Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

СТАТИЈА ЗА ПРОУЧУВАЊЕ 14

Старешини — продолжете да го следите примерот на апостол Павле

Старешини — продолжете да го следите примерот на апостол Павле

Угледајте се на мене (1. КОР. 11:1)

ПЕСНА 99 Стотици илјади браќа

КРАТОК ПРЕГЛЕД *

1-2. Зошто примерот на апостол Павле може да им помогне на старешините денес?

 АПОСТОЛ Павле ги сакал своите браќа и затоа давал сѐ од себе за да им помага (Дела 20:31). За возврат, и неговите соверници многу го сакале него. Во една прилика, старешините од Ефес силно заплакале кога дознале дека никогаш повторно нема да го видат (Дела 20:37). И нашите трудољубиви старешини многу ги сакаат браќата и сестрите, и прават сѐ што можат за да им помогнат (Фил. 2:16, 17). Но, понекогаш старешините се соочуваат со некои предизвици. Што може да им помогне да ги надминат?

2 Примерот на Павле може многу да им помогне на нашите трудољубиви старешини (1. Кор. 11:1). Тој немал натчовечки способности. Павле бил несовршен човек на кој понекогаш не му било лесно да го прави она што е исправно (Рим. 7:18-20). Освен тоа, морал да се бори со неколку проблеми. Но, Павле не се откажал и не ја изгубил својата радост. Кога го следат примерот на Павле, старешините можат да продолжат да му служат на Јехова со радост дури и кога имаат проблеми. Да видиме како.

3. Што ќе разгледаме во оваа статија?

3 Во оваа статија ќе разгледаме четири вообичаени предизвици со кои се соочуваат старешините: 1) да одвојат доволно време за проповедање и за другите одговорности, 2) да најдат време да ги храбрат браќата и сестрите, 3) да се борат со своите слабости и 4) да се справат со несовршеностите на другите. Ќе разгледаме како Павле ги надминал овие предизвици и како може старешините да го следат неговиот пример.

ДА ОДВОЈАТ ДОВОЛНО ВРЕМЕ ЗА ПРОПОВЕДАЊЕ И ЗА ДРУГИТЕ ОДГОВОРНОСТИ

4. Зошто понекогаш на старешините не им е лесно да предводат во проповедничкото дело?

4 Зошто ова може да биде предизвик. Освен што треба да предводат во проповедничкото дело, старешините имаат и многу други одговорности. На пример, многумина честопати служат како претседавачи на состанокот Нашиот живот и служба или го водат Собраниското проучување на Библијата. Исто така, можеби треба да се погрижат и за други теократски задачи. Освен тоа, одвојуваат многу време за да ги обучуваат слуга-помошниците и за да ги храбрат браќата и сестрите (1. Пет. 5:2). Некои старешини помагаат околу изградбата и одржувањето на сали за состаноци и други теократски објекти. Сепак, како и за секој друг во собранието, и за старешините најважна задача е да ја проповедаат добрата вест (Мат. 28:19, 20).

5. Каков пример ни оставил Павле во поглед на проповедањето?

5 Примерот на Павле. Во Филипјаните 1:10, Павле нѐ поттикнал да процениме што е најважно. Тој и самиот го следел овој совет и затоа успешно ја извршил својата задача да проповеда. За него службата со децении била една од најважните работи. Тој проповедал „јавно и од куќа до куќа“ (Дела 20:20). Не проповедал само во одреден дел од денот или, пак, само еден ден во седмицата. Тој ја користел секоја прилика да проповеда. Додека ги чекал своите соработници во Атина, им ја објавил добрата вест на една група угледни луѓе и некои од нив станале верници (Дела 17:16, 17, 34). Павле проповедал дури и кога бил во куќен притвор (Фил. 1:13, 14; Дела 28:16-24).

6. Каква обука им давал Павле на другите?

6 Павле многу добро го користел своето време. Тој честопати канел и други да му се придружат во службата на проповедање. На пример, на своето прво мисионерско патување со себе го зел Јован Марко, а на второто Тимотеј (Дела 12:25; 16:1-4). Без сомнение, Павле давал сѐ од себе за да ги поучи овие браќа како да организираат едно собрание, како да бидат добри пастири и како вешто да поучуваат (1. Кор. 4:17).

Угледај се на Павле така што ќе сведочиш во секоја прилика (Види во пасус 7) *

7. Како може старешините да го применат советот на апостол Павле запишан во Ефешаните 6:14, 15?

7 Поука. Старешините можат да се угледаат на Павле така што ќе проповедаат од врата до врата, но и така што спремно ќе сведочат во секоја прилика. (Прочитај Ефешаните 6:14, 15.) На пример, може да сведочат кога купуваат нешто или кога се на своето работно место. Или, ако учествуваат во изградба на теократски објекти, може да им проповедаат на соседите или на оние од кои купуваат некои работи. Исто како Павле, старешините може да го користат времето додека се во служба за да ги обучуваат другите, вклучувајќи ги и слуга-помошниците.

8. Што треба понекогаш да направат старешините?

8 Старешините не треба да бидат толку многу зафатени со задачите во собранието или во покраината што ќе немаат време за проповедање. За да останат урамнотежени, понекогаш можеби ќе треба да одбијат некои задачи. Откако ќе размислат и ќе се молат за тоа, можеби ќе сфатат дека, ако прифатат некоја задача, ќе ги запостават поважните работи. На пример, можеби ќе немаат време да ја одржуваат Семејната вечер секоја седмица, ревносно да сведочат или да ги поучуваат своите деца да проповедаат. На некои не им е лесно да одбијат некоја теократска задача, но може да бидат сигурни дека Јехова ја разбира нивната желба да бидат урамнотежени во сѐ.

ДА ГИ ХРАБРАТ БРАЌАТА И СЕСТРИТЕ

9. Бидејќи имаат многу обврски, што може да им биде предизвик на старешините?

9 Зошто ова може да биде предизвик. Јеховините слуги се соочуваат со многу проблеми. Во текот на овие последни денови, на сите нас ни се потребни охрабрување, поддршка и утеха. А понекогаш на некои им е потребна помош да не направат нешто погрешно (1. Сол. 5:14). Се разбира, старешините не можат да ги отстранат сите неволји со кои се соочуваат Јеховините слуги. Сепак, Јехова сака тие да прават сѐ што можат за да го храбрат и да го штитат неговиот народ. И покрај тоа што се многу зафатени, како можат старешините да најдат време за да им ја дадат потребната помош на браќата и сестрите?

Пофалувај ги и зајакнувај ги другите (Види во пасуси 10, 12) *

10. Според 1. Солуњаните 2:7, на кој начин Павле се грижел за браќата и сестрите?

10 Примерот на Павле. Тој барал начини за да ги пофали и да ги охрабри своите соверници. Добро е старешините да го следат неговиот пример така што со браќата и сестрите ќе постапуваат љубезно и обѕирно. (Прочитај 1. Солуњаните 2:7.) Павле отворено им кажувал на браќата и сестрите дека ги сака, а и дека Јехова ги сака (2. Кор. 2:4; Еф. 2:4, 5). Тој им бил пријател и поминувал време со нив. Покажувал дека има доверба во нив така што отворено зборувал за своите стравови и слабости (2. Кор. 7:5; 1. Тим. 1:15). Но, со тоа не сакал да го насочи вниманието кон своите проблеми, туку сакал да им помогне на соверниците.

11. Зошто Павле им давал совети на браќата и сестрите?

11 Понекогаш било потребно Павле да им даде совет на браќата и сестрите. Но, тој никогаш не го правел тоа во лутина. Тој им давал совет затоа што се грижел за нив и сакал да ги заштити од разни опасности. Се трудел да го даде советот на начин што ќе им биде лесно да го разберат и да го прифатат. На пример, во едно од писмата до Коринќаните, Павле им дал строг совет. Откако го напишал писмото, кај нив го испратил Тит. Павле бил загрижен за тоа како ќе реагираат на неговото писмо. Тој бил многу среќен кога дознал дека Коринќаните го прифатиле неговиот совет (2. Кор. 7:6, 7).

12. На кои начини старешините можат да ги зајакнуваат браќата и сестрите?

12 Поука. Старешините може да го следат примерот на Павле така што ќе минуваат време со соверниците. Еден начин како може да го прават ова е така што ќе доаѓаат порано на состаноците со цел да водат охрабрувачки разговори со другите. Честопати, потребно е само неколку минути за на некој брат или сестра да му се даде потребното охрабрување (Рим. 1:12; Еф. 5:16). Исто така, еден старешина кој го следи примерот на Павле, ја користи Божјата Реч за да им ја зајакне верата на соверниците и за да ги увери дека Бог ги сака. Освен тоа, ги уверува дека и самиот тој ги сака. Редовно контактира со нив и бара прилики да ги пофали. А кога треба да даде совет, тоа го прави на темел на Божјата Реч. Тој дава конкретен совет, но го прави тоа на љубезен начин затоа што сака братот или сестрата да го примени советот (Гал. 6:1).

ДА СЕ БОРАТ СО СВОИТЕ СЛАБОСТИ

13. Како можат старешините да се чувствуваат поради своите слабости?

13 Зошто ова може да биде предизвик. Старешините не се совршени. Како и сите други, и тие прават грешки (Рим. 3:23). Понекогаш им е тешко да имаат урамнотежено гледиште за своите слабости. Некои од нив премногу се концентрираат на своите пропусти и поради тоа се чувствуваат обесхрабрено. Други, пак, лесно бараат изговор за своите грешки и затоа мислат дека нема потреба да прават никакви промени.

14. Според Филипјаните 4:13, како понизноста му помогнала на Павле да се справи со своите слабости?

14 Примерот на Павле. Тој понизно признал дека не може сам да се справи со своите слабости. За да успее во тоа, му била потребна помош од Бог. Пред да стане христијанин, Павле бил горд и сурово ги прогонувал христијаните. Но, подоцна сфатил дека не постапува исправно и бил спремен да ги смени својот став и својата личност (1. Тим. 1:12-16). Со Јеховина помош, Павле станал грижлив, сочувствителен и понизен старешина. Тој бил свесен дека има многу слабости, но не се концентрирал премногу на нив. Наместо тоа, тој имал доверба дека Јехова ќе му прости (Рим. 7:21-25). Не очекувал од себе совршенство. Тој давал сѐ од себе за да ја подобри својата личност и понизно се потпирал на Јехова за да ја изврши службата што му била доверена (1. Кор. 9:27; прочитај Филипјаните 4:13).

Давај сѐ од себе за да се бориш со своите слабости (Види во пасуси 14-15) *

15. Какво урамнотежено гледиште треба да имаат старешините за своите слабости?

15 Поука. Старешините не се именувани за таа служба затоа што се совршени. Но, Јехова очекува од нив да си ги признаат своите грешки и да ја подобруваат својата личност (Еф. 4:23, 24). Во текот на своето проучување на Библијата, секој старешина треба да се преиспитува каде може да се подобри и потоа да ги направи потребните промени. Ако го прави тоа, Јехова ќе му помогне да биде радосен и добро да ја извршува својата служба како старешина (Јак. 1:25).

ДА СЕ СПРАВАТ СО НЕСОВРШЕНОСТИТЕ НА ДРУГИТЕ

16. Што може да се случи ако еден старешина се концентрира на слабостите на другите?

16 Зошто ова може да биде предизвик. Кога старешините поминуваат повеќе време со другите во собранието, лесно можат да ги видат нивните слабости. Но, ако се концентрираат на нив, старешините би можеле да почнат да се нервираат, да ги критикуваат другите и грубо да постапуваат со нив. Павле ги предупредил христијаните дека Сатана би сакал токму така да се однесуваат (2. Кор. 2:10, 11).

17. Како гледал Павле на браќата и сестрите?

17 Примерот на Павле. Тој секогаш гледал позитивно на браќата и сестрите. Павле бил свесен за нивните грешки, бидејќи понекогаш со своите постапки тие го повредувале него лично. Тој знаел дека, ако некој направи некаква грешка, тоа не значи дека е лош човек. Павле ги сакал соверниците и се концентрирал на нивните добри особини. Ако на некој брат или сестра не му било лесно да го прави она што е исправно, Павле свесно избирал да мисли дека има добри мотиви и дека едноставно му е потребна помош.

18. Што учиме од тоа како Павле им помогнал на Еводија и Синтихија? (Филипјаните 4:1-3).

18 Да разгледаме како Павле им помогнал на две сестри во собранието во Филипи. (Прочитај Филипјаните 4:1-3.) Еводија и Синтихија можеби имале некакво несогласување меѓу себе и повеќе не биле пријателки. Павле не бил груб со нив и не ги критикувал, туку се концентрирал на нивните добри особини. Тие биле верни сестри кои долго време му служеле на Јехова. Павле знаел дека Јехова ги сака. Тој имал позитивно гледиште за нив и затоа ги поттикнал да го решат меѓусебното несогласување. Бидејќи се концентрирал на добрите особини кај другите, Павле можел да ја зачува радоста и да остане во добри пријателски односи со браќата и сестрите во тоа собрание.

Труди се да не ги осудуваш другите (Види во пасус 19) *

19. а) Како може старешините да задржат позитивно гледиште за соверниците? б) Што можеш да научиш од сликата на која е прикажан еден старешина што помага околу чистењето на салата за состаноци?

19 Поука. Старешини, трудете се да ги гледате добрите особини на вашите браќа и сестри. Секој е несовршен, но секој има некоја особина на којашто може да се восхитуваме (Фил. 2:3). Точно е дека понекогаш старешините треба да му помогнат на некој брат или сестра да го исправи своето размислување. Но, исто како Павле, старешините треба да дадат сѐ од себе да не се концентрираат на зборовите и постапките со кои некој брат или сестра ги нервира. Наместо тоа, добро би било да се концентрираат на љубовта што тоа лице ја има кон Јехова, на неговата истрајност во службата за Бог и на неговиот потенцијал да прави добро. Старешините кои имаат позитивно гледиште за другите придонесуваат во собранието да владее топла и срдечна атмосфера.

ПРОДОЛЖЕТЕ ДА ГО СЛЕДИТЕ ПРИМЕРОТ НА ПАВЛЕ

20. Како можат старешините и понатаму да учат од примерот на Павле?

20 Старешини, многу ќе ви користи ако продолжите да го проучувате примерот на Павле. Во тоа може да ви помогне книгата Сведочи темелно за Божјето Царство. Додека ја читаш оваа публикација или некои други статии во кои се разгледува неговиот пример, прашај се: „Како може примерот на Павле да ми помогне да ја зачувам радоста додека служам како старешина?“

21. Во што може да бидат уверени старешините?

21 Старешини, не заборавајте дека Јехова не очекува од вас да бидете совршени, туку да бидете верни (1. Кор. 4:2). Јехова го ценел сето она што Павле го правел во службата за него, како и неговата верност. Можете да бидете уверени дека Бог го цени и сето она што вие го правите. Јехова никогаш нема да го заборави „вашето дело и љубовта што ја покажавте кон неговото име така што им служевте на светите и продолжувате да им служите“ (Евр. 6:10).

ПЕСНА 87 Да се храбриме на состаноците!

^ пас. 5 Многу сме благодарни за сето она што старешините со љубов го прават за да ни помагаат. Во оваа статија ќе разгледаме четири предизвици со кои старешините обично се соочуваат. Исто така, ќе разгледаме како примерот на апостол Павле може да им помогне да ги надминат тие предизвици. Оваа статија ќе ни помогне на сите нас да имаме поголемо сочувство за старешините, и ќе нѐ поттикне да им покажуваме љубов и да им ја даваме нашата поддршка.

^ пас. 61 ОПИС НА СЛИКАТА: Додека си оди од своето работно место, еден брат му сведочи на еден свој колега.

^ пас. 63 ОПИС НА СЛИКАТА: Еден старешина на љубезен начин се труди да охрабри еден брат кој обично се изолира.

^ пас. 65 ОПИС НА СЛИКАТА: Еден брат му дава корисен совет на друг брат што е вознемирен поради нешто што се случило.

^ пас. 67 ОПИС НА СЛИКАТА: Еден старешина не е критизерски настроен кон еден брат кому вниманието му е одвлечено додека ја врши задачата за која се пријавил.