Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

СТАТИЈА ЗА ПРОУЧУВАЊЕ 12

Запознај го Јехова подобро преку она што го создал

Запознај го Јехова подобро преку она што го создал

Неговите невидливи својства јасно се гледаат уште од создавањето на светот, бидејќи се распознаваат по она што е создадено (РИМ. 1:20)

ПЕСНА 6 Небесата ја објавуваат Божјата слава

КРАТОК ПРЕГЛЕД a

1. Што му помогнало на Јов подобро да го запознае Јехова?

 ОД СИТЕ разговори што Јов ги имал во својот живот, еден особено се истакнува — разговорот што го имал со Јехова Бог. За да ја зајакне довербата на Јов во неговата мудрост и во неговата способност да се грижи за своите слуги, Јехова му укажал на некои од своите прекрасни созданија. На пример, тоа што Бог го потсетил дека се грижи за животните, требало да го увери Јов дека можел да се грижи и за него (Јов 38:39-41; 39:1, 5, 13-16). Со тоа што размислувал за созданијата на Јехова, Јов научил многу за особините на својот Бог.

2. Зошто може да ни биде тешко внимателно да ги набљудуваме Јеховините созданија?

2 И ние може да дознаеме повеќе за нашиот Бог ако ги набљудуваме прекрасните дела што ги создал. Но, понекогаш не ни е лесно да го правиме тоа. Ако живееме во голем град, можеби не сме опкружени со многу природа. Но дури и ако живееме на место каде што има природа, можеби сметаме дека немаме доволно време да размислуваме за работите што Јехова ги создал. Затоа, во оваа статија ќе зборуваме за тоа зошто е корисно да си одвојуваме време и да вложуваме труд за да ги набљудуваме Јеховините созданија. Ќе разгледаме како Јехова и Исус поучувале со помош на творештвото, и што може да правиме за да извлечеме и некои други поуки од природата.

ЗОШТО ТРЕБА ДА ГИ НАБЉУДУВАМЕ ЈЕХОВИНИТЕ СОЗДАНИЈА?

Јехова сакал Адам да ужива во работите што Тој ги создал, и му дал задача да им даде имиња на животните (види во пасус 3)

3. Што покажува дека Јехова сакал Адам да ужива во сето она што Тој го создал?

3 Јехова сакал првиот човек да ужива во сето Негово творештво. Кога го создал Адам, Бог му дал еден прекрасен Рај и му дал задача да се грижи за него и да го прошири (1. Мој. 2:8, 9, 15). Замисли колку мора Адам да бил воодушевен кога гледал како семињата никнуваат, а цвеќињата цветаат. Каква чест било тоа за Адам — да се грижи за еденската градина! Исто така, Јехова му рекол на Адам да им даде имиња на животните (1. Мој. 2:19, 20). Иако Јехова можел и самиот да им даде имиња на животните, тој му ја дал таа задача на Адам. Без сомнение, пред да одлучи кое име ќе им го даде, Адам внимателно ги проучувал животните, набљудувајќи ги нивниот изглед и однесување. Адам сигурно многу уживал во оваа задача. Тоа му дало можност уште повеќе да го зголеми ценењето за мудроста, вештината и креативноста на неговиот Татко.

4. а) Која е една причина зошто треба да ги набљудуваме работите што Јехова ги создал? б) Кои созданија на Јехова особено ги цениш?

4 Една причина зошто треба да ги набљудуваме работите што Јехова ги создал е затоа што тој сака да го правиме тоа. Тој нѐ поттикнува: „Подигнете ги очите угоре и гледајте!“ Потоа прашува: „Кој го создал тоа?“ Одговорот е јасен (Иса. 40:26). Освен на небото, Јехова создал најразновидни созданија на нашата планета, и во морето и на копното. Од сите нив може многу да учиме за него (Пс. 104:24, 25). А помисли и на тоа како Бог нѐ создал нас. Тој всадил во нас способност да ѝ се радуваме на природните убавини. Исто така, ни дал пет сетила — за вид, слух, допир, вкус и мирис — кои ни овозможуваат потполно да уживаме во најразличните работи што ги создал.

5. Според Римјаните 1:20, како ќе ни користи тоа што ќе ги проучуваме Јеховините творби?

5 Библијата ни открива уште една важна причина зошто треба внимателно да ги набљудуваме Јеховините творби. Од нив учиме за особините на Јехова. (Прочитај Римјаните 1:20.) На пример, размисли за нивниот изглед и градба. Зарем тие не се доказ за Божјата мудрост? И, размисли за најразновидната храна во која може да уживаме. Тоа е јасен доказ колку многу Бог ги сака луѓето. Кога ги гледаме особините на Јехова во работите што ги создал, подобро го запознаваме и поттикнати сме да станеме уште поблиски со него. Да разгледаме некои примери од кои се гледа дека Јехова го користи творештвото за да им даде на луѓето некои важни поуки.

БОГ НЀ ПОУЧУВА ЗА НЕГО ПРЕКУ ТВОРЕШТВОТО

6. Што учиме кога ги набљудуваме птиците преселници?

6 Јехова има точно одредено време за сѐ. Секоја година, од крајот на февруари до средината на мај, Израелците можеле да видат како штрковите летаат над земјата и се селат на север. „Дури и штркот на небото го знае своето време“, им рекол Бог на Израелците (Ерем. 8:7). Исто како што Јехова одредил време кога овие птици ќе се селат, така одредил и време кога ќе ги изврши своите пресуди. Денес, додека ги набљудуваме птиците преселници, се потсетуваме дека можеме да имаме доверба дека Јехова има точно одредено време кога ќе му донесе крај на овој злобен свет (Авак. 2:3).

7. Што може да научиме од начинот на кој летаат некои птици? (Исаија 40:31).

7 Јехова им дава сила на своите слуги. Преку Исаија, Јехова им ветил на своите слуги дека, кога ќе се чувствуваат слаби или обесхрабрени, тој ќе им даде сила да се подигнат како што орлите „се подигаат на своите крилја“. (Прочитај Исаија 40:31.) Израелците често можеле да видат како орлите се вивнуваат кон небото со помош на воздушните струи без да вложуваат многу труд. Колку убаво потсетување дека исто како што им дава сила на овие птици, Јехова може да ги зајакне и своите слуги! Секогаш кога ќе видиш како еден орел или слична птица се извива високо кон небото само со едно мало замавнување на крилјата, сети се дека Јехова може и тебе да ти даде сила да се издигнеш над секој проблем.

8. Што научил Јов од Јеховините творби, и што може да научиме ние?

8 Јехова е достоен за нашата доверба. Јехова му помогнал на Јов да ја зголеми својата доверба во него (Јов 32:2; 40:6-8). Во својот разговор што го имал со Јов, Бог се осврнал на многу од своите творби, вклучувајќи ги ѕвездите, облаците и молњите. Исто така, му зборувал и за некои животни, како на пример за дивиот бик и за коњот (Јов 38:32-35; 39:9, 19, 20). Сите овие творби се доказ не само за Божјата огромна моќ туку и за неговата љубов и за неговата голема мудрост. Благодарение на овој разговор, довербата на Јов станала силна како никогаш порано (Јов 42:1-6). Слично на тоа, кога ги набљудуваме Јеховините творби, се потсетуваме дека Јехова е безгранично мудар и далеку помоќен од нас. Тој може и ќе им стави крај на сите наши тешкотии. Овој факт може да ни ја зајакне довербата во него.

ИСУС ПОУЧУВАЛ ЗА СВОЈОТ ТАТКО ПРЕКУ ТВОРЕШТВОТО

9-10. Што учиме за Јехова од сонцето и од дождот?

9 Исус многу добро ја познавал природата. Како „вешт градител“ тој имал чест да соработува со својот Татко во создавањето на универзумот (Изр. 8:30). Подоцна, додека бил на Земјата, Исус го користел творештвото за да ги поучи следбениците за својот Татко. Да разгледаме неколку негови поуки.

10 Јехова покажува љубов кон секого. Во Проповедта на гората, Исус им зборувал на своите ученици за сонцето и за дождот, работи кои многу луѓе ги земаат здраво за готово. Тие се неопходни за да имаме живот. Јехова можел да им ги ускрати овие работи на луѓето кои не му служат. Сепак, тој со љубов им дава сонце и дожд на сите (Мат. 5:43-45). Исус го употребил овој факт за да ги поучи своите ученици дека Јехова сака да покажуваме љубов кон секого. Секогаш кога ќе видиме едно убаво зајдисонце или пријатен дожд, можеме да размислуваме за Јеховината непристрасна љубов. Неговиот пример може да нѐ поттикне да покажуваме таква љубов така што ќе им проповедаме на сите луѓе.

11. Како може да се охрабриме ако ги набљудуваме птиците?

11 Јехова се грижи за нашите физички потреби. Во Проповедта на гората, Исус го кажал и следново: „Погледнете ги птиците небесни, бидејќи тие ниту сеат, ниту жнеат, ниту во амбари собираат, а сепак вашиот небесен Татко ги храни“. Најверојатно, оние што го слушале можеле да видат птици како летаат во моментот кога Исус ги прашал: „Зарем вие не вредите повеќе од нив?“ (Мат. 6:26). Со овој убав пример, Исус нѐ уверува дека Јехова ќе се грижи за нашите физички потреби (Мат. 6:31, 32). Оваа поука од природата сѐ уште ги храбри верните слуги на Јехова. Една млада пионерка од Шпанија била обесхрабрена затоа што не можела да најде соодветно место за живеење. Но, откако ги набљудувала птиците како се хранат со семиња и бобинки, почувствувала внатрешен мир и се охрабрила. Таа вели: „Птиците ме потсетија дека Јехова се грижи за нив, и дека ќе се грижи и за мене“. Кратко потоа, сестрата нашла место за живеење.

12. Според Матеј 10:29-31, што учиме за Јехова од врапчињата?

12 Јехова го цени секого од нас поединечно. Пред да ги испрати своите апостоли да проповедаат, Исус им помогнал да го надминат стравот од противење. (Прочитај Матеј 10:29-31.) Тој го направил тоа така што им зборувал за една од најзастапените птици во Израел — врапчето. Овие птици имале многу мала вредност во времето на Исус. Но, на своите ученици тој им рекол: „Ниту едно од нив не паѓа на земја без да знае вашиот Татко“. Потоа додал: „Вие сте повредни од многу врапчиња“. Со овие зборови, Исус ги уверил своите ученици дека Јехова ги цени како поединци и затоа немале причина да се плашат од противење. Кога учениците ќе виделе врапчиња додека проповедале по градовите и селата, сигурно се присетувале на зборовите што Исус им ги кажал. Секогаш кога ќе видиш една мала птица, сети се дека Јехова те цени како поединец бидејќи и ти имаш поголема вредност од многу врапчиња. Нема потреба да се плашиш кога другите ќе ти се противат затоа што Јехова е покрај тебе (Пс. 118:6).

КАКО МОЖЕМЕ ДА УЧИМЕ ПОВЕЌЕ ЗА БОГ ПРЕКУ НЕГОВИТЕ ТВОРБИ?

13. Што треба да правиме за да извлечеме поуки од творбите на Јехова?

13 Од она што Јехова го создал може да научиме и многу други работи. Како? Прво, треба да си одвоиме време за да ја набљудуваме природата. Потоа, треба да размислуваме што учиме од неа за Јехова. Можеби не ни е секогаш лесно да го правиме ова. Жералдин, една сестра од Камерун, вели: „Пораснав во град, и сфатив дека свесно треба да се трудам за да ја набљудувам природата“. Еден старешина по име Алфонсо вели: „Сфатив дека треба да си одвојам време за да можам насамо да ги набљудувам творбите на Јехова и да размислувам што учам од нив за него“.

Кога ги гледал Јеховините творби што го опкружувале, Давид размислувал што учи од нив за својот Бог (види во пасус 14)

14. Какви поуки извлекол Давид додека размислувал за Божјите творби?

14 Давид длабоко размислувал за Божјите творби. Тој му рекол на Јехова: „Кога ги гледам небесата твои, дело на твоите прсти, месечината и ѕвездите што си ги направил — што е смртниот човек, па да мислиш на него?“ (Пс. 8:3, 4). Додека Давид ги набљудувал ѕвездите на ноќното небо, тој правел нешто повеќе отколку само да ужива во нивната убавина. Давид длабоко размислувал што учи од ѕвездите за Бог. Тој сфатил колку голем е Јехова. Во една друга прилика, Давид размислувал за тоа како неговото тело се развивало во утробата на мајка му. Додека размислувал за тоа колку чудесно е создадено неговото тело, неговото ценење за мудроста на Јехова сѐ повеќе растело (Пс. 139:14-17).

15. Наведи примери за тоа кои особини на Јехова си ги видел во неговите творби (Псалм 148:7-10).

15 Исто како Давид, и ние лесно може да најдеме нешто во природата за кое може длабоко да размислуваме. Ако погледнеме наоколу, има многу работи што можат да ни помогнат подобро да го запознаеме Јехова. На пример, кога ќе ја почувствуваш топлината од сонцето на својата кожа, помисли на моќта што ја има Јехова (Ерем. 31:35). Размислувај за Божјата мудрост кога ќе видиш како една птица си гради гнездо. Помисли колкава смисла за хумор има Јехова кога ќе видиш како едно мало кученце си го брка опавчето. И заблагодари му се на Јехова за неговата љубов секогаш кога ќе видиш една мајка како си игра со своето бебенце. Имаме толку многу можности да учиме за Јехова затоа што сите негови творби — без разлика дали се големи или мали, блиску или далеку — му носат слава. (Прочитај Псалм 148:7-10.)

16. Што треба да бидеме решени да правиме?

16 Нашиот Бог е бескрајно мудар, грижлив, креативен и моќен. Ќе можеме многу да научиме за овие и за многу други особини само ако внимателно ги набљудуваме творбите на Јехова околу нас. Затоа, редовно треба да одвојуваме време за да уживаме во работите што Јехова ги создал и да размислуваме што тие нѐ учат за него. На тој начин, ќе станеме уште поблиски со нашиот Творец (Јак. 4:8). Во следната статија, ќе разгледаме како родителите можат да им помогнат на своите деца да се зближат со Јехова преку работите што ги создал.

ПЕСНА 5 Божјите чудесни дела

a Сето она што Јехова го создал влева стравопочит. Од огромната моќ на сонцето, па сѐ до нежните ливчиња на еден цвет — сето тоа нѐ воодушевува. Исто така, она што го создал многу ни открива за тоа каков Бог е тој. Во оваа статија ќе разгледаме зошто треба да си одвојуваме време за внимателно да размислуваме за работите што Јехова ги создал, и како тоа може да ни помогне уште повеќе да се зближиме со него.