Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

СТАТИЈА ЗА ПРОУЧУВАЊЕ 6

ПЕСНА 10 Славен е Јехова Бог

„Фалете го името Јеховино!“

„Фалете го името Јеховино!“

Фалете го Јехова, слуги негови, фалете го името Јеховино! (ПС. 113:1)

ЦЕЛ НА СТАТИЈАТА

Да истакне што нѐ поттикнува да го славиме светото име на Јехова во секоја прилика.

1-2. Што може да ни помогне да разбереме како се чувствува Јехова поради лагите што биле кажани за него?

 ЗАМИСЛИ дека, некој што многу ти значи, кажува нешто многу лошо за тебе. Ти знаеш дека тоа е лага, но сепак некои веруваат во неа. Што е уште пострашно, тие ја шират таа лага и како резултат на тоа и многу други почнуваат да веруваат во неа. Како би се чувствувал? Ако ти се важни луѓето и твојот углед, сигурно ќе се чувствуваш лошо поради таа клевета (Изр. 22:1).

2 Оваа замислена ситуација може да ни помогне да разбереме како се чувствувал Јехова кога бил нарушен неговиот углед. Еден ангел ѝ кажал лага на првата жена Ева во врска со Јехова. И таа поверувала во неа. Поради таа лага, Адам и Ева се побуниле против Јехова. Како резултат на тоа, гревот и смртта влегле во човештвото (1. Мој. 3:1-6; Рим. 5:12). Сите проблеми што ги гледаме во светот, како што се смртта, војните и страдањата, постојат поради лагите што Сатана почнал да ги шири во еденската градина. Дали Јехова чувствува болка поради сите тие лаги и поради проблемите што настанале поради нив? Без сомнение чувствува болка. Сепак, тој не е огорчен. Напротив, Јехова и понатаму е „среќниот Бог“ (1. Тим. 1:11).

3. Каква чест имаме?

3 Ние ја имаме честа да придонесеме да се докаже дека она што Сатана го кажал за Јехова е лага. Тоа го правиме така што сме послушни на едноставната заповед: „Фалете го името Јеховино!“ (Пс. 113:1). Ние го правиме тоа кога на другите им ја кажуваме вистината за него. Дали и ти сакаш да учествуваш во тоа? Да разгледаме три силни причини што ќе ни помогнат да го славиме името на нашиот Бог со сета душа.

НИЕ ГО РАДУВАМЕ ЈЕХОВА КОГА ГО ФАЛИМЕ НЕГОВОТО ИМЕ

4. Зошто Јехова се радува кога го фалиме? Наведи пример. (Види ја и сликата.)

4 Ние го радуваме нашиот небесен Татко кога го фалиме неговото име (Пс. 119:108). Но, дали ова значи дека Семоќниот Бог е како несовршените луѓе кои копнеат за пофалба бидејќи се чувствуваат несигурно? Не. Размисли за следнава споредба. Едно мало девојче трча кон својот татко, го гушка и му вели: „Ти си најдобриот татко на светот!“ Таткото се насмевнува и е многу радосен поради нејзината спонтана постапка. Зошто? Дали треба да заклучиме дека тој е несигурен човек кој копнее по пофалбата на своето дете, па дури и дека не може без такви пофалби? Не. Напротив, тоа е така затоа што таткото ја сака својата ќерка и е среќен што таа му покажува дека го сака и дека го цени. Тој знае дека таквите особини ќе придонесат таа да биде посреќна како личност кога ќе порасне. Од слични причини, Јехова, најголемиот Татко, се радува кога го фалиме.

Исто како што еден татко се радува кога неговото дете му кажува дека го сака и дека го цени, така и Јехова се радува кога го фалиме неговото име (види во пасус 4)



5. Која лага ја побиваме со тоа што го фалиме Божјето име?

5 Кога го фалиме нашиот небесен Татко, помагаме да се побие една лага на Сатана во која сме вклучени и ние лично. Сатана тврди дека ниту еден човек нема верно да го брани Божјето име. Според него, ниту еден човек нема да му остане верен на Бог кога ќе се најде во искушение. Сатана тврди дека сите ние ќе престанеме да му служиме на Бог ако во таа ситуација заклучиме дека тоа ќе биде подобро за нас (Јов 1:9-11; 2:4). Но, Јов му останал верен на Бог и докажал дека Сатана е лажливец. Дали и ти ќе му останеш верен на Бог? Секој од нас може да избере да го брани името на нашиот Татко и да го радува така што верно ќе му служи (Изр. 27:11). Тоа навистина е голема чест за нас.

6. Како можеме да го следиме примерот на цар Давид и на левитите? (Неемија 9:5).

6 Оние што го сакаат Бог се поттикнати да го фалат неговото име со сето срце. Цар Давид напишал: „Ќе те фалам, о Јехова, Боже мој, со сето свое срце, ќе го славам твоето име довека“ (Пс. 86:12). Давид знаел дека, кога го фалиме Јеховиното име, ние, всушност, го фалиме Јехова. Кога ќе го слушнеме името Јехова, ние помислуваме на тоа каква личност е тој, на неговите прекрасни особини и на неговите извонредни дела. Давид сакал да го фали името на својот небесен Татко бидејќи го сметал за нешто свето. Тој сакал да го прави тоа „со сето свое срце“. Слично на тоа, левитите предводеле во фалењето на Јехова. Тие понизно признале дека нивните зборови никогаш не би можеле во потполност да ја изразат сета фалба што Јеховиното свето име ја заслужува. (Прочитај Неемија 9:5.) Без сомнение, таквата понизна, сесрдна фалба го радувала срцето на Јехова.

7. Како можеме да го фалиме Јехова во службата на проповедање и во нашиот секојдневен живот?

7 Денес, ние можеме да го фалиме Јехова така што ќе зборуваме за него на начин кој покажува колку сме му благодарни и колку многу го сакаме. Кога проповедаме, наша главна цел е да им помогнеме на другите да станат блиски со Јехова и да го чувствуваат истото што го чувствуваме ние за нашиот сакан Татко (Јак. 4:8). Радосни сме што можеме да им покажеме на луѓето како Библијата го опишува Јехова. Таа ни ги открива неговите прекрасни особини, како што се љубовта, правдата, мудроста и моќта. Исто така, ние го фалиме Јехова и го радуваме кога даваме сѐ од себе за да го следиме неговиот пример (Еф. 5:1). На тој начин, покажуваме дека се разликуваме од овој злобен свет. Луѓето можеби ќе забележат дека сме поинакви и можеби ќе се прашуваат зошто (Мат. 5:14-16). Кога сме во контакт со нив во нашиот секојдневен живот, имаме можност да им објасниме зошто се разликуваме. Како резултат на тоа, искрените лица се привлечени кон нашиот Бог. Кога го фалиме Јехова на овие начини, го радуваме неговото срце (1. Тим. 2:3, 4).

НИЕ ГО РАДУВАМЕ ИСУС КОГА ГО ФАЛИМЕ ЈЕХОВИНОТО ИМЕ

8. Кој е најдобар пример за тоа како да се фали Јеховиното име, и зошто?

8 Од сите суштества обдарени со разум на небото и на Земјата, никој не го познава Таткото толку добро како Синот (Мат. 11:27). Исус го сака својот Татко и предводи во фалењето на Јеховиното име (Јован 14:31). Ноќта пред да умре, во молитва до својот Татко, тој кажал која е најважната работа што ја постигнал во текот на својата служба додека бил на Земјата. Исус рекол: „Им го објавив твоето име“ (Јован 17:26). На кој начин го правел тоа?

9. Која споредба ја користел Исус за да го опише својот Татко на најјасен можен начин?

9 Исус направил повеќе отколку само да им каже на луѓето дека Божјето име е Јехова. Евреите кои ги поучувал Исус веќе го знаеле Божјето име. Но, тој предводел во тоа да им го објавува Бог на другите, односно да им објаснува каква личност е тој (Јован 1:17, 18). На пример, од Хебрејските списи дознаваме дека Јехова е милосрден и љубезен (2. Мој. 34:5-7). Оваа вистина станала појасна од кога и да било порано кога Исус ја кажал споредбата за расипничкиот син и неговиот татко. Тој татко го здогледал својот покајнички син додека уште бил далеку, му притрчал, го прегрнал и му простил од срце. Додека ја читаме оваа споредба, можеме да сфатиме колку милостив и сочувствителен е Јехова (Лука 15:11-32). Исус им помогнал на другите да сфатат каква личност навистина е Јехова.

10. а) Од каде знаеме дека Исус го користел името на својот Татко и дека сакал и другите да го прават истото? (Марко 5:19; види ја и сликата). б) Што сака Исус да правиме ние денес?

10 Дали Исус сакал и другите да го користат името на неговиот Татко? Се разбира. Некои верски водачи можеби сметале дека Божјето име е премногу свето за да се изговара. Но, Исус никогаш не дозволил таквите небиблиски традиции да го спречат да го фали името на својот Татко. Размисли за времето кога тој излечил еден човек обземен од демони во герасинскиот крај. Луѓето се исплашиле и го молеле Исус да си оди и затоа тој не останал во тој крај (Мар. 5:16, 17). Сепак, Исус сакал и таму да се објави Јеховиното име. Затоа, на човекот што го излечил му рекол да им раскаже на луѓето, не за она што Исус го направил за него, туку за она што Јехова го направил. (Прочитај Марко 5:19.) a Исус сака и ние денес да го правиме истото — да го објавуваме името на неговиот Татко низ целиот свет! (Мат. 24:14; 28:19, 20). Кога го правиме тоа, ние го радуваме нашиот Цар, Исус.

На човекот што бил обземен од демони, Исус му рекол да им каже на луѓето како му помогнал Јехова (види во пасус 10)



11. За што ги поучил Исус своите следбеници да се молат, и зошто тоа е важно? (Езекиел 36:23).

11 Исус знаел дека намерата на Јехова е да го посвети своето име, односно да го исчисти од сите лаги кои биле кажани за него. Затоа, нашиот Господар ги поучил своите следбеници да се молат: „Татко наш, кој си на небесата, да се свети името твое“ (Мат. 6:9). Исус сфатил дека ова е најважното спорно прашање кое ги засега сите суштества. (Прочитај Езекиел 36:23.) Ниту едно суштество обдарено со разум во универзумот не направило повеќе од Исус за да се посвети Јеховиното име. Сепак, кога Исус бил уапсен, за каков грев го обвиниле неговите непријатели? Дека е богохулник! Исус сигурно сметал дека еден од најголемите гревови е да го оцрни светото име на својот Татко. Тој бил многу загрижен дека ќе биде обвинет и осуден за такво злодело. Тоа можеби била главната причина поради која Исус бил во „тешка душевна мака“ пред да биде уапсен (Лука 22:41-44).

12. Што направил Исус за да го посвети името на својот Татко на најдобар можен начин?

12 За да го посвети името на својот Татко, Исус претрпел најразлични мачења, навреди и лажни обвиненија. Тој знаел дека му бил послушен на својот Татко во сѐ и дека нема од што да се срами (Евр. 12:2). Исто така, знаел дека Сатана директно го напаѓа во тоа тешко време (Лука 22:2-4; 23:33, 34). Сатана сигурно се надевал дека ќе ја скрши верноста на Исус, но доживеал потполн неуспех! Исус дал непобитен доказ дека Сатана е злобен лажливец и дека Јехова има слуги кои му остануваат верни дури и во најтешките испити!

13. Како можеш да го радуваш твојот Цар?

13 Дали сакаш да го радуваш твојот Цар Исус? Ако да, тогаш продолжи да го фалиш Јеховиното име така што ќе им помагаш на другите да дознаат какви прекрасни особини има нашиот Бог. На тој начин ќе одиш по стапките на Исус (1. Пет. 2:21). Исто како Исус, ти го радуваш Јехова и докажуваш дека Божјиот непријател Сатана е бесрамен лажливец!

КОГА ГО ФАЛИМЕ ЈЕХОВИНОТО ИМЕ, ПОМАГАМЕ ДА СЕ СПАСАТ ЖИВОТИ

14-15. Какви прекрасни работи можат да се случат кога ги поучуваме луѓето за Јехова?

14 Кога го фалиме Јеховиното име, ние помагаме да се спасат животи. На кој начин? Како што знаеме, Сатана „ги заслепил“ умовите на неверниците (2. Кор. 4:4). Како резултат на тоа, тие веруваат во лагите на Сатана. Некои од тие лаги се: Бог не постои, Бог е далеку од нас и не му е грижа за човештвото, Бог е суров и вечно ги мачи престапниците. Сатана кажува вакви лаги бидејќи сака да го оцрни доброто име на Јехова и да ги наведе луѓето да немаат желба да му се приближат. Но, кога проповедаме ние го спречуваме Сатана да ја оствари својата цел. Ние ги поучуваме луѓето за вистината за нашиот Татко и со тоа го фалиме Божјето свето име. Кој е резултатот од тоа?

15 Вистините од Божјата Реч имаат огромна моќ. Со тоа што ги поучуваме луѓето за Јехова и за тоа каков е тој навистина, можеме да бидеме сведоци на нешто прекрасно. Нивната заслепеност од лагите на Сатана постепено исчезнува и почнуваат да ги гледаат прекрасните особини на нашиот Татко. Тие се исполнети со восхит поради неговата безгранична моќ (Иса. 40:26). Учат да имаат доверба во него поради неговата совршена правда (5. Мој. 32:4). Исто така, учат многу од неговата голема мудрост (Иса. 55:9; Рим. 11:33). И, многу ги теши тоа што дознаваат дека „Бог е љубов“ (1. Јов. 4:8). Колку поблиски стануваат со Јехова, толку посигурна станува нивната надеж дека ќе живеат засекогаш како негови деца. Навистина е огромна чест што можеме да им помагаме на луѓето да станат блиски со својот небесен Татко! Кога го правиме тоа, Јехова гледа на нас како на свои соработници (1. Кор. 3:5, 9).

16. Како врз некои влијаело тоа што го дознале Божјето име? Наведи примери.

16 На почеток, едноставно можеме да ги поучиме луѓето дека Божјето име е Јехова. Самото тоа може од корен да го смени животот на некое искрено лице. На пример, една девојка по име Алија b пораснала во семејство чија религија не била христијанска. Но, таа не била задоволна со својата религија и не се чувствувала блиска со Бог. Тоа се сменило откако почнала да проучува со Јеховините сведоци. Таа почнала да го смета Бог за свој пријател. Освен тоа, се зачудила кога дознала дека Божјето име било отстрането од многу Библии и дека било заменето со обични титули, како што е Господар. Тоа што го дознала Јеховиното име било пресвртница во нејзиниот живот. Алија воскликнала: „Мојот најдобар пријател има име!“ Кој бил резултатот? Таа вели: „Сега чувствувам голем внатрешен мир. За мене е голема чест тоа што го знам Божјето име“. Стив, кој бил музичар, потекнува од семејство кое строго се држело за еврејската традиција. Тој не сакал да припаѓа на ниту една религија бидејќи видел многу лицемерство. Но, по смртта на неговата мајка, тој се согласил да присуствува на еден библиски курс кој го водел еден Јеховин сведок. Стив бил длабоко трогнат кога дознал кое е името на Бог. Тој вели: „Никогаш немав чуено за Божјето име“. Стив додава: „За прв пат сфатив дека Бог навистина постои! На него почнав да гледам како на реална личност. Тогаш ми стана јасно дека најдов пријател“.

17. Зошто си решен да продолжиш да го фалиш Јеховиното име? (Види ја и сликата.)

17 Додека си во служба на проповедање, дали на луѓето им го кажуваш светото име Јехова? Дали им помагаш да сфатат каков навистина е нашиот Бог? На тој начин, ти го фалиш Божјето име. Продолжи да го фалиш Јеховиното свето име така што ќе им помагаш на луѓето да дознаат каква личност навистина е тој. Така ќе спасиш животи. Освен тоа, ќе го следиш водството на твојот Цар, Исус Христос. И што е најважно, ќе го радуваш твојот Татко, Јехова, кој е полн со љубов. Биди решен да го фалиш „[неговото] име довека, во сета вечност“! (Пс. 145:2).

Ние го фалиме Божјето име така што им го објавуваме на луѓето и така што им објаснуваме каква личност е Јехова (види во пасус 17)

ЗОШТО ТОА ШТО ГО ФАЛИМЕ БОЖЈЕТО ИМЕ...

  • го радува Јехова?

  • го радува Исус Христос?

  • спасува животи?

ПЕСНА 2 Јехова е името твое

a Постојат силни докази дека, во оригиналните списи, Марко го користел Божјето име кога ги цитирал овие зборови на Исус. Затоа, Божјето име е вратено во Светото писмо — превод Нов свет.

b Некои имиња се сменети.