Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

СТАТИЈА ЗА ПРОУЧУВАЊЕ 11

Продолжи да ја облекуваш „новата личност“ и откако ќе се крстиш

Продолжи да ја облекуваш „новата личност“ и откако ќе се крстиш

Облечете ја новата личност (КОЛ. 3:10)

ПЕСНА 49 Да го израдуваме срцето на Јехова

КРАТОК ПРЕГЛЕД *

1. Што главно ја обликува нашата личност?

 СЕЕДНО дали сме крстени пред само неколку дена или пред многу години, секој од нас сака да биде личност каква што му се допаѓа на Јехова. За да успееме во тоа, треба да ги контролираме нашите мисли. Зошто? Затоа што нашата личност главно е обликувана од нашите мисли. Ако постојано размислуваме како да ги задоволиме нашите телесни желби, ќе кажуваме и ќе правиме лоши работи (Еф. 4:17-19). Но, ако размислуваме за она што е добро и исправно, поголема е веројатноста дека ќе зборуваме и постапуваме на начин со кој ќе го радуваме нашиот Татко, Јехова (Гал. 5:16).

2. Кои прашања ќе ги разгледаме во оваа статија?

2 Како што видовме во претходната статија, не е можно воопшто да не ни се појават погрешни мисли. Сепак, можеме да одлучиме да не постапиме според таквите мисли. Уште пред да се крстиме, треба да престанеме да зборуваме и да постапуваме на начин што Јехова го мрази. Тоа е првиот и најважниот чекор кога ја соблекуваме старата личност. Меѓутоа, за потполно да му угодиме на Јехова, мора да бидеме послушни и на заповедта: „Облечете ја новата личност“ (Кол. 3:10). Во оваа статија ќе добиеме одговор на следниве прашања: Што е „новата личност“? Како може да ја облечеме и да ја зачуваме?

ШТО Е „НОВАТА ЛИЧНОСТ“?

3. Што е „новата личност“, и како некој ја облекува? (Галатите 5:22, 23).

3 Оној што ја облекол „новата личност“ размислува и постапува како Јехова. А како некој ја облекува новата личност? Така што ги покажува плодовите на Божјиот свет дух и му дозволува да влијае врз неговите мисли, чувства и постапки. (Прочитај Галатите 5:22, 23.) На пример, тој го сака Јехова и неговиот народ (Мат. 22:36-39). Останува радосен дури и кога се соочува со тешкотии (Јак. 1:2-4). Тој е миротворец (Мат. 5:9). Тој е стрплив и љубезен со другите (Кол. 3:13). Го сака она што е добро и прави добро (Лука 6:35). Со своите постапки покажува дека има силна вера во својот небесен Татко (Јак. 2:18). Тој останува благ и смирен кога некој го провоцира, и покажува самосовладување кога се наоѓа во искушение (1. Кор. 9:25, 27; Тит 3:2).

4. Зошто треба да ги покажуваме сите особини спомнати во Галатите 5:22, 23 за да ја облечеме новата личност?

4 За да ја облечеме новата личност, треба да ги развиеме сите особини кои се спомнати во Галатите 5:22, 23, како и особините кои се спомнуваат во други библиски стихови. * Овие особини не се како поединечни парчиња облека кои ги облекуваме едно по едно. Всушност, многу од овие особини меѓусебно се тесно поврзани. На пример, ако вистински ги сакаме другите, ќе бидеме стрпливи и љубезни со нив. А за да бидеме вистински добри, мора да бидеме благи и да покажуваме самосовладување.

КАКО МОЖЕМЕ ДА ЈА ОБЛЕЧЕМЕ НОВАТА ЛИЧНОСТ?

Колку повеќе учиме да размислуваме како Исус толку подобро ќе ја одразуваме неговата личност (Види во пасуси 5, 8, 10, 12, 14)

5. Што значи да го „имаме Христовиот ум“, и зошто треба да го проучуваме животот на Исус? (1. Коринќаните 2:16).

5 Прочитај 1. Коринќаните 2:16. За да ја облечеме новата личност, треба да го „имаме Христовиот ум“. Со други зборови, треба да дознаеме како размислува Исус и потоа да го следиме неговиот пример. Тој во потполност ги покажува плодовите на Божјиот дух и совршено ги одразува Јеховините особини (Евр. 1:3). Колку повеќе размислуваме како Исус толку повеќе ќе постапуваме како него и ќе можеме во поголема мера да ја одразуваме неговата личност (Фил. 2:5).

6. Кои работи треба да ги имаме на ум кога се трудиме да ја облечеме новата личност?

6 Дали навистина е можно да го следиме примерот на Исус? Можеби си мислиме: „Исус е совршен, јас никогаш нема да бидам ист како него!“ Ако ова е случај и со тебе, имај ги на ум следниве работи. Прво, ти си создаден да бидеш како Јехова и Исус. Затоа, можеш да избереш да го следиш нивниот пример, и можеш да успееш во тоа, барем до одредена мера (1. Мој. 1:26). Второ, Божјиот свет дух е најмоќната сила во вселената. Со негова помош, можеш да постигнеш работи кои самиот никогаш не би можел да ги постигнеш. Трето, Јехова не очекува совршено да ги покажуваш плодовите на светиот дух. Всушност, нашиот грижлив Татко ќе им даде илјада години на оние што имаат надеж да живеат на Земјата за да станат совршени (Отк. 20:1-3). Она што Јехова го очекува од нас денес е да се трудиме да го даваме нашето најдобро и да бараме помош од него.

7. Што ќе разгледаме сега?

7 На кои конкретни начини можеме да го следиме примерот на Исус? Накратко ќе разгледаме четири плодови на светиот дух. Ќе видиме што може да научиме од начинот на кој Исус ја покажувал секоја од овие особини. А ќе разгледаме и некои прашања кои ќе ни помогнат да се преиспитаме до која мера сме ја облекле новата личност.

8. Како Исус ја покажал својата љубов?

8 Огромната љубов што ја чувствувал кон Јехова го поттикнала Исус да прави жртви за својот Татко и за нас (Јован 14:31; 15:13). Исус покажал колку многу ги сака луѓето со начинот на кој живеел додека бил на Земјата. Тој секој ден покажувал љубов и сочувство кон другите, дури и кога некои му се противеле. Еден важен начин на кој покажувал дека ги сака луѓето е така што ги поучувал за Божјето Царство (Лука 4:43, 44). Исто така, Исус ја покажал својата самопожртвувана љубов кон Бог и кон луѓето со тоа што бил спремен да страда и да биде погубен од грешници. Така, на сите нас ни овозможил да добиеме вечен живот.

9. Како може да покажуваме љубов по примерот на Исус?

9 Ние сме му го заветувале животот на нашиот небесен Татко Јехова и сме се крстиле затоа што го сакаме. Затоа, исто како Исус, и ние треба да покажеме дека го сакаме Јехова со начинот на кој постапуваме со другите. Апостол Јован напишал: „Кој не го сака својот брат, кого го гледа, не може да го сака Бог, кого не го гледа“ (1. Јов. 4:20). Добро е да се прашаме: „Дали имам силна љубов кон луѓето? Дали постапувам сочувствително со другите, дури и кога тие се груби со мене? Дали љубовта ме поттикнува да ги користам моето време и моите средства за да им помагам на другите да го запознаат Јехова? Дали сум спремен да го правам ова дури и кога повеќето луѓе не покажуваат ценење за пораката што им ја пренесувам или, пак, ми се противат? Можам ли да одвојувам повеќе време за да учествувам во делото на проповедање и поучување?“ (Еф. 5:15, 16).

10. Како Исус покажал дека е миротворец?

10 Исус бил миротворец. Кога луѓето постапувале лошо со него, тој не враќал зло за зло. Освен тоа, Исус преземал чекори да биде во мир со другите и ги поттикнувал оние што имале некакво несогласување да го решат. На пример, ги поучил дека треба да се помират со својот брат доколку сакаат Јехова да го прифати она што го прават за Него (Мат. 5:9, 23, 24). И, неколку пати им помогнал на апостолите да престанат да се расправаат за тоа кој од нив е најголем (Лука 9:46-48; 22:24-27).

11. Како можеме да бидеме миротворци?

11 За да бидеме миротворци, не е доволно само да не започнуваме расправии. Треба да преземаме иницијатива за да бидеме во мир со другите и да ги поттикнуваме браќата и сестрите да ги решаваат своите несогласувања (Фил. 4:2, 3; Јак. 3:17, 18). Може да си ги поставиме следниве прашања: „На какви жртви сум спремен за да бидам во мир со другите? Кога некој брат или сестра ќе ме повреди, дали држам лутина? Дали чекам другиот да го преземе првиот чекор за да се помириме или јас го правам тоа, дури и ако сметам дека тој е крив? Кога е соодветно, дали ги поттикнувам оние што имаат некое несогласување да се помират?“

12. Како Исус покажувал љубезност?

12 Исус бил љубезен * (Мат. 11:28-30). Тој покажувал љубезност така што бил обѕирен и разумен. На пример, кога една Феничанка го молела да ѝ ја излекува ќеркичката, отпрвин Исус го одбил нејзиното барање. Но откако видел колкава вера има оваа жена, покажал љубезност така што го излекувал девојчето (Мат. 15:22-28). Иако бил љубезен, Исус не се воздржувал да даде совет кога било потребно. Во некои ситуации, тој им покажал љубезност на оние што ги сакал така што отворено и одлучно им кажал што е исправно. На пример, кога Петар се обидел да го спречи Исус да ја врши Јеховината волја, тој строго го прекорил пред другите ученици (Мар. 8:32, 33). Тој го направил тоа не за да го понижи Петар, туку за да го поучи и да ги предупреди другите ученици да внимаваат да не си ги преминуваат границите. Петар сигурно се чувствувал непријатно, но таквата исправка многу му користела.

13. Како можеме да бидеме љубезни?

13 Да бидеш љубезен кон оние што ги сакаш значи дека понекогаш можеби ќе треба да им дадеш совет. Кога го правиш тоа, следи го примерот на Исус така што твоите совети ќе ги темелиш на начелата од Божјата Реч. Биди благ и обѕирен. Имај доверба дека тие сакаат да го прават она што е исправно и дека оние што го сакаат Јехова и што те сакаат тебе ќе го прифатат советот. Размисли за овие прашања: „Дали имам храброст да му кажам на некој што го сакам дека прави нешто погрешно? Ако треба да дадам совет, дали зборувам љубезно или грубо? Од кој мотив го давам советот? Дали давам совет некому затоа што ме нервира или затоа што сакам да му помогнам?“

14. Како Исус покажувал доброта?

14 Исус не само што знае што е добро туку и прави добро. Тој го сака својот Татко, и затоа секогаш го прави она што е добро и исправно, и тоа од исправен мотив. Оној што е добар секогаш бара начини да им помага на другите и да прави добри работи за нив. Не е доволно само да знаеме што е добро; мора и да го правиме она што е добро, и тоа од исправен мотив. Можеби се прашуваме: „Дали е можно да правиме добри дела од погрешен мотив?“ Да, можно е. На пример, Исус зборувал за оние кои им давале милостина на сиромашните со цел другите да ги видат. Иако тие дела биле добри, сепак во очите на Јехова имале многу мала вредност (Мат. 6:1-4).

15. Како можеме да бидеме добри во вистинска смисла на зборот?

15 За да бидеме добри во вистинска смисла на зборот, треба да правиме добри дела од несебични мотиви. Затоа, треба да се прашаме: „Освен што знам што е добро и исправно, дали и го правам тоа? Од кој мотив правам добри дела?“

КАКО ДА ЈА ЗАЧУВАМЕ НОВАТА ЛИЧНОСТ ВО ДОБРА СОСТОЈБА?

16. Што треба да правиме секој ден, и зошто?

16 Не треба да заклучиме дека, откако ќе се крстиме, повеќе не е потребно да се трудиме да ја облекуваме новата личност. Новата личност е како нова облека која сакаме да ја зачуваме во добра состојба. Тоа може да го направиме така што секој ден ќе бараме начини да ги покажуваме плодовите на светиот дух. Зошто е важно ова? Бидејќи колку повеќе се трудиме да ги покажуваме овие особини толку повеќе светиот дух ќе ни помага да ги покажуваме. Зошто го велиме ова? Затоа што светиот дух, силата со која Бог дејствува, нѐ поттикнува и нас да дејствуваме (1. Мој. 1:2). Значи, секој плод на светиот дух може и треба да нѐ поттикне на дела. На пример, ученикот Јаков напишал: „Верата без дела е мртва“ (Јак. 2:26). Истото може да се каже и за другите плодови на светиот дух. Секојпат кога ги покажуваме плодовите на духот, докажуваме дека тој дејствува во нас и дека ни помага.

17. Што треба да правиме кога нема да успееме да ги покажеме плодовите на духот?

17 Дури и оние што се крстени со години понекогаш не успеваат да ги покажат плодовите на духот. Но, она што е важно е да не се откажуваме. Размисли за следнава споредба: Ако ти се скине твојата омилена блуза, дали веднаш ќе ја фрлиш? Се разбира дека не. Доколку е можно, најверојатно ќе ја поправиш штетата така што внимателно ќе ја сошиеш. И потоа, сигурно, уште повеќе ќе ја чуваш. На сличен начин, ако понекогаш не постапиш со некого на љубезен, стрплив или обѕирен начин, не се обесхрабрувај. Ако искрено се извиниш, може, така да се каже, да ја поправиш штетата, и да останеш во добри односи со тоа лице. И, биди решен во иднина подобро да постапуваш.

18. Во што можеш да бидеш уверен?

18 Многу сме благодарни што Исус ни оставил пример кој може да го следиме! Колку повеќе се трудиме да размислуваме како Исус толку полесно ќе ни биде да постапуваме како него. А колку повеќе постапуваме како Исус во толку поголема мера ќе можеме да ја облечеме новата личност. Во оваа статија разгледавме само четири плодови на Божјиот дух. Би било добро да одвоиш време за да ги проучуваш другите плодови на светиот дух и да размислиш во колкава мера ги покажуваш. Список со статии на оваа тема можеш да најдеш во Прирачникот за истражување на публикациите на Јеховините сведоци под темата „Христијански живот“ во делот „Плодови на духот“. Можеш да бидеш уверен дека, ако ти го даваш својот дел, Јехова ќе ти помогне да ја облечеш новата личност и да ја зачуваш.

ПЕСНА 127 Каква личност треба да бидам

^ пас. 5 Без разлика на нашето минато, можеме да ја облечеме „новата личност“. За да го направиме тоа, мора да продолжиме да го менуваме нашиот начин на размислување и да се трудиме да бидеме како Исус. Во оваа статија ќе разгледаме некои примери за тоа како размислувал Исус и како постапувал. Исто така, ќе видиме како може да продолжиме да го следиме неговиот пример и откако ќе се крстиме.

^ пас. 4 Во Галатите 5:22, 23 не се спомнати сите убави особини кои можеме да ги развиеме со помош на светиот дух. Нешто повеќе за ова можеш да прочиташ во статијата „Прашања од читателите“, која излезе во Стражарска кула од јуни 2020.

^ пас. 12 Изворниот грчки збор кој се користи за овој плод на духот, а кој на македонски е преведен со љубезност, има пошироко значење и може да се преведе со изрази како што се: милост, добродушност, добрина, чесност, пресретливост, услужливост, великодушност.