Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

ЖИВОТНА ПРИКАЗНА

Преку моите слабости се прослави Божјата сила

Преку моите слабости се прослави Божјата сила

КОГА со мојата сопруга пристигнавме во Колумбија во 1985 год., во земјата имаше големо насилство. Владата се бореше против моќни наркокартели во градовите и против герилски војници во планините. На подрачјето на Медељин, градот каде што подоцна служевме, насекаде низ улиците имаше вооружени млади момчиња. Тие продаваа дрога, изнудуваа пари со закани и убиваа за пари. Никој од нив не живееше долго. Се чувствувавме како да сме во некој друг свет.

Како ние, двајца обични луѓе од Финска — една од најсеверните земји на планетата — завршивме во Јужна Америка? И кои лекции ги научив низ годините?

МОЈАТА МЛАДОСТ ВО ФИНСКА

Роден сум во 1955 год., и сум најмалиот од три сина во семејството. Пораснав во близина на јужниот брег на Финска, во едно подрачје кое денес е познато како градот Ванта.

Мајка ми се крстила како Јеховин сведок неколку години пред да се родам. Но, татко ми се противеше на вистината и не ѝ дозволуваше на мајка ми да проучува со нас децата или да нѐ носи на состаноците. Затоа, таа нѐ поучуваше за основните библиски вистини кога татко ми не беше дома.

Одлучив да му бидам послушен на Јехова кога имав седум години

Уште од детството, бев решен да му бидам послушен на Јехова. На пример, еднаш кога имав седум години, мојата учителка многу се разгневи бидејќи не сакав да јадам верилејтија (фински палачинки со крв). Со едната рака ми ги стисна образите за да ми ја отвори устата, а со другата рака се обиде да ми стави парче палачинка. Но јас успеав да ѝ ја турнам виљушката од раката.

Кога имав 12 години, татко ми почина. По неговата смрт, можев да присуствувам на собраниските состаноци. Браќата во собранието беа искрено заинтересирани за мене, и тоа ме поттикна да напредувам во духовен поглед. Почнав секој ден да ја читам Библијата и внимателно да ги проучувам нашите публикации. Ваквите добри навики на проучување ми помогнаа да се крстам на возраст од 14 години. Тоа беше на 8 август 1969 год.

Кратко откако завршив со школувањето, почнав да служам како општ пионер. За неколку седмици, се преселив да служам таму каде што имаше поголема потреба — во Пиелавеси, во централна Финска.

Во Пиелавеси ја запознав Сирка — една девојка која подоцна ми стана сопруга. Ме привлече нејзината скромност и тоа што многу го сакаше Јехова. Таа не тежнееше по углед и материјална удобност. И двајцата имавме желба да му служиме на Јехова најдобро што можеме, без разлика каква задача ќе треба да извршуваме. Се венчавме на 23 март 1974 год. Наместо да отидеме на меден месец, ние отидовме да служиме во Картула каде што имаше поголема потреба од објавители.

Куќата што ја изнајмивме во Картула (Финска)

ЈЕХОВА СЕ ГРИЖЕШЕ ЗА НАС

Автомобилот што ни го остави брат ми

Уште откако стапивме во брак, Јехова ни покажа дека тој ќе се грижи за нашите материјални потреби ако го ставаме Царството на прво место (Мат. 6:33). На пример, во Картула немавме автомобил. На почеток, патувавме со велосипед. Но, во зима температурите паѓаа под нулата. За да проповедаме на огромното подрачје што го имаше собранието, ни беше потребен автомобил, но немавме пари да купиме.

Неочекувано, мојот постар брат дојде да нѐ посети. Тој се понуди да ни ја даде неговата кола. Осигурувањето беше платено, а ние требаше само да ставиме гориво. Така го добивме возилото што ни беше потребно.

Јехова ни покажа дека тој ја презел одговорноста да се грижи за нашите материјални потреби. Наша задача беше да го ставиме Царството на прво место.

ШКОЛАТА ГИЛЕАД

Нашиот клас на Школата за пионери во 1978

Додека бевме на Школата за пионери во 1978 год., Рајмо Квоканен, a еден од нашите инструктори, нѐ поттикна да дадеме молба за школата Гилеад. Затоа, почнавме да учиме англиски со цел да ги исполниме условите. Но, во 1980 год., уште пред да имаме можност да поднесеме молба, бевме поканети да служиме во подружницата во Финска. Во тоа време, бетелските слуги не можеа да одат на школата Гилеад. Но, ние сакавме да служиме онаму каде што Јехова смета дека е најдобро, а не каде што ние сметавме дека е најдобро. Затоа, ја прифативме поканата. И покрај тоа, продолживме да учиме англиски, во случај некогаш да имаме можност да поднесеме молба за Гилеад.

Неколку години подоцна, Водечкото тело одобри и бетелските слуги да можат да присуствуваат на школата Гилеад. Веднаш поднесовме молби, но не затоа што не бевме среќни во Бетел. Баш напротив! Само сакавме да се ставиме на располагање да служиме онаму каде што има поголема потреба доколку ги исполнуваме условите за тоа. Бевме поканети на Гилеад, и во септември 1985 год. дипломиравме во 79-от клас. Бевме испратени во Колумбија.

НАШАТА ПРВА МИСИОНЕРСКА ЗАДАЧА

Во Колумбија, прво добивме задача да служиме во подружницата. Се трудев да ја извршувам мојата задача најдобро што можам, но по една година во подружницата почувствував дека ни е потребна промена. Тоа беше првиот и единствениот пат во мојот живот да побарам друга задача. Потоа бевме испратени да служиме како мисионери на подрачјето — во градот Неива, во регионот Хуила.

Отсекогаш сум уживал во службата на проповедање. Додека бев самец и служев како пионер во Финска, понекогаш проповедав од рано наутро до доцна навечер. А и како нов брачен пар, јас и Сирка по цел ден бевме во служба. Кога проповедавме на места кои беа далеку од нашиот дом, понекогаш спиевме во нашиот автомобил. Ова ни заштедуваше време, кое обично ни поминуваше во пат, и ни овозможуваше да почнеме да проповедаме рано наутро следниот ден.

Како мисионери на подрачјето, повторно ја почувствувавме истата воодушевеност што ја имавме порано за службата на проповедање. Нашето собрание растеше, а браќата и сестрите во Колумбија беа полни со љубов, почит и ценење.

МОЌТА НА МОЛИТВАТА

Недалеку од Неива, местото каде што служевме, имаше гратчиња каде што немаше ниту еден Сведок. Бев многу загрижен за тоа како добрата вест ќе стигне до тие места. Но, поради герилската војна, тие места не беа безбедни за оние кои не беа оттаму. Затоа се молев некое лице од тие гратчиња да стане Сведок. Си мислев дека таквото лице би требало да живее во Неива за да ја дознае вистината. Освен тоа, се молев тоа лице по крштавањето да стане духовно зрело и да се врати во својот роден крај за да проповеда. Но, требаше да знам дека Јехова имаше многу подобро решение од моето.

Кратко потоа, почнав да проучувам со еден млад човек по име Фернандо Гонзалес. Тој живееше во Алгесирас, едно од гратчињата каде што немаше Сведоци. Секоја седмица, Фернандо патуваше повеќе од 50 километри до Неива каде што работеше. Тој секогаш добро се подготвуваше за библискиот курс и веднаш почна да присуствува на сите состаноци. Уште од првата седмица кога почнавме да проучуваме, Фернандо ќе ги собереше другите во неговиот роден град и ќе ги поучуваше за она што го учеше на библискиот курс.

Со Фернандо во 1993

Фернандо се крсти во јануари 1990 год., шест месеци откако почна да проучува. Потоа, стана општ пионер. Бидејќи сега веќе имаше еден локален Сведок во Алгесирас, беше доволно безбедно подружницата да испрати специјални пионери на тоа подрачје. Во февруари 1992 год., во тој град беше формирано собрание.

Дали Фернандо проповедаше само во неговиот град? Не. Откако стапи во брак, тој и неговата сопруга се преселија во Сан Висенте дел Кагуан, уште еден град каде што немаше Сведоци. Тие помогнаа таму да се формира собрание. Во 2002 год., Фернандо беше именуван за покраински надгледник. Тој и неговата сопруга Олга служат во патувачкото дело до ден-денес.

Од ова искуство научив колку е важно да се молиме за конкретни работи во врска со нашите теократски задачи. Јехова може да го направи она што ние не можеме. На крајот на краиштата, ова е негова жетва, а не наша (Мат. 9:38).

ЈЕХОВА НИ ДАВА И ЖЕЛБА И СИЛА

Во 1990 год., добивме задача да служиме во патувачкото дело. Нашата прва покраина беше во главниот град Богота. Се плашевме дека нема да можеме добро да ја извршиме оваа задача. Јас и мојата сопруга сме обични луѓе и немаме некои посебни таленти. Не бевме навикнати да живееме во раздвижена метропола. Но, Јехова го исполни своето ветување кое е запишано во Филипјаните 2:13: „Бог, бидејќи го сака тоа, дејствува во вас и за да сакате и за да постапувате“.

Подоцна, добивме задача да служиме во покраина во подрачјето на Медељин, градот што го спомнав на почетокот. Тамошните луѓе беа толку навикнати на уличното насилство што тоа повеќе не ги вознемируваше. На пример, еднаш, додека водев еден библиски курс, започна вооружена престрелка надвор од куќата во која бев. Јас сакав да легнам на подот, но интересентот продолжи смирено да го чита пасусот. Кога заврши со читањето, тој се извини и излезе надвор. Набрзо потоа се врати со две мали деца и смирено ми рече: „Се извинувам, ама морав да ги приберам децата“.

Имаше и други ситуации во кои се најдовме во опасност. Во една прилика додека сведочевме од куќа до куќа, мојата сопруга дотрча до мене целата пребледена. Таа ми кажа дека еден човек пукал во неа. Тоа многу ме исплаши. Но, подоцна дознавме дека тој не пукал во Сирка, туку во еден друг човек кој поминувал покрај неа.

Со текот на времето, научивме да не се вознемируваме толку поради уличното насилство. Многу нѐ охрабри примерот на локалните Сведоци кои беа толку цврсти и стабилни иако се соочиле со слични и со полоши ситуации. Сфативме дека, ако Јехова им помага ним, ќе ни помага и нам. Секогаш ги слушавме советите од локалните старешини и бевме претпазливи, а другото го остававме во Јеховини раце.

Се разбира, некои ситуации не беа толку опасни колку што нам ни се чинеа. Еднаш, додека бев во една куќа на посета, слушнав нешто што ми звучеше како две жени да викаат и да се навредуваат една со друга. Јас не сакав да гледам како некој се кара, но интересентката ме убедуваше да излезам надвор. Тогаш сфатив дека „караницата“, всушност, беше помеѓу два папагала кои ги имитираа соседите.

НОВИ ЗАДАЧИ И ПРЕДИЗВИЦИ

Во 1997 год., бев именуван да служам како инструктор на Школата за организациско оспособување. b Отсекогаш сум го ценел присуството на теократските школи, но никогаш не помислував дека ќе ја имам таа прекрасна чест да поучувам на една таква школа.

Подоцна, служев како областен надгледник. Кога тој вид на служба беше укинат, продолжив да служам како покраински надгледник. Значи, повеќе од 30 години, со радост служев како инструктор и како патувачки надгледник. Овие задачи ми донесоа многу благослови. Но, не беше сѐ така лесно. Да ви објаснам.

Јас имам цврст карактер. Ова ми помогна да истраам во тешки околности. Но, понекогаш бев премногу ревносен обидувајќи се да ги исправам работите во собранијата. Понекогаш, енергично поттикнував некои браќа и сестри да бидат љубезни и разумни со другите. Иронично е тоа што во тие моменти, всушност, јас бев тој кому му фалеа овие особини (Рим. 7:21-23).

Поради моите слабости, понекогаш се чувствував многу обесхрабрено (Рим. 7:24). Еднаш, во молитва му кажав на Јехова дека за мене најдобро ќе биде да ја напуштам мисионерската служба и да се вратам во Финска. Таа вечер присуствував на еден собраниски состанок. Она што го слушнав на состанокот ме охрабри и ме увери дека треба да останам на мојата задача и да продолжам да работам на моите слабости. До ден-денес сум трогнат од тоа на колку јасен начин Јехова ми одговори на молитвата. Исто така, многу сум благодарен за тоа на колку љубезен начин ми помогна да ги надминам моите слабости.

СО ДОВЕРБА ГЛЕДАМ КОН ИДНИНАТА

Сирка и јас сме му многу благодарни на Јехова за честа што ни ја даде да бидеме во полновремена служба поголемиот дел од нашиот живот. Исто така, многу сум му благодарен на Јехова што ми даде толку добра и верна сопруга.

Наскоро ќе наполнам 70 години, и повеќе нема да служам како инструктор на теократски школи и како патувачки надгледник. Но, тоа не ме растажува. Зошто? Бидејќи сум цврсто уверен дека она што најмногу му носи слава и чест на Јехова е кога скромно му служиме и кога го славиме поттикнати од срце полно со љубов и благодарност (Мих. 6:8; Мар. 12:32-34). За да му оддаваме чест на Јехова, не е потребно да бидеме во центарот на вниманието.

Кога размислувам за задачите што ги имав, сфаќам дека не сум ги добил затоа што сум подобар од другите, ниту пак затоа што сум имал некоја посебна способност. Далеку од тоа! Напротив, Јехова ми ги довери тие задачи само поради неговата незаслужена доброта. Тој ми дозволи да ги извршувам и покрај моите слабости. Знам дека успеав да ги извршам задачите што ги имав само со помош од Јехова. На тој начин, преку моите слабости се прослави Божјата сила (2. Кор. 12:9).

a Животната приказна на Рајмо Квоканен, со наслов „Решени да му служиме на Јехова“, излезе во Стражарска кула од 1 април 2006.

b Оваа школа беше заменета со Школата за полновремени објавители.