Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Повторно изгради го своето пријателство со Јехова

Повторно изгради го своето пријателство со Јехова

СЕКОЈА година, голем број скапоцени овчички се враќаат во христијанското собрание. Замисли колкава радост има на небото кога некој што бил исклучен ќе се врати кај Јехова! (Лука 15:7, 10). Ако тоа е случај и со тебе, биди уверен дека Исус, ангелите и самиот Јехова многу се радуваат што повторно си дел од собранието. Сепак, додека повторно го градиш своето пријателство со Јехова, можеби ќе се соочиш со предизвици. Кои се некои од нив и што може да ти помогне?

КОИ СЕ ПРЕДИЗВИЦИТЕ?

Откако ќе се вратат во собранието, многумина се борат со негативни чувства. Можеби и ти се чувствуваш како цар Давид. Дури и откако гревот му бил простен, тој рекол: „Ме стигнаа моите престапи... моето срце снеможе“ (Пс. 38:4; 40:12). Откако некој ќе се врати кај Јехова, можеби со години ќе има чувства на вина или срам. Изабел била исклучена повеќе од 20 години. * Таа рекла: „Ми беше тешко да верувам дека Јехова би можел да ми прости“. Ако се обесхрабриш, може повторно духовно да ослабиш (Изр. 24:10). Не дозволувај да ти се случи такво нешто.

Други се загрижени дека не би можеле да го направат сето она што е потребно за повторно да бидат блиски пријатели со Јехова. Откако повторно бил примен во собранието, Антоан рекол: „Имав чувство дека сум заборавил многу од работите кои ги знаев и ги правев претходно кога бев Јеховин сведок“. Поради ваквите чувства, некои можеби се колебаат да прават сѐ што можат за Јехова.

На пример, да речеме дека домот на некој човек бил сериозно оштетен од силна бура. Кога ќе помисли колку време и труд ќе биде потребно за повторно да го изгради својот дом, тој може да се чувствува загрижено и уплашено. Слично на тоа, ако твојот однос со Јехова бил нарушен бидејќи си направил сериозен грев, можеби имаш чувство дека ќе биде потребно да вложиш огромен труд за повторно да си го изградиш пријателството со него. Но, не си оставен сам на себе.

Јехова нѐ повикува: „Дојдете да расчистиме и јас ќе ви помогнам да се помирите со мене“ (Иса. 1:18). Ти веќе си вложил голем труд за да се помириш со Јехова, и тој многу те сака поради тоа. Секогаш имај го ова на ум: Бидејќи си се вратил кај него, тој може да те посочи тебе како пример за да одговори на лажните обвиненија на Сатана! (Изр. 27:11).

Со тоа што си се вратил кај Јехова, ти веќе си се приближил кон него, и тој ветува дека и тој ќе ти се приближи тебе (Јак. 4:8). Се разбира, убаво е тоа што другите знаат дека повторно си дел од собранието. Но, потребно е и нешто друго. Треба и понатаму да си ја продлабочуваш љубовта кон твојот Татко и Пријател, Јехова. Како можеш да го правиш тоа?

ПОСТАВУВАЈ СИ ЦЕЛИ КОИ ЌЕ МОЖЕШ ДА ГИ ОСТВАРИШ

Труди се да си поставуваш разумни цели. Веројатно сѐ уште се сеќаваш на основните работи што си ги научил за Јехова и на неговите ветувања за иднината. Но, сега е потребно повторно да стекнеш добри духовни навики, на пример, редовно да проповедаш, да одиш на состаноците и да поминуваш време со браќата и сестрите. Размисли за следниве цели.

Често зборувај со Јехова. Твојот Татко знае дека, ако постојано се измачуваш со чувства на вина, може да ти биде тешко да му се молиш (Рим. 8:26). Сепак, многу е важно да истраеш во молитвата и да му кажуваш на Јехова колку многу ти е потребно неговото пријателство (Рим. 12:12). Андреј вели: „Чувствував огромна вина и срам. Но, секогаш кога ќе се помолев, ми беше подобро и имав внатрешен мир“. Доколку не знаеш за што да се молиш, разгледај ги молитвите во Псалм 51 и 65, кои ги напишал цар Давид откако се покајал за гревовите што ги направил.

Редовно проучувај ја Библијата. Тоа ќе те зајакне во духовен поглед и ќе ти помогне да си ја продлабочиш љубовта кон Јехова (Пс. 19:7-11). Фелипе вели: „Поради тоа што немав навика редовно да ја читам и проучувам Библијата, станав духовно слаб и го повредив Јехова. Не сакав повторно да ја направам истата грешка, па затоа решив да си ја чувам духовноста така што редовно ќе проучувам“. И ти можеш да го правиш истото. Ако не ти е лесно да одбереш соодветни теми за лично проучување, би можел да побараш помош од некој зрел христијанин.

Обнови си го пријателството со браќата и сестрите. Кога повторно ќе бидат примени во собранието, некои се плашат дека другите ќе гледаат негативно на нив. Лариса признава: „Ми беше многу срам. Имав чувство дека го изневерив собранието. Долго време се борев со ваквите чувства“. Биди уверен дека старешините и другите зрели браќа и сестри сакаат да ти помогнат повторно да си го изградиш пријателството со Јехова. (Види ја рамката „ Што можат да прават старешините?“) Тие се радуваат што повторно си дел од собранието и сакаат да бидеш среќен (Изр. 17:17).

Што може да ти помогне да се зближиш со собранието? Биди потполно вклучен во собраниските активности — присуствувај на состаноците и редовно учествувај во службата на проповедање. Како ова ќе ти помогне? Феликс вели: „Браќата и сестрите од собранието се радуваа што се вратив. Се чувствував сакано и ценето. Сите тие ми помогнаа да чувствувам дека повторно сум дел од собранието, дека Јехова ми простил и дека можам да продолжам да му служам“. (Види ја рамката „ Што можеш да правиш?“)

НЕ СЕ ОТКАЖУВАЈ!

Сатана ќе продолжи да ти предизвикува „бури“ во животот за да те ослаби додека се трудиш повторно да си го изградиш пријателството со Јехова (Лука 4:13). Биди подготвен така што уште сега ќе се зајакнуваш во духовен поглед.

Во врска со своите овчички, Јехова ветува: „Ќе ги побарам изгубените, ќе ги вратам заскитаните, ќе ги преврзам ранетите и ќе ги закрепнам болните“ (Езек. 34:16). Јехова им помогнал на голем број браќа и сестри да си го поправат односот со него. Биди уверен дека тој сака да ти помага и тебе додека градиш сѐ поцврсто пријателство со него.

^ пас. 4 Имињата во оваа статија се сменети.