Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Како да се справиш со загриженоста?

Како да се справиш со загриженоста?

ЗАГРИЖЕНОСТА може да се спореди со тежок товар на нашето срце (Изр. 12:25). Дали некогаш си го почувствувал огромниот притисок што го носи загриженоста? Дали притисокот бил толку голем што си мислел дека веќе не можеш да издржиш? Ако да, не си единствениот. Многумина од нас се исцрпени во физички, умствен и емоционален поглед од најразлични причини. На пример, некои можеби се грижат за член од семејството што е болен, можеби им починал некој близок или доживеале природна катастрофа. Но што може да ни помогне успешно да се справиме со загриженоста? a

Од примерот на цар Давид може многу да научиме за тоа како да се справиме со загриженоста. Тој доживеал голем број тешки ситуации, а неколку пати дури и бил во опасност да го изгуби животот (1. Сам. 17:34, 35; 18:10, 11). Како Давид се справил со загриженоста? Како можеме да го следиме неговиот пример?

КАКО ДАВИД СЕ СПРАВИЛ СО ЗАГРИЖЕНОСТА

Давид се соочил со неколку проблеми наеднаш. Размисли во каква ситуација се нашол додека бегал од цар Саул кој сакал да го убие. Кога Давид и неговите луѓе се вратиле од еден воен поход, се шокирале кога виделе дека непријателите ги опљачкале, ги запалиле нивните домови и им ги заробиле семејствата. Како реагирал Давид? Во Библијата читаме: „Давид и луѓето што беа со него почнаа гласно да плачат додека не им снема сила за плачење“. Згора на сѐ, неговите луѓе сакале да го каменуваат (1. Сам. 30:1-6). Давид истовремено се соочил со три големи проблеми. Семејството му било во опасност, неговите луѓе сакале да го убијат и цар Саул сѐ уште го гонел. Замисли колкава загриженост чувствувал Давид!

Што направил во таа ситуација? Веднаш побарал помош од својот Бог Јехова. Давид имал навика да го моли Јехова за помош и да размислува како тој му помагал во минатото (1. Сам. 17:37; Пс. 18:2, 6). Тој сфатил дека му е потребно водство од Јехова и затоа го прашал што да прави. Откако добил водство од Јехова, Давид веднаш постапил во склад со тоа. Каков бил резултатот? Јехова ги благословил него и неговите луѓе, и тие успеале да ги спасат своите семејства и да го вратат она што им било опљачкано (1. Сам. 30:7-9, 18, 19). Дали забележа кои три работи ги направил Давид? Тој му се молел на Јехова за помош, размислувал за тоа како Јехова му помагал во минатото и постапил во склад со Јеховиното водство. Како може ние да го следиме примерот на Давид? Ќе разгледаме три начини.

УГЛЕДАЈ СЕ НА ДАВИД КОГА СЕ БОРИШ СО ЗАГРИЖЕНОСТ

1. Моли се. Секогаш кога ќе почнеме да чувствуваме некаква загриженост, можеме да му се молиме на Јехова за помош и мудрост. Товарот што го чувствуваме ќе ни се намали ако во молитва му го отвориме срцето и му ги кажеме сите наши грижи. Или пак, можеме кратко да се помолиме во себе, ако тоа е единственото нешто што ни го дозволуваат околностите во тој момент. Секогаш кога бараме помош од Јехова, покажуваме дека имаме доверба како Давид, кој рекол: „Јехова е моја спила, моја тврдина и мој избавител. Мојот Бог е мојата карпа. Тој ми е прибежиште“ (Пс. 18:2). Дали молитвата навистина помага? Една сестра по име Калија, која служи како пионер, вели: „Откако ќе се помолам, чувствувам внатрешен мир. Молитвата ми помага да размислувам онака како што размислува Јехова и да имам поголема доверба во него“. Без сомнение, молитвата е прекрасен дар од Јехова што ни помага да се справиме со загриженоста.

2. Размислувај за минатото. Ако размислиш за она што ти се случувало во животот, сигурно ќе се сетиш на тешки ситуации кои си успеал да ги издржиш само со помошта од Јехова. Кога размислуваме за тоа како Јехова ни помагал нам и на неговите слуги од минатото, чувствуваме поголем внатрешен мир и ни се зголемува довербата во него (Пс. 18:17-19). Еден старешина по име Џошуа вели: „Имам список со одговорени молитви. Ова ми помага да се потсетам на ситуациите кога конкретно сум го молел Јехова за нешто и тој ми го дал токму она што ми било потребно“. Кога размислуваме како Јехова ни помагал во минатото, ја добиваме потребната сила за да продолжиме да се бориме со нашата загриженост.

3. Постапувај во склад со водството од Јехова. Пред да одлучиме како да постапиме во одредена ситуација, можеме да истражуваме во Божјата Реч за да добиеме мудро водство (Пс. 19:7, 11). Многумина увиделе дека, кога истражуваат во врска со некој конкретен стих, полесно можат да сфатат како да го применат во својот живот. Еден старешина по име Џеред објаснил: „Истражувањето ми помага подобро да разберам некој стих и да сфатам што сака Јехова да ми каже. Тоа длабоко влијае врз мене и ми помага да го следам неговото водство“. Кога бараме водство од Јехова преку неговата Реч и постапуваме во склад со тоа, можеме полесно да се справиме со загриженоста.

ЈЕХОВА ЌЕ ТИ ПОМОГНЕ ДА СЕ СПРАВИШ СО ЗАГРИЖЕНОСТА

Давид сфатил дека успешно ќе се справи со загриженоста само со помошта од Јехова. Тој толку многу ја ценел Јеховината подршка што бил поттикнат да каже: „Со помошта на својот Бог можам и на ѕидишта да се качам. Вистинскиот Бог цврсто ме препашува со сила“ (Пс. 18:29, 32). Можеби нашите неволји ни изгледаат како високи ѕидини кои не можеме да ги преминеме, но Јехова може да ни помогне да се справиме со секој тежок проблем. Кога го молиме Јехова за помош, кога размислуваме за сето она што го направил за нас и кога постапуваме во склад со неговото водство, можеме да бидеме уверени дека тој ќе ни дава сила и мудрост за успешно да се справиме со загриженоста.

a Некој што се соочува со претерана вознемиреност и загриженост можеби ќе треба да побара лекарска помош.