Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

1923 — пред сто години

1923 — пред сто години

„ОЧЕКУВАМЕ 1923 да биде возбудлива година.“ Ова го пишувало во Стражарска кула од 1 јануари 1923 год. „Голема чест е да им сведочиме на... угнетените луѓе дека ни претстојат подобри времиња.“ Оваа година навистина се покажала како возбудлива. Истражувачите на Библијата направиле значајни промени во врска со нивните состаноци, конгреси и проповедничкото дело. Како резултат на тоа, тие станувале сѐ пообединети, и ова единство меѓу слугите на вистинскиот Бог постои до ден-денес.

СОСТАНОЦИТЕ ГО ЗАЈАКНУВААТ ЕДИНСТВОТО

Календар со стихови и со броеви на песните

Во текот на таа година, организацијата направила некои промени кои придонеле Истражувачите на Библијата обединето да го обожаваат Бог. Во Стражарска кула почнале да излегуваат коментари кои го објаснувале стихот што тие требало да го разгледуваат на Состанокот за молитва и за оддавање фалба на Јехова кој се одржувал секоја седмица. Исто така, Истражувачите на Библијата печателе календар во кој било запишано кој библиски стих ќе се разгледува на состанокот секоја седмица, а за секој ден било запишано и која песна би можела да се пее за време на личното и семејното проучување.

На состаноците, Истражувачите на Библијата кажувале „сведоштва“ кои вклучувале искуства од службата на проповедање, изрази на благодарност до Јехова, песна, па дури и молитва. Ива Борни, која се крстила во 1923 год. на 15 години, рекла: „Ако сакаше да дадеш сведоштво, требаше да станеш и на почетокот да кажеш нешто, како на пример: ’Сакам да му се заблагодарам на Господарот за сета добрина што ми ја покажува‘“. Некои браќа многу сакале да кажуваат вакви сведоштва. Сестра Борни додала: „Нашиот драг брат Годвин имаше многу работи за кои сакаше да му се заблагодари на Господарот. Но, кога жена му ќе видеше дека братот што го води состанокот почнува да се нервира, ќе го повлечеше за палтото и тој ќе престанеше да зборува и ќе седнеше“.

Еднаш во месецот, во сите собранија се одржувал посебен Состанок за молитва и за оддавање фалба на Јехова. Во врска со овој состанок, во Стражарска кула од 1 април 1923 год. пишувало: „Половина од состанокот треба да вклучува коментари и искуства поврзани со службата на проповедање, како и охрабрување за браќата и сестрите... Сметаме дека овие охрабрувачки состаноци уште повеќе ќе ги зближат браќата и сестрите“.

На Чарлс Мартин, 19-годишен објавител од собранието од Ванкувер (Канада), многу му користеле овие состаноци. Подоцна, тој рекол: „Тука научив што треба да кажам кога сведочам од врата до врата. Честопати, некој ќе раскажеше искуство што го доживеал во оваа гранка од службата. Ова ми даваше идеи што да кажам и како да одговорам на разни приговори“.

ПРОПОВЕДНИЧКОТО ДЕЛО ГО ЗАЈАКНУВА ЕДИНСТВОТО

Билтен од 1 мај 1923 год.

„Деновите за проповедање“ исто така придонеле за единството во организацијата. Во Стражарска кула од 1 април 1923 год. пишувало: „За да бидеме обединети во истото дело... вторник, 1 мај 1923 год., е одреден како ден за проповедање. Оттогаш па натаму, истото ќе важи и за секој прв вторник во месецот... Секој член од секое собрание треба да учествува во делото во одредена мера“.

Во ова дело учествувале дури и Истражувачи на Библијата кои биле млади. Хејзел Барфорд, која во тоа време имала само 16 години, изјавила: „Во Билтенот излегуваа презентации (слични на предлозите за разговор) кои требаше да ги запомниме. a Заедно со дедо ми, дававме сѐ од себе додека учествувавме во овие активности“. Сепак, сестра Барфорд наишла на противење од некој од кој не очекувала. Таа рекла: „Еден драг постар брат имаше многу цврст став дека јас не треба да им проповедам на другите. Во тоа време, некои не разбираа дека сите Истражувачи на Библијата, вклучувајќи ги и сите ’младичи и девици‘, треба да го фалат нашиот величествен Творец“ (Пс. 148:12, 13). Но сестра Барфорд продолжила да проповеда. Подоцна, таа била дел од вториот клас на школата Гилеад и служела како мисионер во Панама. Со текот на времето, овие браќа го смениле својот став во врска со младите и нивното учество во службата на проповедање.

КОНГРЕСИТЕ ГО ЗАЈАКНУВААТ ЕДИНСТВОТО

Конгресите исто така придонеле за единството меѓу браќата. Многу од овие конгреси вклучувале и денови за проповедање, како што било случај и на конгресот во Винипег (Канада). Сите што присуствувале на конгресот биле поканети да проповедаат во тој град на 31 март. Благодарение на ваквите посебни денови за проповедање, многу луѓе слушнале за вистината и тоа дало добри резултати. На 5 август, на еден друг конгрес кој се одржал во Винипег се проценува дека присуствувале 7.000 луѓе. Во тоа време, тоа било прв пат да присуствуваат толку голем број луѓе на конгрес во Канада.

Најважниот конгрес во 1923 год. се одржал на 18-26 август во Лос Анџелес (Калифорнија). Во седмиците пред конгресот, весниците известувале за настанот и Истражувачите на Библијата дале повеќе од 500.000 покани. Исто така, биле залепени транспаренти во врска со конгресот на возила од јавниот превоз и на приватни возила.

Конгрес на Истражувачите на Библијата во Лос Анџелес (1923)

Во сабота, 25 август, брат Ратерфорд го изнел говорот со наслов „Овци и јарци“ во кој јасно кажал дека „овците“ се праведните луѓе кои ќе живеат во рајот на Земјата. Исто така, тој изнел говор во кој ја најавил и ја прочитал резолуцијата „Предупредување“. Со неа, биле осудени црквите на христијанскиот свет и искрените лица биле поттикнати да излезат од „Големиот Вавилон“ (Отк. 18:2, 4). Подоцна, ревносните Истражувачи на Библијата низ целиот свет дале милиони примероци од оваа резолуција.

„Овие охрабрувачки состаноци уште повеќе ќе ги зближат браќата и сестрите“

На последниот ден од конгресот, преку 30.000 присутни го слушнале јавното предавање на брат Ратерфорд со наслов: „Сите народи маршираат кон Армагедон, но милиони што живеат сега нема никогаш да умрат“. Бидејќи очекувале да бидат присутни голем број луѓе, Истражувачите на Библијата ја изнајмиле новоизградената арена во Лос Анџелес. За да бидат сигурни дека секој ќе слуша добро, браќата го користеле системот за озвучување од стадионот, кој во тоа време бил нов технолошки изум. Многу други ја слушале програмата преку радио.

МЕЃУНАРОДЕН ПОРАСТ

Во 1923 год., беше забележан значаен пораст на проповедничкото дело во Африка, Европа, Индија и Јужна Америка. Во Индија, и покрај тоа што бил сопруг и татко на шест деца, А. Џ. Џозеф се грижел и да има публикации на јазиците хинди, тамилски, телугу и урду.

Вилијам Р. Браун со своето семејство

Во Сиера Леоне, Истражувачите на Библијата Алфред Џозеф и Ленард Блекмен пишале до главното седиште во Бруклин (Њујорк) за да побараат помош. На 14 април 1923 год., тие добиле одговор на нивното барање. Алфред раскажал: „Една сабота, доцна навечер, добив неочекуван телефонски повик“. Тој слушнал продорен глас како му вели: „Ти ли си тој што пиша до Watch Tower за да побараш да испратат проповедници?“ Алфред одговорил: „Да“. „Па, еве, ме испратија мене.“ Ова бил Вилијам Р. Браун. Тој ден, Вилијам пристигнал од Карибите со својата сопруга, Антониа, и со нивните ќеркички, Луис и Луси. Браќата не морале долго да чекаат за да го запознаат семејството Браун.

Алфред понатаму рекол: „Следното утро, додека јас и Ленард ја проучувавме Библијата како што правевме секоја седмица, на вратата се појави еден висок човек. Тоа беше брат Браун. Тој беше толку ревносен за вистината, што сакаше да одржи јавно предавање веќе следниот ден“. За помалку од еден месец, брат Браун ги дал сите публикации што ги понел со себе. Потоа добил уште 5.000 книги, но за кратко време му биле потребни повеќе. Сепак, брат Браун не бил познат како продавач на книги. Тој долги години му служел ревносно на Јехова и, за сето тоа време, во своите говори постојано се осврнувал на библиските стихови. Поради тоа, луѓето почнале да го викаат Браун Библијата.

Бетелот во Магдебург во 1920-тите

Во Германија, браќата одлучиле да се иселат од подружницата од Бармен бидејќи била многу мала. Исто така, тие слушнале дека војската на соседна Франција се подготвувала да го нападне градот. Истражувачите на Библијата нашле комплекс од згради во Магдебург кои изгледале како совршена локација за печатење на литература. На 19 јуни, браќата завршиле со пакувањето на опремата за печатење и останатите работи, и се преселиле во новиот Бетел во Магдебург. Еден ден откако главното седиште било известено дека преселбата е завршена, во весниците било објавено дека Франција го зазела градот Бармен. Браќата гледале на преселбата како на доказ за Јеховиниот благослов и заштита.

Џорџ Јанг со Сара Фергусон (десно) и нејзината сестра

Во Бразил, Џорџ Јанг, кој многу патувал за да ја проповеда добрата вест, основал подружница и почнал да издава Стражарска кула на португалски јазик. За само неколку месеци, тој дал повеќе од 7.000 публикации. На неговата посета во Бразил многу се израдувала Сара Фергусон. Таа читала Стражарска кула уште од 1899 год., но никогаш немала можност да се крсти во вода и со тоа да покаже дека му го заветувала својот живот на Јехова. Неколку месеци подоцна, сестра Фергусон и нејзините четири деца конечно можеле да го направат овој важен чекор.

„ДА ПРОДОЛЖИМЕ РЕВНОСНО И РАДОСНО ДА МУ СЛУЖИМЕ НА БОГ“

На крајот од годината, во Стражарска кула од 15 декември 1923 год. било опишано како промените поврзани со состаноците, со службата на проповедање и со конгресите влијаеле врз Истражувачите на Библијата. Во неа стоело следново: „Лесно може да се забележи дека собранијата... се во добра духовна состојба... Да се подготвиме за уште повеќе работа и да продолжиме ревносно и радосно да му служиме на Бог во текот на следната година“.

И 1924 год. била многу возбудлива за Истражувачите на Библијата. Со месеци, браќата од Бетел веќе работеле на едно земјиште на Стејтен Ајленд, кој бил многу блиску до главното седиште во Бруклин. Изградбата на објектите ова ново место била завршена на почетокот на 1924 год., и тие придонеле да се обединат браќата и сестрите и да се шири добрата вест на начини на кои претходно не било можно.

Групата за изградба на Стејтен Ајленд

a Сега Нашиот живот и служба како христијани — работни листови.