Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

СТАТИЈА ЗА ПРОУЧУВАЊЕ 9

Цени го животот како подарок од Бог

Цени го животот како подарок од Бог

Преку него имаме живот и се движиме и постоиме (ДЕЛА 17:28)

ПЕСНА 141 Животот — чудесен Божји дар

КРАТОК ПРЕГЛЕД a

1. Колкава вредност има нашиот живот во очите на Јехова?

 ЗАМИСЛИ СИ дека некој пријател ти дал една стара уметничка слика од непроценлива вредност — вистинско ремек дело. Бојата ѝ е малку избледена, а има и дамки и пукнатини. И покрај тие недостатоци, сликата вреди милиони долари. Сигурно многу ќе го цениш тоа уметничко дело и ќе правиш сѐ за да го заштитиш. Слично на тоа, Јехова ни дал еден скапоцен подарок — нашиот живот. Всушност, Јехова покажал колку многу го цени нашиот живот со тоа што го дал својот Син како откупнина за нас (Јован 3:16).

2. Според 2. Коринќаните 7:1, што очекува Јехова од нас?

2 Јехова е изворот на животот (Пс. 36:9). Апостол Павле ја потврдил оваа вистина кога рекол: „Преку него имаме живот и се движиме и постоиме“ (Дела 17:25, 28). Затоа, соодветно е да кажеме дека нашиот живот е подарок од Бог. Тој со љубов ни дава сѐ што ни е потребно за да нѐ одржува во живот (Дела 14:15-17). Но, Јехова не прави чуда за да ни го зачува животот. Наместо тоа, тој очекува да се грижиме за нашето физичко и духовно здравје најдобро што можеме. (Прочитај 2. Коринќаните 7:1.) Зошто треба да дадеме сѐ од себе за да си ги чуваме животот и здравјето, и како може да го правиме тоа?

ЦЕНИ ГО ЖИВОТОТ

3. Која е една причина зошто треба да си го чуваме здравјето?

3 Една причина зошто треба да си го чуваме здравјето е за да му служиме на Јехова најдобро што можеме (Мар. 12:30). Ние сакаме да ги дадеме нашите „тела како жртва жива, света, прифатлива за Бог“, и затоа не правиме работи за кои знаеме дека ќе му наштетат на нашето здравје (Рим. 12:1). Секако, колку и да се трудиме да си го зачуваме здравјето, тоа не е гаранција дека никогаш нема да се разболиме. Но, правиме сѐ што можеме затоа што сакаме да му покажеме на нашиот небесен Татко дека го цениме животот што тој ни го дал.

4. Каква желба имал цар Давид?

4 Цар Давид објаснил зошто го цени животот со следниве зборови: „Каква е користа од мојата крв кога ќе отидам во гробната јама? Ќе те фали ли правта? Ќе зборува ли таа за твојата вистинољубивост?“ (Пс. 30:9). Давид можеби ги напишал овие зборови при крајот на својот живот. Сепак, од нив се гледа дека тој имал силна желба да продолжи да живее и да има добро здравје што е можно подолго за да може да го слави Јехова. Без сомнение, секој од нас го посакува истото.

5. Без разлика колку сме стари или болни, што може да правиме?

5 Поради болест или старост, можеби не можеме да правиме многу работи што сме ги правеле порано. Како резултат на тоа, можеби се чувствуваме разочарано и тажно. Но, никогаш не треба да престанеме да се грижиме за нашето здравје. Зошто? Бидејќи, без разлика колку сме стари или болни, сѐ уште можеме да го славиме Јехова како што правел цар Давид. Колку е утешно што знаеме дека сме скапоцени за нашиот Бог и покрај нашата несовршеност! (Мат. 10:29-31). Освен тоа, дури и ако се случи да умреме, тој ќе копнее да нѐ воскресне (Јов 14:14, 15). Сѐ додека сме живи, сакаме да правиме сѐ што можеме за да ги чуваме нашиот живот и нашето здравје.

ЧУВАЈ СЕ ОД ШТЕТНИ НАВИКИ

6. Што очекува Јехова од нас во врска со нашите навики на јадење и пиење?

6 Иако Библијата не е ниту медицински прирачник ниту книга за здрава исхрана, сепак од неа го дознаваме Јеховиното гледиште за овие работи. На пример, Библијата нѐ поттикнува: „Оддалечи ја неволјата од телото свое“ (Проп. 11:10). Со други зборови, треба да се чуваме од она што може да му наштети на нашето тело. Библијата нѐ советува да не се прејадуваме и да не се опиваме. Овие работи можат да ни го нарушат здравјето, па дури и да го доведат во опасност нашиот живот (Изр. 23:20). Јехова очекува од нас да имаме самосовладување кога одредуваме што и колку ќе јадеме и пиеме (1. Кор. 6:12; 9:25).

7. Како советот од Изреки 2:11 ни помага да носиме добри одлуки во врска со нашето здравје?

7 Способноста за расудување ќе ни помогне да носиме одлуки од кои ќе се види дека многу го цениме животот како дар од Бог (Пс. 119:99, 100; прочитај Изреки 2:11). На пример, внимаваме што јадеме. Ако ни се допаѓа некоја храна за која знаеме дека е штетна за нас, здравиот разум нѐ поттикнува да не ја јадеме. Исто така, покажуваме дека ја користиме нашата способност за расудување така што доволно спиеме, редовно вежбаме, одржуваме лична хигиена и се грижиме нашиот дом да биде чист.

ВНИМАВАЈ НА БЕЗБЕДНОСТА

8. Што учиме од Библијата за тоа колку му е важно на Јехова да се грижиме за нашата безбедност?

8 Јехова им дал на Израелците закони кои им помагале да се заштитат од сериозни несреќи во нивниот дом или додека работеле нешто (2. Мој. 21:28, 29; 5. Мој. 22:8). Ако некој ненамерно убиел некого, тој ќе сносел сериозни последици (5. Мој. 19:4, 5). Според Законот, дури и оној што ненамерно ќе повредел едно неродено дете требало да биде казнет (2. Мој. 21:22, 23). Од Библијата јасно се гледа дека Јехова сака да внимаваме на безбедноста.

Како може да покажеме дека го цениме животот во овие ситуации? (види во пасус 9)

9. Кои мерки на претпазливост ги преземаме за да избегнеме некаква несреќа? (Види ги и сликите.)

9 Покажуваме дека го цениме животот како дар од Бог така што преземаме безбедносни мерки дома и на работа. На пример, ако треба да фрлиме некои работи како остри предмети, отровни хемикалии или лекарства, внимаваме да не ја загрозиме безбедноста на другите. Исто така, водиме сметка да не бидат на дофат на деца. Внимаваме кога палиме оган на отворено и кога ракуваме со врели течности или електрични алати. Освен тоа, не ги оставаме овие работи без надзор. Не возиме кола доколку е нарушена нашата способност за просудување поради лекарства, алкохол или недоволен сон. Исто така, не држиме телефон во раката додека возиме за да не ни биде одвлечено вниманието.

КОГА ЌЕ СЕ СЛУЧИ КАТАСТРОФА ИЛИ ДРУГА НЕВОЛЈА

10. Што може да направиме пред и за време на некоја ситуација во која може да ни биде загрозен животот?

10 Понекогаш не можеме да избегнеме некоја опасна ситуација. Ова особено е случај со природните катастрофи, епидемиите и насилните конфликти. Меѓутоа, кога ќе се случи вакво нешто, може да се обидеме да ги намалиме ризиците и да ги зголемиме шансите да преживееме така што ќе им бидеме послушни на властите ако издадат наредба за забрана за движење, евакуација и слично (Рим. 13:1, 5-7). Некои опасности или катастрофи можат да се предвидат. Затоа, добро е да ги следиме препораките на локалните власти кои ќе ни помогнат да се подготвиме за нив. На пример, можеби ќе биде практично да си чуваме резерви со вода, храна со подолг рок на траење и кутија за прва помош.

11. Што треба спремно да правиме кога на местото каде што живееме се шири заразна болест?

11 Што треба да правиме ако на местото каде што живееме се шири заразна болест? Треба да им бидеме послушни на властите доколку дадат некакви упатства, како на пример, во врска со миење раце, држење дистанца, носење маска и карантин. Ако спремно ги правиме овие работи, ќе покажеме дека имаме големо ценење за животот како дар од Бог.

12. Како начелото од Изреки 14:15 може да ни помогне да одлучиме на кои информации да им веруваме за време на некоја неволја или катастрофа?

12 За време на некоја опасност или катастрофа, можат да почнат да кружат неточни информации помеѓу нашите пријатели, помеѓу соседите и на медиумите. Наместо да веруваме „на секој збор“ што ќе го чуеме, најдобро е да ги слушаме информациите од најверодостојните владини и медицински извори. (Прочитај Изреки 14:15.) Водечкото тело и подружниците прават сѐ што можат за да дојдат до точни информации пред да дадат некои упатства во врска со собраниските состаноци и проповедничкото дело (Евр. 13:17). Со тоа што сме послушни на овие упатства, ние се штитиме себеси и другите. Исто така, со тоа придонесуваме другите да имаат убаво мислење за Јеховините сведоци (1. Пет. 2:12).

ПОКАЖУВАЈ ПОЧИТ КОН СВЕТОСТА НА КРВТА

13. Како покажуваме дека го цениме животот како дар од Бог кога станува збор за употребата на крвта?

13 Многу луѓе знаат дека, како Јеховини сведоци, не прифаќаме трансфузија на крв. За нас крвта е света, и затоа го почитуваме Јеховиниот закон во врска со крвта така што одбиваме трансфузија на крв дури и кога е потребна итна медицинска интервенција (Дела 15:28, 29). Сепак, тоа не значи дека ние сакаме да умреме. Напротив, го цениме животот како дар од Бог. Ние бараме помош од лекари кои се спремни да ни обезбедат квалитетен медицински третман во кој не е вклучена трансфузија на крв.

14. Како можеме да ја намалиме потребата од некоја голема медицинска интервенција?

14 Ако се грижиме за нашето здравје така што ќе ги применуваме предлозите од оваа статија, ќе ја намалиме веројатноста да дојдеме до ситуација во која ќе ни биде потребна голема медицинска интервенција. Но, доколку мора да ни биде направена некоја хируршка интервенција, побрзо ќе закрепнеме доколку претходно добро сме се грижеле за нашето здравје. Исто така, ќе ја намалиме потребата од итна медицинска интервенција така што ќе внимаваме на безбедноста во нашиот дом и на работното место, и така што ќе ги почитуваме сите сообраќајни правила.

Бидејќи го цениме животот како дар од Бог, ние пополнуваме ТП картичка и секогаш ја носиме со себе (види во пасус 15) c

15. а) Зошто е важно секогаш да носиме со нас важечка ТП картичка? (Види ја и сликата.) б) Според видеоклипот, како може да носиме информирани одлуки во врска со медицинската употреба на крвта?

15 Бидејќи многу го цениме животот, ние ја пополнуваме картичката Трајно полномоштво за здравствена грижа (ТП картичка) и постојано ја носиме со нас. Во овој документ ги запишуваме нашите одлуки во врска со трансфузијата на крв и други медицински постапки. Дали имаш важечка ТП картичка? Ако не, пополни веднаш без да одолговлекуваш. Ако нашите одлуки се јасно изразени во пишан документ, тоа ќе помогне да се избегне непотребно одолговлекување доколку ни е неопходна итна медицинска интервенција. Исто така, тоа ќе придонесе да се избегнат разни недоразбирања бидејќи медицинскиот персонал јасно ќе знае кои медицински постапки и лекарства би можеле да ни наштетат. b

16. Што можеш да направиш доколку не си сигурен како да ја пополниш ТП картичката?

16 Без разлика колку млади или колку здрави сме, на секој од нас може да му се случи да доживее некоја несреќа или да се разболи (Проп. 9:11). Затоа е мудро да пополниме ТП картичка. Ако не си сигурен како да го пополниш овој документ, замоли ги старешините од твоето собрание да ти помогнат бидејќи обично тие добро знаат како треба да се пополни. Меѓутоа, тие нема да носат одлуки во врска со твоето лекување — тоа е твоја одговорност (Гал. 6:4, 5). Сепак, тие можат да ти помогнат да разбереш какви можности ти се нудат и да ти помогнат додека го пополнуваш документот.

БИДИ РАЗУМЕН

17. Како може да покажеме дека сме разумни кога станува збор за здравјето?

17 Многу од нашите одлуки во врска со нашето здравје и начинот на лекување ги носиме во склад со нашата совест која е обликувана според Библијата (Дела 24:16; 1. Тим. 3:9). Кога носиме одлуки и кога зборуваме за нив со другите, добро е да го примениме начелото од Филипјаните 4:5: „Вашата разумност нека им биде позната на сите луѓе“. Ако сме разумни, нема да бидеме претерано загрижени за нашето физичко здравје, ниту пак ќе им вршиме притисок на другите да го прифатат нашето гледиште. Ние ги сакаме и ги почитуваме нашите браќа и сестри дури и кога нивните одлуки се разликуваат од нашите (Рим. 14:10-12).

18. Како можеме да ја покажеме нашата благодарност за животот како дар од Бог?

18 Ја покажуваме нашата благодарност кон Јехова — изворот на животот — така што го чуваме нашиот живот и така што му го даваме нашето најдобро (Отк. 4:11). Засега, мора да се соочуваме со болести и со разни неволји. Но, нашиот Творец немал намера да живееме на ваков начин. Наскоро, тој ќе ни даде вечен живот во кој нема да има ниту болка, ниту смрт (Отк. 21:4). Во меѓувреме, среќни сме што имаме живот и што можеме да му служиме на нашиот грижлив небесен Татко, Јехова.

ПЕСНА 140 Конечно, вечен живот!

a Оваа статија ќе ни помогне уште повеќе да го цениме животот бидејќи е подарок од Бог. Ќе разгледаме кои конкретни чекори може да ги преземеме за да ги заштитиме нашиот живот и здравје кога ќе се случи некоја природна катастрофа, и како да ја намалиме можноста да се случи некоја несреќа. Исто така, ќе видиме што мора да правиме за да бидеме подготвени за итна медицинска интервенција.

c ОПИС НА СЛИКАТА: Еден млад брат пополнува ТП картичка и ја зема со себе.