Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

СТАТИЈА ЗА ПРОУЧУВАЊЕ 34

Како можеш да ја вкусиш Јеховината добрина?

Како можеш да ја вкусиш Јеховината добрина?

Вкусете и видете колку е добар Јехова! Среќен е човекот кому тој му е прибежиште! (ПС. 34:8)

ПЕСНА 117 Да покажуваме добрина!

КРАТОК ПРЕГЛЕД *

1-2. Според Псалм 34:8, што треба да направиме за да видиме колку е добар Јехова?

ЗАМИСЛИ дека пред тебе има едно јадење кое никогаш не си го пробал. Како ќе знаеш дали ќе ти се допадне? Би можел внимателно да го погледнеш, да го помирисаш, да дознаеш кои состојки ги содржи или, пак, да прашаш други како ним им се допаднало. Но, единствениот начин да дознаеш дали јадењето ќе ти биде вкусно е самиот да го пробаш.

2 На сличен начин, ние може да дознаеме нешто за Јеховината добрина така што ќе ги читаме Библијата и нашите публикации и ќе ги слушаме другите кога зборуваат за благословите што ги добиле од Јехова. Но, во вистинска смисла на зборот ќе разбереме „колку е добар Јехова“ ако самите ја вкусиме неговата добрина. (Прочитај Псалм 34:8.) Како можеме да го направиме тоа? Да наведеме еден пример. Да речеме дека сакаме полновремено да му служиме на Јехова, но за да ја постигнеме таа цел, најпрво треба да си го поедноставиме животот. Можеби многу пати сме го прочитале ветувањето на Исус дека, ако го ставиме Царството на прво место, Јехова ќе ни го даде она што ни е потребно, но ние самите никогаш не сме го почувствувале тоа на своја кожа (Мат. 6:33). Меѓутоа, затоа што имаме доверба во ветувањето на Исус, се трудиме да трошиме помалку пари, правиме некои промени во врска со световната работа и учествуваме во службата на проповедање во зголемена мера. Додека го правиме тоа, гледаме дека Јехова навистина се грижи за нашите потреби. На тој начин, самите ја вкусуваме Јеховината добрина.

3. Според Псалм 31:19, на кои луѓе Јехова им ја покажува својата добрина?

3 „Јехова е добар кон сите“, дури и кон оние што не го познаваат (Пс. 145:9; Мат. 5:45). Но, особено оние што го сакаат и му служат со сета душа добиваат многу благослови од него. (Прочитај Псалм 31:19.) Да разгледаме некои начини на кои Јехова ни покажува добрина.

4. Како Јехова им ја покажува својата добрина на оние што почнуваат да го запознаваат?

4 Секогаш кога го применуваме она што го учиме од Јехова, гледаме колку тоа е за наше добро. На пример, откако сме го запознале Јехова и сме го засакале, тој ни помогнал да престанеме да размислуваме за работи што не ги одобрува и да прекинеме со лошите навики и постапки (Кол. 1:21). А кога сме му го заветувале животот и сме се крстиле, сме вкусиле и други добри работи од него, како што се чистата совест и блиското пријателство со него (1. Пет. 3:21).

5. Како Јехова ни ја покажува својата добрина кога учествуваме во службата?

5 Јехова ни ја покажува својата добрина и кога учествуваме во службата на проповедање. Дали и ти како многу други Јеховини слуги си срамежлива личност? Пред да станеш Јеховин сведок можеби си мислел дека никогаш не би можел да одиш од врата до врата кај непознати луѓе за да им зборуваш за Библијата. Сепак, ти денес го правиш тоа. А со Јеховина помош, дури и уживаш додека проповедаш! Освен тоа, си ја почувствувал неговата помош и на други начини. На пример, Јехова ти помогнал да останеш смирен кога некој станар бил груб со тебе. Исто така, ти помогнал да се сетиш на вистинскиот стих кога некое лице покажало интерес. И, ти дал сила да продолжиш да проповедаш дури и кога луѓето на подрачјето не сакале да те слушаат (Ерем. 20:7-9).

6. Како обуката од Јехова е доказ за неговата добрина?

6 Јехова ни ја покажува својата добрина и со тоа што нѐ обучува да бидеме повешти во службата (Јован 6:45). На пример, на состанокот Нашиот живот и служба слушаме добро осмислени предлози за разговор, и поттикнати сме да ги применуваме тие идеи во службата. Можеби на почетокот нема да ни биде лесно да пробаме нешто ново. Но, кога ќе почнеме да ги применуваме предлозите, ќе видиме дека даваат добри резултати. Освен тоа, на состаноците и на конгресите сме поттикнати да учествуваме во некои гранки од службата во кои можеби никогаш претходно не сме учествувале. Можеби и ова нема да ни биде лесно да го правиме, но ако вложуваме труд, Јехова ќе нѐ благослови. Сега ќе разгледаме некои од благословите што ги добиваме кога се трудиме да правиме нешто повеќе во службата за Јехова без оглед на нашите околности. Потоа ќе разгледаме што може да ни помогне да си ја зголемиме службата.

ЈЕХОВА ГИ БЛАГОСЛОВУВА ОНИЕ ШТО ИМААТ ДОВЕРБА ВО НЕГО

7. Какви благослови добиваме кога се трудиме да ја зголемиме нашата служба?

7 Стануваме поблиски со Јехова. Да го разгледаме примерот на еден старешина по име Самоил, * кој со својата сопруга служи во Колумбија. Тие радосно служеле како пионери, но сакале да ја зголемат својата служба така што ќе помагаат во собрание каде што има поголема потреба од објавители. За да ја остварат таа цел, требало да направат некои жртви. Самоил вели: „Го применивме начелото од Матеј 6:33 и престанавме да купуваме работи што не ни беа неопходни. Но, најтешко ни паѓаше да го напуштиме нашиот стан. Беше дизајниран по наш вкус, а го имавме и исплатено кредитот за него“. Кога се преселиле да служат во новото собрание, тие можеле да живеат со само една шестина од приходите кои претходно ги имале. Самоил додава: „Видовме како Јехова нѐ води и ни одговара на молитвите. Чувствуваме дека тој е задоволен од нас, а ја чувствуваме и неговата љубов како никогаш порано“. Дали и ти би можел да некој начин да ја зголемиш својата служба? Ако да, биди уверен дека така ќе станеш поблизок со Јехова и дека тој ќе се грижи за тебе (Пс. 18:25).

8. Што учиш од она што го кажале Иван и Викторија?

8 Наоѓаме радост во службата. Забележи што рекле Иван и Викторија, брачен пар пионери кои служат во Киргистан. Тие водат едноставен начин на живот за да можат да се ставаат на располагање да извршуваат разни задачи, меѓу кои и да помагаат на градежни проекти. Иван вели: „Напорно работевме на секој проект. Иако на крајот од денот бевме уморни, чувствувавме радост затоа што ја користевме нашата сила за делото на Царството. А радост ни носеа и новите пријателства и убавите искуства“ (Мар. 10:29, 30).

9. Што направила една сестра која се наоѓа во отежнати околности за да си ја зголеми службата, и со каков резултат?

9 Можеме да најдеме радост во службата за Јехова дури и кога имаме отежнати околности. Да ја земеме за пример Миреј, постара вдовица од Западна Африка која била докторка. Кога отишла во пензија, таа почнала со пионерска служба. Миреј има напреден артритис, и кога оди во служба од куќа до куќа, не може да издржи повеќе од еден час. Но, таа може да поминува повеќе време во сведочење на јавни места. Миреј има многу повторни посети и библиски курсеви, а со некои од тие лица контактира преку телефон. Што ја поттикнало оваа сестра да прави повеќе во службата? Таа вели: „Моето срце е исполнето со љубов кон Јехова и кон Христос Исус. Често му се молам на Јехова да ми помогне да правам што е можно повеќе во службата за него“ (Мат. 22:36, 37).

10. Според 1. Петрово 5:10, што добиваат од Јехова оние што се трудат да ја зголемат својата служба?

10 Добиваме дополнителна обука од Јехова. Ова било случај со Кени, пионер кој служи во Маврициус. Кога ја дознал вистината, го напуштил факултетот, се крстил и започнал со полновремена служба. Тој вели: „Се трудам да живеам според зборовите на пророкот Исаија, кој рекол: ’Еве ме мене, испрати ме мене!‘“ (Иса. 6:8). Кени работел на неколку градежни проекти и учествувал во преведувањето на нашите публикации на неговиот мајчин јазик. Тој вели: „Добив обука која ми помогна да ги стекнам вештините кои ми беа потребни за да ги завршам доделените задачи“. Но, од обуката не научил само како да ја заврши работата. Кени додава: „Научив нешто повеќе за моите ограничувања и за особините што ми се потребни за да можам подобро да му служам на Јехова“. (Прочитај 1. Петрово 5:10.) Дали би можел и ти да направиш некои промени за да можеш да добиеш дополнителна обука од Јехова?

Еден брачен пар проповеда во место каде што има поголема потреба од објавители; една помлада сестра помага при изградбата на една сала за состаноци; еден постар брачен пар сведочи преку телефон. Сите тие наоѓаат голема радост додека ја извршуваат својата служба (Види во пасус 11)

11. Каков труд вложиле три сестри од Јужна Кореја за да ја зголемат својата служба, и каков бил резултатот од тоа? (Види ја и сликата на насловната страница.)

11 Дури и оние што долги години му служат на Јехова имаат потреба од обука кога пробуваат нови методи на сведочење. Во текот на пандемијата со КОВИД-19, старешините од едно собрание во Јужна Кореја напишале: „Некои објавители кои порано не можеа многу да одат во служба поради здравствени проблеми, сега редовно учествувааат во службата преку видеоконференција. Три сестри кои имаат над 80 години научија да користат електронски уреди, и сега речиси секој ден се во служба“ (Пс. 92:14, 15). Дали би сакал да ја зголемиш својата служба и уште повеќе да вкусиш колку е добар Јехова? Да разгледаме некои работи што ќе ти помогнат да ја постигнеш таа цел.

ШТО ЌЕ ТИ ПОМОГНЕ ДА СИ ЈА ЗГОЛЕМИШ СЛУЖБАТА

12. Што им ветува Јехова на оние што се потпираат на него?

12 Научи да се потпираш на Јехова. Тој ветил дека ќе ни излее многу благослови ако имаме доверба во него и ако му го даваме нашето најдобро (Мал. 3:10). Една сестра од Колумбија по име Фабиола самата се уверила во ова ветување. Кратко откако се крстила, таа сакала да служи како општ пионер, но не можела бидејќи морала да го издржува своето семејство. Затоа, кога ѝ се укажала можност да се пензионира, таа сесрдно му се молела на Јехова за помош. Фабиола вели: „Луѓето обично чекаат подолго време за да почнат да добиваат пензија. Но, мојата беше одобрена по само еден месец откако ги поднесов документите. Тоа беше вистинско чудо!“ Два месеци подоцна, таа започнала со пионерска служба. Сега има преку 70 години и служи како пионер повеќе од 20 години. Во текот на тој период, Фабиола им помогнала на осум лица да се крстат. Таа вели: „Иако понекогаш немам многу сила, Јехова ми помага секој ден за да можам да продолжам со пионерската служба“.

На кој начин Авраам и Сара, Јаков, како и свештениците кои ја преминале реката Јордан, покажале доверба во Јехова? (Види во пасус 13)

13-14. Кои примери можат да ни помогнат да имаме доверба во Јехова и да си ја зголемиме службата?

13 Учи од примерот на оние што се потпирале на Јехова. Во Библијата има многу примери на Божји слуги кои силно се напрегале во службата за Јехова. Во многу случаи, Јехова ги благословил дури откако тие направиле нешто со кое ја покажале својата доверба во него. На пример, Јехова го благословил Авраам дури откако тој го напуштил својот дом, иако не знаел каде треба да оди (Евр. 11:8). Јаков добил посебен благослов дури откако се борел со ангел (1. Мој. 32:24-30). Кога требало да влезат во Ветената земја, Израелците можеле да ја преминат реката Јордан дури откако свештениците загазиле во надојдените води (Ис. Нав. 3:14-16).

14 Можеш да учиш и од примерите на некои Сведоци од нашево време кои се потпирале на Јехова и ја зголемиле својата служба. На пример, еден брат по име Пајтон и неговата жена Дајана уживаат да читаат за браќа и сестри кои си ја зголемиле службата за Јехова, а некои такви искуства има во рубриката „Тие се ставиле на располагање“. * Пајтон вели: „Кога ги читавме тие искуства, се чувствувавме како да гледаме некој што ужива во вкусно јадење. Колку повеќе гледавме толку повеќе посакувавме да вкусиме и да видиме колку е добар Јехова“. По некое време, Пајтон и Дајана се преселиле на место каде што има поголема потреба од објавители. Дали си ги прочитал статиите од таа рубрика? И дали си ги гледал видеоклиповите Се преселиле да служат во друга земја и Најдобриот начин на живот, кои се објавени на jw.org? Овие содржини можат да ти помогнат да размислиш на кои начини можеш да си ја зголемиш службата.

15. Како ќе ни користи тоа што ќе се дружиме со оние што го ставаат Царството на прво место?

15 Дружи се со оние што ќе те поттикнат да правиш повеќе за Јехова. Веројатно би биле поспремни да пробаме некое ново јадење ако сме во друштво на некои што уживаат во него. Слично на тоа, ако поминуваме време со оние на кои Јехова им е на прво место во животот, поголема е веројатноста дека ќе бараме начини да си ја зголемиме службата. Ова било случај со Кент и со неговата сопруга Вероника. „Нашите пријатели и семејството нѐ поттикнуваа да пробаме нови видови служба“, вели Кент. „Сфативме дека тоа што се дружевме со оние што го ставаат Царството на прво место ни влеа самодоверба да пробаме нешто ново.“ Тие сега служат како специјални пионери во Србија.

16. Како што се гледа од споредбата на Исус запишана во Лука 12:16-21, зошто треба да бидеме спремни да правиме жртви?

16 Прави жртви за Јехова. Не е потребно да се откажеме од сите удобности за да му угодиме на Јехова (Проп. 5:19, 20). Меѓутоа, ако не правиме повеќе во службата за Бог бидејќи не сме спремни на некои жртви, би можеле да ја направиме истата грешка како човекот од споредбата на Исус кој напорно работел за да си овозможи убав живот, но не му било важно да прави нешто за Бог. (Прочитај Лука 12:16-21.) Еден брат кој се вика Кристијан и живее во Франција вели: „Порано не вложував доволно време и сили за Јехова и за моето семејство“. Сепак, тој и жена му одлучиле да станат пионери, а за да ја постигнат таа цел, требало да ја напуштат работата што ја имале. За да можат да се издржуваат, почнале да работат со чистење и научиле да бидат задоволни со помалку пари. Дали вределе тие жртви? Кристијан вели: „Сега повеќе уживаме во службата и чувствуваме радост додека гледаме како луѓето кои ги посетуваме и со кои ја проучуваме Библијата учат за Јехова“.

17. Што ѝ помогнало на една сестра да почне да сведочи на нов начин?

17 Биди спремен да пробаш нови методи на сведочење (Дела 17:16, 17; 20:20, 21). Ширли, една пионерка од САД, требало да направи промени во својата служба во текот на пандемијата со КОВИД-19. Во почетокот, таа не се чувствувала спремна да сведочи по телефон. Но, во текот на посетата на покраинскиот надгледник добила обука како да го прави тоа, и сега редовно сведочи на овој начин. Таа вели: „Отпрвин ми беше страв, но сега навистина уживам. На овој начин наоѓаме повеќе луѓе отколку што наоѓавме кога проповедавме од куќа до куќа!“

18. Што може да ни помогне да ги надминеме проблемите додека се трудиме да ја зголемиме нашата служба?

18 Направи си план и постапувај во склад со него. Кога се соочуваме со проблеми, го молиме Јехова за помош и внимателно размислуваме како да ги надминеме (Изр. 3:21). Соња, која живее во Европа и служи како општ пионер во група на ромски јазик, вели: „Обично си ги запишувам моите планови на лист хартија, кој потоа го ставам на видливо место. На мојот плакар имам цртеж со раскрсница. Кога треба да донесам некоја одлука, погледнувам во таа раскрсница и размислувам во кој правец ќе ме однесе одлуката што ќе ја донесам“. Соња се труди да задржи позитивен став кон проблемите со кои се соочува. Таа вели: „Од мојот став зависи дали ќе гледам на секоја нова ситуација како на ѕид што ме спречува да ги остварам моите цели или како на мост што ми помага во тоа“.

19. На што треба да бидеме решени?

19 Јехова нѐ благословува на многу начини. Може да покажеме колку многу ги цениме тие благослови така што ќе даваме сѐ од себе да му носиме фалба (Евр. 13:15). Тоа може да вклучува и да бараме нови начини како да си ја зголемиме службата. Така, всушност, ќе добиеме уште повеќе благослови од Јехова. Секој ден да бараме прилики да вкусиме и да видиме колку е добар Јехова. Тогаш и ние ќе бидеме како Исус, кој рекол: „Мојата храна е да ја вршам волјата на оној што ме испрати и да го довршам неговото дело“ (Јован 4:34).

ПЕСНА 80 „Вкусете и видете колку е добар Јехова!“

^ пас. 5 Јехова е изворот на сета добрина. Тој им дава добри работи на сите луѓе — дури и на злобните. Но, тој особено сака да им прави добро на оние што верно му служат. Во оваа статија ќе видиме како Јехова им покажува добрина на своите слуги. Освен тоа, ќе видиме како оние што прават повеќе во службата ја чувствуваат неговата добрина во поголема мера.

^ пас. 7 Некои имиња се сменети.

^ пас. 14 Оваа рубрика претходно излегуваше во Стражарска кула, но сега се наоѓа на jw.org. Оди на ЗА НАС > ИСКУСТВА > ГИ ИСПОЛНИЛЕ СВОИТЕ ЦЕЛИ.