Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Прашања од читателите

Прашања од читателите

Што ни открива Библијата за способноста на Јехова да ја предвиди иднината?

Библијата јасно кажува дека Јехова може да ја предвиди иднината (Иса. 45:21). Таа не ни го открива секој детаљ во врска со тоа како или кога Јехова го прави тоа, ниту пак во колкава мера избира да ги знае работите однапред. Значи, не знаеме сѐ за Јеховината способност да ја предвиди иднината. Но, сега ќе разгледаме неколку работи што ги знаеме.

Јехова нема никакви ограничувања, освен оние што сам си ги поставува. Доколку сака, тој може да ја употреби својата неограничена мудрост за да предвиди нешто (Рим. 11:33). Но, бидејќи има совршена самоконтрола, тој исто така може да одлучи да не предвиди што ќе се случи. (Спореди со Исаија 42:14.)

Јехова предизвикува да се изврши неговата волја. Како овој факт е поврзан со Јеховината способност да ја предвиди иднината? Исаија 46:10 објаснува: „Јас од почетокот го јавувам завршетокот, од дамнина го јавувам она што уште не било. Јас велам: ’Мојата намера ќе се оствари и ќе направам сѐ што сакам‘“.

Значи, една причина зошто Јехова може да ја предвиди иднината е затоа што тој има моќ да предизвика работите да се случат. Јехова нема потреба, така да се каже, да погледне во иднината за да дознае што ќе се случи, како што ние понекогаш го гледаме крајот на некој филм за да дознаеме како тој ќе заврши. Наместо тоа, Јехова може да одлучи нешто да се случи во одредено време во иднина и потоа, кога ќе дојде времето, да предизвика тоа да се случи (2. Мој. 9:5, 6; Мат. 24:36; Дела 17:31).

Од таа причина, во Библијата се користат зборови како „смислив“ и „наумив“ за да се опише што прави Јехова во врска со некои идни настани (2. Цар. 19:25; Иса. 46:11). Овие зборови се преведени од еден израз кој на изворниот хебрејски јазик е сроден со зборот кој значи „грнчар“ (Ерем. 18:4). Исто како што еден вешт грнчар може да обликува грутка глина во една прекрасна вазна, така и Јехова може да ги обликува работите, односно да управува со нив за да ја изврши својата волја (Еф. 1:11).

Јехова ја почитува нашата слободна волја. Тој не предодредува што ќе му се случи на секого од нас, ниту пак предизвикува добрите луѓе да направат нешто што ќе ги доведе до уништување. Јехова му дозволува на секого од нас да избере како ќе постапува, но нѐ поттикнува да избереме да постапуваме на исправен начин.

Да разгледаме два примера. Првиот пример е за жителите на Ниневија. Јехова прорекол дека градот ќе биде уништен поради злобата во него. Но, кога жителите се покајале, на Јехова му паднало жал што им се заканил со неволја и затоа не им ја нанел (Јона 3:1-10). Јехова одлучил да го промени она што го прорекол бидејќи Ниневијците одлучиле да се покаат откако го чуле неговото предупредување.

Вториот пример е пророштвото за еден освојувач, по име Кир, кој требало да ги ослободи Евреите од ропство и да издаде наредба повторно да се изгради Јеховиниот храм (Иса. 44:26 — 45:4). Персискиот цар Кир го исполнил ова пророштво (Езра 1:1-4). Но, тој не му служел на вистинскиот Бог. Јехова го употребил Кир за да го исполни пророштвото, но му дозволил самиот да избере на кој Бог ќе му служи (Изр. 21:1).

Се разбира, ова се само неколку работи кои Јехова ги зема предвид кога ја предвидува иднината. Факт е дека ниту еден човек не може потполно да го разбере начинот на кој Јехова размислува и постапува (Иса. 55:8, 9). Но, она што Јехова ни го открил за себе ни ја зајакнува верата дека тој секогаш го прави она што е исправно, а тоа е случај и кога ја предвидува иднината.