Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

СТАТИЈА ЗА ПРОУЧУВАЊЕ 30

Цени го своето место во Јеховиното семејство

Цени го своето место во Јеховиното семејство

Си го направил малку помал од ангелите, со слава и со сјај си го овенчал (ПС. 8:5, фус.)

ПЕСНА 123 Верно се држиме за теократскиот ред

КРАТОК ПРЕГЛЕД *

1. Што можеби се прашуваме кога размислуваме за сето она што Јехова го создал?

КОГА размислуваме за огромната вселена што Јехова ја создал, можеби се чувствуваме како псалмистот Давид, кој во молитва рекол: „Кога ги гледам небесата твои, дело на твоите прсти, месечината и ѕвездите што си ги направил — што е смртниот човек, па да мислиш на него, и земниот човек, па да се грижиш за него?“ (Пс. 8:3, 4). Можеби и ние, како Давид, размислуваме за тоа колку сме мали во однос на ѕвездите и сме восхитени што Јехова сепак ни обрнува внимание. Но како што ќе видиме, Јехова не само што се грижел за првите луѓе, Адам и Ева, туку и ги сметал за дел од своето семејство.

2. Што очекувал Јехова од Адам и од Ева?

2 Адам и Ева биле првите деца на Јехова што тој ги создал на Земјата, а Јехова бил нивниот небесен Татко кој со љубов се грижел за нив. Јехова очекувал овој брачен пар да има деца. Тој им рекол: „Плодете се и множете се, наполнете ја земјата и потчинете ја“ (1. Мој. 1:28). Освен што требало да имаат свои потомци, тие требало и да се грижат за Земјата. Ако биле послушни на она што Бог го барал од нив, Адам и Ева и нивните потомци ќе можеле засекогаш да бидат дел од неговото семејство.

3. Зошто може да се каже дека Адам и Ева имале значајно место во Јеховиното семејство?

3 Адам и Ева имале значајно место во Јеховиното семејство. Во врска со создавањето на човекот, псалмистот Давид рекол: „Си го направил малку помал од ангелите, со слава и со сјај си го овенчал“ (Пс. 8:5, фус.). Се разбира, Јехова не ги создал луѓето со иста моќ, интелигенција и способности како ангелите (Пс. 103:20). Сепак, човекот е само „малку помал“ од тие моќни духовни суштества. Јехова навистина им дал на нашите први родители прекрасен почеток!

4. Што се случило со Адам и Ева, и што ќе разгледаме во оваа статија?

 4 За жал, Адам и Ева му биле непослушни на Јехова, и така ја изгубиле честа да бидат дел од неговото семејство. Ова имало катастрофални последици за нивните потомци, како што ќе видиме во оваа статија. Но, Јеховината намера не се сменила. Тој сака луѓето што му се послушни да бидат негови деца засекогаш. Најпрво да видиме како Јехова ни укажал чест. Потоа ќе разгледаме што може да правиме ние за да покажеме дека сакаме да бидеме дел од Божјето семејство. На крајот ќе видиме во кои благослови ќе уживаат Јеховините деца на Земјата во сета вечност.

КАКО ЈЕХОВА ИМ УКАЖАЛ ЧЕСТ НА ЛУЃЕТО

На кои начини Јехова ни укажал чест? (Види во пасуси 5-11) *

5. Како можеме да му покажеме на Бог дека сме благодарни што нѐ создал според својот лик?

5 Јехова ни укажал чест со тоа што нѐ создал според својот лик (1. Мој. 1:26, 27). Благодарение на тоа што сме создадени според Божјиот лик, можеме да ги покажуваме неговите прекрасни особини, како што се љубовта, сочувството, верноста и праведноста (Пс. 86:15; 145:17). Со тоа што се трудиме да развиваме вакви особини, го славиме Јехова и покажуваме дека сме му благодарни (1. Пет. 1:14-16). Освен тоа, кога со нашето однесување го радуваме нашиот небесен Татко, ние сме среќни и задоволни. И, тоа што сме создадени според Божјиот лик ни дава можност да бидеме личности какви што Јехова сака да има во своето семејство.

6. Како Јехова ни укажал чест со начинот на кој ја подготвил Земјата за нас?

6 Јехова подготвил прекрасен дом за нас. Долго време пред да го создаде првиот човек, Јехова ја подготвил Земјата за да можат луѓето да живеат на неа (Јов 38:4-6; Ерем. 10:12). Бидејќи е добар и дарежлив, тој создал изобилство убави работи за да уживаме во животот (Пс. 104:14, 15, 24). Откако ќе создадел нешто, Бог ќе го погледнел и ќе утврдел дека е „многу добро“ (1. Мој. 1:10, 12, 31). Тој им укажал чест на луѓето со тоа што им дал да владеат над сето она што го создал на Земјата (Пс. 8:6). Божјата намера е луѓето да бидат совршени и во сета вечност да уживаат додека се грижат за неговите извонредни творби. Дали редовно му благодариш на Јехова за ова прекрасно ветување?

7. Како од Исус Навин 24:15 се гледа дека луѓето имаат слободна волја?

7 Јехова нѐ создал со слободна волја. Ние можеме да избереме како ќе го живееме животот. (Прочитај Исус Навин 24:15.) Способноста да бираме е наречена слободна волја. Нашиот добар Бог се радува кога одлучуваме да му служиме (Пс. 84:11; Изр. 27:11). Слободната волја можеме да ја користиме на исправен начин на многу подрачја од животот. Да видиме каков пример ни дал Исус.

8. Наведи еден пример за тоа како Исус ја користел својата слободна волја.

8 Еден начин на кој можеме да се угледаме на Исус е така што ќе ги ставаме интересите на другите пред нашите лични интереси. Во една прилика, Исус и неговите апостоли биле многу уморни, па затоа тргнале на едно осамено место со цел да се одморат. Но, таму пристигнале мноштво луѓе кои сакале да бидат поучени од Исус. Дали тој се налутил? Воопшто не. Напротив, се сожалил на луѓето и почнал „да ги поучува за многу работи“ (Мар. 6:30-34). Кога го следиме примерот на Исус така што го жртвуваме нашето време и сили за да им помагаме на другите, му носиме слава на нашиот небесен Татко (Мат. 5:14-16). Освен тоа, така му покажуваме на Јехова дека сакаме да бидеме дел од неговото семејство.

9. Што треба родителите да имаат на ум?

9 Јехова им дал на луѓето способност да имаат деца, како и одговорност да ги поучуваат да го сакаат него и да му служат. Ако си родител, дали го цениш овој скапоцен дар? Јехова ги обдарил ангелите со извонредни способности, но не ги создал со способност да имаат деца. Имајќи го ова на ум, родителите треба да ја ценат честа да се грижат за своите деца. Ним им е доверена важна одговорност да ги воспитуваат децата „со стега од Јехова“ и да им помагаат „да го усвојат неговиот начин на размислување“ (Еф. 6:4; 5. Мој. 6:5-7; Пс. 127:3). За да им помогне на родителите, Божјата организација обезбедува изобилство духовна храна, како што се публикации, видеоклипови, музика и интернет-статии. Нема никаков сомнеж дека нашите млади се скапоцени за Јехова и за неговиот Син (Лука 18:15-17). Нашиот небесен Татко многу се радува кога родителите се потпираат на него и даваат сѐ од себе за да се грижат за своите драги деца. Таквите родители им даваат на децата добра основа за да можат еден ден да станат дел од Јеховиното семејство, и да останат во него засекогаш!

10-11. Што ни овозможил Јехова благодарение на откупнината?

10 Јехова го дал својот скапоцен Син за да можеме повторно да станеме членови на неговото семејство. Како што видовме во  пасус 4, со тоа што згрешиле, Адам и Ева повеќе не можеле да бидат дел од Јеховиното семејство, а им ја ускратиле таа можност и на своите потомци (Рим. 5:12). Адам и Ева намерно одлучиле да не го послушаат Бог, и затоа заслужиле да бидат отстранети од неговото семејство. Но, дали имало некаква надеж за нивните потомци? Бидејќи ги сака луѓето, Јехова презел чекори за да можат оние потомци на Адам и на Ева кои ќе му бидат послушни да станат дел од неговото семејство. Тоа го овозможил така што го жртвувал својот единороден Син, Исус Христос (Јован 3:16; Рим. 5:19). Жртвата на Исус дала основа 144.000 верни луѓе да бидат посвоени како Божји синови (Рим. 8:15-17; Отк. 14:1).

11 Освен тоа, милиони други луѓе верно и послушно ја вршат Божјата волја. Тие се надеваат дека, откако ќе го поминат конечниот испит на крајот на илјадата години, во потполна смисла на зборот ќе станат членови на Божјето семејство (Пс. 25:14; Рим. 8:20, 21). Бидејќи имаат таква надеж, тие уште сега го нарекуваат Јехова, нивниот Творец, „Татко“ (Мат. 6:9). Исто така, сите што ќе воскреснат ќе имаат можност да дознаат што очекува Јехова од нив. Оние што ќе изберат да му бидат послушни ќе станат дел од неговото семејство.

12. На кое прашање ќе добиеме одговор?

12 Како што видовме, Јехова им укажал чест на луѓето на многу начини. Тој веќе ги посвоил помазаниците како свои синови, а на оние од големото мноштво им дал надеж да станат негови деца во новиот свет (Отк. 7:9). Што може да правиме сега за да му покажеме на Јехова дека сакаме засекогаш да бидеме дел од неговото семејство?

ПОКАЖИ МУ НА ЈЕХОВА ДЕКА САКАШ ДА БИДЕШ ДЕЛ ОД НЕГОВОТО СЕМЕЈСТВО

13. Што треба да правиме за да бидеме дел од Божјето семејство? (Марко 12:30).

13 Покажи ја својата љубов кон Јехова така што ќе му служиш со сето свое срце. (Прочитај Марко 12:30.) Од сето она што Бог со љубов ни го дал, еден од најголемите дарови е способноста да го обожаваме. Ние му покажуваме на Јехова дека го сакаме така што ги држиме „неговите заповеди“ (1. Јов. 5:3). Една од заповедите која Јехова сака да ја држиме е запишана во Матеј 28:19, каде што Исус рекол да правиме ученици, крштавајќи ги. Друга заповед е да се сакаме „еден со друг“ (Јован 13:35). Оние што му се послушни на Јехова стануваат дел од неговото меѓународно семејство од верни слуги (Пс. 15:1, 2).

14. Како можеме да покажуваме љубов кон другите? (Матеј 9:36-38; Римјаните 12:10).

14 Покажувај љубов кон другите. Најистакнатата особина на Јехова е љубовта (1. Јов. 4:8). Јехова нѐ сакал дури и пред да го запознаеме (1. Јов. 4:9, 10). Кога покажуваме љубов кон другите, ние го следиме неговиот пример (Еф. 5:1). Најдобар начин да им покажеме љубов на луѓето е да им помогнеме да дознаат за Јехова додека сѐ уште има време. (Прочитај Матеј 9:36-38.) Кога го правиме тоа, им даваме можност еден ден да станат дел од Божјето семејство. Дури и откако некој ќе се крсти, ние мора и понатаму да му покажуваме љубов и почит (1. Јов. 4:20, 21). Што е вклучено во ова? Една работа е тоа што ќе имаме доверба во него и нема да сметаме дека ги прави работите од себични мотиви. Наместо тоа, ќе му покажуваме почит и ќе го сметаме за поголем од нас. (Прочитај Римјаните 12:10; Фил. 2:3.)

15. Кон кого треба да бидеме милосрдни и добри?

15 Биди милосрден и добар кон сите луѓе. Ако сакаме да бидеме меѓу оние на кои Јехова ќе им биде Татко во сета вечност, мора да го применуваме она што го учиме од Божјата Реч. На пример, Исус нѐ поучил дека треба да бидеме милосрдни и добри кон сите луѓе, дури и кон нашите непријатели (Лука 6:32-36). Можеби понекогаш не ни е лесно да го правиме тоа. Во таков случај, многу е важно да научиме да размислуваме и да постапуваме како Исус. Кога даваме сѐ од себе да му бидеме послушни на Јехова и да го следиме примерот на Исус, му покажуваме на нашиот небесен Татко дека сакаме да бидеме дел од неговото семејство засекогаш.

16. Како можеме да го заштитиме угледот на Јеховиното семејство?

16 Заштити го угледот на Јеховиното семејство. Во едно дословно семејство, честопати се случува помалото братче да го имитира својот постар брат. Ако ги применува библиските начела во својот живот, постариот брат ќе биде добар пример за својот помлад брат. Од друга страна, ако постариот почне да прави лоши работи, може да се случи помладиот да го следи тој лош пример. Слично е и во Јеховиното семејство. Можеби еден христијанин некое време бил верен, но ако стане отпадник, ако почне да живее неморално или да прави други лоши работи, може да се случи и други да го следат неговиот лош пример. Таквите лица го нарушуваат угледот на Јеховиното семејство од верни слуги (1. Сол. 4:3-8). Во никој случај не треба да ги следиме таквите лоши примери и не треба да дозволиме ништо да нѐ оддалечи од нашиот небесен Татко кој е полн со љубов.

17. Како не треба да размислуваме, и зошто?

17 Имај доверба во Јехова, а не во материјалните работи. Јехова ни ветил дека ќе ни обезбеди храна, облека и покрив над главата ако го ставаме Царството на прво место и ако живееме во склад со неговите праведни мерила (Пс. 55:22; Мат. 6:33). Ако имаме доверба во ова ветување, нема да мислиме дека материјалните работи што ги нуди овој свет ќе нѐ заштитат и ќе нѐ направат среќни. Свесни сме дека може да имаме вистински мир само ако ја вршиме Јеховината волја (Фил. 4:6, 7). Дури и ако сме во можност да купиме многу работи, треба да размислиме дали имаме доволно време и сили да ги користиме и да се грижиме за нив. Можно ли е да станеме премногу приврзани за материјалните работи што ги поседуваме? Мора да имаме на ум дека Бог очекува од членовите на неговото семејство да бидат зафатени во службата за него. Затоа, не смееме да дозволиме ништо да ни го одвлече вниманието. Не би сакале да бидеме како младиот човек кој толку бил приврзан за материјалните работи кои ги поседувал што одлучил да не го следи Исус. Со тоа ја изгубил можноста да му служи на Јехова и да биде посвоен како негов син (Мар. 10:17-22).

ДЕЦАТА НА ЈЕХОВА ГИ ОЧЕКУВААТ ВЕЧНИ БЛАГОСЛОВИ

18. Каква чест и какви благослови ќе имаат послушните луѓе во сета вечност?

18 Послушните луѓе ќе ја добијат најголемата можна чест — да го сакаат и да го обожаваат Јехова во сета вечност! Освен тоа, оние што имаат надеж за живот на Земјата ќе можат да се грижат за прекрасната планета која Јехова совршено ја создал да биде нивен дом. Наскоро, под власта на Божјето Царство, ќе се обнови убавината на Земјата и на сѐ што е на неа. Исус ќе ја поправи сета штета која настанала поради одлуката на Адам и на Ева да го напуштат Божјето семејство. Јехова ќе воскресне милиони луѓе и ќе им даде можност да живеат вечно во рајот на Земјата и да имаат совршено здравје (Лука 23:42, 43). Кога луѓето што му служат на Јехова ќе станат совршени, сите ќе ја одразуваат славата за која пишувал Давид (Пс. 8:5).

19. Што треба да имаме на ум?

19 Ако си дел од големото мноштво, имаш прекрасна надеж. Бог те сака, и сака да бидеш дел од неговото семејство. Затоа давај сѐ од себе за да го радуваш неговото срце. Секој ден имај ги на ум Божјите ветувања. Цени ја честа што ја имаш да го обожаваш нашиот мил небесен Татко и да го славиш во сета вечност!

ПЕСНА 107 Да покажуваме љубов како Бог

^ пас. 5 За да може едно семејство да биде среќно, секој треба да знае што се очекува од него и да соработува со останатите членови на семејството. Таткото предводи со љубов, мајката го поддржува, а децата им се послушни. Слично е и во Јеховиното семејство. Бог има одредена намера со луѓето и, ако живееме во склад со таа намера, ќе можеме вечно да бидеме дел од неговото семејство.

^ пас. 55 ОПИС НА СЛИКАТА: Благодарение на тоа што Јехова ги создал луѓето со способност да ги одразуваат неговите особини, мажот и жената покажуваат љубов и сочувство еден кон друг и кон нивните синови. Овој брачен пар го сака Јехова. Тие покажуваат дека гледаат на своите деца како на дар од Бог со тоа што ги поучуваат да го сакаат Јехова и да му служат. Со помош на видеоклип, родителите им објаснуваат на децата зошто Јехова го дал Исус како откупнина. Тие ги поучуваат и дека, во рајот што ќе дојде, засекогаш ќе се грижиме за Земјата и за животните.