Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Прашања од читателите

Прашања од читателите

На што мислел апостол Павле кога за себеси рекол дека се родил предвреме? (1. Коринќаните 15:8).

Според 1. Коринќаните 15:8, Павле рекол: „По сите најпосле ми се појави и мене, што ми беше како предвреме да сум се родил“. Тука Павле зборувал за она што го доживеал кога Исус му се покажал во видение во небесна слава. Но, на што мислел кога рекол дека се „родил предвреме“? Порано сметавме дека тоа било како да му била укажана чест да се роди — или да воскресне — како духовно суштество предвреме, односно со векови пред да започне таквото воскресение. Сепак, откако уште потемелно го проучивме овој стих, сфативме дека е потребно да направиме појаснување на нашето разбирање.

Тогаш, на што мислел Павле кога рекол дека се родил предвреме? Има неколку можности.

Неговото преобраќање било неочекувано и непријатно. Едно предвремено раѓање честопати доаѓа неочекувано. Додека патувал за Дамаск за да ги прогонува христијаните, Савле, кој подоцна станал познат како Павле, не очекувал во видение да му се покаже воскреснатиот Исус. Преобраќањето на Павле не било изненадување само за него туку и за христијаните кои планирал да ги прогонува во тој град. Освен тоа, она што го доживеал Павле било непријатно за него бидејќи привремено го изгубил својот вид (Дела 9:1-9, 17-19).

Неговото преобраќање се случило во „погрешно време“. Изворниот грчки збор кој тука е преведен со „предвремено роден“ може да се преведе и како „роден во погрешно време“. Во еден превод на Библијата, овој дел од стихот гласи: „Како да сум се родил кога никој не очекуваше“ (The Jerusalem Bible). Кога Павле се преобратил, Исус веќе бил вратен на небото. За разлика од оние кои Павле ги спомнал во претходните стихови, тој не го видел воскреснатиот Исус пред неговото вознесување на небото (1. Кор. 15:4-8). Тоа што Исус неочекувано му се појавил му дало можност на Павле да го види Исус откако воскреснал, иако се чинело дека е во „погрешно време“, односно кога другите не очекувале.

Тој зборувал скромно за себеси. Според некои изучувачи, изразот што Павле го користи тука може да има негативно значење, односно да укажува на потценување. Доколку го имал тоа значење на ум, Павле признал дека не заслужува да биде апостол. Всушност, тој рекол: „Јас сум најмал од апостолите и не сум достоен да се наречам апостол, бидејќи го прогонував Божјето собрание. Но преку Божјата незаслужена доброта јас сум она што сум“ (1. Кор. 15:9, 10).

Значи, Павле можеби мислел на неочекуваниот начин на кој му се појавил Исус, на неговото преобраќање кое се случило во неочекувано време или на фактот дека не бил достоен да добие такво впечатливо откровение. Како и да е, Павле очигледно многу го ценел она што го доживеал. Тоа го уверило дека Исус воскреснал од мртвите. Не нѐ изненадува тоа што Павле честопати укажувал на оваа неочекувана случка кога им проповедал на другите за воскресението на Исус (Дела 22:6-11; 26:13-18).