Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

СТАТИЈА ЗА ПРОУЧУВАЊЕ 17

Мајки — учете од примерот на Евника

Мајки — учете од примерот на Евника

Не оставај ги упатствата на мајка ти. Тие се како прекрасен венец на твојата глава и како убав ѓердан на твојот врат (ИЗР. 1:8, 9)

ПЕСНА 137 Жените верно му служат на Бог

КРАТОК ПРЕГЛЕД a

Мајка му на Тимотеј, Евника, и баба му, Лоида, се среќни и се гордеат со него бидејќи тој се крштава. (Види во пасус 1)

1-2. а) Која била Евника, и со каков предизвик се соочила? б) Коментирај ја сликата на насловната страница.

 ИАКО во Библијата не е опишано крштавањето на Тимотеј, не е тешко да си замислиме колкава радост чувствувала тој ден неговата мајка, Евника (Изр. 23:25). Замисли си како со гордост гледа во Тимотеј додека тој стои во водата. Таа блика од радост додека покрај неа стои Лоида, баба му на Тимотеј. Евника возбудено го задржува здивот кога гледа како Тимотеј целосно се потопува во водата. Веднаш потоа, тој се крева од водата со насмевка на лицето, а таа не може да ги задржи солзите радосници. И покрај сите предизвици, Евника успеала да му помогне на Тимотеј да ги засака Јехова и неговиот Син, Исус Христос. Со какви тешкотии се соочила додека го поучувала својот син?

2 Тимотеј пораснал во религиозно разделен дом. Неговиот татко бил Грк, а мајка му и баба му биле Еврејки (Дела 16:1). По сѐ изгледа, Тимотеј бил тинејџер кога Евника и Лоида станале христијанки. Но татко му не го прифатил христијанството. Која религија ќе ја избере Тимотеј? Тој веројатно бил доволно возрасен самиот да одлучи. Дали ќе ја избере религијата на својот татко? Дали ќе ги држи еврејските обичаи за кои бил поучен од дете или, пак, ќе стане следбеник на Исус Христос?

3. Според Изреки 1:8, 9, како гледа Јехова на трудот што мајките го вложуваат за да им помогнат на децата да станат негови пријатели?

3 И мајките кои денес му служат на Јехова многу си го сакаат семејството. Повеќе од сѐ друго тие сакаат да им помогнат на своите деца да станат блиски пријатели со Јехова. Нашиот Бог многу го цени трудот што го вложуваат во тој поглед. (Прочитај Изреки 1:8, 9.) Јехова им помогнал на многу мајки да ги поучат своите деца да го сакаат него и да му служат.

4. Со какви потешкотии се соочуваат мајките денес?

4 Нормално е една мајка понекогаш да се прашува дали нејзините деца ќе одлучат да му служат на Јехова, како што одлучил и Тимотеј. Родителите се свесни колкав притисок врши светот на Сатана врз нивните деца (1. Пет. 5:8). Освен тоа, на многу мајки не им е лесно да ги воспитуваат своите деца бидејќи немаат сопруг или, пак, нивниот сопруг не му служи на Јехова. На пример, една сестра по име Кристина b вели: „Мојот сопруг беше добар татко и семеен човек, но не ми дозволуваше да ги поучувам децата за вистината. Низ годините пролеав многу солзи и се прашував дали моите деца еден ден ќе почнат да му служат на Јехова”.

5. Што ќе разгледаме во оваа статија?

5 Ако си мајка, и ти можеш, исто како Евника, да им помогнеш на своите деца да го засакаат Јехова и да му служат. Во оваа статија ќе видиме како можеш да го следиш нејзиниот пример и да ги поучуваш децата со твоите зборови и со твоите постапки. А ќе видиме и како Јехова ќе ти помага.

ПОУЧУВАЈ ГИ ДЕЦАТА СО ТВОИТЕ ЗБОРОВИ

6. Според 2. Тимотеј 3:14, 15, што му помогнало на Тимотеј да стане христијанин?

6 Кога Тимотеј бил дете, мајка му давала сѐ од себе за да го поучи за „светите списи“, онака како што Евреите ги разбирале. Се разбира, нејзиното знаење било ограничено бидејќи таа не знаела ништо за Исус Христос. Сепак, она што Тимотеј го научил од светите списи било доволно за да може да го прифати христијанството. Но дали го сторил тоа? Тимотеј имал право самиот да одлучи дали ќе стане христијанин. Без сомнение, тој се уверил во вистината за Исус, меѓу другото, благодарение на трудот што го вложила неговата мајка. (Прочитај 2. Тимотеј 3:14, 15.) Евника сигурно била многу радосна што успеала, и покрај сите тешкотии, да го поучи својот син за Јехова. Името Евника доаѓа од еден збор што значи „да победиш“. И таа навистина успеала да ги победи, односно да ги надмине тешкотиите, и да му помогне на Тимотеј да го засака Јехова и да му служи.

7. Што можела да прави Евника за да му помогне на својот син духовно да напредува и по неговото крштавање?

7 Кога се крстил, Тимотеј остварил една важна цел во својот живот. Сепак, Евника и понатаму била загрижена за него. На што ќе го посвети Тимотеј својот живот? Дали ќе се спријатели со луѓе кои лошо ќе влијаат на него? Дали ќе се школува во Атина и ќе ги прифати паганските учења на тамошните филозофи? Дали ќе ги троши своите сили, време и младост за да се збогати? Евника не можела да носи одлуки за Тимотеј, но сепак можела да му помогне. Како? Таа можела и понатаму да всадува во својот син љубов кон Јехова и благодарност за Исус. Една ваква задача не е предизвик само за родители чиј сопружник не му служи на Јехова. Дури и ако двајцата родители се во вистината, може да им биде тешко да им помогнат на своите деца да му служат на Јехова. Што можат да научат родителите од примерот на Евника?

8. Како може една мајка да му помогне на својот сопруг околу грижата за духовните потреби на децата?

8 Проучувај ја Библијата со своите деца. Сестри, ако вашиот сопруг е во вистината, Јехова сака да му помагате околу грижата за духовните потреби на вашите деца. Еден начин на кој може да го правите тоа е така што редовно ќе му давате поддршка во врска со Семејната вечер. Зборувајте позитивно за семејното проучување и размислете како може да придонесете да има топла и пријатна атмосфера. Дали би можеле заедно со својот сопруг да смислите некој проект за Семејната вечер? Освен тоа, ако некои од вашите деца се доволно возрасни за да ја проучуваат книгата Радувај му се на животот засекогаш, би можеле да соработувате со вашиот сопруг за да може библискиот курс редовно да се одржува.

9. Што може да ѝ помогне на една мајка чиј сопруг не е Сведок?

9 Некои мајки имаат одговорност тие да ја проучуваат Библијата со своите деца затоа што се самохрани родители или, пак, затоа што нивниот сопруг не е Јеховин сведок. Ако тоа е случај и со твоето семејство, не треба да бидеш премногу загрижена. Јехова ќе ти помага. Користи ги публикациите што тој ни ги обезбедува преку својата организација за да проучуваш со децата. Би можела да прашаш други искусни родители како тие ги користат ваквите публикации за време на нивното семејно проучување c (Изр. 11:14). Исто така, Јехова може да ти помогне да имаш подобра комуникација со децата. Моли го да ти помогне да ги најдеш вистинските прашања за да дознаеш како размислуваат и како се чувствуваат твоите деца (Изр. 20:5). Со едноставно прашање како, на пример: „Што ти е најтешко на училиште?“, може да започнеш разговор од кој ќе дознаеш многу работи.

10. На кои други начини можеш да им помогнеш на твоите деца да учат за Јехова?

10 Барај прилики да ги поучуваш своите деца за Јехова. Зборувај им за Јехова и за многуте убави работи што тој ги направил за тебе (5. Мој. 6:6, 7; Иса. 63:7). Тоа е особено важно ако не можеш редовно да проучуваш со нив дома. Кристина, која ја спомнавме претходно, вели: „Немав многу прилики да зборувам со децата за духовни работи, па затоа ја користев секоја можност што ќе ми се укажеше. Кога ќе отидевме да се шетаме или да пловиме со кану, зборувавме за прекрасните Јеховини творби, како и за многу други духовни работи. А кога децата малку пораснаа, ги поттикнував самите да ја проучуваат Библијата”. Освен тоа, зборувај позитивно за Јеховината организација и за браќата и сестрите. Немој да ги критикуваш старешините. Од она што го кажуваш за нив ќе зависи дали твоите деца ќе им се обратат кога ќе имаат потреба од некаква помош.

11. Според Јаков 3:18, зошто е важно да даваме сѐ од себе да има мир во семејството?

11 Давај сѐ од себе да има мир во семејството. Редовно покажувај им на сопругот и на децата дека ги сакаш. Зборувај убаво и со почит за својот сопруг и поучувај ги и децата да го прават истото. На тој начин ќе придонесеш да има убава атмосфера дома и на децата да им биде полесно да учат за Јехова. (Прочитај Јаков 3:18.) Размисли за примерот на Јожеф, кој служи како специјален пионер во Романија. Кога бил дете, татко му ги спречувал него, мајка му, сестра му и неговите двајца браќа да му служат на Јехова. Јожеф вели: „Мајка ми многу се трудеше да има мир во семејството. Колку погруб беше татко ми толку пољубезна беше мајка ми. Кога ќе забележеше дека ни е тешко да го почитуваме и да му бидеме послушни, таа зборуваше со нас за Ефешаните 6:1-3. Тогаш ги истакнуваше неговите убави особини и ни помагаше да сфатиме зошто треба да го цениме и почитуваме. Благодарение на неа, беа смирени голем број напнати ситуации“.

ПОУЧУВАЈ ГИ ДЕЦАТА СО ТВОИТЕ ПОСТАПКИ

12. Според 2. Тимотеј 1:5, како влијаел примерот на Евника врз Тимотеј?

12 Прочитај 2. Тимотеј 1:5. Евника била добар пример за Тимотеј. Таа сигурно го поучила дека вистинската вера вклучува дела (Јак. 2:26). Без сомнение, Тимотеј можел да види дека она што го правела мајка му било поттикнато од силна љубов кон Јехова. Тој сигурно можел да види дека тоа што таа му служи на Јехова ја прави среќна. Како нејзиниот пример влијаел врз Тимотеј? Апостол Павле рекол дека Тимотеј имал силна вера како мајка му. Но, како дошло до тоа? Тој гледал како постапува таа и бил поттикнат да го следи нејзиниот пример. Слично на неа, и многу мајки денес успеале „без збор“ да му помогнат на своето семејство да му служи на Јехова (1. Пет. 3:1, 2). И ти можеш да го правиш истото. Да видиме на кој начин.

13. Зошто една мајка треба да се труди пријателството со Јехова да ѝ биде на прво место?

13 Труди се пријателството со Јехова да ти биде на прво место (5. Мој. 6:5, 6). И ти, како повеќето мајки, правиш многу жртви — жртвуваш време, пари, сон и други работи за да се грижиш за физичките потреби на своите деца. Но, никогаш не треба да бидеш толку зафатена со овие работи што ќе страда твојот однос со Јехова. Редовно одвојувај време да се молиш, да ја проучуваш Библијата и да присуствуваш на состаноците. Така ќе си ја зајакнуваш духовноста и ќе им бидеш добар пример не само на членовите на твоето семејство туку и на други.

14-15. Што учиш од примерот на Лина, Марија и Жоао?

14 Да го разгледаме примерот на неколку млади кои, благодарение на примерот на нивната мајка, научиле да имаат доверба во Јехова и да го сакаат. Лина, ќерката на Кристина, вели: „Дома не можевме слободно да проучуваме. Но, мајка ми никогаш не ги пропушташе состаноците. Иако ние децата не знаевме многу за Библијата, нејзиниот пример и нејзината увереност ни помогнаа да изградиме цврста вера. Знаевме дека тоа е вистината уште долго пред да почнеме да одиме на состаноци”.

15 Марија, чиј татко понекогаш ги казнувал затоа што присуствувале на состаноците, вели: „Мајка ми е една од најхрабрите сестри што ги знам. Како дете, понекогаш не сакав да правам некои работи затоа што се плашев што ќе речат другите. Но, тоа што гледав колку таа беше храбра и колку се трудеше Јехова секогаш да ѝ биде на прво место, ми помогна да го победам стравот од човек”. Жоао, чиј татко им забранувал на домашните да зборуваат за духовни работи, вели: „Мислам дека најмногу ме допре тоа што мајка ми беше спремна да се откаже од сѐ за да му угоди на татко ми, само не од нејзината љубов кон Јехова”.

16. Како можат мајките со својот пример да влијаат врз другите?

16 Мајки, имајте на ум дека вашиот пример влијае врз другите. На кој начин? Размислете како примерот на Евника влијаел врз апостол Павле. Тој му напишал на Тимотеј дека најпрво неговата мајка Евника имала нелицемерна вера (2. Тим. 1:5). Кога Павле забележал дека Евника има таква вера? Веројатно, тоа се случило за време на неговото прво мисионерско патување кога, по сѐ изгледа, ги сретнал Лоида и Евника во Листра и им помогнал да станат христијани (Дела 14:4-18). Кога му пишал на Тимотеј околу 15 години подоцна, Павле сѐ уште се сеќавал на делата на Евника поттикнати од вера и ја навел како пример на кој другите треба да се угледаат. Очигледно, таа му оставила силен впечаток на апостол Павле, а веројатно и на многу други христијани од првиот век. Ако си самохрана мајка или, пак, твојот сопруг не е Јеховин сведок, биди уверена дека со твојот убав пример можеш да им влееш сила и решителност на другите околу тебе.

Потребно е време за да му помогнеш на детето да развие љубов кон Јехова. Затоа, не се откажувај! (Види во пасус 17)

17. Што треба да правиш ако ти се чини дека твоето дете нема интерес за вистината?

17 Но, што ако ти се чини дека твоето дете нема интерес за вистината и покрај тоа што толку многу се трудиш да го поучуваш? Не заборавај дека, за да се воспита едно дете, потребно е време. Како што е прикажано на сликата, откако ќе засадиш едно семе, можеби понекогаш ќе се прашуваш дали тоа семе некогаш ќе порасне и ќе даде плод. Иако немаш контрола врз крајниот резултат, сепак продолжуваш да го наводнуваш со цел да му овозможиш најдобри услови да порасне (Мар. 4:26-29). Слично на тоа, и ти како мајка можеби понекогаш се прашуваш дали ќе успееш да им помогнеш на децата да го засакаат Јехова. Иако немаш контрола врз крајниот резултат, ако продолжиш да даваш сѐ од себе за да ги поучуваш, ќе им овозможиш најдобри услови за духовен раст (Изр. 22:6).

ПОТПИРАЈ СЕ НА ПОМОШТА ОД ЈЕХОВА

18. Како може Јехова да им помогне на твоите деца да станат негови пријатели?

18 Уште од библиски времиња, Јехова им помогнал на голем број млади да станат негови пријатели (Пс. 22:9, 10). Тој може да им помогне и на твоите деца духовно да растат ако имаат таква желба (1. Кор. 3:6, 7). Дури и ако забележиш дека твоите деца не му служат на Јехова со цело срце, имај на ум дека тој ќе продолжи да ги сака и будно да внимава на нив (Пс. 11:4). Кога ќе види и најмал знак дека сакаат да му служат, тој ќе им помогне да станат негови пријатели (Дела 13:48; 2. Лет. 16:9). Јехова може да ти помогне да им ги кажеш вистинските зборови, и тоа токму тогаш кога ќе им биде најпотребно да ги чујат (Изр. 15:23). Или, пак, тој може да поттикне некој грижлив брат или сестра од собранието да им обрне посебно внимание. Дури и откако твоите деца ќе станат возрасни, Јехова може да ги потсети на нешто за кое си ги поучил кога биле мали (Јован 14:26). Тој сигурно ќе те благослови ако продолжиш да ги поучуваш децата и со твоите зборови и со твојот пример.

19. Што може да нѐ увери дека Јехова е задоволен од нас?

19 Љубовта на Јехова кон тебе не зависи од тоа какви одлуки ќе донесат твоите деца. Тој те сака затоа што ти го сакаш него. Ако си самохрана мајка, Јехова ветува дека ќе им биде Татко на твоите деца и твој Заштитник (Пс. 68:5). Ти немаш контрола врз тоа дали твоите деца ќе ја донесат исправната одлука или не. Но, ако продолжиш да се потпираш на помошта од Јехова и ако го даваш своето најдобро, тој ќе биде задоволен од тебе.

ПЕСНА 134 Децата се скапоцен дар од Бог

a Во оваа статија ќе видиме како можат мајките да извлечат поука од примерот на Евника, мајката на Тимотеј, и како можат да им помогнат на своите деца да го запознаат и да го засакаат Јехова.

b Некои имиња се сменети.

c На пример, види ја лекција 50 во книгата Радувај му се на животот засекогаш и статијата „Предлози за семејно и лично проучување“, која излезе во Стражарска кула од 15 август 2011, стр. 6-7.