Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

СТАТИЈА ЗА ПРОУЧУВАЊЕ 13

Обожавај го Јехова и ќе бидеш среќен

Обожавај го Јехова и ќе бидеш среќен

Достоен си, Јехова, Боже наш, да ја примиш славата и честа и моќта (ОТК. 4:11)

ПЕСНА 31 Да одиме со Бог!

КРАТОК ПРЕГЛЕД *

1-2. Од што зависи дали Јехова ќе го прифати нашето обожавање?

 НА ШТО помислуваш кога ќе чуеш дека некој го обожава Јехова? Можеби си замислуваш еден брат кој клекнува покрај својот кревет и сесрдно се моли. Или можеби помислуваш на едно семејство кое ужива во Семејната вечер посветена на Јехова.

2 И во двата случаи, оние што се вклучени во овие активности го обожаваат Јехова. Дали тој ќе го прифати нивното обожавање? Ќе го прифати ако е во склад со неговата намера, и ако го прават тоа од љубов и од почит кон него. Ние многу го сакаме Јехова. Знаеме дека тој заслужува да го обожаваме и сакаме тоа да го правиме на најдобар можен начин.

3. Што ќе разгледаме во оваа статија?

3 Во оваа статија ќе разгледаме што требало да прават Божјите слуги во минатото за Јехова да го прифати нивното обожавање. Исто така, ќе разгледаме осум работи што треба да ги правиме ние за Јехова да го прифати нашето обожавање денес. Додека го правиме тоа, ќе може да се преиспитаме како уште подобро да му служиме на Јехова. А ќе разгледаме и некои причини зошто сме среќни кога го обожаваме Јехова на исправен начин.

ОБОЖАВАЊЕ КОЕ БИЛО ПРИФАТЛИВО ЗА ЈЕХОВА ВО МИНАТОТО

4. Како Божјите слуги од претхристијанските времиња покажале дека го сакаат и дека го почитуваат Јехова?

4 Во претхристијанските времиња, верните Божји слуги како Авел, Ное, Авраам и Јов покажале дека го почитуваат и дека го сакаат Јехова. Како? Така што му биле послушни, имале вера во него и му принесувале жртви. Библијата не навлегува во детали што сѐ требало да прават за да го обожаваат Јехова. Но, тие очигледно го давале своето најдобро за да му оддаваат чест, и затоа нивното обожавање било прифатливо за него. Подоцна, Јехова им го дал на Израелците Мојсеевиот закон. Преку тој закон, Бог им дал конкретни упатства за тоа како да го обожаваат на начин што тој го одобрува.

5. Што очекува Јехова од своите слуги по смртта и воскресението на Исус?

5 По смртта и воскресението на Исус, Јехова повеќе не барал од своите слуги да бидат послушни на Мојсеевиот закон (Рим. 10:4). За христијаните почнал да важи еден нов закон — „законот Христов“ (Гал. 6:2). За да ја покажат својата послушност на овој закон, тие не требало да се држат за еден долг список со правила, туку требало да го следат примерот на Исус и да живеат во склад со неговите учења. И денес, христијаните се трудат да го следат примерот на Исус најдобро што можат со цел да му угодат на Јехова и за да најдат „поткрепа за своите души“ (Мат. 11:29).

6. Како може да извлечеме корист од оваа статија?

6 Додека разгледуваме кои работи се дел од нашето обожавање, за секоја од нив прашај се: „Колку сум напредувал во овој поглед?“ Исто така, би можел да се прашаш: „Како можам уште подобро да му служам на Јехова?“ Можеш да бидеш задоволен со она што го правиш сега, но добро е да го молиш Јехова да ти помогне да видиш каде би можел да се подобриш.

КОИ РАБОТИ СЕ ДЕЛ ОД НАШЕТО ОБОЖАВАЊЕ?

7. Како гледа Јехова на нашите искрени молитви?

7 Го обожаваме Јехова кога му се молиме. Библијата ги споредува нашите молитви со внимателно подготвениот темјан кој се принесувал во светиот шатор, а подоцна и во храмот (Пс. 141:2). Мирисот од тој темјан му бил пријатен на Бог. Слично на тоа, нашите искрени молитви му се допаѓаат на Бог дури и ако користиме едноставни зборови (Изр. 15:8; 5. Мој. 33:10). Можеме да бидеме уверени дека на Јехова му е многу мило кога слуша како ги изразуваме нашите љубов и благодарност кон него. Тој сака да му ги кажеме нашите грижи, нашите надежи и нашите желби. Пред да почнеш да му се молиш на Јехова, добро е внимателно да размислиш што ќе му кажеш. На тој начин, ќе му го принесеш најдобриот „темјан“ на својот небесен Татко.

8. Која убава можност ја имаме за да го фалиме Бог?

8 Го обожаваме Јехова кога го фалиме (Пс. 34:1). Го фалиме Јехова така што со благодарност зборуваме за неговите прекрасни особини и за неговите дела. Пофалбата извира од благодарно срце. Ако одвојуваме време да размислуваме за Јеховината добрина — за сето она што го направил за нас — ќе имаме многу причини за да го фалиме. Особено проповедањето ни дава можност да „му принесуваме на Бог жртва на фалба, односно плод на усните“ (Евр. 13:15). Исто како што треба внимателно да размислиме што ќе му кажеме на Јехова во молитва, добро е внимателно да размислиме што ќе да им кажеме на оние на кои ќе им проповедаме. Сакаме на Јехова да му ја дадеме нашата најдобра „жртва на фалба“. Затоа, кога им ја објавуваме добрата вест на другите, зборуваме со воодушевеност.

9. Како им користи на Божјите слуги присуството на собраниските состаноците? Наведи нешто од лично искуство.

9 Го обожаваме Јехова кога присуствуваме на состаноците. На Израелците им било кажано: „Трипати во годината нека дојде секое машко пред Јехова, твојот Бог, на местото што ќе го избере тој“ (5. Мој. 16:16). Тие требало да ги остават своите домови и своите ниви без никаква заштита. Но, Јехова им ветил: „Никој нема да ја посака твојата земја кога... ќе одиш да го видиш лицето на Јехова, својот Бог“ (2. Мој. 34:24). Со потполна доверба во Јехова, Израелците присуствувале на годишните празници и тоа им користело на многу начини. На пример, подобро се запознавале со Божјиот закон, размислувале за тоа колку е добар Јехова со нив и уживале во дружењето со другите Божји слуги (5. Мој. 16:15). На сличен начин, и нам многу ни користи кога правиме жртви за да присуствуваме на состаноците. И размисли колку се радува Јехова кога на состанок даваме кратки, однапред подготвени коментари.

10. Зошто пеењето е важен дел од нашето обожавање?

10 Го обожаваме Јехова кога пееме заедно со нашите браќа и сестри (Пс. 28:7). За Израелците, пеењето било важен дел од нивното обожавање. Цар Давид избрал 288 левити да служат како пејачи во храмот (1. Лет. 25:1, 6-8). Денес, нашата љубов кон Бог може да ја изразиме така што ќе му пееме фалбени песни. Притоа не е најважно дали имаме убав глас. Размисли за следнава споредба: Кога зборуваме „сите ние честопати грешиме“, но тоа не нѐ спречува да зборуваме кога сме на состанок или во служба (Јак. 3:2). Слично на тоа, ние можеме да му пееме фалби на Јехова дури и ако сметаме дека не знаеме добро да пееме.

11. Според Псалм 48:13, зошто треба да одвојуваме време за да ја проучуваме Библијата како семејство?

11 Го обожаваме Јехова кога ја проучуваме неговата Реч и ги поучуваме нашите деца за него. На сабат, Израелците не работеле и го користеле тој ден за да си го зајакнат своето пријателство со Јехова (2. Мој. 31:16, 17). Оние што биле верни ги поучувале своите деца за Јехова и за неговата добрина. И ние денес треба да одвојуваме време за да ја читаме и да ја проучуваме Божјата реч. Ова е дел од нашето обожавање на Јехова и ни помага да се зближиме со него (Пс. 73:28). А кога проучуваме заедно како семејство, им помагаме и на нашите деца да стекнат блиско пријателство со нашиот грижлив небесен Татко. (Прочитај Псалм 48:13.)

12. Како гледал Јехова на изработката на светиот шатор и неговата опрема, и што учиме ние од тоа?

12 Го обожаваме Јехова кога градиме и одржуваме теократски објекти. Библијата вели дека изработката на шаторот и неговата опрема била света служба (2. Мој. 36:1, 4). И денес, Јехова ја смета изградбата на сали за состаноци и други теократски објекти за света служба. Некои браќа и сестри посветуваат многу време за да учествуваат во овие активности. Ние многу го цениме нивниот труд затоа што даваат голем придонес за делото на Царството. Се разбира, тие учествуваат и во службата на проповедање. Некои од нив дури сакаат да бидат и пионери. Старешините можат да покажат дека ја поддржуваат изградбата на теократските објекти, така што им дозволуваат на овие трудољубиви браќа и сестри да служат како општи пионери кога ги исполнуваат условите за тоа. Сеедно дали имаме градежни вештини или не, сите ние може да придонесеме теократските објекти да бидат чисти и во добра состојба.

13. Како треба да гледаме на прилозите што ги даваме за да го поддржуваме делото за Царството?

13 Го обожаваме Јехова кога го поддржуваме делото за Царството со нашите прилози. Израелците не требало да доаѓаат пред Јехова со празни раце (5. Мој. 16:16). Тие требало да приложат нешто во склад со своите можности. На тој начин покажувале дека се благодарни за сето она што Јехова го правел за нив. Како можеме ние да ја покажеме нашата љубов кон Јехова и нашата благодарност за сето она што тој го прави за нас? Еден начин е така што во склад со нашите можности ќе даваме доброволни прилози за нашето собрание и за меѓународното дело. Во врска со тоа, апостол Павле рекол: „Давањето е особено добредојдено ако човек има желба да даде. Од секого се очекува да го даде она што го има, а не она што го нема“ (2. Кор. 8:4, 12). Јехова го цени секој наш прилог, дури и ако е многу мал (Мар. 12:42-44; 2. Кор. 9:7).

14. Според Изреки 19:17, како гледа Јехова на помошта што им ја пружаме на соверниците кои имаат некаква потреба?

14 Го обожаваме Јехова кога им помагаме на соверниците што имаат некаква потреба. Јехова ветил дека ќе ги благослови Израелците кои великодушно им помагале на сиромашните (5. Мој. 15:7, 10). Секојпат кога ќе му помогнеме на некој соверник кој има некаква потреба, Јехова гледа на тоа како на дар за него. (Прочитај Изреки 19:17.) На пример, кога апостол Павле бил во затвор, христијаните од Филипи му испратиле дар кој тој го нарекол „прифатлива жртва, благопријатна за Бог“ (Фил. 4:18). Размисли за твоето собрание и прашај се: „Има ли некој на кого можам да му помогнам?“ Јехова се радува кога ги користиме времето, силата, вештините и материјалните работи за да им помогнеме на оние што имаат некаква потреба. Тој го смета тоа за дел од нашето обожавање (Јак. 1:27).

ОБОЖАВАЊЕТО НА ЈЕХОВА НЀ ПРАВИ СРЕЌНИ

15. Зошто обожавањето на Јехова не е тешко, иако за тоа треба време и труд?

15 За да му служиме на Јехова потребно е да вложиме време и труд. Но, тоа не е тешко (1. Јов. 5:3). Зошто? Затоа што му служиме на Јехова од љубов. Замисли си едно детенце кое сака да му даде нешто на својот татко. Тоа можеби со часови цртало една слика за него, но воопшто не жали за времето што го потрошило за таа цел. Детенцето го сака својот татко и се радува што може да му го даде тој подарок. Слично, бидејќи го сакаме Јехова, се радуваме кога вложуваме време и труд за да му служиме.

16. Според Евреите 6:10, како гледа Јехова на трудот што секој од нас го вложува за да му служи?

16 Грижливите родители не очекуваат секое дете да им даде ист дар. Тие се свесни дека секое од нив е различно и дека има различни способности. Слично на тоа, нашиот небесен Татко е свесен дека сите имаме различни околности. Можеби си во состојба да правиш повеќе од многумина што ги познаваш и ти се блиски. Или можеби не си во состојба да правиш онолку колку што прават другите поради возраста, здравјето или семејните одговорности. Но, не се обесхрабрувај поради тоа (Гал. 6:4). Јехова нема да го заборави она што ти го правиш за него. Сѐ додека му го даваш твоето најдобро и имаш исправен став, тој ќе биде задоволен. (Прочитај Евреите 6:10.) Јехова ги знае дури и намерите на твоето срце. Тој сака да бидеш среќен и задоволен со она што можеш да го правиш за него.

17. а) Што можеме да преземеме ако не ни е лесно да правиме некои од работите што се дел од нашето обожавање? б) Како тебе лично ти користела некоја од работите прикажани во рамката „ Што ќе те направи посреќен“?

17 Што ако ни е тешко да правиме некои од работите што ги разгледавме како, на пример, да проучуваме или да одиме во служба на проповедање? Ако почесто ги правиме овие работи, веројатно повеќе ќе уживаме во нив и ќе извлечеме поголема корист. Учеството во овие активности може да го споредиме со учество во некој спорт или со свирење на некој музички инструмент. Ако не вежбаме или ако не свириме редовно, нема многу да се подобриме. Но, што ако одлучиме да го правиме тоа секој ден? Во почетокот тоа можеби ќе го правиме само по неколку минути, а потоа постепено можеби ќе го зголемуваме времето. Кога ќе видиме дека нашиот труд дава добри резултати, веројатно повеќе ќе уживаме во таа активност. Истото важи и за работите што се дел од нашето обожавање.

18. Како ја исполнуваме целта на нашето постоење, и како тоа ни користи?

18 Ние ја исполнуваме целта на нашето постоење така што му служиме на Јехова со сето срце. Како резултат на тоа, водиме среќен и исполнет живот и имаме надеж дека ќе му служиме на Јехова во сета вечност (Изр. 10:22). Уште денес имаме внатрешен мир затоа што знаеме дека Јехова ни помага кога се соочуваме со проблеми (Иса. 41:9, 10). Навистина имаме добри причини да бидеме среќни додека му служиме на нашиот грижлив Татко кој е достоен да прими слава и чест од сите негови созданија (Отк. 4:11).

ПЕСНА 24 Дојдете на Јеховината гора!

^ пас. 5 Јехова создал сѐ и затоа е достоен да го обожаваме, односно да му служиме. Тој го прифаќа сето она што го правиме за да му служиме, но само ако сме послушни на неговите заповеди и ако живееме во склад со неговите начела. Во оваа статија ќе разгледаме осум работи што се дел од нашето обожавање. Ќе дознаеме како уште подобро да ги извршуваме и како можат да ни помогнат да бидеме среќни.