Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

СТАТИЈА ЗА ПРОУЧУВАЊЕ 51

Продолжи да го слушаш гласот на Исус

Продолжи да го слушаш гласот на Исус

Ова е мојот сакан Син, кој е по мојата волја! Него слушајте го! (МАТ. 17:5)

ПЕСНА 54 Тој е патот!

КРАТОК ПРЕГЛЕД *

1-2. а) Што им било заповедано на тројца апостоли на Исус, и како влијаело тоа врз нивниот живот? б) Што ќе разгледаме во оваа статија?

ПО Пасхата 32 год. од н.е., апостолите Петар, Јаков и Јован биле сведоци на едно впечатливо видение. На една висока планина, веројатно на некој дел од планината Хермон, Исус се преобразил пред нив. Извештајот вели: „Лицето му светна како сонце, а облеката му стана бела како светлина“ (Мат. 17:1-4). На крајот од видението, апостолите го чуле гласот на Бог како вели: „Ова е мојот сакан Син, кој е по мојата волја! Него слушајте го!“ (Мат. 17:5). Со својот начин на живот, овие тројца апостоли покажале дека навистина го слушале Исус. Ние сакаме да го следиме нивниот пример.

2 Во претходната статија научивме дека, да го слушаме гласот на Исус значи да не правиме некои работи. Во оваа статија ќе разгледаме две работи кои Исус рекол дека треба да ги правиме.

„ВЛЕЗЕТЕ НИЗ ТЕСНАТА ВРАТА“

3. Според Матеј 7:13, 14, што треба да правиме?

3 Прочитај Матеј 7:13, 14. Забележи дека Исус спомнал два различни пата — едниот „широк“, а другиот „тесен“. Не постои трет пат. Мора сами да избереме по кој пат ќе одиме. Ова е најважната одлука што треба да ја донесеме бидејќи од тоа зависи дали ќе имаме вечен живот.

4. Како би го опишал широкиот пат?

4 Треба да имаме на ум кои се разликите меѓу двата пата. Многу луѓе се наоѓаат на широкиот пат бидејќи е полесно да се оди по него. За жал, многумина одлучуваат да останат на тој пат и да го следат мноштвото. Тие не сфаќаат дека токму Сатана Ѓаволот ги наведува луѓето да одат по тој пат, водејќи ги во пропаст (1. Кор. 6:9, 10; 1. Јов. 5:19).

5. Каков труд вложиле некои за да го најдат тесниот пат и да почнат да одат по него?

5 За разлика од едниот пат кој е широк, другиот пат е тесен, и Исус рекол дека само малкумина го наоѓаат. Зошто? Во следниот стих, Исус ги предупредил своите следбеници да се пазат од лажните пророци (Мат. 7:15). Според некои проценки, денес постојат илјадници религии и повеќето од нив тврдат дека поучуваат за вистината. Бидејќи има толку многу религии, милиони луѓе се обесхрабрени и збунети и не го бараат патот што води во живот. Но, тој пат може да се најде. Исус рекол: „Ако останете во моите зборови, навистина сте мои ученици, и ќе ја запознаете вистината, и вистината ќе ве ослободи“ (Јован 8:31, 32). Пофално е тоа што ти не си се повел по мноштвото, туку си ја барал вистината. Си почнал темелно да ја проучуваш Божјата Реч за да научиш што бара Бог од нас и си ги слушал учењата на Исус. Меѓу другото, си дознал дека Јехова очекува да ги отфрлиме учењата на лажната религија и да не славиме празници, ниту да учествуваме во обичаи кои имаат паганско потекло. Исто така, си увидел дека не е секогаш лесно да постапуваме онака како што сака Јехова и да престанеме да правиме работи што тој не ги одобрува (Мат. 10:34-36). Можеби не ти било лесно да ги направиш потребните промени. Сепак, не си се откажал затоа што го сакаш твојот небесен Татко и сакаш да му угодиш. Без сомнение, ти многу го радуваш неговото срце! (Изр. 27:11).

КАКО ДА ОСТАНЕМЕ НА ТЕСНИОТ ПАТ

Божјите совети и мерила ни помагаат да останеме на тесниот пат (Види во пасуси 6-8) *

6. Според Псалм 119:9, 10, 133, што може да ни помогне да останеме на тесниот пат?

6 Откако сме почнале да одиме по тесниот пат, што ќе ни помогне да останеме на него? Размисли за следнава споредба. Ниската ограда на работ на еден тесен планински пат служи како заштита за возачите. Таа спречува возилата премногу да се доближат до работ на патот или, пак, да излетаат од него. Дали некој возач би се жалел дека таа ограда премногу го ограничува? Се разбира дека не. Јеховините мерила кои се наоѓаат во Библијата се како таа заштитна ограда. Тие ни помагаат да останеме на тесниот пат. (Прочитај Псалм 119:9, 10, 133.)

7. Како треба младите да гледаат на тесниот пат?

7 Млади, дали понекогаш имате чувство дека Јеховините мерила премногу ве ограничуваат? Сатана сака да размислувате на таков начин. Тој сака да ви го насочи вниманието на работите што ги прават оние што одат по широкиот пат, бидејќи се чини дека тие добро се забавуваат. Тој сака да мислите дека вие не уживате толку во животот како вашите соученици или како луѓето што ги гледате на интернет. Сатана се обидува да ви ја наметне мислата дека Јеховините мерила ве спречуваат потполно да уживате во животот. * Но, не заборавајте го ова: Сатана не сака оние што одат по неговиот пат да бидат свесни што ги чека на крајот. Од друга страна, Јехова јасно ни кажува какви благослови нѐ очекуваат ако останеме на патот што води во живот (Пс. 37:29; Иса. 35:5, 6; 65:21-23).

8. Што можат да научат младите од примерот на Олаф?

8 Да го разгледаме искуството на еден млад брат по име Олаф. * Неговите соученици го наговарале да има сексуални односи. Кога им објаснил дека Јеховините сведоци живеат според библиските високи морални мерила, за некои девојки од неговиот клас станало предизвик да го натераат да има односи со нив. Но, Олаф бил цврсто решен да го прави она што е исправно. Освен тоа, тој имал и други притисоци. Олаф вели: „Професорите ме убедуваа да се запишам на факултет бидејќи така луѓето повеќе ќе ме ценат. Тие ми велеа дека инаку нема да успеам во животот“. Што му помогнало на Олаф да не попушти на таквиот притисок? Тој вели: „Се зближив со браќата и сестрите од моето собрание. Тие ми станаа како семејство. А почнав и потемелно да ја проучувам Библијата. Колку повеќе проучував толку поуверен бев дека ова е вистината. Како резултат на тоа, решив да се крстам и да му служам на Јехова“.

9. Што треба да прават оние кои сакаат да останат на тесниот пат?

9 Сатана би сакал да те натера да престанеш да одиш по патот што води во живот. Тој сака да го правиш она што го прават повеќето луѓе и да одиш по широкиот пат „што води во пропаст“ (Мат. 7:13). Но, ќе останеме на тесниот пат ако продолжиме да го слушаме Исус и ако гледаме на овој пат како на заштита. Сега да разгледаме што друго рекол Исус дека треба да правиме.

„ПОМИРИ СЕ СО БРАТОТ“

10. Според Матеј 5:23, 24, што рекол Исус дека треба да правиме?

10 Прочитај Матеј 5:23, 24. Во една прилика, Исус зборувал за нешто што им било многу важно на Евреите што го слушале. Замисли како некој дошол во храмот со цел да му даде на свештеникот животно за да го принесе како жртва. Ако во тој момент се сетел дека неговиот брат има нешто против него, требало да ја остави жртвата и да замине оттаму. А каде требало да оди? Што би можело да биде поважно од тоа да му се принесе жртва на Јехова? Исус јасно кажал: „Прво помири се со братот“.

Дали ќе го следиш примерот на Јаков, кој понизно се помирил со својот брат? (Види во пасуси 11-12) *

11. Што направил Јаков за да се помири со Исав?

11 Од животот на Јаков можеме многу да научиме во врска со тоа како да градиме мир со другите. Тој бил далеку од својата родна земја веќе 20 години кога Бог преку еден ангел му заповедал да се врати (1. Мој. 31:11, 13, 38). Но, тоа не било толку едноставно. Претходно, неговиот постар брат, Исав, сакал да го убие (1. Мој. 27:41). Јаков многу се исплашил и се загрижил од помислата дека тој можеби сѐ уште му е лут (1. Мој. 32:7). Што направил за да се помири со него? Најпрво, Јаков сесрдно му се помолил на Јехова во врска со тоа. А потоа му испратил великодушен дар на Исав (1. Мој. 32:9-15). И на крај, кога се сретнал со својот брат, Јаков му покажал дека го почитува. Тој му се поклонил на Исав — не еднаш, не два пати, туку седум пати! Со тоа што покажал понизност и почит, Јаков успеал да се помири со својот брат (1. Мој. 33:3, 4).

12. Што учиме од примерот на Јаков?

12 Учиме важна поука од она што го направил Јаков пред да се сретне со својот брат и од начинот на кој му пристапил. Јаков понизно побарал помош од Јехова. Потоа постапил во склад со својата молитва така што презел чекори за средбата со неговиот брат да биде колку што е можно попријатна. А кога се сретнале, Јаков не почнал да се расправа со Исав во врска со тоа кој бил во право, а кој не. Неговата цел била да се помири со својот брат. Како може да го следиме примерот на Јаков?

КАКО ДА ГРАДИМЕ МИР СО ДРУГИТЕ

13-14. Што треба да направиме ако сме навредиле некој соверник?

13 Ако сакаме да останеме на патот што води во живот, мора да градиме мир со нашите браќа и сестри (Рим. 12:18). Што треба да правиме ако сфатиме дека сме навредиле некој соверник? Исто како Јаков, треба да зборуваме за тоа со Јехова во молитва. Може да го молиме да го благослови трудот што ќе го вложиме за да се помириме со нашиот брат.

14 Исто така, треба да одвоиме време да се преиспитаме. Би можеле да се прашаме: „Дали сум спремен да си ја погазам гордоста, понизно да се извинам и да градам мир? Како ќе се чувствуваат Јехова и Исус ако преземам чекори да се помирам со мојот брат или со мојата сестра?“ Тоа што ќе размислуваме за овие прашања, ќе нѐ поттикне да го слушаме Исус и понизно да му пристапиме на нашиот соверник за да бидеме во мир со него. На тој начин, ќе покажеме дека го следиме примерот на Јаков.

15. Како начелото од Ефешаните 4:2, 3 може да ни помогне да се помириме со нашиот брат?

15 Замисли што можело да се случи ако Јаков покажел гордост кога се сретнал со својот брат. Исходот од таа средба ќе бил многу поразличен. Кога одиме кај братот за да се помириме со него, мора да покажеме понизност. (Прочитај Ефешаните 4:2, 3.) Во Изреки 18:19 пишува: „Навредениот брат е потврд од утврден град, и некои караници се како резе на кула“. Ако понизно му се извиниме на братот, можеби тој ќе омекне и ќе биде поспремен да се помири со нас.

16. За што друго треба да размислиме, и зошто?

16 Исто така, треба внимателно да размислиме што ќе му кажеме на братот и како ќе му го кажеме тоа. Кога сме спремни, треба да му пристапиме со цел да го надминеме недоразбирањето и повторно да бидеме во добри односи. Отпрвин, тој можеби ќе каже нешто што нема да ни биде пријатно да го чуеме. Во таква ситуација, можеби ќе ни дојде да се налутиме или да почнеме да се оправдуваме. Но, дали тоа ќе помогне да воспоставиме мир? Се разбира дека не. Не заборавај дека многу поважно е да се помириш со братот отколку да докажеш кој бил во право, а кој не (1. Кор. 6:7).

17. Што учиш од примерот на Гилберт?

17 Еден брат по име Гилберт давал сѐ од себе за да биде миротворец. Тој раскажува: „Имав многу проблеми со еден од членовите на моето семејство. За да воспоставам добри односи меѓу нас, повеќе од две години се трудев да зборувам искрено и смирено“. Што друго правел Гилберт? „Пред да зборувам со овој член на семејството, се молев и се потсетував дека не треба да се вознемирам ако каже нешто нељубезно. Се трудев спремно да простувам. Научив дека не треба да докажувам кој е во право, туку дека имам одговорност да градам мир.“ Кој бил резултатот? Гилберт вели: „Денес чувствувам внатрешен мир бидејќи имам добри односи со сите членови на моето семејство“.

18-19. На што треба да бидеме решени ако сме навредиле некого, и зошто?

18 Тогаш, на што треба да бидеш решен ако сфатиш дека си навредил некој соверник? Биди послушен на советот на Исус да градиш мир. Зборувај за тоа со Јехова во молитва и потпирај се на неговиот свет дух за да можеш да бидеш миротворец. Така ќе бидеш среќен и ќе покажеш дека го слушаш Исус (Мат. 5:9).

19 Благодарни сме што Јехова со љубов ни дава водство преку Исус Христос, кој е „глава на собранието“ (Еф. 5:23). Да бидеме решени да го слушаме Исус, исто како што го слушале апостолите Петар, Јаков и Јован (Мат. 17:5). Разгледавме дека тоа може да го правиме така што ќе се трудиме да се помириме со некој соверник кого сме го навредиле. Ако постапуваме така и останеме на тесниот пат што води во живот, уште денес ќе добиеме многу благослови и ќе уживаме во бескрајна среќа во иднина.

ПЕСНА 130 Спремно да простуваме

^ пас. 5 Исус нѐ поттикнува да влеземе низ тесната врата и да одиме по патот што води во живот. Исто така, ни кажува дека треба да градиме мир со нашите браќа и сестри. Со кои предизвици може да се соочиме додека се трудиме да му бидеме послушни на Исус во овие две работи, и како може да ги надминеме?

^ пас. 7 Види го прашање 6 од брошурата Младите прашуваат — 10 практични одговори, кое гласи: „Како да се справам со притисокот од врсниците?“, и гледај ја поучната анимација Спротивстави се на притисокот од врсниците! на jw.org. (Оди на БИБЛИСКИ УЧЕЊА > ТИНЕЈЏЕРИ.)

^ пас. 8 Некои имиња се сменети.

^ пас. 56 ОПИС НА СЛИКАТА: Божјите мерила ни помагаат да останеме на тесниот пат, и така да избегнеме некои опасности како што се порнографијата, неморалот и притисокот да го ставиме високото образование на прво место во животот.

^ пас. 58 ОПИС НА СЛИКАТА: За да се помири со својот брат Исав, Јаков неколку пати му се поклонил.