Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Дали си добар соработник?

Дали си добар соработник?

„БЕВ крај него како вешт градител... се веселев пред него за сето време“ (Изр. 8:30). Овој стих го опишува Божјиот Син, кој соработувал со својот Татко неброени години пред да дојде на Земјата. Од овие зборови гледаме и дека тој многу се радувал додека соработувал со Бог.

Додека бил на небото, Исус стекнал особини кои му помогнале да биде добар соработник. Затоа, кога дошол на Земјата, тој бил одличен пример во тој поглед. Како може да ни користи неговиот пример? Со тоа што ќе разгледаме како постапувал Исус, ќе најдеме три начела кои ќе ни помогнат да бидеме добри соработници. Ако ги применуваме тие начела, ќе бидеме пообединети со нашите соверници и ќе имаме подобра соработка.

По примерот на Јехова и на Исус, спремно споделувај ги со твоите соработници искуството и знаењето што ги имаш

ПРВО НАЧЕЛО: ДА ПОКАЖУВАМЕ ПОЧИТ ЕДЕН КОН ДРУГ

Добриот соработник е понизен. Тој ги цени своите соработници и не се воздигнува над нив поради своите способности. Таквиот понизен став е нешто што Исус го научил од својот Татко. Иако само за Јехова со право може да се каже дека е Творец, тој сакал другите да знаат за важната улога што ја имал неговиот Син како негов соработник. Тоа се гледа од она што Бог го рекол: „Да направиме човек според нашиот лик“ (1. Мој. 1:26). Од овие зборови, Исус можел да забележи колку многу Јехова е понизен (Пс. 18:35).

Додека бил на Земјата, и самиот Исус покажувал понизност. Кога луѓето го фалеле за она што го правел, тој му ја припишувал заслугата на оној што ја заслужувал (Мар. 10:17, 18; Јован 7:15, 16). Исус го правел она што е потребно за да биде во мир со своите ученици и постапувал со нив како со пријатели, а не како со робови (Јован 15:15). Тој дури им ги измил нозете за да ги поучи да бидат понизни (Јован 13:5, 12-14). Исто како него, и ние треба да ги цениме нашите соработници и да ги ставаме нивните интереси пред нашите. Кога покажуваме почит еден кон друг и кога не ни е важно кој ќе ја добие заслугата, може многу да се постигне (Рим. 12:10).

Понизниот човек е свесен дека „успехот лежи во мноштвото советници“ (Изр. 15:22). Без оглед на нашето искуство или способности, треба да имаме на ум дека не постои човек што знае сѐ. Дури и Исус искрено кажал дека има работи што не ги знае (Мат. 24:36). Освен тоа, тој сакал да го слушне мислењето на своите несовршени ученици (Мат. 16:13-16). Затоа, на неговите соработници им било пријатно да бидат заедно со него. Слично на тоа, кога понизно имаме на ум дека не знаеме сѐ и кога ги слушаме предлозите на другите, придонесуваме да има мир меѓу нас. Кога секој го дава својот дел, се постигнува успех.

Особено е важно старешините да бидат понизни како Исус додека соработуваат заедно. Тие треба да имаат на ум дека за време на нивните состаноци светиот дух може да поттикне кој и да било од нив да каже нешто што ќе води до тоа да се донесе добра одлука. Ако тие придонесуваат да има атмосфера во која секој ќе се чувствува слободен да си го каже мислењето, ќе можат да носат одлуки кои ќе бидат за доброто на целото собрание.

ВТОРО НАЧЕЛО: „ВАШАТА РАЗУМНОСТ НЕКА ИМ БИДЕ ПОЗНАТА НА СИТЕ“

Оној што е добар соработник е разумен кога прави нешто со другите. Тој е приспособлив и спремно попушта. Исус несомнено ја видел разумноста на својот Татко во многу прилики. На пример, иако човештвото заслужило смртна казна, Јехова го испратил него за да го откупи (Јован 3:16).

Исус спремно попуштал кога тоа било неопходно или соодветно. Сети се дека тој ѝ помогнал на една Феничанка, и покрај тоа што бил испратен кај „домот Израелов“ (Мат. 15:22-28). Освен тоа, тој имал разумни очекувања од своите ученици. Иако неговиот близок пријател Петар јавно се одрекол од него, тој спремно му простил, а подоцна му доверил и големи одговорности (Лука 22:32; Јован 21:17; Дела 2:14; 8:14-17; 10:44, 45). Од примерот на Исус гледаме дека нашата разумност треба да им „биде позната на сите луѓе“ така што спремно ќе попуштаме (Фил. 4:5).

Исто така, разумноста ќе нѐ поттикне да бидеме приспособливи со цел складно да соработуваме со најразлични луѓе. Исус толку добро постапувал со луѓето околу него што неговите непријатели, кои му биле љубоморни, го обвиниле дека им е „пријател на даночници и на грешници“ — луѓе кои позитивно реагирале на неговата порака (Мат. 11:19). Дали и ние, исто како Исус, можеме добро да соработуваме со оние кои се разликуваат од нас? Луис, еден брат кој соработувал со најразлични луѓе додека служел како покраински надгледник и во Бетел, вели: „Да соработуваш со други кои исто така се несовршени е како да градиш ѕид користејќи камења со различна големина. Бидејќи камењата се различни, потребен е поголем труд исправно да се наместат за ѕидот да биде прав. Се трудев да бидам приспособлив за да можам во мир да соработувам со другите, и така да се заврши потребната работа“. Колку убав став!

Добриот соработник не се обидува да задржи контрола над другите така што ќе крие информации од нив

Во кои прилики може да покажеме разумност додека соработуваме со нашето собрание? Таква можност имаме кога одиме во служба со браќата и сестрите од нашата група за проповедање. Можеби соработуваме со објавители чии семејни околности се поинакви од нашите или кои се на различна возраст. Ќе покажеме разумност така што ќе го приспособиме нашето темпо на нивното и така што спремно ќе учествуваме во оној вид служба во кој тие повеќе уживаат.

ТРЕТО НАЧЕЛО: СПРЕМНО ДА ДЕЛИМЕ СО ДРУГИТЕ

Добриот соработник е спремен да дели со другите (1. Тим. 6:18). Додека соработувал со својот Татко, Исус сигурно забележал дека тој не крие работи од него. Додека Јехова ги уредувал небесата, Исус бил таму и можел да учи од него (Изр. 8:27). Подоцна, и самиот Исус спремно го споделувал со своите ученици она што го чул од својот Татко (Јован 15:15). И ние може да го следиме примерот на Јехова така што ќе ги споделуваме со нашите браќа и сестри знаењето и искуството што ги имаме. Добриот соработник не се обидува да задржи контрола над другите така што ќе крие од нив информации кои им се потребни или корисни. Напротив, тој радосно ги споделува добрите работи што ги научил.

Друго нешто што може да го правиме е да ги охрабруваме нашите соработници. Зарем не се чувствуваме убаво кога некој ќе го забележи трудот што го вложуваме и искрено ќе ни се заблагодари за тоа? Исус одвојувал време да ги пофали своите соработници за добрите работи што ги забележувал кај нив. (Спореди со Матеј 25:19-23; Лука 10:17-20.) Тој дури им рекол дека тие ќе прават „поголеми дела“ од неговите (Јован 14:12). Ноќта пред да биде погубен, тој ги пофалил своите верни апостоли со зборовите: „Вие останавте со мене во моите искушенија“ (Лука 22:28). Неговите зборови сигурно многу ги охрабриле и ги поттикнале на дела! Ако и ние одвојуваме време да ги пофалуваме браќата и сестрите со кои соработуваме, тие ќе бидат посреќни и веројатно ќе бидат мотивирани да прават повеќе.

МОЖЕШ ДА БИДЕШ ДОБАР СОРАБОТНИК

Еден брат по име Кејод вели: „Да бидеш добар соработник не значи дека треба да бидеш совршен. Напротив, добриот соработник им ја олеснува работата на другите и ги прави радосни“. Дали и ти си таков соработник? Би можел да прашаш некои браќа и сестри што мислат за тебе во врска со ова. Ако уживаат да соработуваат со тебе, како што учениците на Исус уживале да соработуваат со него, тогаш можеш да го кажеш она што го рекол апостол Павле: „Ние сме... ваши соработници за да бидете радосни“ (2. Кор. 1:24).