Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Прашања од читателите

Прашања од читателите

Зошто во 2. Самоилова 21:7-9 пишува дека цар Давид се сожалил на Мефивостеј, но потоа го предал во рацете на Гаваонците за да биде погубен?

Некои што набрзина го прочитале овој извештај си го поставиле ова прашање. Всушност, станува збор за две различни личности по име Мефивостеј, и ако го разгледаме она што се случило може да извлечеме поука.

Саул, кој бил цар на Израел, имал седум сина и две ќерки. Неговиот првороден син се викал Јонатан. Подоцна, наложницата Рисфа му родила син кој се викал Мефивостеј. Но, и Јонатан имал син со име Мефивостеј. Значи, цар Саул имал син кој се викал Мефивостеј, а и внук со истото име.

Во еден период, цар Саул се свртел против Гаваонците кои живееле меѓу Израелците, и се обидел да ги истреби. По сѐ изгледа, некои од нив биле убиени. Но, тоа не било исправно. Зошто? Затоа што, во времето на Исус Навин, израелските поглавари со Гаваонците склучиле сојуз за мир (Ис. Нав. 9:3-27).

Тој сојуз сѐ уште важел во времето на цар Саул. Но, и покрај тоа, царот се обидел да ги истреби Гаваонците. Со тој обид Саул си навлекол вина за крв врз себе и врз својот дом (2. Сам. 21:1). Кога Давид станал цар, Гаваонците што преживеале зборувале со него за неправдата што им била нанесена. Давид прашал како да им ја надомести штетата што ја претрпеле поради постапките на Саул, за да може Јехова да ја благослови израелската земја. Гаваонците не побарале пари, туку побарале да им бидат предадени и да бидат погубени седум синови од човекот кој сакал да ги истреби (4. Мој. 35:30, 31). Давид се согласил со нивното барање (2. Сам. 21:2-6).

Во тоа време, Саул и Јонатан веќе не биле живи но, синот на Јонатан, Мефивостеј бил жив. Тој бил сакат поради една несреќа што му се случила во детството и не учествувал во нападот на неговиот татко врз Гаваонците. Давид имал склучено сојуз за пријателство со Јонатан, кој им користел на неговите потомци, меѓу кои бил и синот на Јонатан, Мефивостеј (1. Сам. 18:1; 20:42). Извештајот вели: „Царот се сожали на Мефивостеј, синот на Јонатан, син на Саул. Давид го направи тоа поради заклетвата со која тој и Јонатан, синот на Саул, се заколнаа еден на друг пред Јехова“ (2. Сам. 21:7).

Давид го исполнил барањето на Гаваонците така што им предал два сина на Саул, од кои едниот се викал Мефивостеј, и пет негови внуци (2. Сам. 21:8, 9). Поради она што го направил Давид, врз израелската земја повеќе не лежела вина за крв.

Овој настан не е само дел од историјата, туку од него можеме и нешто да научиме. Божјиот закон бил многу јасен: „Децата да не бидат погубени поради татковците“ (5. Мој. 24:16). Јехова не би го одобрил она што им се случило на двата сина и петте внуци на Саул, ако тие не биле виновни. Во Божјиот закон стоело и следново: „Секој нека биде погубен поради сопствениот грев“. Се чини дека седумте потомци на Саул, кои биле погубени, имале некаков удел во неговиот обид да ги истреби Гаваонците. Токму затоа, тие седуммина платиле за својот грев.

Од овој извештај учиме дека едно лице не може да бара изговор за своето погрешно постапување, така што ќе мисли или ќе каже дека само следел нечии упатства. Една мудра изрека вели: „Израмни ја патеката по која оди твојата нога и сите твои патишта нека бидат постојани“ (Изр. 4:24-27; Еф. 5:15).