Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

СТАТИЈА ЗА ПРОУЧУВАЊЕ 8

Дали твоите совети „го веселат срцето“?

Дали твоите совети „го веселат срцето“?

Маслото и темјанот го веселат срцето, а исто и пријателот кој е мил, зашто дава совет од душа (ИЗР. 27:9)

ПЕСНА 102 Да им помагаме на слабите!

КРАТОК ПРЕГЛЕД *

1-2. Што научил еден брат во врска со давањето совет?

ПРЕД многу години, двајца старешини посетиле една сестра која некое време не била редовна на состаноците. Старешината што го водел разговорот ѝ прочитал на сестрата неколку стихови за тоа зошто е важно да присуствуваме на состаноците. Тој сметал дека ја охрабриле сестрата, но на излегување таа им рекла: „Браќа, вие воопшто не сте свесни низ што поминувам“. Браќата ѝ дале совет без да прашаат со какви проблеми се соочува. Поради тоа, таа сметала дека не ѝ помогнале со советот.

2 Во врска со таа ситуација, старешината кој го водел разговорот вели: „Тогаш сметав дека сестрата не покажува почит кон нас. Но, потоа сфатив дека јас размислував само за тоа кои стихови да ѝ ги прочитам, наместо да размислам за тоа кои прашања да ѝ ги поставам за да дознаам низ што поминува и како би можел да ѝ помогнам“. Овој старешина извлекол важна поука од тоа искуство. Денес, тој е сочувствителен и грижлив пастир кој им помага на другите.

3. Кој сѐ во собранието може да дава совети?

 3 Како пастири, старешините имаат одговорност да даваат совети кога тоа е потребно. Но, во некои прилики, и другите од собранието можеби ќе треба да дадат совет. На пример, некој брат или некоја сестра можеби ќе треба да му даде библиски совет на некој свој пријател (Пс. 141:5; Изр. 25:12). Или, некоја постара сестра можеби ќе треба да ѝ даде совет на некоја помлада сестра за некои работи, како на пример, оние што се запишани во Тит 2:3-5. И, се разбира, родителите честопати треба да ги советуваат и да ги исправаат своите деца. Иако оваа статија првенствено е наменета за собраниските старешини, на сите ќе ни користи тоа што ќе разгледаме на кои начини може да даваме практични совети кои другите ќе можат лесно да ги прифатат и применат (Изр. 27:9).

4. Што ќе разгледаме во оваа статија?

4 Во оваа статија ќе зборуваме за четири прашања поврзани со давањето совет: 1) Кој е исправниот мотив? 2) Дали навистина е потребно да се даде совет? 3) Кој треба да го даде советот? 4) Како можеш да дадеш корисен совет?

КОЈ Е ИСПРАВНИОТ МОТИВ?

5. Како исправниот мотив може да му помогне на еден старешина да даде совет на исправен начин? (1. Коринќаните 13:4, 7).

5 Старешините ги сакаат своите браќа и сестри. Својата љубов понекогаш ја покажуваат така што советуваат некој што тргнал во лош правец (Гал. 6:1). Но, пред да разговара со тоа лице, би било добро старешината да размисли за некои аспекти на љубовта за кои зборувал апостол Павле. „Љубовта е долготрпелива и љубезна... Сѐ поднесува, сѐ верува, на сѐ се надева, сѐ трпи.“ (Прочитај 1. Коринќаните 13:4, 7.) Тоа што длабоко ќе размислува за овие библиски стихови ќе му помогне на старешината да се преиспита од кој мотив сака да даде совет и да процени како да го стори тоа на исправен начин. Ако оној што го добива советот може да почувствува дека старешината вистински се грижи за него, поверојатно е дека ќе го прифати советот (Рим. 12:10).

6. Каков добар пример оставил апостол Павле?

6 Апостол Павле оставил добар пример како старешина. На пример, тој им дал совет на браќата во Солун кога тоа било потребно. Но, во писмата што им ги испратил, Павле најпрво ги пофалил за нивните дела поттикнати од вера, за нивниот труд поттикнат од љубов и за нивната истрајност. Исто така, тој ги зел предвид нивните околности и спомнал дека е свесен какви неволји и прогонства поднесуваат (1. Сол. 1:3; 2. Сол. 1:4). Тој дури им кажал дека се одличен пример за другите христијани (1. Сол. 1:8, 9). Тие сигурно многу се радувале што добиле таква срдечна пофалба од Павле. Нема сомнеж дека тој многу ги сакал своите браќа. Затоа можел да им даде корисни совети на Солуњаните и во двете писма што им ги испратил (1. Сол. 4:1, 3-5, 11; 2. Сол. 3:11, 12).

7. Зошто некој можеби реагира негативно кога добива совет?

7 Што би можело да се случи ако не дадеме совет на исправен начин? Еден искусен старешина вели: „Некои реагираат негативно кога ќе добијат совет, но не затоа што советот не бил на место, туку затоа што не бил даден на начин полн со љубов“. Што може да научиме од ова? Многу полесно е да се прифати совет кога е даден од љубов, а не од лутина.

ДАЛИ НАВИСТИНА Е ПОТРЕБНО ДА СЕ ДАДЕ СОВЕТ?

8. Што треба да се праша еден старешина кога размислува дали да советува некого?

8 Старешините не треба избрзано да даваат совет. Пред да советува некого, еден старешина треба да се праша: „Дали навистина треба да кажам нешто? Дали сум сигурен дека тоа лице прави нешто погрешно? Дали прекршува некоја библиска заповед или едноставно станува збор за нешто за кое имаме различно гледиште?“ Старешините постапуваат мудро кога внимаваат да не кажат нешто избрзано (Изр. 29:20). Ако еден старешина не е сигурен дали треба да советува некого, би можел да разговара со друг старешина за да види дали навистина било прекршено некое библиско мерило и треба да се даде совет (2. Тим. 3:16, 17).

9. Што учиме од начинот на кој Павле дал совет во врска со облекувањето и изгледот? (1. Тимотеј 2:9, 10).

9 Да разгледаме еден пример. Да речеме дека еден старешина е загрижен за изборот на облека и изгледот на некој соверник. Тој би можел да се праша: „Дали има библиска основа за да дадам совет?“ Бидејќи е свесен дека не треба да дава свое мислење, тој би можел да праша некој друг старешина или зрел објавител што мисли за тоа. Тие можат заедно да го разгледаат советот на Павле во врска со тоа како треба христијаните да се облекуваат и изгледаат. (Прочитај 1. Тимотеј 2:9, 10.) Павле навел некои општи начела и рекол дека христијаните треба да покажуваат скромност и разборитост при изборот на облека. Но, тој не навел список за тоа што е прифатливо, а што е забрането. Павле бил свесен дека христијаните имаат право сами да изберат како ќе се облекуваат сѐ додека тоа е во склад со библиските начела. Затоа, кога одлучуваат дали е потребно да дадат совет, старешините треба да размислат дали објавителот покажува скромност и разборитост со својот начин на облекување.

10. Што треба да имаме на ум во врска со работите што се прашање на личен избор?

10 Треба да имаме на ум дека двајца зрели христијани може да донесат различни одлуки, а сепак и двете да се прифатливи. Не треба да им ги наметнуваме на другите објавители нашите мерила за исправно и погрешно (Рим. 14:10).

КОЈ ТРЕБА ДА ГО ДАДЕ СОВЕТОТ?

11-12. За што треба да размисли еден старешина доколку е потребно да се даде совет, и зошто?

11 Доколку е јасно дека треба да се даде совет, следното прашање е: Кој треба да го стори тоа? Пред да советува една мажена сестра или некој што е малолетен, старешината треба да зборува со оној што е глава на семејството, кој можеби ќе одлучи сам да се погрижи за таа работа. * Или, пак, оној што е глава на семејството можеби ќе сака да биде присутен додека старешината го дава советот. А во некои ситуации, како што видовме во  пасус 3, можеби е подобро некоја повозрасна сестра да советува помлада сестра.

12 Има уште нешто што треба да се земе предвид. Еден старешина би можел да се праша: „Дали јас сум најсоодветната личност за да го даде советот или би било подобро тоа да го стори некој друг?“ На пример, на некој што се измачува со ниска самопочит можеби ќе му биде полесно да прифати совет од некој старешина кој се борел со исти чувства. Тој старешина веројатно ќе има поголемо сочувство, и она што ќе го каже можеби поспремно ќе се прифати. Сепак, сите старешини имаат одговорност да ги охрабруваат и да ги поттикнуваат своите браќа и сестри да прават промени во склад со Библијата. Затоа, кога има потреба од совет, најважно е тој да биде даден.

КАКО МОЖЕШ ДА ДАДЕШ КОРИСЕН СОВЕТ?

Зошто старешините треба внимателно да слушаат? (Види во пасуси 13-14)

13-14. Зошто е важно старешините да слушаат?

13Биди спремен да слушаш. Кога се подготвува да даде совет, еден старешина би можел да се праша: „Во какви околности се наоѓа мојот брат? Што му се случува во животот? Дали се соочува со некои потешкотии за кои јас не сум свесен? Што му е најпотребно сега?“

14 Начелото запишано во Јаков 1:19 важи за оние што даваат совет. Јаков напишал: „Секој човек треба да биде брз на слушање, а бавен на зборување и бавен на гнев“. Еден старешина можеби си мисли дека ги знае сите факти, но дали навистина е така? Изреки 18:13 нѐ потсетува: „Кој одговара пред да сослуша, тоа е за него глупост и срам“. Најдобро е да се дознаат информациите од самиот објавител. Затоа, старешината треба да слуша пред да зборува. Да ја имаме на ум поуката што ја научивме од старешината кој беше спомнат на почетокот од оваа статија. Тој сфатил дека, наместо да ја започне посетата со материјалот што го подготвил, најпрвин требало да ѝ постави на сестрата прашања, како што се: „Низ што минуваш во овој период? Можам ли некако да помогнам?“ Доколку старешините одвојуваат време да се запознаат со ситуацијата во која се наоѓаат нивните браќа и сестри, поверојатно е дека ќе можат да им помогнат и да ги охрабрат.

15. Како можат старешините да го применат начелото од Изреки 27:23?

15Добро запознај го стадото. Како што спомнавме на почетокот, за да може твојот совет да биде корисен, не е доволно само да прочиташ неколку стихови или да дадеш некој предлог. Нашите браќа и сестри треба да чувствуваат дека се грижиме за нив, дека ги разбираме и дека сакаме да им помогнеме. (Прочитај Изреки 27:23.) Старешините треба да се трудат да развијат блиски пријателства со своите браќа и сестри.

Што ќе им помогне на старешините полесно да даваат совет? (Види во пасус 16)

16. Што може да им помогне на старешините да дадат корисен совет?

16 Старешините не сакаат да им оставаат впечаток на своите браќа и сестри дека им пристапуваат за разговор само кога треба да им дадат некаков совет. Наместо тоа, тие редовно одвојуваат време за да зборуваат со објавителите, и покажуваат дека се искрено заинтересирани за нив и за проблемите со кои се соочуваат. Еден искусен старешина рекол: „Ако го правите тоа, ќе станете пријатели со нив. На тој начин, ќе ви биде многу полесно кога ќе треба да дадете совет“. А и на оној што го добива советот ќе му биде многу полесно да го прифати.

Зошто еден старешина треба да биде стрплив и љубезен кога дава совет? (Види во пасус 17)

17. Кога е особено потребно еден старешина да биде стрплив и љубезен?

17Биди стрплив и љубезен. Стрпливоста и љубезноста се особено потребни кога некој во почетокот одбива да го прифати библискиот совет. Еден старешина треба да внимава да не се лути ако братот или сестрата не го прифати и не го примени добиениот совет. За Исус било проречено: „Згмечена трска нема да здроби и фитилот што тлее нема да го угасне“ (Мат. 12:20). Затоа, кога се моли насамо, старешината може да побара од Јехова да му помогне на објавителот да разбере зошто му е потребен советот и да може да го примени. На оној што бил советуван можеби ќе му треба време да размисли за она што му било кажано. Ако старешината е љубезен и стрплив, на братот ќе му биде полесно да го прифати советот. Се разбира, советите секогаш треба да се темелат на Божјата Реч.

18. а) Што треба да имаме на ум кога даваме совет? б) За што разговараат родителите кои се прикажани на сликата која е во склоп на рамката?

18Учи од своите грешки. Сѐ додека сме несовршени, нема да можеме совршено да ги примениме советите од оваа статија (Јак. 3:2). Ќе правиме грешки, но кога ќе се случи тоа, треба да учиме од нив. Ако нашите браќа и сестри можат да видат дека ги сакаме, веројатно ќе им биде полесно да ни простат доколку сме ги навредиле со нешто што сме кажале или направиле. (Види ја и рамката „ Корисни потсетувања за родителите“.)

ШТО НАУЧИВМЕ?

19. Како може да го радуваме срцето на нашите браќа и сестри?

19 Како што видовме, не е секогаш лесно да се даде совет кој ќе биде добар и корисен. Ние сме несовршени, а истото важи и за оние кои ги советуваме. Задржи ги на ум начелата кои ги разгледавме во оваа статија. Размисли дали сакаш да дадеш совет од исправни мотиви. Исто така, размисли дали навистина е потребен совет и дали ти си најсоодветната личност што треба да го даде. Пред да советуваш некого, поставувај му прашања и внимателно слушај го за да можеш да разбереш со што се соочува. Потруди се да ги видиш работите од негова гледна точка. Биди благ со браќата и сестрите и труди се да се спријателиш со нив. И, имај на ум која треба да ни биде целта: Ние сакаме нашите совети не само да бидат корисни туку и да го „веселат срцето“ на нашите соверници (Изр. 27:9).

ПЕСНА 103 Пастирите — дар од Бог

^ пас. 5 Не е секогаш лесно да дадеме совет. Кога треба да дадеме совет, како може да го сториме тоа на начин со кој ќе ги охрабриме другите и ќе им помогнеме? Оваа статија особено ќе им биде од корист на старешините во тој поглед.

^ пас. 11 Види ја статијата „Начелото за поглаварство во собранието“, која излезе во Стражарска кула од февруари 2021.