Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

СТАТИЈА ЗА ПРОУЧУВАЊЕ 27

„Надевај се на Јехова“

„Надевај се на Јехова“

Надевај се на Јехова, биди храбар, и твоето срце нека биде цврсто! (ПС. 27:14)

ПЕСНА 128 Да бидеме истрајни!

КРАТОК ПРЕГЛЕД *

1. а) Каква надеж ни дал Јехова? б) Што значи да се надеваме на Јехова? (Види ја фуснотата.)

 ЈЕХОВА им дал прекрасна надеж на сите оние што го сакаат. Наскоро тој ќе им стави крај на болестите, тагата и смртта (Отк. 21:3, 4). Тој ќе им помогне на кротките кои се надеваат на него да ја претворат Земјата во рај (Пс. 37:9-11). Исто така, тој ќе му овозможи на секој од нас да има уште посрдечен и поблизок однос со него отколку што има сега. Колку прекрасна надеж е тоа! Но, зошто можеме да бидеме сигурни дека Божјите ветувања ќе се исполнат? Бидејќи Јехова секогаш си стои на зборот. Затоа имаме силна причина да се надеваме на Јехова * (Пс. 27:14). Ова го покажуваме така што стрпливо и со радост чекаме нашиот Бог да ги исполни своите ветувања (Иса. 55:10, 11).

2. Што веќе направил Јехова?

2 Јехова веќе докажал дека секогаш ги исполнува своите ветувања. Размисли за следниот впечатлив пример. Во книгата Откровение, Јехова ветил дека во нашето време тој ќе собере луѓе од секој народ, племе и јазик за да му служат обединето. Денес навистина постои таква група луѓе која во Библијата е наречена „големо мноштво“ (Отк. 7:9, 10). Иако во оваа група има мажи, жени и деца од различни раси, јазици и култури, тие сочинуваат меѓународно братство во кое владее мир (Пс. 133:1; Јован 10:16). Исто така, оние кои се дел од големото мноштво ревносно проповедаат. Тие со задоволство зборуваат со секого за својата надеж за еден подобар свет (Мат. 28:19, 20; Отк. 14:6, 7; 22:17). Ако и ти си дел од големото мноштво, сигурно и тебе многу ти значи надежта за поубава иднина.

3. Која е целта на Сатана?

3 Сатана сака да ти ја одземе надежта. Негова цел е да те убеди дека не си му важен на Јехова и дека тој нема да ги исполни своите ветувања. Ако Сатана успее да ни ја уништи надежта, ќе се обесхрабриме, па дури можеби и ќе престанеме да му служиме на Јехова. Како што ќе видиме, Ѓаволот се обидел да ја уништи надежта на Јов и така да го наведе да се откаже од Јехова.

4. Што ќе разгледаме во оваа статија? (Јов 1:9-12).

4 Во оваа статија ќе видиме како Сатана се обидел да го натера Јов да престане да му биде верен на Јехова. (Прочитај Јов 1:9-12.) Исто така, ќе видиме што можеме да научиме од примерот на Јов, и зошто е важно да бидеме уверени дека Бог нѐ сака и дека ќе ги исполни своите ветувања.

САТАНА СЕ ОБИДЕЛ ДА ГО НАВЕДЕ ЈОВ ДА ЈА ИЗГУБИ СВОЈАТА НАДЕЖ

5-6. Какви сѐ неволји доживеал Јов во еден краток период?

5 Јов имал многу убав живот. Тој бил многу близок со Јехова. Имал големо, среќно семејство и бил многу богат (Јов 1:1-5). Но, само во еден ден, Јов изгубил речиси сѐ. Прво, го изгубил целото богатство (Јов 1:13-17). Потоа, умреле сите негови деца. Размисли за момент колку голема трагедија било тоа. Родителите се скршени од болка ако им умре дури и едно од нивните деца. Затоа замисли си колкав шок, тага и очај чувствувале Јов и неговата жена кога дознале дека сите десет деца им загинале. Не е ни чудно што Јов од жал си ја раскинал облеката и паднал на земја (Јов 1:18-20).

6 Потоа Сатана му нанел на Јов една мачна и одвратна болест (Јов 2:6-8; 7:5). Пред да почнат неволјите на Јов, луѓето многу го почитувале и доаѓале кај него за помош и за совет (Јов 31:18). Но сега го избегнувале. Го отфрлиле неговите браќа, неговите блиски пријатели, па дури и неговите слуги (Јов 19:13, 14, 16).

Многу браќа и сестри денес доживеале слични неволји како Јов (види во пасус 7) *

7. а) Што мислел Јов за тоа која е причината за неговото страдање, но што не сакал да направи? б) Како би можел денес еден Божји слуга да доживее нешто слично како она што е прикажано на сликата?

7 Сатана сакал Јов да верува дека ги доживува тие неволји затоа што ја изгубил Јеховината наклоност. На пример, Сатана употребил силен ветар за да ја урне куќата во која сите десет деца на Јов јаделе и се дружеле (Јов 1:18, 19). Исто така, тој предизвикал да падне оган од небото кој ги уништил стадата на Јов заедно со слугите кои се грижеле за нив (Јов 1:16). Ветерот и огнот очигледно не биле некоја обична природна појава, и затоа Јов заклучил дека Јехова ги предизвикал тие работи. Поради тоа, Јов верувал дека со некоја своја постапка го налутил Јехова. И покрај тоа, Јов не сакал да го проколне својот небесен Татко. Тој признал дека низ годините добивал многу благослови од Јехова. Затоа си мислел дека, ако ги прифатил добрите работи, треба да биде спремен да ги прифати и лошите. Поради тоа рекол: „Нека биде благословено името Јеховино“ (Јов 1:20, 21; 2:10). Јов му останал верен на Јехова и покрај сите финансиски, емоционални и здравствени тешкотии што ги доживеал. Но Сатана сѐ уште не се откажал од својата намера.

8. Што друго се обидел Сатана да му направи на Јов?

8 На крај, Сатана се обидел да му наметне на Јов чувство на безвредност. За таа цел, тој употребил тројца лажни пријатели на Јов. Тие тврделе дека Јов ги доживеал неволјите затоа што направил многу гревови (Јов 22:5-9). Исто така, го убедувале дека сеедно колку добри работи направил, сето тоа нема никаква вредност во Божји очи (Јов 4:18; 22:2, 3; 25:4). Всушност, тие сакале да го наведат Јов да верува дека Бог не го сака, дека не се грижи за него и дека залудно му служи. Нивните зборови можеле да предизвикаат чувство на безнадежност кај Јов.

9. Што му помогнало на Јов да биде храбар и силен?

9 Замисли ја следнава ситуација. Поради својата голема жалост, Јов седи во пепелта. Освен тоа, има постојани болки (Јов 2:8). Неговите лажни пријатели немилосрдно го обвинуваат дека не е добар човек и му велат дека сѐ што направил во животот нема никаква вредност. Тој чувствува голем притисок поради неволјите, а во исто време срцето му се кине од тага поради своите деца. Отпрвин, Јов молчи (Јов 2:13—3:1). Ако овие лажни пријатели мислат дека молкот на Јов значи дека ќе се откаже од својот Творец, тогаш се во голема заблуда. Во еден момент, можеби кревајќи ја главата и погледнувајќи во лажните пријатели, Јов вели: „Сѐ додека дишам, нема да отстапам од својата непорочност!“ (Јов 27:5). Што му помогнало на Јов да биде толку храбар и силен и покрај сите страдања? Дури и кога му било најтешко, тој не изгубил надеж дека неговиот грижлив Бог ќе му помогне. Јов знаел дека, дури и ако умре, Јехова ќе го воскресне (Јов 14:13-15).

КАКО МОЖЕМЕ ДА ГО СЛЕДИМЕ ПРИМЕРОТ НА ЈОВ?

10. Што учиме од извештајот за Јов?

10 Од извештајот за Јов учиме дека Сатана не може да нѐ присили да се откажеме од Јехова и дека Јехова е свесен за сѐ што ни се случува. Исто така, од она што го доживеал Јов можеме да извлечеме и други поуки. Да разгледаме некои од нив.

11. Во што можеме да бидеме сигурни ако продолжиме да имаме доверба во Јехова? (Јаков 4:7).

11 Јов докажал дека, ако продолжиме да имаме доверба во Јехова, можеме да истраеме и покрај секоја неволја и можеме успешно да му се спротивставиме на Сатана. Кој ќе биде резултатот од тоа? Библијата нѐ уверува дека Ѓаволот ќе побегне од нас. (Прочитај Јаков 4:7.)

12. Како надежта во воскресение му помогнала на Јов да истрае?

12 Мора да имаме цврста вера во надежта за воскресение. Како што беше спомнато во претходната статија, Сатана честопати го користи стравот од смртта за да нѐ наведе да се откажеме од Јехова. Во случајот со Јов, Сатана тврдел дека Јов би направил сѐ за да си го спаси својот живот, па дури и дека би престанал да му служи на Јехова. Но, Сатана не бил во право. Дури и кога си помислил дека ќе умре, Јов му останал верен на Јехова. Што му дало сила да истрае? Тоа што имал доверба во Јеховината добрина и силна надеж дека Јехова на крајот ќе ги исправи работите. Јов имал вера дека, ако Јехова не го избави од неволјите додека е жив, ќе го воскресне во иднина. Јов ни најмалку не се сомневал дека ќе има воскресение. Ако и ние сме потполно сигурни во таа надеж, нема да се откажеме од Јехова дури и по цена на нашиот живот.

13. Зошто треба да обрнеме посебно внимание на тоа како Сатана се обидел да ја скрши верноста на Јов?

13 Мора да обрнеме посебно внимание на тоа како Сатана се обидел да ја скрши верноста на Јов, бидејќи тој користи слични методи и против нас денес. Забележи какво обвинение покренал Сатана: „Човекот [а не само Јов] ќе даде сѐ што има за својата душа“ (Јов 2:4, 5). Значи, Сатана тврди дека ние, всушност, не го сакаме Јехова Бог и дека ќе му свртиме грб ако ни е загрозен животот. Освен тоа, Сатана тврди дека Бог не нѐ сака и дека не му е важно она што го правиме за него. Бидејќи знаеме што сака да постигне Сатана, ние не веруваме во неговите лаги.

14. Што можеме да дознаеме за самите себе од неволјите што ги доживуваме? Наведи пример.

14 На неволјите треба да гледаме како на можност да дознаеме нешто повеќе за себе. Неволјите што ги доживеал, му помогнале на Јов да открие некои свои слабости и да ги поправи. На пример, сфатил дека му е потребна поголема понизност (Јов 42:3). И ние можеме да дознаеме многу за самите себе кога минуваме низ некоја неволја. Еден брат по име Николај *‚ кој бил ставен во затвор и покрај неговото слабо здравје, вели: „Затворот е како рендгенска снимка која покажува какви особини има еден христијанин“. Кога ќе станеме свесни за нашите слабости, ќе можеме да работиме на нив.

15. Кого треба да го слушаме, и зошто?

15 Ние треба да го слушаме Јехова, а не нашите непријатели. Јов внимателно слушал додека Јехова му зборувал. Во кратки црти, Бог како да му рекол: „Кога го гледаш сето она што сум го создал, зарем не сфаќаш колкава моќ имам? Потполно сум свесен за сѐ што ти се случи. Зарем мислиш дека не можам да ти помогнам?“ Со начинот на кој одговорил, Јов покажал понизност и длабоко ценење за Јеховината добрина. Тој рекол: „Досега те знаев од слушање, но сега моето око те гледа“ (Јов 42:5). Кога ги кажал тие зборови, Јов веројатно сѐ уште седел во пепелта, телото сѐ уште му било прекриено со чиреви, а децата му биле во гроб. Сепак, Јехова го уверил Јов дека го сака и дека ја има неговата наклоност (Јов 42:7, 8).

16. Според Исаија 49:15, 16, што треба да имаме на ум кога се соочуваме со неволји?

16 Денес некои луѓе исто така нѐ навредуваат и се однесуваат со нас како да сме безвредни. Тие шират лаги за нас како поединци и како организација, и ни „припишуваат секакви зла“ (Мат. 5:11). Од извештајот за Јов учиме дека Јехова има доверба во нас дека ќе му останеме верни кога ќе се соочиме со неволји. Јехова нѐ сака и никогаш нема да ги напушти оние што се надеваат на него. (Прочитај Исаија 49:15, 16.) Не им обрнувај внимание на клеветите што ги кажуваат Божјите непријатели! Џејмс, еден брат од Турција, чие семејство претрпело големи неволји, вели: „Сфативме дека ќе се обесхрабриме ако ги слушаме лагите што некои ги шират за Божјиот народ. Затоа постојано мислевме на нашата надеж за новиот свет и останавме зафатени во службата за Јехова. Така ја зачувавме нашата радост“. Исто како Јов, и ние го слушаме Јехова! Не дозволуваме поради лагите на нашите непријатели да згасне нашата надеж.

ТВОЈАТА НАДЕЖ ЌЕ ТИ ДАДЕ СИЛА

Јехова го наградил Јов за неговата верност. Тој и неговата жена имале долг и среќен живот (види во пасус 17) *

17. Што учиш од верните Божји слуги кои се спомнати во Евреите поглавје 11?

17 Јов е само еден од слугите на Јехова кои останале храбри и цврсти и покрај тоа што доживеале тешки неволји. Во своето писмо до Евреите, апостол Павле зборува за многу други кои ги нарекува „голем облак од сведоци“ (Евр. 12:1). Сите тие доживеале тешки неволји но, сепак, му останале верни на Јехова во текот на целиот свој живот (Евр. 11:36-40). Дали нивната истрајност и нивниот труд биле залудни? Ни најмалку! Иако не го виделе исполнувањето на сите Божји ветувања додека биле живи, тие сепак продолжиле да се надеваат на Јехова. И, бидејќи биле сигурни дека ја имаат Јеховината наклоност, тие биле уверени дека ќе го видат исполнувањето на ветувањата (Евр. 11:4, 5). Нивниот пример може да ја зајакне нашата решеност да продолжиме да се надеваме на Јехова.

18. Што си решен да правиш? (Евреите 11:6).

18 Живееме во свет во кој работите одат од лошо на полошо (2. Тим. 3:13). Сатана и понатаму го искушува Божјиот народ. Без разлика какви тешкотии ни претстојат, да бидеме решени да даваме сѐ од себе во службата за Јехова „бидејќи се надеваме на живиот Бог“ (1. Тим. 4:10). Не заборавај како Јехова го наградил Јов. Од тоа се гледа дека нашиот Бог е „полн со сочувство и милосрден“ (Јак. 5:11). Затоа, да му останеме верни на Јехова, уверени дека тој ги наградува „оние што ревносно го бараат“. (Прочитај Евреите 11:6.)

ПЕСНА 150 Да го бараме Бог, нашиот моќен Спасител

^ Кога станува збор за некој што доживеал тешки неволји, честопати помислуваме на Јов. Што можеме да научиме од она што го доживеал тој верен Божји слуга? Учиме дека Сатана не може да нѐ натера да се откажеме од Јехова. Исто така, учиме дека Јехова секогаш знае низ што минуваме. И, исто како што им ставил крај на неволјите на Јов, еден ден Јехова ќе им стави крај и на сите наши неволји. Ако од нашите постапки се гледа дека сме потполно уверени во овие факти, тогаш ќе покажеме дека и ние вистински се надеваме на Јехова.

^ ПОЈАСНУВАЊЕ: Хебрејскиот збор преведен со изразот „надевај се“ во основа значи желно да исчекуваш нешто. Тој збор исто така ја пренесува мислата да имаме доверба во некого или да се потпираме на него (Пс. 25:2, 3; 62:5).

^ Некои имиња се сменети.

^ ОПИС НА СЛИКАТА: Јов и неговата жена доживеале голема трагедија кога им загинале децата.

^ ОПИС НА СЛИКАТА: Јов му останал верен на Бог до крајот на неволјите. Тој и неговата жена размислуваат за благословите што Јехова им ги дал ним и на нивното семејство.