Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

СТАТИЈА ЗА ПРОУЧУВАЊЕ 33

Радувај се на она што можеш да го правиш за Јехова

Радувај се на она што можеш да го правиш за Јехова

Подобро е да гледаш со очите отколку да се поведуваш по желбите на душата (ПРОП. 6:9)

ПЕСНА 111 Имаме многу причини за радост

КРАТОК ПРЕГЛЕД *

1. На кои начини многумина се трудат да прават повеќе во службата за Јехова?

 ДОДЕКА се приближува крајот на овој свет, има уште многу работа (Мат. 24:14; Лука 10:2; 1. Пет. 5:2). Сите сакаме да му служиме на Јехова најдобро што можеме. Многумина се трудат да ја зголемат својата служба. Некои си поставиле за цел да служат како пионери. Други имаат желба да служат во Бетел или да помагаат при изградба на теократски објекти. А многу браќа се трудат да ги исполнат условите да служат како слуга-помошници или старешини (1. Тим. 3:1, 8). Јехова многу се радува кога гледа дека неговиот народ покажува ваков спремен дух! (Пс. 110:3; Иса. 6:8).

2. Како би можеле да се чувствуваме ако не успееме да постигнеме некоја духовна цел?

2 Меѓутоа, ако помине подолго време, а ние сѐ уште не сме оствариле некои од нашите духовни цели, би можеле да се чувствуваме обесхрабрено. Друга можна причина за обесхрабрување е ако не можеме да правиме одредени работи во Јеховината организација поради нашата возраст или поради нешто друго (Изр. 13:12). Тоа е случај со Мелиса. * Таа сака да служи во Бетел или да присуствува на Школата за полновремени објавители, но вели: „Бидејќи ја имам поминато старосната граница, овие работи за мене се недостижна цел. Поради тоа, понекогаш се чувствувам обесхрабрено“.

3. Што можеби треба да направат некои за да ги исполнат условите за дополнителни одговорности?

3 Некои што се млади и имаат добро здравје можеби најпрво треба да созреат и да стекнат одредени особини за да ги исполнат условите за дополнителни одговорности. Од една страна, тие можеби се интелигентни, одлучни и спремни за работа. Но од друга страна, можеби треба да научат да бидат пострпливи, да ги извршуваат задачите повнимателно и да покажуваат повеќе почит кон другите. Ако се трудиш да ги стекнеш потребните особини, можеби браќата ќе ти доверат одредена одговорност кога најмалку очекуваш. Размисли за примерот на Ник. Кога имал 20 години, тој многу се разочарал бидејќи не бил именуван за слуга-помошник. Ник вели: „Си мислев дека нешто не е во ред со мене“. Но, тој не престанал да се труди да ги развива особините што му биле потребни. Освен тоа, правел сѐ што можел во собранието и во службата на проповедање. Денес, тој служи како член на одбор на подружница.

4. Што ќе разгледаме во оваа статија?

4 Дали си обесхрабрен затоа што сѐ уште не си постигнал некоја духовна цел? Ако да, кажи му на Јехова како се чувствуваш (Пс. 37:5-7). Исто така, можеш да побараш совет од некои поискусни браќа во врска со тоа на кое поле би можел да се подобриш, а потоа труди се да го примениш она што ти го кажале. На тој начин, можеби ќе успееш да ја постигнеш својата цел. Но, слично на Мелиса, која ја спомнавме претходно, можеби она што сакаш да го правиш во службата за Јехова моментално не ти е достижна цел. Што во тој случај? Како да останеш радосен? Одговорот ќе го добиеме во оваа статија. Во неа ќе разгледаме: 1) што може да ти носи радост, 2) како да си ја зголемиш радоста и 3) какви цели да си поставиш за да бидеш уште порадосен.

ШТО МОЖЕ ДА ТИ НОСИ РАДОСТ

5. На што треба да се концентрираме за да бидеме радосни? (Проповедник 6:9).

5 Проповедник 6:9 ни открива што може да ни помогне да бидеме радосни. (Прочитај.) Оној што се концентрира на она што го гледа со очите е задоволен со она што го има, а во тоа спаѓаат и неговите моментални околности. За разлика од него, оној што се поведува по своите желби копнее по нешто што не може да го има. Која поука може да ја извлечеме? За да бидеме радосни, треба да се концентрираме на она што го имаме и да си поставуваме достижни цели.

6. Која споредба ќе ја разгледаме, и што ќе научиме од неа?

6 Можно ли е човек да биде задоволен со она што веќе го прави? Многумина мислат дека тоа не е можно затоа што ние постојано сакаме да учиме нови работи. Сепак, можеме да најдеме радост во она што околностите ни дозволуваат да го правиме. Како? Тоа може да го дознаеме од споредбата на Исус за талантите, која е запишана во Матеј 25:14-30. Од неа ќе научиме како да бидеме радосни, па дури и како да си ја зголемиме радоста во околностите во кои се наоѓаме.

КАКО ДА СИ ЈА ЗГОЛЕМИШ РАДОСТА

7. Накратко раскажи ја споредбата на Исус за талантите.

7 Во споредбата, еден човек требало да замине на пат. Пред да тргне, ги повикал своите робови и им дал таланти со кои требало да тргуваат. * Тој знаел дека тие имаат различни способности, и затоа на едниот му дал пет таланти, на другиот два, а на третиот роб еден талант. Првите двајца робови вложиле голем труд за да тргуваат со парите што ги добиле. Но третиот роб не направил ништо со парите, и неговиот господар го отпуштил.

8. Зошто првиот роб од споредбата можел да биде радосен?

8 Првиот роб сигурно бил многу среќен затоа што господарот му доверил пет таланти. Бидејќи тоа било огромна сума пари, очигледно е дека господарот имал голема доверба во него. А што е со вториот роб? Со оглед на тоа што не добил толку таланти како првиот роб, тој можел лесно да се разочара. Но, како реагирал?

Кои поуки можеме да ги извлечеме од вториот роб спомнат во споредбата на Исус? 1) Тој добил два таланти од својот господар. 2) Тој вредно работел за да заработи повеќе пари за својот господар. 3) Тој ги удвоил парите на својот господар (Види во пасуси 9-11)

9. Што не рекол Исус за вториот роб? (Матеј 25:22, 23).

9 Прочитај Матеј 25:22, 23. Исус не рекол дека вториот роб се налутил или дека станал огорчен затоа што добил само два таланти. Освен тоа, не рекол дека робот почнал да се жали и да вели: „Зошто господарот мене ми даде помалку? Па и јас сум способен како робот што доби пет таланти. Штом господарот не ме цени, тогаш подобро да ги закопам неговите пари и да си ја гледам својата работа“.

10. Што направил вториот роб со талантите што ги добил?

10 Исто како првиот, и вториот роб сериозно ја сфатил задачата што му била доверена и напорно работел за својот господар. Како резултат на тоа, двојно ги зголемил парите што ги добил. Неговиот труд бил богато награден. Господарот не само што се израдувал туку и сметал дека заслужува да му даде уште поголеми одговорности!

11. Како можеме да си ја зголемиме радоста?

11 Слично на тоа, можеме да ја зголемиме нашата радост ако со сета душа ја извршуваме секоја задача што ќе ја добиеме во службата за Јехова. Биди посветен на проповедањето и потполно вклучен во активностите на собранието (Дела 18:5; Евр. 10:24, 25). Добро подготвувај се за состаноците за да можеш да даваш охрабрувачки коментари. Гледај сериозно на секоја точка што ја имаш на состанокот Нашиот живот и служба. Совесно и навремено извршувај ја секоја задача што ќе ја добиеш во собранието. Ниту една задача немој да ја сметаш за неважна и да мислиш дека не вреди да вложиш време за неа. Труди се да ги подобриш своите вештини (Изр. 22:29). Колку повеќе труд вложуваш во духовните активности и во задачите што ги добиваш толку повеќе ќе напредуваш во духовен поглед и ќе бидеш порадосен (Гал. 6:4). Исто така, ќе ти биде полесно да се радуваш кога некој друг ќе добие одредена задача што ти си ја посакувал (Рим. 12:15; Гал. 5:26).

12. Што им помогнало на Мелиса и на Ник да си ја зголемат радоста?

12 Се сеќаваш ли на Мелиса, сестрата која има желба да служи во Бетел или да присуствува на Школата за полновремени објавители? Иако ова не е возможно за неа поради нејзините околности, таа вели: „Го давам моето најдобро во пионерската служба и се трудам да учествувам во различни гранки од службата. Тоа ми носи голема радост“. А како се справил Ник со разочарувањето затоа што не бил именуван за слуга-помошник? Тој вели: „Се концентрирав на она што можев да го правам — да учествувам во службата на проповедање и да давам смисловни коментари на состаноците. Исто така, пополнив молба за Бетел, и веќе следната година бев поканет да служам таму“.

13. Кој ќе биде резултатот ако се посветиш на задачите што моментално ги извршуваш? (Проповедник 2:24).

13 Ако потполно се посветиш на задачите што моментално ги извршуваш, дали тоа значи дека во иднина ќе добиеш поголеми одговорности? Можеби да, како што било во случајот со Ник. Но дури и да не добиеш, како во случајот со Мелиса, сепак ќе бидеш порадосен и ќе имаш чувство дека она што го правиш за Јехова навистина вреди. (Прочитај Проповедник 2:24.) Исто така, ако имаш на ум дека нашиот Господар Исус Христос многу го цени трудот што го вложуваш, ќе чувствуваш поголема радост.

ЦЕЛИ КОИ ЌЕ ЈА ЗГОЛЕМАТ НАШАТА РАДОСТ

14. Што треба да имаме на ум во врска со нашите духовни цели?

14 Дали тоа што се концентрираме на задачите што моментално ги извршуваме значи дека не треба да бараме начини да си ја зголемиме службата за Јехова? Воопшто не! Ние треба да си поставуваме духовни цели кои ќе ни овозможат подобро да си ја извршуваме службата и повеќе да им помагаме на нашите браќа и сестри. Ќе успееме да ги постигнеме тие цели ако не се концентрираме на себеси, туку мудро и скромно се трудиме да им служиме на другите (Изр. 11:2; Дела 20:35).

15. Кои се некои цели што можат да ти помогнат да си ја зголемиш радоста?

15 Моли го Јехова да ти помогне да увидиш кои цели реално би можел да ги оствариш (Изр. 16:3; Јак. 1:5). Дали би можел да си поставиш за цел една од работите што беа спомнати во  првиот пасус — да бидеш помошен или општ пионер, да служиш во Бетел или да учествуваш во изградба на теократски објекти? Дали би можел да научиш нов јазик, па дури и да се преселиш на друго место со цел да ја проповедаш добрата вест? Можеш да дознаеш нешто повеќе за овие цели така што ќе го разгледаш поглавје 10 од книгата Организирани за да ја вршиме Јеховината волја, или така што ќе разговараш со старешините од твоето собрание. * Додека се трудиш да ги оствариш овие цели, твојот напредок ќе биде видлив, а твојата радост ќе се зголеми.

16. Што можеш да правиш ако сега-засега не можеш да оствариш некоја конкретна цел?

16 Што ако сега-засега не можеш да оствариш ниту една од целите кои досега ги спомнавме? Тогаш обиди се да си поставиш некоја друга цел што ќе можеш да ја постигнеш. Размисли за следниве предлози.

Која е една цел што би можел да си ја поставиш? (Види во пасус 17) *

17. Според 1. Тимотеј 4:13, 15, како би можел еден брат да ги подобри своите вештини на поучување?

17 Прочитај 1. Тимотеј 4:13, 15. Ако си крстен брат, би можел да се трудиш да станеш подобар говорник и подобро да ги поучуваш другите. Зошто? Бидејќи ако подобро читаш, се изразуваш и поучуваш, тоа ќе биде од корист за оние што те слушаат. Би можел да си поставиш за цел да ги проучиш сите лекции од брошурата Посвети се на читањето и поучувањето и потоа да ги примениш предлозите во пракса. Избери една лекција, одвој доволно време да го вежбаш она што го пишува во неа и применувај го тоа кога имаш точки на состаноците. Замоли го помошниот советник или некој друг старешина кој е вешт во поучувањето да ти даде некои предлози како да се подобриш * (1. Тим. 5:17). Не се концентрирај само на методата на која работиш. Труди се да им помогнеш на твоите слушатели да си ја зајакнат верата и да ги мотивираш да го применат она што го учат. Така ќе ја зголемиш и својата радост и радоста на оние што те слушаат.

Која е една цел што би можел да си ја поставиш? (Види во пасус 18) *

18. Што може да ни помогне да постигнеме некои цели во службата на проповедање?

18 Сите ние имаме задача да проповедаме и да правиме ученици (Мат. 28:19, 20; Рим. 10:14). Дали сакаш да ги подобриш своите вештини додека учествуваш во ова важно дело? Проучувај ја брошурата Читање и поучување и поставувај си конкретни цели кои ќе ти помогнат да го применуваш она што го учиш. Други практични предлози можеш да најдеш во Нашиот живот и служба како христијани — работни листови, како и во видеоклиповите кои содржат предлози за разговор. Испробувај различни идеи за да видиш што функционира најдобро. Ако ги применуваш овие предлози, ќе станеш повешт во проповедањето и поучувањето, и така ќе ти се зголеми радоста (2. Тим. 4:5).

Која е една цел што би можел да си ја поставиш? (Види во пасус 19) *

19. Како можеш да стекнеш христијански особини?

19 Кога си поставуваш цели, не заборавај дека најважната цел е да стекнеш убави христијански особини (Гал. 5:22, 23; Кол. 3:12; 2. Пет. 1:5-8). Како можеш да успееш во тоа? На пример, можеби сакаш да развиеш посилна вера. Би можел да најдеш статии во нашите публикации кои содржат практични предлози за тоа како да си ја зајакнеш верата. Освен тоа, сигурно ќе ти користат и видеоклиповите од JW Broadcasting® во кои е прикажано како некои браќа и сестри кои се соочувале со разни неволји покажале силна вера. Размислувај за тоа како можеш да се угледаш на нивниот пример за да покажуваш таква вера и ти.

20. Како може да ни се зголеми радоста и да ни се намалат чувствата на разочараност?

20 Без сомнение, сите ние би сакале да правиме за Јехова повеќе од она што околностите ни го дозволуваат сега. Во новиот свет ќе можеме да му служиме на нашиот Бог во потполност и без никакви пречки. Дотогаш, ако го даваме нашето најдобро во она што сега можеме да го правиме, ќе ни се зголеми радоста и ќе ни се намалат чувствата на разочараност. Што е уште поважно, ќе му носиме слава и чест на Јехова, нашиот среќен Бог (1. Тим. 1:11). Затоа, да се радуваме на сето она што можеме да го правиме за него уште денес!

ПЕСНА 82 „Нека свети вашата светлина“

^ пас. 5 Ние многу го сакаме Јехова и сакаме да го даваме нашето најдобро во службата за него. Тоа можеби нѐ поттикнува да правиме повеќе во службата на проповедање или во собранието. Но, што ако не успеваме да постигнеме некои цели и покрај тоа што многу се трудиме? Што може да ни помогне и понатаму да бидеме зафатени во службата за Јехова и да останеме радосни? Споредбата на Исус за талантите ќе ни помогне да го дознаеме одговорот.

^ пас. 2 Некои имиња се сменети.

^ пас. 7 ПОЈАСНУВАЊЕ: Еден талант било сума пари што еден работник можел да ја заработи за околу 20 години.

^ пас. 15 Крстените браќа се поттикнати да се трудат да ги исполнат условите за да служат како слуга-помошници и старешини. Нешто повеќе за овие услови има во поглавја 5 и 6 од книгата Организирани за да ја вршиме Јеховината волја.

^ пас. 17 ПОЈАСНУВАЊЕ: Помошниот советник е старешина кој има задача, доколку е потребно, насамо да им дава совети на старешините и на слуга-помошниците во врска со точките што ги имаат на состанок.

^ пас. 64 ОПИС НА СЛИКАТА: За да ја постигне својата цел подобро да поучува, еден брат истражува во нашите публикации.

^ пас. 66 ОПИС НА СЛИКАТА: Откако си поставила за цел да сведочи неформално, една сестра ѝ дава визит-картичка на келнерката која ја послужува.

^ пас. 68 ОПИС НА СЛИКАТА: Една сестра која си поставила за цел да биде подарежлива ѝ дава подарок на една друга сестра.