Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Биди радосен додека стрпливо чекаш на Јехова

Биди радосен додека стрпливо чекаш на Јехова

ДАЛИ едвај чекаш да дојде времето кога Јехова ќе ја отстрани сета злоба и ќе направи сѐ ново? (Отк. 21:1-5). Нема сомнение дека е така! Сепак, не е секогаш лесно стрпливо да чекаш на Јехова, особено кога доживуваш тешкотии. Ако предолго чекаме да се исполни нешто што ни е многу важно, тоа може многу да нѐ обесхрабри (Изр. 13:12).

Сепак, Јехова очекува стрпливо да чекаме тој да дејствува во времето што го одредил. Зошто го очекува тоа од нас? Што може да ни помогне да бидеме радосни додека чекаме?

ЗОШТО ЈЕХОВА ОЧЕКУВА ОД НАС ДА ЧЕКАМЕ?

Во Библијата пишува: „Јехова ќе чека да ви се смилува и затоа ќе стане да ви покаже милост. Зашто, Јехова е Бог кој дава правда. Среќни се сите што го чекаат него“ (Иса. 30:18). Зборовите од Исаија поглавје 30 првенствено биле упатени кон тврдоглавите Евреи (Иса. 30:1). Но, зборовите од стих 18 им влевале надеж на оние Евреи кои верно му служеле на Јехова. Истите овие зборови им влеваат надеж и на Јеховините верни слуги денес.

Значи, ние мора стрпливо да чекаме бидејќи и Јехова стрпливо чека. Тој има точно одредено време кога ќе му стави крај на овој свет и стрпливо чека да дојдат тој ден и тој час (Мат. 24:36). Во тоа време, ќе биде потполно јасно дека обвиненијата на Ѓаволот против Јехова и против Божјите слуги се лага. Тогаш, Јехова ќе го уништи Сатана и сите оние кои се на негова страна, а нам ќе ни покаже милост.

Во меѓувреме, Јехова можеби нема да ги отстрани сите наши проблеми, но тој нѐ уверува дека ние можеме да бидеме радосни додека чекаме. Како што кажал Исаија, ние можеме да бидеме радосни додека желно чекаме да се случи нешто добро (Иса. 30:18). a Како можеме да имаме таква радост? Четири работи можат да ни помогнат во тоа.

КАКО ДА БИДЕМЕ РАДОСНИ ДОДЕКА ЧЕКАМЕ

Концентрирај се на позитивните работи. Цар Давид видел многу злоба во текот на неговиот живот (Пс. 37:35). Сепак, тој напишал: „Молчи пред Јехова и желно чекај го. Не гневи се на оној што е успешен на својот пат, на човек што го прави она што го замислил“ (Пс. 37:7). Давид го применил овој совет така што се концентрирал на Јеховиното ветување дека ќе го спаси. Исто така, тој бил благодарен за сите добри работи што Јехова ги направил за него (Пс. 40:5). Ако и ние размислуваме за убавите работи во нашиот живот и не се концентрираме на лошите работи што се случуваат околу нас, ќе ни биде полесно да чекаме на Јехова.

Користи ја секоја прилика за да го фалиш Јехова. Писателот на Псалм 71, кој по сѐ изгледа бил Давид, му рекол на Јехова: „Јас постојано ќе чекам, и ќе те фалам сѐ повеќе“ (Пс. 71:14). Како Давид го фалел Јехова? Така што им кажувал на другите за него и му пеел фалби (Пс. 71:16, 23). Исто како Давид, и ние можеме да бидеме радосни додека чекаме на Јехова. Ние го фалиме кога учествуваме во службата на проповедање, кога зборуваме за него во секојдневните разговори и кога ги пееме нашите теократски песни. Следниот пат кога ќе пееш некоја од нашите песни, размисли подлабоко за охрабрувачките зборови од текстот.

Дружи се со браќата и сестрите за да добиеш охрабрување. Кога Давид минувал низ тешкотии, тој му рекол на Јехова: „Ќе се надевам на твоето име пред оние што ти се лојални“ (Пс. 52:9). И ние можеме да бидеме охрабрени од нашите браќа и сестри не само на нашите состаноци и во службата на проповедање туку и така што ќе се дружиме со нив и во други прилики (Рим. 1:11, 12).

Зајакнувај си ја надежта. Во Псалм 62:5 пишува: „Тивко чекај го Бог, о душо моја, зашто од него доаѓа мојата надеж“. Многу е важно да имаме цврста надеж, особено ако крајот не дошол тогаш кога ние сме очекувале. Без разлика колку долго ќе треба да чекаме, мора да бидеме уверени дека Јеховините ветувања ќе се исполнат. Можеме да си ја зајакнеме нашата надеж така што ќе ја проучуваме Божјата Реч. На пример, размислувај за пророштвата, за складноста на Библијата и за деталите кои Јехова ни ги открил за себе (Пс. 1:2, 3). Исто така, и понатаму треба да се молиме под водство на светиот дух за да останеме блиски со Јехова додека чекаме да се исполни неговото ветување за вечен живот (Јуда 20, 21).

Исто како цар Давид, биди уверен дека Јехова се грижи за оние што чекаат на него и дека им покажува лојална љубов (Пс. 33:18, 22). Продолжи стрпливо да чекаш на Јехова така што ќе се концентрираш на позитивните работи, ќе ја користиш секоја прилика за да го фалиш, ќе се дружиш со браќата и сестрите за да добиеш охрабрување и ќе си ја зајакнуваш твојата скапоцена надеж.

a На изворниот јазик, изразот „да чекаш“ исто така може да значи „да копнееш или да се надеваш нешто да се случи“, а тоа покажува дека не е погрешно да сакаме Јехова да му стави крај на нашето страдање.