Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

СТАТИЈА ЗА ПРОУЧУВАЊЕ 25

Јехова ги благословува оние што простуваат

Јехова ги благословува оние што простуваат

Како што Јехова спремно ви прости вам, така правете и вие (КОЛ. 3:13)

ПЕСНА 130 Спремно да простуваме

КРАТОК ПРЕГЛЕД *

1. Што им ветува Јехова на оние што се каат за своите гревови?

 ЈЕХОВА е наш Творец, Законодавец и Судија. Но, исто така, тој е наш небесен Татко кој многу нѐ сака (Пс. 100:3; Иса. 33:22). Кога ќе му згрешиме и искрено ќе се покаеме, тој не само што може туку и сака да ни прости (Пс. 86:5). Преку пророкот Исаија, Јехова со љубов го дал следново уверување: „Ако бидат вашите гревови како црвено платно, ќе станат бели како снег“ (Иса. 1:18).

2. Што мора да правиме ако сакаме да сме во мир со другите?

2 Бидејќи сме несовршени, сите ние кажуваме и правиме работи кои ги повредуваат другите (Јак. 3:2). Сепак, тоа не значи дека не можеме да бидеме блиски пријатели со нив. За да успееме во тоа, треба да научиме да простуваме (Изр. 17:9; 19:11; Мат. 18:21, 22). Кога некој ќе нѐ повреди во мали работи, Јехова сака да му простиме (Кол. 3:13). Имаме добра причина да го правиме тоа. Знаеме дека самиот Јехова великодушно ни простува (Иса. 55:7).

3. Што ќе разгледаме во оваа статија?

3 Во оваа статија ќе видиме како можеме ние, како несовршени луѓе, да го следиме примерот на Јехова и да им простуваме на другите. За кои гревови мораме да ги известиме старешините? Зошто Јехова нѐ поттикнува да им простуваме на другите? И што може да научиме од некои наши соверници кои многу страдале поради гревовите на другите?

КОГА ЕДЕН ХРИСТИЈАНИН ЌЕ НАПРАВИ ТЕЖОК ГРЕВ

4. а) Што мора да прави еден Божји слуга ако изврши тежок грев? б) Каква одговорност имаат старешините кога ќе разговараат со лицето што направило грев?

4 Кога некој ќе направи тежок грев, старешините мора да бидат известени за тоа. Некои такви гревови се спомнати во 1. Коринќаните 6:9, 10. Тешките гревови претставуваат сериозно кршење на Божјиот закон. Ако еден христијанин направи таков грев, мора да го моли Јехова да му прости и мора да зборува со старешините (Пс. 32:5; Јак. 5:14). Каква одговорност имаат старешините? Само Јехова има право потполно да ги прости гревовите, и тоа го прави на темел на откупната жртва на Исус Христос. * Сепак, Јехова им ја доверил на старешините одговорноста да одлучат на темел на Библијата дали некој што направил тежок грев може да остане дел од собранието (1. Кор. 5:12). За да можат да донесат исправна одлука, тие меѓу другото треба да се обидат да добијат одговор на следниве прашања: Дали лицето однапред испланирало да направи грев? Дали се обидело да го скрие гревот од другите? Дали продолжило да го прави гревот во текот на еден подолг период? Што е најважно, дали има докази дека искрено се кае? И дали има јасен доказ дека Јехова му простил? (Дела 3:19).

5. Каква корист има од она што го прават старешините?

5 Кога старешините ќе се состанат со престапникот, нивна цел е да ја донесат истата одлука што Јехова веќе ја донел за тоа лице (Мат. 18:18). Како ова му користи на собранието? Тоа го штити собранието бидејќи престапниците што не се каат се отстрануваат од него и не можат да им наштетат на Јеховините скапоцени овчички (1. Кор. 5:6, 7, 11-13; Тит 3:10, 11). Исто така, тоа може да му помогне на оној што греши да се покае и да добие простување од Јехова (Лука 5:32). Старешините се молат за оној што се кае и го молат Јехова да му помогне да си го поправи односот со него (Јак. 5:15).

6. Дали Јехова може да му прости дури и на некој што е исклучен? Објасни.

6 Што ако некој не покажува знаци на каење за време на разговорот со старешините? Во таков случај, тој ќе биде исклучен од собранието. Ако прекршил некој од законите во државата, старешините нема да го штитат од последиците. Јехова им дозволува на властите во државата да му судат и да го казнат секој што го прекршува законот, без разлика дали се кае или не (Рим. 13:4). Сепак, ако престапникот подоцна сфати дека она што го направил било погрешно, искрено се покае и го промени својот начин на размислување и на постапување, Јехова спремно ќе му прости (Лука 15:17-24). Тоа важи дури и ако тој направил многу тешки гревови (2. Лет. 33:9, 12, 13; 1. Тим. 1:15).

7. Во која смисла може да простиме некому што ни згрешил?

7 Колку сме благодарни што знаеме дека не треба ние да одлучуваме дали некој заслужува Јехова да му прости или не. Сепак, има нешто што треба ние да одлучиме. Што е тоа? Некогаш може да се случи некој да ни згреши, па дури и во голема мера, но потоа да ни се извини и да нѐ моли да му простиме. Но, може да се случи тој што ни згрешил и да не ни се извини. Дури и тогаш може да одлучиме да му простиме во таа смисла што ќе решиме да не држиме лутина. Но да бидеме реални, за тоа може да биде потребно многу време и труд, особено ако сме длабоко повредени. Во Стражарска кула од 15 септември 1994 год., пишува: „Кога му простуваме некому, не значи дека го одобруваме гревот што го направил. За нас како христијани, простувањето значи со доверба да ги оставиме работите во Јеховини раце. Тој е праведен Судија на целиот универзум и ќе ја спроведе правдата во вистинско време“. Зошто Јехова нѐ поттикнува да простуваме и да имаме доверба дека тој праведно ќе суди?

ЗОШТО ЈЕХОВА НЀ ПОТТИКНУВА ДА ПРОСТУВАМЕ

8. Како нашата спремност да простуваме покажува дека сме благодарни за милоста што Јехова ја покажува кон нас?

8 Кога простуваме, покажуваме благодарност. Во една прилика, Исус го споредил Јехова со господар кој на еден свој роб му поништил огромен долг бидејќи тој не можел да му го врати. Сепак, робот на кој му било простено не покажал милост кон друг роб кој му должел многу помала сума пари (Мат. 18:23-35). Која поука ни ја дал Исус? Ако навистина сме благодарни за огромната милост што Јехова ја покажува кон нас, ќе бидеме поттикнати да им простуваме на другите (Пс. 103:9). Многу одамна, во една Стражарска кула пишувало: „Без разлика колку многу пати им простуваме на другите, тоа никогаш не може да се спореди со тоа колку многу Јехова ни простил нам на темел на откупната жртва на Исус“.

9. Кому Јехова му покажува милост? (Матеј 6:14, 15).

9 Ако простуваме, Јехова ќе ни прости нам. Тој покажува милост кон оние што се милосрдни (Мат. 5:7; Јак. 2:13). Тоа јасно се гледа од она што Исус им го кажал на своите ученици кога ги поучил како да се молат. (Прочитај Матеј 6:14, 15.) Нешто слично учиме и од она што му го кажал Јехова на својот слуга Јов. Овој верен Божји слуга бил длабоко повреден од грубите зборови на Елифаз, Вилдад и Софар. Јехова му рекол на Јов да се моли за нив. Откако Јов го направил тоа, Јехова го благословил (Јов 42:8-10).

10. Зошто е штетно да држиме лутина? (Ефешаните 4:31, 32).

10 Ако држиме лутина, си наштетуваме себеси. Јехова сака да се ослободиме од тешкиот товар што го носи огорченоста. (Прочитај Ефешаните 4:31, 32.) Тој нѐ поттикнува да го отфрлиме гневот и да ја оставиме лутината (Пс. 37:8). Овој мудар совет може многу да ни користи. Ако држиме лутина, тоа може да му наштети на нашето физичко и ментално здравје (Изр. 14:30). Ако му се лутиме некому, тоа е исто како да пиеме отров — нема да му наштетиме нему, туку себеси. Од друга страна, кога простуваме, си правиме добро себеси (Изр. 11:17). Чувствуваме внатрешен мир и можеме да продолжиме со службата за Јехова.

11. Што вели Библијата за одмаздувањето? (Римјаните 12:19-21).

11 Одмаздата му припаѓа на Јехова. Бог не ни дал право да се одмаздиме некому што ни згрешил. (Прочитај Римјаните 12:19-21.) Поради нашето несовршено и ограничено гледиште, не сме во состојба исправно да ги процениме работите како што може Бог (Евр. 4:13). Освен тоа, понекогаш ни е тешко исправно да ги процениме работите бидејќи дозволуваме нашите чувства да влијаат врз нас. Под водство на светиот дух, Јаков напишал: „Човековиот гнев не ја донесува праведноста што ја бара Бог“ (Јак. 1:20). Можеме да бидеме сигурни дека Јехова ќе постапи праведно и дека ќе се погрижи да биде спроведена совршена правда.

Немој да држиш лутина и огорченост. Остави ги работите во Божји раце. Тој ќе ја отстрани сета штета предизвикана од гревот (види во пасус 12)

12. Како може да покажеме дека имаме доверба во Јеховината правда?

12 Кога простуваме, покажуваме дека имаме доверба во Јеховината правда. Со тоа што ги оставаме работите во Јеховини раце, покажуваме дека имаме доверба дека Јехова ќе ја поправи сета штета предизвикана од гревот. Во новиот свет, нашите емоционални лузни ќе бидат потполно избришани, бидејќи Јехова ни ветил: „Она што беше порано нема да доаѓа во сеќавање, ниту ќе се јавува во срцето“ (Иса. 65:17). Но, дали навистина е можно да не држиме лутина и огорченост кон некој што длабоко нѐ повредил? Да разгледаме како некои успеале во тоа.

КОИ БЛАГОСЛОВИ ГИ НОСИ ПРОСТУВАЊЕТО?

13-14. Што научи за простувањето од примерот на Тони и Хозе?

13 Многу наши браќа и сестри решиле да простат дури и кога биле длабоко повредени од нечии постапки. Какви благослови добиле поради тоа?

14 Многу години пред да ја запознае вистината, Тони, * кој живее на Филипините, дознал дека еден од неговите постари браќа бил убиен од еден човек по име Хозе. Во тоа време, Тони бил многу насилен човек и сакал да му се одмазди. Хозе бил уапсен и ставен во затвор поради злосторството што го извршил. Подоцна, кога Хозе бил пуштен од затвор, Тони се заколнал дека ќе го најде и ќе го убие. За таа цел набавил и пиштол. Во меѓувреме, Тони почнал да ја проучува Библијата со Јеховините сведоци. Тој вели: „Додека проучував, сфатив дека треба да се сменам како личност, а тоа значеше и повеќе да не држам лутина“. Со текот на времето, Тони се крстил и бил именуван за старешина. Замисли колку се изненадил кога дознал дека Хозе исто така станал Јеховин сведок! Кога се сретнале, тие силно се прегрнале и Тони му рекол на Хозе дека му простил. Тони вели дека тоа што му простил на Хозе му донело толку голема радост што не може да ја опише со зборови. Очигледно, Јехова го благословил Тони поради тоа што бил спремен да прости.

Од примерот на Питер и Су учиме дека можеме да се ослободиме од чувствата на лутина и огорченост (види во пасуси 15-16)

15-16. Што научи за простувањето од примерот на Питер и Су?

15 Во 1985 год., додека Питер и Су присуствувале на состанок во салата за состаноци, одеднаш се случила силна експлозија. Еден човек имал поставено бомба во салата. Су се здобила со тешки повреди кои трајно ѝ го оштетиле слухот и видот. Исто така, го изгубила чувството за мирис. * Питер и Су често се прашувале: „Како е можно човек да направи нешто толку злобно?“ Многу години подоцна, бомбашот, кој не бил Јеховин сведок, бил уапсен и осуден на доживотен затвор. Кога ги прашале дали му простиле на тој човек, Питер и Су кажале: „Јехова нѐ поучува дека, ако држиме лутина и огорченост, тоа може да ни наштети во физички, емоционален и ментален поглед. Затоа, кратко по експлозијата, го молевме Јехова да ни помогне да простиме за да можеме да продолжиме понатаму со нашиот живот“.

16 Дали им било лесно да му простат на тој човек и да не држат лутина? Не секогаш. Тие велат: „Одвреме-навреме, кога Су ќе ги почувствува последиците од повредите, повторно нѐ обзема лутина. Но, бидејќи се трудиме да не размислуваме за тоа, тие чувства брзо исчезнуваат. Всушност, можеме од срце да кажеме дека, ако бомбашот еден ден стане наш брат, ќе му изразиме добредојде“. Од ова искуство научивме дека, кога ги применуваме библиските начела, се чувствуваме вистински слободни. Всушност, тие нѐ ослободуваат на многу повеќе начини од што можеме да си замислиме. Исто така, нѐ теши тоа што знаеме дека Јехова наскоро ќе ја поправи сета штета.

17. Што научи за простувањето од примерот на Мира?

17 Да го разгледаме искуството на Мира. Кога ја дознала вистината, таа веќе била во брак и имала две мали деца. Нејзиниот маж не ја прифатил вистината. По некое време, тој извршил прељуба и го напуштил семејството. Мира вели: „Кога маж ми нѐ напушти мене и двете деца, ги имав истите чувства како многумина кои биле изневерени од својот сакан сопружник — шок, неверување, тага, жалење, чувства на вина и лутина“. Иако нивниот брак завршил, таа сѐ уште се чувствувала повредено поради тоа што нејзиниот сопруг ја изневерил. Понатаму Мира вели: „Со месеци бев вознемирена и лута, и сфатив дека моите чувства влијаат врз мојот однос со Јехова и со другите“. Мира сега вели дека не чувствува повеќе лутина кон поранешниот сопруг и не посакува да му се случи нешто лошо. Таа се надева дека и тој еден ден ќе почне да му служи на Јехова. Сега Мира повеќе не се оптоварува со минатото, туку мисли на прекрасната иднина што ни ја ветува Бог. Како самохрана мајка, таа успеала да им помогне на своите деца да станат слуги на Јехова. Мира денес е среќна што може да му служи на Бог заедно со своите деца и нивните семејства.

ЈЕХОВА Е СОВРШЕН СУДИЈА

18. Каква доверба можеме да имаме во Јехова како Врховен Судија?

18 Колку големо олеснување е тоа што знаеме дека не треба ние да одлучуваме дали некој заслужува да му биде простено или не. Како Врховен Судија, Јехова ќе се погрижи за оваа важна работа (Рим. 14:10-12). Можеме да имаме целосна доверба дека тој секогаш суди во склад со своите совршени мерила за исправно и погрешно (1. Мој. 18:25; 1. Цар. 8:32). Тој нема никогаш да направи нешто неправедно!

19. Што ќе постигне Јехова како совршен Судија?

19 Сите копнееме по времето кога Јехова целосно ќе ги отстрани последиците од човечката несовршеност и од гревот. Тогаш сите наши физички и емоционални рани ќе бидат засекогаш излечени (Пс. 72:12-14; Отк. 21:3, 4). Тие нема никогаш повеќе да ни дојдат во сеќавање. Додека го чекаме тоа прекрасно време, многу сме благодарни што Јехова ни ја дал таа способност да го следиме неговиот пример така што ќе им простуваме на другите.

ПЕСНА 18 Благодарни сме за откупнината

^ Јехова спремно им простува на оние што се каат за своите гревови. Како христијани, сакаме да го следиме неговиот пример и да им простуваме на другите кога ќе ни згрешат. Во оваа статија ќе видиме кои гревови можеме ние да им ги простиме на другите, а за кои гревови треба да ги известиме старешините. Исто така, ќе разгледаме зошто Јехова сака да си простуваме едни на други и какви благослови ќе добиеме ако го правиме тоа.

^ Види во статијата „Прашања од читателите“ која излезе во Стражарска кула од 15 април 1996.

^ Некои имиња се сменети.

^ Гледај го видеоклипот на JW Broadcasting® со наслов, Питер и Су Шулц: Трауму је могуће савладати.