вели: „Моите наставници очекуваа да бидам најдобра во класот. Освен тоа, мајка ми сакаше да бидам одличен ученик за да дадам добро сведоштво на моите наставници и на татко ми, кој не беше Јеховин сведок. Всушност, таа очекуваше да ги решавам тестовите без никаква грешка, но тоа беше невозможно. Иако поминаа многу години откако завршив училиште, понекогаш сѐ уште се прашувам дали моето најдобро е доволно добро за Јехова“.

6. Што можат да научат родителите од Псалм 131:1, 2?

6 Родителите можат да извлечат една важна поука од Псалм 131:1, 2. (Прочитај.) Цар Давид рекол дека тој не одел по „преголеми работи“, односно не правел работи кои биле надвор од неговите способности. Бидејќи бил понизен и скромен, тој чувствувал внатрешен мир и задоволство. Што може да научат родителите од зборовите на Давид? Тие ќе покажат дека се понизни и скромни ако немаат преголеми очекувања ниту од себе ниту од своите деца. Родителите можат да им влеат самодоверба на децата така што ќе им помогнат да си поставуваат разумни цели во склад со нивните можности и способности. Една сестра по име Марина вели: „Мајка ми никогаш не ме споредуваше со моите тројца браќа ниту, пак, со други деца. Таа ме поучуваше дека сите имаме различни таленти и дека секој од нас е скапоцен за Јехова. Благодарение на неа, ретко се споредувам со другите“.

7-8. Како еден сопруг може да покаже дека ја почитува својата жена?

7 Јехова очекува од сопрузите да ги почитуваат своите сопруги (1. Пет. 3:7). Тоа значи да им укажуваат посебно внимание и чест. На пример, еден сопруг кој ја почитува својата сопруга ѝ покажува колку таа му значи и не бара од неа повеќе од она што може да го даде. И, се разбира, не ја споредува со други жени. Како би се чувствувала сопругата доколку сопругот го прави тоа? Мажот на една наша сестра која се вика Роза не е Јеховин сведок. Тој често ја споредува со други жени, и поради неговите груби зборови таа има ниска самодоверба и чувства на безвредност. Роза вели: „Постојано треба да се уверувам дека Јехова ме цени“. Но, еден сопруг кој му служи на Јехова ѝ покажува почит на својата жена. Тој знае дека ова влијае не само врз неговиот однос со неа туку и врз неговиот однос со Јехова. *

8 Еден сопруг кој ја почитува својата сопруга ја пофалува, ѝ кажува дека ја сака и пред другите зборува убаво за неа (Изр. 31:28). Токму на овој начин сопругот на Катерина, која ја спомнавме во претходната статија, ѝ помогнал да се избори со чувствата на безвредност. Кога таа била дете, мајка ѝ ја понижувала и честопати ја споредувала со другите девојчиња. Поради тоа, Катерина почнала да ја мери својата вредност споредувајќи се со другите, а продолжила да го прави тоа дури и откако станала Јеховин сведок. Но нејзиниот сопруг, кој исто така е во вистината, ѝ помогнал да се избори со таа склоност и да стекне поурамнотежено гледиште за себеси. Катерина вели: „Тој ме сака, ме пофалува за добрите работи што ги правам и се моли за мене. Исто така, тој ме потсетува на Јеховините прекрасни особини и ми помага да размислувам позитивно“.

ШТО МОЖАТ ДА ПРАВАТ СТАРЕШИНИТЕ И ДРУГИТЕ ВО СОБРАНИЕТО

9-10. Како грижливите старешини ѝ помогнале на една сестра да ја надмине склоноста да се споредува со другите?

9 Како можат старешините да им помогнат на оние што имаат склоност да се споредуваат со другите? Да го разгледаме примерот на една сестра по име Хануни, која ретко добивала пофалби кога била дете. Таа вели: „Бев срамежлива и сметав дека останатите деца се подобри од мене. Уште од мала возраст, почнав да се споредувам со другите“. Хануни продолжила да го прави тоа дури и откако ја запознала вистината. Поради тоа, иако служела како пионер, сметала дека нема многу корист од неа во собранието. Но успеала да си го смени ставот, и сега радосно продолжува да ја извршува пионерската служба. Што ѝ помогнало во тоа?

10 Хануни вели дека ѝ помогнале грижливите старешини. Тие ја увериле дека таа има важно место во собранието и ја пофалиле што верно му служи на Јехова. Таа вели: „Неколку пати старешините ме замолија да охрабрам некои сестри на кои им беше потребна помош. Тоа ми помогна да се чувствувам корисно. Се сеќавам дека старешините ми се заблагодарија што охрабрив неколку помлади сестри. Тогаш тие ми ги прочитаа зборовите од 1. Солуњаните 1:2, 3, и тоа многу ме трогна. Благодарение на тие добри пастири, сега знам дека сум корисна во собранието“.

11. Како можеме да им помогнеме на оние што имаат „скршен и понизен дух“, како што е опишано во Исаија 57:15?

11 Прочитај Исаија 57:15. Јехова покажува голема грижа кон оние што имаат „скршен и понизен дух“. Сите ние, а не само старешините, може да ги охрабриме овие драги браќа и сестри. Еден начин да го правиме тоа е така што ќе покажеме дека искрено се грижиме за нив. Јехова сака да им покажеме дека тој многу ги сака (Изр. 19:17). Исто така, може да им помогнеме на овие браќа и сестри со нашата понизност и скромност. Не би сакале да го свртуваме вниманието кон себеси, и така да предизвикаме љубомора кај другите. Наместо тоа, сакаме со она што го зборуваме и правиме меѓусебно да се охрабруваме (1. Пет. 4:10, 11).

Исус никогаш не се однесувал како да е подобар од своите ученици, и затоа тие биле привлечени кон него. Тој уживал во друштвото на своите пријатели (Види во пасус 12)

12. Зошто обичните луѓе биле привлечени кон Исус? (Види ја сликата на насловната страница.)

12 Можеме многу да научиме како да се однесуваме со другите од начинот на кој Исус постапувал со своите следбеници. Тој бил најголемиот човек кој некогаш живеел, а сепак бил „благ и со понизно срце“ (Мат. 11:28-30). Тој не се истакнувал пред другите со својата висока интелигенција и огромно знаење. Кога поучувал, Исус се изразувал на едноставен начин и користел споредби од секојдневниот живот, и така допирал до срцето на понизните (Лука 10:21). За разлика од вообразените верски водачи, Исус на луѓето никогаш не им наметнувал чувство дека се безвредни за Бог (Јован 6:37). Наместо тоа, тој се однесувал со обичниот народ со почит.

13. Како се гледаат добрината и љубовта на Исус од начинот на кој постапувал со своите ученици?

13 Добрината и љубовта на Исус можеле да се видат од начинот на кој постапувал со своите ученици. Тој знаел дека секој од нив има различни способности и околности. Затоа, не очекувал сите да извршуваат исти задачи, ниту пак во ист обем да учествуваат во службата. Сепак, Исус ценел кога секој го давал своето најдобро. Тоа се гледа од неговата споредба за талантите. Во споредбата, на секој роб господарот му доверил задача „според неговата способност“. Иако едниот од двајцата вредни робови се вратил со повеќе пари, господарот и двајцата ги пофалил со истите зборови: „Одлично, добар и верен робу!“ (Мат. 25:14-23).

14. Како можеме да го следиме примерот на Исус?

14 Исус и нам денес ни покажува добрина и љубов. Тој знае дека сите ние имаме различни способности и околности, и се радува кога го даваме нашето најдобро. И ние треба да го следиме неговиот пример. Никогаш не би сакале да му наметнеме на некој соверник чувства на безвредност или на срам затоа што не прави онолку колку што прават другите. Наместо тоа, секогаш да бараме прилики да ги пофалуваме нашите браќа и сестри затоа што се трудат да му служат на Јехова најдобро што можат.

ПОСТАВУВАЈ СИ РАЗУМНИ ЦЕЛИ

Тоа што ќе си поставуваш разумни цели ќе ти помогне да бидеш радосен (Види во пасуси 15-16) *

15-16. Како на една сестра ѝ користело тоа што си поставувала разумни цели?

15 Кога си поставуваме духовни цели, водиме исполнет и смисловен живот. Но, важно е да си поставуваме цели во склад со нашите способности и околности. Во спротивно, би можеле да се разочараме и обесхрабриме (Лука 14:28). Да го разгледаме примерот на сестра Мидори, која служи како пионер.

16 Татко ѝ на Мидори, кој не е Јеховин сведок, ја понижувал кога таа била дете така што ѝ велел дека брат ѝ и сестра ѝ, како и нејзините соученици, се подобри од неа. „Се чувствував безвредно“, вели Мидори. Но, со текот на годините таа стекнала самодоверба. Мидори додава: „Ја читав Библијата секој ден бидејќи тоа ми помагаше да имам внатрешен мир и да чувствувам дека Јехова ме сака“. Освен тоа, си поставувала разумни цели и конкретно се молела Јехова да ѝ помогне да ги оствари тие цели. Тоа ѝ овозможило да се радува на нејзиниот духовен напредок.

ПРОДОЛЖИ ДА МУ ГО ДАВАШ НА ЈЕХОВА ТВОЕТО НАЈДОБРО

17. Што ќе ни помогне да го смениме начинот на кој размислуваме, и како тоа ќе ни користи?

17 Негативните мисли и чувства нема да исчезнат преку ноќ. Затоа Јехова нѐ поттикнува да се обновуваме „во силата што го задвижува [нашиот] ум“, односно да продолжиме да го менуваме начинот на кој размислуваме (Еф. 4:23, 24). За да успееме во тоа, потребно е да се молиме, да ја проучуваме Божјата Реч и длабоко да размислуваме. Продолжи да ги правиш овие работи и барај сила од Јехова. Неговиот свет дух ќе ти помогне да ја надминеш склоноста да се споредуваш со другите. Исто така, ако во твоето срце се појави љубомора или гордост, Јехова ќе ти помогне да станеш свесен за тоа и брзо да ги направиш потребните промени.

18. Како можат да те утешат зборовите од 2. Летописи 6:29, 30?

18 Прочитај 2. Летописи 6:29, 30. Јехова го познава нашето срце. Исто така, тој знае каква борба води секој од нас, односно дека се бориме против духот на овој свет и против нашата несовршеност. Кога Јехова гледа колку се трудиме да се спротивставиме на овие негативни влијанија, неговата љубов кон нас сѐ повеќе расте.

19. Со кој пример Јехова ни покажува колку нѐ сака?

19 Јехова ја споредува љубовта што ја има кон нас со љубовта што една мајка ја има кон своето бебе (Иса. 49:15). Размисли за примерот на една мајка по име Рејчел. Таа рекла: „Ќерка ми Стефани се роди предвреме. Кога првпат ја видов, беше многу малечка и беспомошна. Но во текот на првиот месец, додека таа беше во инкубатор, докторот ми дозволи секој ден да ја држам в раце. Таквите моменти ни помогнаа меѓу нас да се развие силна приврзаност. Стефани сега има шест години и е помалечка од другите деца на нејзина возраст. Кога ќе помислам колку силно се бореше за живот, ја сакам уште повеќе. Таа ми донесе голема радост!“ Колку е утешно што знаеме дека Јехова чувствува таква љубов кон нас кога гледа колку силно се бориме да му служиме со сета душа!

20. Зошто Јеховините слуги се радосни?

20 Како слуги на Јехова, ние сме скапоцени членови на неговото семејство и се разликуваме едни од други. Јехова не те привлекол кон себе затоа што си подобар од другите луѓе. Тој те привлекол затоа што видел дека имаш меко срце кое може да го поучува и обликува (Пс. 25:9). Биди уверен дека тој се радува кога му служиш најдобро што можеш. Твојата истрајност и верност покажуваат дека имаш „чисто и добро срце“ (Лука 8:15). Затоа, продолжи да му го даваш на Јехова твоето најдобро. Така ќе имаш „причина за задоволство во самиот себе“.

ПЕСНА 38 Тој ќе те зајакне

^ пас. 5 Јехова не нѐ споредува со другите. Но можеби ние имаме таква склоност, и поради тоа можеби ни се јавуваат чувства дека не сме доволно добри. Во оваа статија ќе видиме зошто не е добро да се споредуваме со другите. Освен тоа, ќе видиме како може да им помогнеме на членовите на нашето семејство и на другите во собранието да се гледаат онака како што ги гледа Јехова.

^ пас. 5 Некои имиња се сменети.

^ пас. 7 Иако овде зборуваме за сопрузите, многу од овие начела се однесуваат и на сопругите.

^ пас. 58 ОПИС НА СЛИКАТА: Во текот на Семејната вечер, родителите покажуваат дека се радосни што секое дете изработило по нешто за арката на Ное.

^ пас. 62 ОПИС НА СЛИКАТА: Една самохрана мајка, која има мало дете, подготвува распоред за да може да служи како помошен пионер. Таа е радосна што успеала да ја постигне својата цел.