Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

СТАТИЈА ЗА ПРОУЧУВАЊЕ 22

ПЕСНА 127 Каква личност треба да бидам

Како да имаш успешна врска

Како да имаш успешна врска

Тајниот човек на срцето е драгоцен во Божји очи(1. ПЕТ. 3:4)

ЦЕЛ НА СТАТИЈАТА

Да дознаеме што можат да прават паровите за да имаат успешна врска и како можат другите во собранието да им помогнат.

1-2. Како се чувствуваат некои додека се во врска?

 КОГА двајца се во врска, тоа може да биде радосен и возбудлив период. Ако во моментов си во врска со некого, без сомнение сакаш да ти биде убаво. И за многу парови тоа навистина е радосен период. Сиан, a една сестра од Етиопија, вели: „Еден од најрадосните периоди во мојот живот беше кога се запознававме со мојот сопруг. Разговаравме за сериозни работи, но и се смеевме. Бев среќна кога сфатив дека најдов некој што го сакам и што ме сака“.

2 Меѓутоа, Алесио, еден брат од Холандија, вели: „Ми беше убаво додека ја запознавав жена ми кога бевме во врска, но во тој период имавме и предизвици“. Во оваа статија ќе разгледаме некои можни предизвици и некои библиски начела што можат да им помогнат на паровите да имаат успешна врска. Исто така, ќе видиме како можат другите во собранието да им помогнат на тие парови.

КОЈА Е ЦЕЛТА НА ВРСКАТА

3. Која е целта на врската? (Изреки 20:25).

3 Иако запознавањето може да биде убав период, тоа исто така е сериозен чекор кој може да води до брак. На денот на венчавката, оние што стапуваат во брак се заветуваат пред Јехова дека ќе се сакаат и почитуваат еден со друг сѐ додека и двајцата се живи. Пред да дадеме каков и да било завет, треба многу внимателно да размислиме за тоа. (Прочитај Изреки 20:25.) Истото важи и за брачниот завет. Кога еден маж и една жена се во врска, тоа им овозможува да се запознаат и да донесат добра одлука. Некои одлучуваат да стапат во брак, а некои да ја прекинат врската. Ако оние што се запознаваат одлучат да раскинат, тоа не значи дека нивната врска била неуспешна. Напротив, врската си ја постигнала својата цел — им помогнала да донесат добра одлука.

4. Зошто треба да имаме исправно гледиште за романтичните врски?

4 Зошто е важно самците да имаат исправно гледиште за романтичните врски? Бидејќи, ако имаат исправно гледиште, нема да почнат врска со некој со кого немаат намера да стапат во брак. Но, самците не се единствените кои треба да имаат исправно гледиште за целта на една врска, туку сите ние. На пример, некои мислат дека, ако двајца се во врска, тие мора да стапат во брак. Како овој став влијае врз оние што не се во брак? Мелиса, една немажена сестра од САД, вели: „Сведоците кои се во врска, се под голем притисок. Поради тоа, некои парови не ја прекинуваат врската иако сфатиле дека не си одговараат. А други самци воопшто не почнуваат врска. Притисокот навистина може да биде многу голем“.

ДОБРО ЗАПОЗНАЈТЕ СЕ ЕДЕН СО ДРУГ

5-6. Кои работи треба да ги дознаат еден за друг оние што се во врска? (1. Петрово 3:4).

5 Ако си во врска, што ќе ти помогне да одлучиш дали да стапиш во брак или не? Добро запознајте се еден со друг. Веројатно си дознал некои работи за другата личност пред да започнете со врската. Но, сега имаш можност да го запознаеш „тајниот човек на срцето“. (Прочитај 1Петрово 3:4.) Во ова е вклучено да дознаеш повеќе за духовноста, особините и начинот на размислување на лицето со кое си во врска. Со текот на времето, би требало да можеш да одговориш на прашања како што се следниве: „Дали оваа личност ќе биде добар брачен другар за мене?“ (Изр. 31:26, 27, 30; Еф. 5:33; 1. Тим. 5:8). „Дали можеме да си ги задоволиме емоционалните потреби еден на друг? Дали можеме да живееме со мааните на другиот?“ b (Рим. 3:23). Додека се запознавате еден со друг, имајте на ум дека не е најважно колку сте слични, туку колку се приспособувате на разликите кои постојат меѓу вас.

6 Кои други работи треба да ги дознаеш за другата личност за време на врската? Пред да развиеш силни романтични чувства, веројатно ќе сакаш да дискутирате за некои важни работи, како на пример за тоа какви цели има другото лице. Но, што е со некои лични работи, како на пример здравствената состојба, финансиски проблеми или некоја траума од минатото? Не е потребно да дискутирате за сите теми на почетокот од врската. (Спореди со Јован 16:12.) Ако сметаш дека е прерано да одговориш на некои многу лични прашања, кажи го тоа. Но, како што одминува времето, другото лице ќе треба да ги знае тие информации за да може да донесе добра одлука. Затоа, кога-тогаш, ќе мора отворено да зборувате за тие работи.

7. Како можат подобро да се запознаат оние што се во врска? (Види ја и рамката „ Кога си во врска со некој што живее далеку“; види ги и сликите.)

7 Како можеш да дознаеш каков е другиот навистина? Еден од најдобрите начини е така што ќе зборувате отворено и искрено, ќе поставувате прашања и вистински ќе слушате (Изр. 20:5; Јак. 1:19). За таа цел, можеби ќе ви биде од корист заедно да извршувате некои активности кои ќе ви овозможат да разговарате, како на пример да јадете заедно, да шетате на јавни места и заедно да проповедате. Исто така, можете да дознаете нешто еден за друг ако минувате време со пријателите и со семејството. Освен тоа, планирајте активности во кои ќе можете да видите како другата личност постапува во различни околности и со различни луѓе. Забележи што се трудел да прави Ешвин од Холандија. За својата врска со Алисија, тој вели: „Се трудевме да извршуваме активности кои ќе ни помогнат да дознаеме нешто за другиот. Честопати ова беа едноставни работи, како на пример да подготвиме јадење и да извршуваме некои други домашни обврски. За време на таквите активности можевме да ги видиме јаките и слабите страни на другиот“.

Ако како пар извршувате активности кои ќе ви овозможат да разговарате, веројатно ќе можете подобро да се запознаете еден со друг (види во пасуси 7-8)


8. Како може да им користи на оние што се во врска тоа што ќе проучуваат заедно?

8 Исто така, можете да се запознаете еден со друг така што заедно ќе проучувате библиски теми. Ако еден ден стапите во брак, ќе треба да одвојувате време за Семејната вечер посветена на Јехова за да може тој да биде важен дел од вашиот брак (Проп. 4:12). Затоа, би можеле да си одвојувате време да проучувате заедно уште додека сте во врска. Се разбира, кога двајца се во врска, тие сѐ уште не се семејство и братот сѐ уште не ѝ е глава на сестрата. Сепак, ако редовно проучувате заедно, ќе можете да дознаете колку е близок другиот со Јехова. На Макс и Лаиса, еден брачен пар од САД, тоа што заедно проучувале им користело на уште еден начин. Макс вели: „Уште од почетокот на врската, почнавме да проучуваме публикации во кои имаше теми за запознавање, брак и семеен живот. Тие публикации ни помогнаа да разговараме за многу важни теми за кои обично не е лесно да се започне разговор“.

ДРУГИ ФАКТОРИ КОИ ТРЕБА ДА СЕ ЗЕМАТ ПРЕДВИД

9. Кои фактори треба да ги земат предвид оние што се запознаваат кога одлучуваат кому да кажат за нивната врска?

9 Кому треба да му кажете дека сте во врска? Тоа треба да го одлучите вие двајцата. На почетокот од врската, можеби ќе одлучите да им кажете само на неколкумина (Изр. 17:27). На тој начин ќе избегнете непотребни прашања и притисок. Но, ако не кажете никому, би можеле да се изолирате од страв да не дознаат другите. Ова може да биде опасно. Затоа би било мудро за вашата врска да ги информирате барем оние што можат да ви дадат добар совет и практично да ви помогнат (Изр. 15:22). На пример, би можеле да им кажете на некои членови на семејството, на некои зрели пријатели или на некои старешини.

10. Што можат да направат двајца што се во врска за да останат чисти во морален поглед? (Изреки 22:3).

10 Како да останете чисти во морален поглед? Како што ќе растат вашите чувства, природно е меѓу вас да чувствувате сѐ поголема привлечност. Што може да ви помогне да не направите нешто со што ќе го разочарате Јехова? (1. Кор. 6:18). Немојте да зборувате за неморални работи, да бидете сами и претерано да пиете алкохол (Еф. 5:3). Овие работи можат да ги разгорат сексуалните желби и да ви отежнат да го правите она што е исправно. Би било мудро редовно да разговарате за тоа кои мерки ќе ги преземете за да останете чисти во морален поглед. (Прочитај Изреки 22:3.) Забележи што им помогнало на Давид и Алма од Етиопија. Тие велат: „Одевме на места каде што имаше многу луѓе или бевме во друштво со пријатели. Никогаш не бевме сами во кола или во куќа. Така избегнувавме ситуации во кои би можеле да бидеме ставени на искушение да направиме нешто погрешно“.

11. Кои фактори треба да ги земат предвид оние што се во врска кога одлучуваат какви изрази на љубов и нежност ќе си покажуваат?

11 Дали треба двајца што се во врска да си покажуваат изрази на љубов и нежност? Како што ќе се продлабочуваат вашите чувства, некои изрази на љубов и нежност можеби ќе бидат соодветни (Песна 1:2; 2:6). Сепак, ако вашите сексуални желби станат силни, веројатно ќе ви биде потешко да размислувате објективно за другата личност. Исто така, кога си покажувате изрази на љубов и нежност, може лесно да изгубите самоконтрола и да направите нешто што не му се допаѓа на Јехова (Изр. 6:27). Затоа, уште на почеток на врската, разговарајте за тоа какви граници ќе си поставите во склад со библиските начела c (1. Сол. 4:3-7). Како пар, разговарајте за следниве прашања: „Како ќе гледаат на нашите изрази на љубов луѓето во местото каде што живееме? Дали таквите изрази би можеле да ја разгорат страста кај некого од нас?“

12. Ако двајца кои се во врска имаат несогласувања, за кои работи треба да размислат?

12 Како можете да се справите со проблемите и со несогласувањата? Ако одвреме-навреме имате несогласувања, дали тоа значи дека не сте еден за друг? Не мора да значи. Сите парови понекогаш имаат несогласувања. Во еден добар брак, мажот и жената се почитуваат еден со друг и се спремни да се приспособат на разликите. Значи, начинот на кој сега ги решавате проблемите може да открие дали вашиот брак ќе биде успешен. Како пар, разговарајте за следниве прашања: „Можеме ли да разговараме смирено и со почит? Дали спремно ги признаваме нашите грешки и дали се трудиме да се поправиме? Дали брзо попуштаме, се извинуваме и простуваме?“ (Еф. 4:31, 32). Сепак, ако постојано се расправате и имате несогласувања додека сте во врска, ситуацијата веројатно нема да се подобри откако ќе стапите во брак. Ако сфатиш дека другата личност не е вистинската за тебе, за двајцата ќе биде најдобро да ја прекинете врската. d

13. Што може да им помогне на двајца што се запознаваат да одлучат колку долго треба да трае нивната врска?

13 Колку долго треба да трае вашата врска? Избрзаните одлуки честопати водат до лоши последици (Изр. 21:5). Значи, вашата врска треба да трае доволно долго за да можете добро да се запознаете. Но, врската не треба да трае подолго отколку што навистина е потребно. И Библијата вели: „Од предолго исчекување се разболува срцето“ (Изр. 13:12). Освен тоа, колку подолго време сте заедно, потешко ќе ви биде да се спротивставите на искушението да направите неморал (1. Кор. 7:9). Наместо да се концентрираш на тоа колку долго сте во врска, би можел да се прашаш: „Што уште треба да дознаам за другата личност за да можам да донесам одлука?“

КАКО МОЖАТ ДРУГИТЕ ДА ИМ ПОМОГНАТ НА ОНИЕ ШТО СЕ ВО ВРСКА?

14. На кои практични начини можат другите да им помогнат на оние што се во врска? (Види ја и сликата.)

14 Ако познаваме некои што се во врска, како можеме да им помогнеме? Би можеле да ги поканиме на оброк, на нашата Семејна вечер или заедно да се рекреираме (Рим. 12:13). Во тие прилики ќе можат да се запознаат уште подобро. Би можел да им помогнеш така што ќе излезеш со нив, ќе ги придружуваш додека се возат во автомобил или ќе ги поканиш кај тебе на гости за да можат да си зборуваат за лични работи (Гал. 6:10). Алисија, која ја спомнавме претходно, се сеќава каква помош добиле со Ешвин додека биле во врска. Таа вели: „Многу ни значеше тоа што некои браќа и сестри ни рекоа дека можеме да одиме кај нив доколку ни треба место каде што ќе можеме да бидеме заедно, но нема да бидеме сами“. Ако двајца што се во врска те замолат да ги придружуваш додека се некаде заедно, гледај на тоа како на еден важен начин на кој можеш да им помогнеш на твоите пријатели. Внимавај да не ги оставиш сосема сами, но исто така процени кога ќе им бидат потребни време и простор за да си зборуваат за лични работи (Фил. 2:4).

Ако познаваме некои што се во врска, можеме да најдеме практични начини за да им помогнеме (види во пасуси 14-15)


15. Што друго можат да прават пријателите за да им помогнат на оние што се во врска? (Изреки 12:18).

15 Друг начин на кој можеме да им помогнеме на оние што се во врска е со она што ќе го кажеме или нема да го кажеме. Понекогаш можеби ќе ни треба самоконтрола. (Прочитај Изреки 12:18.) На пример, можеби едвај ќе чекаме да им кажеме на другите дека некои двајца започнале врска, но тие можеби ќе сакаат самите да им ја кажат на другите таа вест. Не треба да го озборуваме тој пар, ниту да го критикуваме за некои лични работи (Изр. 20:19; Рим. 14:10; 1. Сол. 4:11). Освен тоа, не треба да поставуваме прашања или да кажуваме работи поради кои парот ќе биде под притисок да стапи во брак. Една сестра по име Елиза и нејзиниот сопруг се сеќаваат: „Ни беше непријатно кога другите нѐ прашуваа во врска со плановите за нашата свадба, а ние сѐ уште немавме дискутирано за тоа“.

16. Како треба да реагираме ако еден пар ја прекине врската?

16 Што ако еден пар одлучи да ја прекине врската? Не треба да им поставуваме лични прашања, ниту пак да обвинуваме некого од нив за крајот на врската (1. Пет. 4:15). Една сестра по име Лија вели: „Слушнав како другите шират муабети од која причина сме раскинале јас и еден брат. Тоа многу ме повреди“. Како што спомнавме претходно, ако еден пар одлучи да ја прекине врската, тоа не значи дека таа била неуспешна. Обично, тоа едноставно значи дека врската ја постигнала својата цел — му помогнала на парот да донесе добра одлука. Сепак, поради таа одлука, тие можеби сѐ уште чувствуваат емоционална болка и можеби се чувствуваат осамено. Затоа, треба да размислиме на кој начин можеме да им помогнеме (Изр. 17:17).

17. Што треба да продолжат да прават оние што се во врска?

17 Како што видовме, запознавањето може да има предизвици, но може да биде и убав период. Џесика се присетува: „Искрено кажано, додека бевме во врска, мораше да вложиме голем труд. Но, вредеше сиот труд и сето време што го вложивме за добро да се запознаеме“. Ако си во врска со некого, и двајцата продолжете да работите на тоа добро да се запознаете. Ако го правите тоа, ќе имате успешна врска која ќе ви помогне и на двајцата да донесете мудра одлука.

ПЕСНА 49 Да го израдуваме срцето на Јехова

a Некои имиња се сменети.

b Други прашања за кои е добро да размислиш можеш да најдеш во Младите прашуваат — делотворни одговори, том 2, стр. 39-40.

c Милувањето на половите органи на друго лице е еден вид сексуален неморал за кој е потребно собраниските старешини да покренат правна постапка. Милувањето на градите и неморалните разговори преку текстуални пораки или телефон исто така можат да водат до правна постапка, во зависност од околностите.

d За повеќе информации, види во статијата „Прашања од читателите“, која излезе во Стражарска кула од 15 август 1999.