Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

СТАТИЈА ЗА ПРОУЧУВАЊЕ 38

Зближи се со твоето духовно семејство

Зближи се со твоето духовно семејство

Одам горе кај мојот Татко и вашиот Татко (ЈОВАН 20:17)

ПЕСНА 3 Нашата сила, надеж и доверба

КРАТОК ПРЕГЛЕД *

1. Како можеме да гледаме на Јехова?

 ВО Јеховиното семејство од верни слуги спаѓаат Исус, кој е „првороден од сѐ што е создадено“, и голем број ангели (Кол. 1:15; Пс. 103:20). Кога бил на Земјата, Исус им помогнал на луѓето да сфатат дека можат да го сметаат Јехова за свој Татко. Во една прилика, додека зборувал со своите ученици, Исус го нарекол Јехова „мојот Татко и вашиот Татко“ (Јован 20:17). Кога му го заветуваме нашиот живот на Јехова и се крштаваме, ние стануваме дел од едно семејство составено од браќа и сестри меѓу кои владее љубов (Мар. 10:29, 30).

2. Што ќе разгледаме во оваа статија?

2 На некои им е тешко да гледаат на Јехова како на Татко полн со љубов. Други можеби не знаат како да ја покажат својата љубов кон браќата и сестрите. Во оваа статија ќе видиме како Исус ни помага да гледаме на Јехова како на наш Татко кој нѐ сака и со кого можеме да бидеме блиски. Исто така, ќе видиме како може да го следиме примерот на Јехова во начинот на кој постапуваме со нашите браќа и сестри.

ЈЕХОВА САКА ДА БИДЕШ БЛИЗОК СО НЕГО

3. На кој начин молитвата што Исус ја дал како пример ни помага да бидеме блиски со Јехова?

3 Јехова е Татко полн со љубов. Исус сака да гледаме на Јехова онака како што гледа тој — како на добар и грижлив родител со кого можеме да зборуваме во секое време, а не како на некоја строга личност која само ни кажува што треба да правиме. Тоа се гледа од она за кое ги поучил своите ученици да се молат. Молитвата што ја дал како пример тој ја започнал со зборовите: „Татко наш“ (Мат. 6:9). Исус можел да каже да му се обраќаме на Јехова со зборовите „Семоќен“, „Творец“ или „Цар на вечноста“. Се разбира, ова не би било погрешно бидејќи од Библијата гледаме дека тие титули му припаѓаат на Јехова (1. Мој. 49:25; Иса. 40:28; 1. Тим. 1:17). Сепак, Исус го употребил изразот „Татко“, кој одразува блискост и топлина.

4. Од каде знаеме дека Јехова сака да бидеме блиски со него?

4 Дали ти е тешко да гледаш на Јехова како на Татко полн со љубов? Тоа е случај со некои од нас. Можеби сме имале тешко детство и не ни е лесно да си замислиме како изгледа еден грижлив родител. Но, тоа што знаеме дека Јехова потполно разбира како се чувствуваме може многу да нѐ утеши. Тој сака да биде близок со нас. Затоа, неговата Реч нѐ поттикнува: „Приближете му се на Бог, и тој ќе ви се приближи вам“ (Јак. 4:8). Јехова нѐ сака и ни кажува дека за нас ќе биде најдобриот Татко што може да го имаме.

5. Според Лука 10:22, како може Исус да ни помогне да станеме поблиски со Јехова?

5 Исус може да ни помогне да станеме поблиски со Јехова. Тој го познава Јехова многу добро и совршено ги одразува неговите особини. Затоа рекол: „Кој ме видел мене, го видел и Таткото“ (Јован 14:9). Исто како еден постар брат, Исус нѐ поучува како да го почитуваме и слушаме нашиот Татко и што треба да правиме за да не го разочараме, туку да биде задоволен од нас. Освен тоа, од неговиот живот на Земјата, особено учиме колку добар и грижлив Татко е Јехова. (Прочитај Лука 10:22.) Да разгледаме неколку примери.

Како Татко полн со љубов, Јехова го зајакнал својот Син преку еден ангел (Види во пасус 6) *

6. Од каде знаеме дека Јехова ги слушал молитвите на Исус? Наведи примери.

6 Јехова ги слуша своите деца кога му се обраќаат. Да видиме како ова било случај со неговиот првороден Син. Додека Исус бил на Земјата, Јехова сигурно ги слушал многуте молитви кои тој му ги упатувал (Лука 5:16). Бог го слушал Исус кога се молел во врска со некои важни одлуки како, на пример, кога требало да избере 12 апостоли (Лука 6:12, 13). Исто така, ги слушал молитвите кои Исус му ги упатувал додека бил под силен притисок. Кратко пред да биде предаден, Исус сесрдно му се молел на својот Татко во врска со она што требало да му се случи. Јехова не само што ја слушнал молитвата на својот сакан Син туку и испратил ангел за да го зајакне (Лука 22:41-44).

7. Како се чувствуваш поради тоа што знаеш дека Јехова ги слуша нашите молитви?

7 Јехова и денес ги слуша молитвите на своите слуги и одговара на нив во вистинско време и на најдобар можен начин (Пс. 116:1, 2). Една сестра од Индија лично го доживеала ова. Таа се борела со силни чувства на загриженост и вознемиреност, и сесрдно го молела Јехова во врска со тоа. Оваа сестра напишала: „Емисијата на JW Broadcasting® за мај 2019, во која се зборуваше за тоа што може да правиме кога ќе нѐ обземат грижи, беше токму она што ми требаше. Тоа беше одговор на моите молитви“.

8. На кои начини Јехова покажал дека го сака Исус?

8 Јехова ни покажува љубов и грижа исто како што му покажувал љубов и грижа на Исус во текот на целиот негов живот на Земјата (Јован 5:20). Тој се погрижил за сите негови потреби во духовен, емоционален и физички поглед. Освен тоа, Јехова не се колебал да каже дека го сака својот Син и дека е задоволен од него (Мат. 3:16, 17). Бидејќи знаел дека неговиот грижлив небесен Татко ќе биде секогаш со него и ќе му помага, Исус никогаш немал чувство дека е оставен сам на себе (Јован 8:16).

9. Од каде знаеме дека Јехова нѐ сака?

9 Исто како Исус, и секој од нас ја почувствувал Јеховината љубов на многу начини. Размисли за следново. Јехова нѐ привлекол кон себе и ни дал грижливи браќа и сестри кои нѐ охрабруваат кога сме потиштени и ни помагаат да бидеме радосни. На тој начин Јехова се грижи за нашите емоционални потреби (Јован 6:44). Исто така, тој постојано ни обезбедува духовна храна за да задржиме цврста вера. Тој дури се грижи и за нашите секојдневни материјални потреби (Мат. 6:31, 32). Кога размислуваме за тоа колку многу Јехова нѐ сака, нашата љубов кон него сѐ повеќе расте.

ПОСТАПУВАЈ СО БРАЌАТА И СЕСТРИТЕ ОНАКА КАКО ШТО ПОСТАПУВА ЈЕХОВА

10. Што може да научиме од начинот како Јехова постапува со нашите браќа и сестри?

10 Јехова ги сака нашите браќа и сестри. Но, можеби нам не ни е секогаш лесно да ги сакаме и да им ја покажеме таа љубов. Ако размислиме, ние потекнуваме од различни култури и сме пораснале во различни околности. Освен тоа, сите правиме грешки што може да ги изнервираат или разочараат другите. Сепак, сите ние може да придонесеме да има љубов во нашето духовно семејство. Како? Така што, по примерот на нашиот Татко, ќе им покажуваме на браќата и сестрите дека ги сакаме (Еф. 5:1, 2; 1. Јов. 4:19). Да видиме што може да научиме од Јехова во овој поглед.

11. Како Исус покажувал длабоко сочувство исто како Јехова?

11 Јехова покажува длабоко сочувство (Лука 1:78). На една сочувствителна личност ѝ е тешко кога гледа дека некој страда, и бара начини да помогне и да пружи утеха. Исус покажувал сочувство по примерот на Јехова, и тоа можело да се види од начинот на кој постапувал со луѓето (Јован 5:19). Во една прилика, кога видел мноштво луѓе, Исус се сожалил на нив бидејќи биле „измачени и расеани како овци без пастир“ (Мат. 9:36). Сочувството на Исус не се сведувало само на емоции. Тој ги лекувал болните и им помагал на оние што биле „изморени и оптоварени“ (Мат. 11:28-30; 14:14).

Следи го примерот на Јехова така што ќе бидеш сочувствителен и великодушен кон твоите браќа и сестри (Види во пасуси 12-14) *

12. Наведи пример за тоа како можеме да покажеме сочувство.

12 Ќе можеме да покажеме сочувство кон нашите браќа и сестри ако најпрвин размислиме со какви проблеми се соочуваат. На пример, можеби една сестра има сериозен здравствен проблем. Таа никогаш не се жали за тоа, но веројатно многу ќе ѝ значи ако некој ѝ пружи практична помош. Доколку не ѝ е лесно да се грижи за физичките потреби на своето семејство, дали би можеле да ѝ помогнеме околу готвењето или чистењето на домот? Или, некој брат можеби ја изгубил работата. Дали би можеле да му дадеме малку пари, можеби дури анонимно, за да му бидат од помош додека најде друга работа?

13-14. Како можеме да бидеме великодушни како Јехова?

13 Јехова е великодушен (Мат. 5:45). Не треба да чекаме браќата и сестрите да побараат помош од нас, па дури тогаш да покажеме сочувство. Исто како Јехова, можеме ние да преземеме иницијатива. Тој дава Сонцето да изгрева над нас секој ден без да го бараме тоа од него. Освен тоа, сончевата топлина им користи на сите, а не само на оние што се благодарни. Јехова ја покажува својата љубов кон нас со тоа што ни го дава она што ни е потребно. Навистина многу го сакаме нашиот небесен Татко што е толку добар и великодушен!

14 Нашите браќа и сестри го следат примерот на Јехова и покажуваат великодушност. На пример, кога силниот тајфун Хајан ги погоди Филипините во 2013 год. и предизвика огромна штета, многу браќа и сестри ги изгубија своите домови и она што го поседуваа. Но, нивното меѓународно духовно семејство брзо презеде чекори за да им помогне. Благодарение на тоа што мнозина приложија пари или учествуваа во акцијата за помош, беа поправени или изградени речиси 750 домови, и тоа за помалку од една година! А во текот на пандемијата со КОВИД-19, Јеховините сведоци вложија голем труд за да им помагаат на своите соверници. Кога спремно преземаме иницијатива за да им помагаме на нашите браќа и сестри, покажуваме дека ги сакаме.

15-16. Според Лука 6:36, во кој поглед можеме да го следиме примерот на нашиот небесен Татко?

15 Јехова е милосрден и спремно простува. (Прочитај Лука 6:36.) Нашиот небесен Татко секојдневно му покажува милост на секого од нас (Пс. 103:10-14). И Исус им покажувал милост на своите следбеници и им простувал иако биле несовршени. Тој дури спремно го жртвувал својот живот за да ни бидат простени гревовите (1. Јов. 2:1, 2). Зарем не сме привлечени кон Јехова и кон Исус затоа што се милосрдни и спремно простуваат?

16 Љубовта која владее во нашето духовно семејство станува сѐ посилна кога спремно си простуваме еден на друг (Еф. 4:32). Се разбира, понекогаш може да ни биде многу тешко да им простиме на другите. Затоа треба да вложуваме труд во тој поглед. На една сестра многу ѝ помогнала статијата од Стражарска кула со наслов „Спремно простувајте си еден на друг“. * Таа напишала: „Оваа статија ми помогна уште повеќе да сфатам колку е важно и корисно да простувам. Во неа беше објаснето дека тоа што си спремен да простиш некому не значи дека го одобруваш неговото лошо однесување или дека не си свесен за штетата што ја предизвикува. Сепак, кога простуваш, ти повеќе не чувствуваш огорченост кон тој што ти згрешил и имаш внатрешен мир“. Кога спремно им простуваме на нашите браќа и сестри, им покажуваме дека ги сакаме. Освен тоа, на тој начин го следиме примерот на нашиот Татко, Јехова.

ЦЕНИ ГО СВОЕТО МЕСТО ВО ЈЕХОВИНОТО СЕМЕЈСТВО

И децата и возрасните покажуваат дека ги сакаат своите браќа и сестри (Види во пасус 17) *

17. Според Матеј 5:16, како можеме да му носиме чест на нашиот небесен Татко?

17 За нас е голема чест што сме дел од едно меѓународно семејство во кое владее љубов. Ние сакаме што е можно повеќе луѓе да почнат да му служат на Бог заедно со нас. Затоа, треба да внимаваме никогаш да не направиме нешто со кое би фрлиле лошо светло врз Јехова или врз неговиот народ. Наместо тоа, сакаме да се однесуваме на начин со кој би ги привлекле луѓето кон вистината. (Прочитај Матеј 5:16.)

18. Што може да ни помогне храбро да сведочиме?

18 Понекогаш, некои можеби нѐ понижуваат или дури нѐ прогонуваат затоа што сме му послушни на нашиот небесен Татко. Но, што ако чувствуваме страв кога треба да зборуваме пред други за нашите верувања? Можеме да бидеме уверени дека Јехова и неговиот Син ќе ни помогнат. Исус им рекол на своите ученици да не се грижат за тоа што ќе зборуваат во тој момент. Зошто? Тој објаснил: „Во тој час ќе ви биде дадено што да зборувате. Зашто, не зборувате вие, туку духот на вашиот Татко зборува преку вас“ (Мат. 10:19, 20).

19. Наведи пример за некој што храбро сведочел.

19 Размисли за она што му се случило на Роберт од Јужноафриканската Република. Додека сѐ уште бил интересент и немал многу познавања од Библијата, тој бил повикан на суд, каде што требало да објасни зошто не сака да служи војска. Роберт храбро објаснил дека сака да остане неутрален затоа што ги сака своите христијански браќа. Тој го ценел своето место во нашето духовно семејство. „Кои се твоите браќа?“, одеднаш го прашал судијата. Роберт не го очекувал тоа прашање, но веднаш се сетил на стихот за тој ден. Тоа бил Матеј 12:50: „Секој што ја врши волјата на мојот Татко кој е на небото, тој ми е и брат и сестра и мајка“. Иако Роберт сѐ уште бил интересент, Јеховиниот дух му помогнал да одговори не само на ова туку и на некои други неочекувани прашања. Јехова сигурно бил горд на Роберт! А Јехова е горд и на нас кога се потпираме на него за храбро да сведочиме во тешки ситуации.

20. Што треба да бидеме решени да правиме? (Јован 17:11, 15).

20 Многу го цениме тоа што сме дел од едно духовно семејство во кое владее љубов. Го имаме најдобриот Татко што постои, како и многу браќа и сестри кои нѐ сакаат. Треба секогаш да бидеме благодарни за тоа. Сатана и неговите следбеници кои се полни со омраза се обидуваат да ни посеат сомнежи во врска со љубовта на нашиот небесен Татко и се обидуваат да го нарушат нашето единство. Затоа, Исус се молел за нас барајќи од Јехова да нѐ чува за да останеме обединети. (Прочитај Јован 17:11, 15.) Јехова постапува во склад со таа молитва. Исто како Исус, никогаш да не се сомневаме дека нашиот небесен Татко нѐ сака и дека ќе ни помага. Да бидеме решени и понатаму сѐ повеќе да се зближуваме со нашето духовно семејство.

ПЕСНА 99 Стотици илјади браќа

^ пас. 5 Многу сме среќни што сме дел од едно семејство составено од браќа и сестри кои меѓусебно се сакаат. Сите ние сакаме да ја продлабочуваме љубовта што постои меѓу нас. Како може да го правиме тоа? Така што ќе учиме од начинот на кој Јехова покажува љубов кон нас и така што ќе го следиме примерот на Исус и на нашите браќа и сестри.

^ пас. 57 ОПИС НА СЛИКАТА: Јехова испратил ангел за да го зајакне Исус во градината Гетсиманија.

^ пас. 59 ОПИС НА СЛИКАТА: Во текот на пандемијата со КОВИД-19, многумина се ставаат на располагање за да подготват намирници и да им ги однесат на браќата и сестрите.

^ пас. 61 ОПИС НА СЛИКАТА: Една мајка ѝ помага на својата ќеркичка, која подготвува охрабрувачко писмо за еден брат што е во затвор.