Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

СТАТИЈА ЗА ПРОУЧУВАЊЕ 37

Можеш да имаш доверба во твоите браќа

Можеш да имаш доверба во твоите браќа

Љубовта сѐ верува, на сѐ се надева (1. КОР. 13:4, 7)

ПЕСНА 124 Секогаш да бидеме верни!

КРАТОК ПРЕГЛЕД *

1. Зошто не сме изненадени дека на многумина денес им е тешко да имаат доверба во другите?

 ЛУЃЕТО во светот на Сатана не знаат во кого можат да имаат доверба. Тие постојано се разочаруваат од однесувањето на бизнисмените, политичарите и верските водачи. Исто така, на многумина им е тешко да имаат доверба во своите пријатели, соседи, па дури и во членовите на своето семејство. Ова не треба да нѐ изненади. Во Библијата е проречено: „Во последните денови... луѓето ќе бидат... нелојални... клеветници... предавници“. Со други зборови, проречено е дека луѓето денес ќе ги одразуваат особините на Сатана, богот на овој свет, во кого воопшто не може да се има доверба (2. Тим. 3:1-4; 2. Кор. 4:4).

2. а) Во кого можеме да имаме целосна доверба? б) Што се прашуваат некои?

2 Како христијани, знаеме дека можеме да имаме целосна доверба во Јехова (Ерем. 17:7, 8). Уверени сме дека тој нѐ сака и дека никогаш нема да ги остави своите пријатели (Пс. 9:10). Исто така, можеме да имаме доверба во Исус Христос бидејќи тој го дал својот живот за нас (1. Пет. 3:18). И од лично искуство знаеме дека Библијата содржи совети на кои можеме да се потпреме (2. Тим. 3:16, 17). Сигурни сме дека можеме да имаме доверба во Јехова, во Исус и во Библијата. Но некои можеби се прашуваат дали можат секогаш да имаат доверба во своите духовни браќа и сестри. Ако одговорот е да, тогаш зошто можеме да имаме доверба во нив?

НАМ НИ СЕ ПОТРЕБНИ БРАЌАТА И СЕСТРИТЕ

Низ целиот свет имаме браќа и сестри кои, исто како нас, го сакаат Јехова и се достојни за доверба (види во пасус 3)

3. Каква огромна чест имаме? (Марко 10:29, 30).

3 Јеховините слуги сочинуваат едно меѓународно семејство. Голема чест е што Јехова нѐ избрал да бидеме дел од тоа семејство, и тоа ни носи многу благослови! (Прочитај Марко 10:29, 30.) Низ целиот свет имаме браќа и сестри кои, исто како нас, го сакаат Јехова и даваат сѐ од себе за да живеат според неговите мерила. Нашиот јазик, култура и облекување можеби се разликуваат од нивните, но сепак се чувствуваме блиски со нив, дури и кога за прв пат ќе се сретнеме. Особено сакаме да бидеме со нив за да можеме заеднички да го славиме и да го обожаваме нашиот грижлив небесен Татко (Пс. 133:1).

4. Зошто ни се потребни нашите браќа и сестри?

4 Сега, повеќе од кога и да било порано, треба да останеме обединети со нашите браќа и сестри. Понекогаш, тие ни помагаат да го носиме товарот што го чувствуваме поради нашите проблеми (Рим. 15:1; Гал. 6:2). Исто така, нѐ поттикнуваат и понатаму да го даваме нашето најдобро во службата за Јехова и да останеме блиски со него (1. Сол. 5:11; Евр. 10:23-25). Замисли како би се чувствувале кога би ја немале поддршката на собранието во борбата против нашите заеднички непријатели — Сатана Ѓаволот и неговиот злобен свет. Сатана и оние што се под негова власт наскоро ќе ги нападнат Божјите слуги. Колку ќе бидеме благодарни што нашите браќа и сестри тогаш ќе бидат покрај нас!

5. Зошто на некои им е тешко да имаат доверба во своите браќа и сестри?

5 Меѓутоа, на некои им е тешко да имаат доверба во браќата и сестрите, можеби затоа што некој соверник ја изневерил нивната доверба или не одржал некое свое ветување. Или, пак, можеби некој од собранието направил или кажал нешто што длабоко ги повредило. Ако и ние сме доживеале нешто слично, што може да ни помогне да стекнеме доверба во нашите соверници?

ЉУБОВТА НИ ПОМАГА ДА ИМАМЕ ДОВЕРБА ВО НАШИТЕ БРАЌА

6. Како може љубовта да ни помогне да имаме доверба во другите? (1. Коринќаните 13:4, 8).

6 Љубовта е темелот за да имаме доверба во другите. Во 1. Коринќаните поглавје 13, се наведени многу обележја на љубовта кои можат да ни помогнат да стекнеме доверба или да си ја вратиме довербата во другите. (Прочитај 1. Коринќаните 13:4-8.) На пример, во стих 4 пишува дека „љубовта е долготрпелива и љубезна“. Јехова е стрплив со нас дури и кога му грешиме. Значи, мораме и ние да бидеме стрпливи со нашите браќа кога кажуваат или прават работи кои нѐ нервираат или нѐ повредуваат. Во стих 5 пишува: „[Љубовта] не се раздразнува, не го памти злото“. Според тоа, љубовта нѐ поттикнува да не го памтиме злото или, така да се каже, да не водиме евиденција за сите грешки што ги направиле другите. Во Проповедник 7:9 пишува: „Немој брзо да се навредуваш“. Наместо тоа, многу подобро е да го примениме советот од Ефешаните 4:26: „Сонцето да не зајде, а вие сѐ уште да чувствувате лутина“.

7. Како начелата од Матеј 7:1-5, ни помагаат да имаме доверба во другите?

7 Друго нешто што може да ни помогне да стекнеме доверба во браќата и сестрите е да гледаме на нив како што гледа Јехова. Бог многу ги сака. Тој не води евиденција за нивните гревови, и затоа не треба ниту ние да го правиме тоа (Пс. 130:3). Наместо да се концентрираме на нивните слабости, треба да се трудиме да ги забележуваме нивните убави особини и да размислуваме за тоа какви личности би можеле да станат во иднина. (Прочитај Матеј 7:1-5.) Љубовта „сѐ верува“, и затоа не им припишуваме лоши мотиви на нашите браќа (1. Кор. 13:7). Се разбира, ова не значи дека Јехова очекува слепо да им веруваме на другите. Напротив, тој очекува да им веруваме бидејќи покажале дека се достојни за доверба. *

8. Како можеш да стекнеш доверба во твоите браќа?

8 Довербата, исто како и почитта, треба да се заслужи, а за тоа е потребно време. Како можеш да стекнеш доверба во твоите браќа? Труди се добро да ги запознаеш. Разговарај со нив на собраниските состаноци. Оди заедно со нив во службата на проповедање. Биди стрплив со нив и дај им можност да покажат дека се достојни за доверба. На почетокот, најверојатно нема да му ги откриеш сите твои лични работи на некој кој штотуку си почнал да го запознаваш. Како што станувате поблиски, можеби ќе се чувствуваш послободен да зборуваш отворено за твоите чувства со него (Лука 16:10). Но, што ако некој брат или сестра ја изневери твојата доверба? Немој веднаш да кренеш раце од него. Наместо тоа, биди стрплив со него. И не дозволувај поради постапките на неколкумина да ја изгубиш довербата во сите твои браќа и сестри. Во врска со ова, да го разгледаме примерот на некои верни слуги на Јехова кои, и покрај тоа што некој ги разочарал, продолжиле да имаат доверба во другите.

УЧИ ОД ОНИЕ ШТО НЕ ЈА ИЗГУБИЛЕ ДОВЕРБАТА ВО ДРУГИТЕ

И покрај тоа што Илиј погрешно ја проценил, Ана и понатаму имала доверба во Јехова и во луѓето кои тој ги користел за да се грижи за својот народ (види во пасус 9)

9. а) Како Ана покажала дека има доверба во Јехова и покрај грешките на некои од неговите претставници? б) Што учиш од примерот на Ана за тоа дека треба да имаме доверба во луѓето кои Јехова ги поставил да се грижат за неговиот народ? (Види ја сликата.)

9 Дали некогаш си бил разочаран поради постапките на некој брат што има одговорности во организацијата? Ако да, тогаш може да ти помогне примерот на Ана кој е запишан во Библијата. Во тоа време, првосвештеникот Илиј ги предводел Израелците во обожавањето на Јехова. Но, членовите на неговото семејство воопшто не биле добар пример за другите. Неговите синови, кои биле свештеници, правеле неморал и други бесрамни работи. Сепак, нивниот татко не презел речиси ништо за да ги исправи. Јехова не го отстранил Илиј веднаш од положбата на првосвештеник. И покрај тоа, Ана не престанала да го обожава Јехова во светиот шатор иако Илиј сѐ уште служел таму. Во една прилика, кога Ана била многу разочарана и сесрдно му се молела на Јехова, Илиј погрешно заклучил дека таа е пијана. Тој ја искритикувал без да ги испита фактите (1. Сам. 1:12-16). Ана се заветувала дека, ако добие син, ќе му го даде на Јехова. Таа била спремна да го исполни својот завет, иако тоа значело дека Илиј ќе се грижел за нејзиниот син во светиот шатор (1. Сам. 1:11). Дали ситуацијата со синовите на Илиј требало да биде расчистена? Да, и Јехова навистина ги казнил во свое време (1. Сам. 4:17). Во меѓувреме, Јехова ја благословил Ана. Таа родила син, Самоил (1. Сам. 1:17-20).

10. Што покажува дека цар Давид не ја изгубил довербата во другите и покрај тоа што некои го изневериле?

10 Дали некогаш те изневерил некој твој близок пријател? Ако да, тогаш размисли за примерот на цар Давид. Еден од неговите пријатели бил Ахитофел. Но кога Авесалом, синот на Давид, се обидел да му го одземе престолот на својот татко, Ахитофел му се придружил на Авесалом во побуната. Сигурно ова било голем удар за Давид. Во ист момент ја изгубил поддршката и од својот син и од човекот што го сметал за свој близок пријател. Сепак, Давид не дозволил поради ова предавство да ја изгуби довербата во другите. Тој и понатаму имал доверба во Хусај, еден негов верен пријател, кој не застанал на страната на бунтовниците. Довербата на Давид не била залудна. Од извештајот понатаму се гледа дека Хусај му бил вистински пријател на Давид, па дури и го ризикувал својот живот за да му помогне (2. Сам. 17:1-16).

11. Како еден од слугите на Навал покажал дека има доверба во Авигеја?

11 Да го разгледаме примерот и на еден од слугите на Навал. Иако не биле должни да го сторат тоа, Давид и неговите луѓе ги штителе слугите на Израелецот Навал. По некое време, Давид го замолил богатиот Навал да им даде нешто за јадење нему и на неговите луѓе. Кога Навал го одбил ова скромно барање, Давид толку се разгневил што решил да го убие секое машко од домот на Навал. Еден слуга ја известил за тоа Авигеја, жената на Навал. Бидејќи бил дел од тоа домаќинство, тој знаел дека Авигеја може да му го спаси животот. Наместо да побегне, овој слуга имал доверба дека Авигеја ќе преземе нешто за да ја поправи ситуацијата. Тој имал доверба во неа затоа што таа била позната како мудра жена. Она што се случило подоцна покажало дека таквата доверба била оправдана. Авигеја постапила храбро и го разубедила Давид да не го направи тоа што го планирал (1. Сам. 25:2-35). Таа имала доверба дека Давид ќе постапи разумно.

12. Како Исус покажал дека има доверба во неговите ученици и покрај нивните грешки?

12 Исус имал доверба во своите ученици и покрај нивните грешки (Јован 15:15, 16). Кога Јаков и Јован побарале од Исус да им даде посебна положба во Царството, Исус не ги довел во прашање нивните мотиви зошто му служат на Јехова, ниту пак ги отфрлил како апостоли (Мар. 10:35-40). Подоцна, истата ноќ кога Исус бил уапсен, сите негови ученици го напуштиле (Мат. 26:56). Сепак, Исус никогаш не изгубил доверба во нив. Тој добро ги знаел нивните слабости, но и покрај тоа ги сакал „до крај“ (Јован 13:1). Откако воскреснал, Исус дури им ја доверил на своите 11 верни апостоли важната одговорност да предводат во делото на проповедање и да се грижат за неговите скапоцени овчички (Мат. 28:19, 20; Јован 21:15-17). Неговата доверба во овие несовршени мажи не била залудна. Сите тие верно му служеле на Јехова до крајот на својот живот на Земјата. Навистина, Ана, Давид, слугата на Навал, Авигеја и Исус ни дале одличен пример за тоа дека можеме да имаме доверба во несовршени луѓе.

КАКО МОЖЕМЕ ПОВТОРНО ДА СТЕКНЕМЕ ДОВЕРБА ВО ДРУГИТЕ

13. Што може да ни отежни да имаме доверба во другите?

13 Дали некогаш ти се случило да му кажеш нешто на некој брат во доверба, а потоа да дознаеш дека тој му кажал на некој друг за тоа? Тоа може многу да нѐ разочара. Еднаш, една сестра му се доверила на еден старешина за некои лични работи. Следниот ден, сопругата на старешината ѝ се јавила на сестрата за да ја охрабри, очигледно бидејќи знаела што му било кажано во доверба. Сосема е разбирливо што довербата на сестрата во тој старешина била разнишана. Но, пофално е што таа сестра побарала помош во врска со тоа. Таа разговарала со друг старешина, и тој ѝ помогнал повторно да стекне доверба во старешините.

14. Што му помогнало на еден брат повторно да стекне доверба во двајца старешини?

14 Еден брат долго време им се лутел на двајца старешини во кои ја изгубил довербата. Меѓутоа, тој почнал да размислува за нешто што го кажал еден брат кого многу го почитувал. Овој брат кажал една едноставна, но многу длабока мисла: „Сатана е нашиот непријател, а не браќата“. Братот многу размислувал за оваа изјава и го молел Јехова за помош. Со текот на времето, успеал да се помири со двајцата старешини.

15. Зошто понекогаш е потребно време за да се врати изгубената доверба? Наведи пример.

15 Дали некогаш ти била одземена некоја одговорност или задача? Тоа може многу да боли. Грете и нејзината мајка верно му служеле на Јехова во нацистичка Германија во текот на 1930-тите, кога нашето дело било забрането. Грете се радувала што можела да прави копии од Стражарска кула за нејзините соверници. Но кога браќата дознале дека татко ѝ се противи на вистината, тие ѝ ја одзеле таа задача, бидејќи се плашеле дека тој ќе ги предаде браќата на противниците. Но тоа не бил единствениот проблем со кој се соочила. Додека траела Втората светска војна, браќата не им давале на Грете и на мајка ѝ примероци од списанијата и не зборувале со нив кога ќе ги сретнеле на улица. Тоа им нанело огромна болка. Грете била толку повредена што рекла дека ѝ требало долго време за да им прости на овие браќа и повторно да стекне доверба во нив. Но, со текот на времето, таа сфатила дека Јехова сигурно им простил, и затоа треба и таа да го стори истото. *

„Сатана е нашиот непријател, а не браќата“

16. Ако сме ја изгубиле довербата во браќата и сестрите, зошто е важно повторно да ја стекнеме?

16 Ако и ти си доживеал слично разочарување, труди се повторно да стекнеш доверба во другите. Можеби ќе биде потребно време за тоа, но трудот ќе ти се исплати. На пример, ако некогаш сме имале труење со храна, веројатно повеќе ќе внимаваме што јадеме. Но сепак, нема поради тоа да престанеме да јадеме. Слично на тоа, не треба да дозволиме поради едно лошо искуство да ја изгубиме довербата во сите наши браќа и сестри, за кои знаеме дека се несовршени. Ако си ја вратиме довербата во другите, ќе бидеме посреќни и ќе можеме повеќе да се концентрираме на тоа како можеме ние да придонесеме за меѓусебната доверба во собранието.

17. Зошто е важно да имаме доверба во другите, и што ќе разгледаме во следната статија?

17 Во светот на Сатана, луѓето општо земено немаат доверба едни во други. Но во нашето меѓународно братство владее меѓусебна доверба затоа што се сакаме едни со други. Таквата доверба ни помага да бидеме радосни и обединети сега, а ќе ни служи и како заштита во тешкото време што ни претстои. Но, што ако некој ја изневерил твојата доверба? Труди се да гледаш на работите од Јеховина гледна точка, применувај ги библиските начела, продлабочувај ја љубовта кон браќата и учи од библиските примери. Ние можеме да се избориме со повредените чувства и повторно да стекнеме доверба во другите. Така ќе можеме да имаме безброј пријатели кои ни се „поприврзани од брат“ (Изр. 18:24). Меѓутоа, довербата е двонасочна. Затоа, во следната статија ќе разгледаме што можеме да направиме за браќата да имаат доверба во нас.

ПЕСНА 99 Стотици илјади браќа

^ Многу е важно да имаме доверба во нашите браќа. Но тоа не е секогаш лесно бидејќи тие можат понекогаш да нѐ разочараат. Во оваа статија ќе разгледаме некои библиски начела кои би можеле да ги применуваме и некои примери од минатото за кои би можеле да размислуваме. Ова ќе ни помогне да си ја зајакнеме довербата во нашите браќа и сестри или повторно да стекнеме доверба во нив ако тие нѐ разочарале.

^ Библијата предупредува дека некои во собранието можеби не се достојни за нашата доверба (Јуда 4). Во ретки случаи, некои лажни браќа можеби ќе се обидат да ги заведат другите така што ќе изнесуваат „искривени учења“ (Дела 20:30). Ние сме решени да не им веруваме на таквите поединци, ниту пак да ги слушаме.

^ Повеќе информации во врска со искуството на Грете може да се најдат во Годишникот на Јеховините сведоци за 1974, стр. 129-131 (англ.).