Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

СТАТИЈА ЗА ПРОУЧУВАЊЕ 16

Дали си радосен затоа што му го даваш своето најдобро на Јехова?

Дали си радосен затоа што му го даваш своето најдобро на Јехова?

Секој нека го испита своето дело (ГАЛ. 6:4)

ПЕСНА 37 Да му служиме на Јехова со сета душа

КРАТОК ПРЕГЛЕД a

1. Што ни носи голема радост?

 ЈЕХОВА сака да бидеме радосни. Тоа го знаеме затоа што радоста е еден од плодовите на светиот дух (Гал. 5:22). Бидејќи повеќе среќа има во давањето отколку во примањето, чувствуваме голема радост кога даваме сѐ од себе во службата на проповедање и кога им помагаме на браќата на различни начини (Дела 20:35).

2-3. а) Според Галатите 6:4, кои две работи ќе ни помогнат да останеме радосни во службата за Јехова? б) Што ќе разгледаме во оваа статија?

2 Во Галатите 6:4, апостол Павле спомнува две работи кои ќе ни помогнат да останеме радосни. (Прочитај.) Прво, наша цел треба да биде да му го даваме на Јехова нашето најдобро. Ако му го даваме нашето најдобро, треба да бидеме радосни (Мат. 22:36-38). Второ, не треба да се споредуваме со другите. Сеедно што сѐ може да правиме поради нашето здравје, обука или способности, треба да му бидеме благодарни на Јехова. Всушност, сѐ што имаме сме добиле од него. Од друга страна, ако нашите соверници во некој поглед се подобри од нас во службата на проповедање, треба да се радуваме бидејќи ги користат своите таленти за да му носат слава на Јехова, а не за да се истакнуваат или за да остварат некои себични цели. Затоа, наместо да се натпреваруваме со нив, треба да учиме од нив.

3 Во оваа статија ќе видиме што може да ни помогне кога сме обесхрабрени затоа што не можеме да го правиме сето она што би сакале во службата за Јехова. Исто така, ќе видиме како можеме на најдобар начин да ги користиме нашите способности и што може да научиме од примерот на другите.

КОГА НЕ МОЖЕМЕ ДА ПРАВИМЕ ОНОЛКУ КОЛКУ ШТО САКАМЕ

Го радуваме Јехова кога му го даваме нашето најдобро во текот на целиот живот (Види во пасуси 4-6) b

4. Од која причина некој може да се обесхрабри? Наведи пример.

4 Некои Јеховини слуги се чувствуваат обесхрабрено затоа што поради староста или слабото здравје повеќе не можат да го прават сето она што би сакале во службата за Јехова. Ова било случај и со Керол. Порано таа служела на подрачје каде што имало поголема потреба од објавители. Во тој период, таа водела 35 библиски курсеви и им помогнала на неколку лица да му го заветуваат животот на Јехова и да се крстат. Керол навистина имала убави резултати во службата. По некое време, здравјето ѝ се влошило, и поради тоа ретко можела да излегува од дома. Таа вели: „Иако сум свесна дека поради моите физички ограничувања не можам да го правам она што другите можат да го прават, сепак имам чувство дека не сум толку верна како нив. Се обесхрабрувам затоа што не можам да го правам сето она што сакам да го правам“. Керол сака да му го дава на Јехова своето најдобро. Всушност, тоа е многу пофално. Може да бидеме сигурни дека нашиот сочувствителен Бог го цени нејзиниот добар став.

5. а) Што треба да имаме на ум ако сме обесхрабрени поради нашите ограничувања? б) Како братот, кој е прикажан на сликите, низ годините го давал своето најдобро во службата за Јехова, и како сѐ уште го прави тоа?

5 Ако понекогаш си обесхрабрен поради твоите ограничувања, прашај се: „Што очекува Јехова од мене?“ Тој очекува да му го даваш најдоброто во склад со твоите околности. Размисли за следново. Една сестра која има 80 години се чувствува обесхрабрено затоа што не може да прави во службата онолку колку што правела кога имала 40 години. Таа мисли дека, иако му го дава своето најдобро на Јехова, сепак тој не е задоволен од неа. Но, дали е тоа навистина така? Ако оваа сестра му го давала на Јехова своето најдобро кога имала 40 години и сѐ уште го прави тоа и на 80 години, таа всушност никогаш не престанала да му го дава своето најдобро. Ако почнеме да мислиме дека не правиме доволно за Јехова, добро е да се потсетиме дека тој е оној што одлучува колку е доволно за него. Доколку му го даваме нашето најдобро, тој ќе биде задоволен со нас! (Спореди со Матеј 25:20-23.)

6. Што може да научиме од примерот на Марија?

6 Ќе ни биде полесно да бидеме радосни ако се концентрираме на она што можеме да го правиме, наместо на она што не можеме. Размисли за една сестра по име Марија, која поради својата болест не може да прави многу во службата. Затоа некое време била потиштена и се чувствувала бескорисно. Но, потоа се сетила на една сестра од собранието која била врзана за кревет и решила да ѝ помогне. Марија вели: „Се договоривме заедно да сведочиме преку телефон и со писма. Секојпат кога ќе се вратев дома, се чувствував радосно и исполнето бидејќи можев да ѝ помогнам на мојата сестра“. И ние ќе бидеме порадосни доколку се концентрираме на она што можеме да го правиме, а не на она што не можеме. Но, што ако сме особено добри на некои полиња од службата за Јехова и можеме да правиме повеќе?

КОРИСТИ ГИ СВОИТЕ ДАРОВИ

7. Каков совет им дал апостол Петар на христијаните?

7 Во своето прво писмо, апостол Петар ги поттикнал христијаните да ги користат своите дарови за да ги охрабруваат соверниците. Тој напишал: „Служете си еден на друг — секој со дарот што го примил — како добри управители на Божјата незаслужена доброта“ (1. Пет. 4:10). Треба да се трудиме во потполност да ги користиме нашите способности и да не се плашиме дека поради тоа некои би можеле да станат љубоморни или да се обесхрабрат. Доколку не ги користиме нашите способности најдобро што можеме, нема да му го дадеме на Јехова нашето најдобро.

8. Според 1. Коринќаните 4:6, 7, зошто не треба да се фалиме со нашите дарови?

8 Иако треба во потполност да ги користиме нашите дарови, мора да внимаваме да не се фалиме со нив. (Прочитај 1Коринќаните 4:6, 7.) На пример, можеби ти е многу лесно да започнуваш библиски курсеви. Користи го тој дар! Но, едно е да го користиш дарот, а сосема друго е да се фалиш со него. Да речеме дека неодамна си имал убаво искуство во службата и си започнал библиски курс, и едвај чекаш да им раскажеш за тоа на браќата и сестрите од твојата група за проповедање. Но кога се собирате заедно, една сестра го споделува нејзиното искуство и кажува дека успеала да даде списание. Таа оставила списание, а ти си започнал библиски курс. Што ќе направиш? Знаеш дека браќата ќе се охрабрат од твоето искуство. Но можеби ќе решиш да го споделиш тоа со нив во некоја друга соодветна прилика бидејќи не сакаш сестрата да се почувствува дека не ја извршува службата толку добро како тебе. Тоа би било многу љубезно од твоја страна. Сепак, не значи дека треба да престанеш да им нудиш библиски курсеви на другите. Ти имаш дар, затоа користи го!

9. Како треба да ги користиме нашите дарови?

9 Секогаш да имаме на ум дека способностите и талентите што можеби ги имаме ни се дар од Бог. Треба да ги користиме таквите дарови за да го зајакнуваме собранието, а не за да се истакнуваме самите себе (Фил. 2:3). Кога ги користиме нашата сила и нашите способности за да ја вршиме Божјата волја, имаме причина да бидеме радосни. Зошто? Затоа што ги користиме нашите дарови за да му носиме слава на Јехова, а не затоа што правиме повеќе од другите или затоа што се обидуваме да бидеме подобри од нив.

10. Зошто е неразумно да се споредуваме со другите?

10 Ако не сме внимателни, би можеле да паднеме во замка да ги споредуваме нашите јаки страни со нечии слаби страни. На пример, некој брат можеби држи одлични говори. Тоа е негова јака страна. Меѓутоа, тој можеби гледа со потценување на некој друг брат кој не е толку добар во тој поглед. Но, можеби тој брат е многу гостољубив, добро ги воспитува своите деца или е ревносен во службата. Колку сме благодарни што имаме толку многу браќа и сестри кои ги користат своите дарови за да му служат на Јехова и за да им помагаат на другите!

УЧИ ОД ПРИМЕРОТ НА ДРУГИТЕ

11. Зошто треба да се трудиме да го следиме примерот на Исус?

11 Иако не треба да се споредуваме со другите, многу ќе ни користи ако учиме од примерот на верните Божји слуги. За да го разбереме ова, да го земеме за пример Исус. Како несовршени луѓе, ние не можеме во потполност да бидеме како него бидејќи тој бил совршен. Сепак, можеме да учиме од неговите убави особини и постапки (1. Пет. 2:21). Кога се трудиме да го следиме неговиот пример најдобро што можеме, стануваме подобри слуги на Јехова и повешти во службата.

12-13. Што можеме да научиме од примерот на цар Давид?

12 Во Божјата Реч се спомнати голем број верни мажи и жени чиј пример може да го следиме и покрај тоа што биле несовршени (Евр. 6:12). Размисли за цар Давид. Јехова го нарекол „човек по моето срце“ или како што стои во еден друг превод на Библијата, „личност каква што најмногу ми се допаѓа“ (Дела 13:22). Сепак, Давид не бил совршен. Тој направил сериозни гревови. И покрај тоа, тој е добар пример за нас. Зошто? Бидејќи кога добил укор, не се правдал и не си барал изговори. Наместо тоа, тој го прифатил строгиот укор и искрено се покајал за она што го направил. Како резултат на тоа, Јехова му простил (Пс. 51:3, 4, 10-12).

13 За да извлечеме поука од примерот на Давид, би можеле да си ги поставиме следниве прашања: „Како реагирам кога ќе добијам совет? Дали брзо ги признавам грешките или, пак, си барам изговори? Дали веднаш ги обвинувам другите? Дали се трудам со сите сили да не ги повторувам грешките?“ Би можел да си поставиш слични прашања додека читаш во Библијата и за други верни мажи и жени. Дали тие се бореле со слични проблеми како твоите? Кои убави особини ги покажувале? За кого и да читаш, прашај се: „Како можам уште подобро да го следам примерот на овој верен слуга на Јехова?“

14. Како може да ни користи тоа што ќе размислуваме за добриот пример на нашите соверници?

14 Исто така, можеме многу да научиме и од нашите соверници, без разлика дали се помлади или постари. На пример, дали некој од твоето собрание верно истрајува и покрај тоа што се соочува со некоја неволја — можеби притисок од врсниците, противење од семејството или слабо здравје? Дали тоа лице има некои убави особини кои ти би сакал да ги развиеш во поголема мера? Ако размислуваш за неговиот добар пример, можеби ќе увидиш кои работи може и тебе да ти помогнат да истраеш во неволјите. Многу сме благодарни и радосни што меѓу нас има верни браќа и сестри чиј пример може да го следиме (Евр. 13:7; Јак. 1:2, 3).

РАДУВАЈ СЕ НА ОНА ШТО МОЖЕШ ДА ГО ПРАВИШ ВО СЛУЖБАТА ЗА ЈЕХОВА

15. Кој совет на апостол Павле може да ни помогне и понатаму радосно да му служиме на Јехова?

15 За да има мир и единство во собранието, секој од нас треба да го дава своето најдобро. Размисли за христијаните од првиот век. Тие имале различни дарови и задачи (1. Кор. 12:4, 7-11). Но, ова не било причина да се натпреваруваат еден со друг и да создаваат поделби. Напротив, Павле ги поттикнал сите нив да го прават она што е потребно за „да го изградуваат Христовото тело“. Тој им напишал на Ефешаните дека, кога секој поединечен дел соодветно дејствува, придонесува за растот на телото, односно собранието, „за да се изградува самото себе во љубов“ (Еф. 4:1-3, 11, 12, 16). Оние христијани што го правеле ова придонесувале да има мир и единство — нешто што и денес го гледаме во нашите собранија.

16. На што треба да бидеме решени? (Евреите 6:10).

16 Биди решен да не се споредуваш со другите. Наместо тоа, учи од Исус и труди се да ги покажуваш неговите особини. Извлекувај поуки од верните Божји слуги од минатото и од денес. Продолжи да му го даваш на Јехова своето најдобро и биди уверен дека тој не е неправеден, па да го заборави твоето дело. (Прочитај Евреите 6:10.) И понатаму радосно служи му на Јехова, имајќи на ум дека тој се радува кога гледа дека му го даваш твоето најдобро.

ПЕСНА 65 Напред!

a Сите ние може да учиме од она што другите го прават во службата за Јехова. Но има една опасност од која треба да се чуваме. Оваа статија ќе ни помогне да останеме радосни и да не се споредуваме со другите бидејќи така би можеле да се возгордееме или да се обесхрабриме.

b ОПИС НА СЛИКАТА: Како млад, еден брат служи во Бетел. Потоа служи како пионер заедно со својата жена. Подоцна, ги учи своите деца како да ја извршуваат службата. Сега е во поодминати години, но и понатаму му го дава на Јехова своето најдобро сведочејќи со писма.