Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

СТАТИЈА ЗА ПРОУЧУВАЊЕ 19

ПЕСНА 22 Царството е родено — нека дојде!

Што знаеме за тоа како Јехова ќе суди во иднина?

Што знаеме за тоа како Јехова ќе суди во иднина?

Јехова не сака никој да биде уништен (2. ПЕТ. 3:9)

ЦЕЛ НА СТАТИЈАТА

Да се увериме дека, кога ќе им суди на луѓето во иднина, Јехова ќе го прави тоа на исправен и на праведен начин.

1. Зошто може да се каже дека живееме во возбудливи времиња?

 ЖИВЕЕМЕ во многу возбудливи времиња! Секој ден пред наши очи се исполнуваат библиски пророштва. На пример, гледаме како „царот на северот“ и „царот на југот“ се борат за светска превласт (Дан. 11:40). Гледаме како добрата вест за Божјето Царство се проповеда во досега невидени размери, при што милиони луѓе одлучуваат да му служат на Јехова (Иса. 60:22; Мат. 24:14). Освен тоа, добиваме изобилство духовна храна „во вистинско време“ (Мат. 24:45-47).

2. Во што можеме да бидеме уверени, но што мора да признаеме?

2 Јехова и понатаму ни помага да имаме појасно разбирање за важните настани што наскоро ќе се случат (Изр. 4:18; Дан. 2:28). Можеме да бидеме уверени дека, до времето кога ќе започне големата неволја, ќе знаеме сѐ што ни е потребно да знаеме со цел да останеме верни и обединети во тој тежок период. Сепак, мора да признаеме дека има некои работи за блиската иднина кои едноставно не ги знаеме. Во оваа статија, прво ќе разгледаме зошто направивме промени во нашето разбирање за некои од овие настани. Потоа, ќе разгледаме некои од работите што ги знаеме за иднината и ќе видиме на кој начин нашиот небесен Татко ќе дејствува.

ШТО НЕ ЗНАЕМЕ

3. Што велевме во врска со тоа до кога Јехова ќе им даде можност на луѓето да ни се придружат, и зошто сметавме така?

3 Порано велевме дека, откако ќе започне големата неволја, луѓето повеќе нема да имаат можност да покажат вера во Јехова и да го преживеат Армагедон. До тој заклучок дојдовме затоа што мислевме дека извештајот за Потопот е пророчка претслика. На пример, сметавме дека, исто како што Јехова ја затворил вратата на арката пред да започне Потопот, така и кога ќе започне големата неволја тој „ќе ја затвори вратата“ за луѓето од светот на Сатана, за повеќе никој друг да не може да биде спасен (Мат. 24:37-39).

4. Дали сега сметаме дека извештајот за Потопот е пророчка претслика? Објасни.

4 Дали извештајот за Потопот треба да го сметаме за пророчка претслика? Одговорот е не. Зошто? Бидејќи никаде во Библијата не го пишува тоа. a Точно е дека Исус ги споредил „деновите на Ное“ со времето на неговата присутност, но тој не рекол дека извештајот за Потопот е пророчка претслика, односно дека секоја личност или секој настан ќе има поголемо исполнување во иднина. Ниту пак кажал дека затворањето на вратата на арката има некакво пророчко значење. Сепак, ова не значи дека не можеме да научиме нешто од извештајот за Ное и Потопот.

5. а) Како Ное покажал вера пред да дојде Потопот? (Евреите 11:7; 1. Петрово 3:20). б) Каква логична споредба може да направиме помеѓу проповедањето на Ное и нашето проповедничко дело денес?

5 Кога го слушнал предупредувањето на Јехова, Ное докажал дека има вера со тоа што изградил арка. (Прочитај Евреите 11:7; 1. Петрово 3:20.) Слично на тоа, луѓето кои ја слушаат добрата вест за Божјето Царство мора со своите постапки да покажат дека имаат вера (Дела 3:17-20). Петар го нарекол Ное „проповедникот на праведноста“ (2. Пет. 2:5). Сепак, како што видовме во претходната статија, не знаеме дали Ное и неговото семејство му проповедале на секој човек на Земјата пред да дојде Потопот. Но, логично е да заклучиме дека тој не успеал да му проповеда на секој поединец во периодот додека ја градел арката. Ние денес се трудиме ревносно да им проповедаме на луѓето низ целиот свет. Сепак, без разлика колкав труд вложуваме, ние нема да можеме да му ја пренесеме добрата вест на секој поединец пред да дојде крајот. Зошто?

6-7. Зошто можеме да заклучиме дека нема да успееме да му ја пренесеме добрата вест на секој поединец на Земјата пред да дојде крајот?

6 Размисли што кажал Исус во врска со обемот на нашето проповедничко дело. Тој прорекол дека добрата вест „ќе биде проповедана по целиот свет, за сведоштво на сите народи“ (Мат. 24:14). Денес, ова пророштво се исполнува како никогаш порано. Пораката за Царството е достапна на повеќе од 1.000 јазици. А преку интернет-страницата jw.org, денес повеќето луѓе на Земјата можат да дознаат за добрата вест за Божјето Царство.

7 Но, Исус исто така им рекол на своите ученици дека тие нема да ги обиколат сите градови, односно дека нема да му проповедаат на секој поединец пред тој да дојде (Мат. 10:23; 25:31-33). Зборовите на Исус ќе се исполнат и во наше време. Милиони луѓе денес живеат на места каде што не можеме слободно да проповедаме. Освен тоа, стотици бебиња се раѓаат секоја минута. Ние даваме сѐ од себе за да им ја објавиме добрата вест на луѓето од „секој народ и племе и јазик“ (Отк. 14:6). Но, факт е дека нема да успееме да му ја пренесеме добрата вест на секој поединец на Земјата пред да дојде крајот.

8. Кое прашање можеби си го поставуваме во врска со тоа како Јехова ќе им суди на луѓето во иднина? (Види ги и сликите.)

8 На темел на она што го разгледавме досега, можеби ќе се прашаме: Што е со оние кои нема да имаат можност да ја чујат добрата вест пред да започне големата неволја? Како ќе постапат со нив Јехова и неговиот Син кого тој го овластил да суди? (Јован 5:19, 22, 27; Дела 17:31). Во стихот на кој се темели оваа статија пишува дека Јехова „не сака никој да биде уништен“. Наместо тоа, тој сака „сите да дојдат до покајание“ (2. Пет. 3:9; 1. Тим. 2:4). И покрај тоа што ги знаеме овие работи за Јехова, тој сѐ уште не ни открил како ќе постапи со оние кои немале можност да ја чујат добрата вест. И, се разбира, тој не е обврзан да ни кажува што направил или што ќе прави.

Како ќе постапи Јехова со оние кои можеби нема да имаат можност да ја чујат добрата вест пред да започне големата неволја? (види во пасус 8) c


9. Што ни открил Јехова во Библијата?

9 Во својата Реч, Јехова ни открил некои од работите што ќе ги направи. На пример, Библијата ни кажува дека Јехова ќе ги врати во живот неправедните луѓе кои немале можност да слушнат за добрата вест и да го сменат својот начин на однесување (Дела 24:15; Лука 23:42, 43). Ова покренува други важни прашања.

10. Кои други прашања се појавуваат?

10 Дали сите оние кои ќе умрат за време на големата неволја ќе бидат засекогаш уништени без надеж за воскресение? Библијата јасно ни кажува дека оние кои отворено му се противат на Јехова и кои во Армагедон ќе бидат уништени од него и од неговите војски нема да бидат воскреснати (2. Сол. 1:6-10). Но, што е со оние кои, на пример, умреле поради болест или старост, загинале во некоја несреќа или биле убиени? (Проп. 9:11; Зах. 14:13). Дали некои од овие луѓе ќе бидат помеѓу неправедните кои ќе бидат воскреснати во новиот свет? Едноставно не знаеме.

ШТО ЗНАЕМЕ

11. На темел на што ќе им биде судено на луѓето во Армагедон?

11 Во врска со идните настани, знаеме неколку работи. На пример, знаеме дека во Армагедон на луѓето ќе им биде судено на темел на тоа како се однесувале со Христовите браќа (Мат. 25:40). Оние кои ќе бидат прогласени за овци веќе ќе имаат покажано дека ги поддржуваат помазаниците и Христос. Исто така, знаеме дека некои од Христовите браќа сѐ уште ќе бидат на Земјата откако ќе започне големата неволја и нема да бидат земени на небото сѐ до пред самиот почеток на Армагедон. Сѐ додека некои од Христовите браќа се на Земјата, искрените луѓе можеби ќе имаат прилика да ги поддржат нив и делото кое го извршуваат (Мат. 25:31, 32; Отк. 12:17). Зошто се важни овие факти?

12-13. Како можеби ќе реагираат некои откако ќе го видат уништувањето на Големиот Вавилон? (Види ги и сликите.)

12 Дури и откако ќе започне големата неволја, некои што ќе го видат уништувањето на Големиот Вавилон можеби ќе се сетат дека Јеховините сведоци веќе долго време кажувале дека ќе се случи тој настан. Дали е можно некои што ќе ги видат овие настани да поверуваат во Јехова? (Отк. 17:5; Езек. 33:33).

13 Ако се случи такво нешто, тоа ќе биде слично на она што се случило во Египет во времето на Мојсеј. Сети се дека едно „мноштво други луѓе“ им се придружиле на Израелците кога излегувале од Египет. Некои од тие поединци можеби почнале да развиваат вера во Јехова кога виделе дека предупредувањата на Мојсеј во врска со десетте неволји се исполниле (2. Мој. 12:38). Ако нешто слично се случи откако ќе биде уништен Големиот Вавилон, дали ќе нѐ разочара тоа што и други луѓе ќе имаат можност да ни се придружат кратко пред да дојде крајот? Се разбира дека не! Ние сакаме да бидеме како нашиот небесен Татко Јехова, кој е „милосрден и љубезен, бавен на гнев, полн со милост и вистина“ b (2. Мој. 34:6).

Некои кои ќе го видат уништувањето на Големиот Вавилон можеби ќе се сетат дека Јеховините сведоци веќе долго време зборувале за тој настан (види во пасуси 12-13) d


14-15. Дали можноста некој да живее вечно зависи од тоа кога ќе умре или од тоа каде живее? Објасни (Псалм 33:4, 5).

14 Понекогаш, за некој член на семејството кој не му служи на Јехова, некои од браќата и сестрите можеби ќе речат: „Подобро да умре пред да започне големата неволја бидејќи на тој начин постои надеж дека ќе биде воскреснат“. Сигурно тие го велат тоа со најдобри мотиви. Но, дали некој ќе може да живее вечно не зависи од тоа кога ќе умре. Јехова е совршен Судија — неговите одлуки секогаш се исправни и праведни. (Прочитај Псалм 33:4, 5.) Можеме да бидеме сигурни дека „Судијата на целата земја“ ќе го прави она што е праведно (1. Мој. 18:25).

15 Исто така, разумно е да заклучиме дека можноста некој да живее вечно не зависи од тоа каде живее. Јехова никогаш не би прогласил милиони луѓе за „јарци“ само затоа што живеат во земји во кои никогаш немале можност да ја чујат добрата вест за Божјето Царство (Мат. 25:46). Праведниот Судија на целата Земја се грижи многу повеќе за овие поединци отколку што ние некогаш би можеле. Ние не знаеме како Јехова ќе ги води настаните за време на големата неволја. Кога ќе видат што се случува за време на големата неволја, некои од овие луѓе можеби ќе бидат поттикнати да поверуваат во Јехова и да застанат на негова страна кога тој ќе го посвети своето име пред сите народи (Езек. 38:16).

Откако ќе започне големата неволја... дали е можно некои што ќе ги видат овие настани да поверуваат во Јехова?

16. Што сме дознале за Јехова? (Види ја и сликата.)

16 Преку нашето проучување на Библијата сме дознале колку многу е скапоцен човечкиот живот за Јехова. Тој го жртвувал животот на својот Син за да можеме сите ние да имаме можност да живееме вечно (Јован 3:16). Сите ние сме почувствувале како Јехова со љубов се грижи за нас (Иса. 49:15). Тој го знае секого од нас по име. Всушност, тој толку добро го познава секого од нас поединечно што, дури и ако умреме, тој ќе може да нѐ воскресне бидејќи го памти секој детаљ за нас и секој спомен што сме го имале! (Мат. 10:29-31). Без сомнение, имаме добра причина да бидеме уверени дека нашиот небесен Татко, кој е полн со љубов, ќе му суди на секој поединец на совршено урамнотежен, праведен и милостив начин (Јак. 2:13).

Можеме да бидеме уверени дека Јехова ќе му суди на секој поединец на совршено урамнотежен, праведен и милостив начин (види во пасус 16)


17. Што ќе разгледаме во следната статија?

17 Овие појаснувања ни помагаат да сфатиме дека нашето проповедничко дело е поитно од кога и да било порано. Зошто можеме да го кажеме ова? И што нѐ поттикнува да продолжиме ревносно да ја проповедаме добрата вест? Одговорите на овие прашања детално ќе ги разгледаме во следната статија.

ПЕСНА 76 Какво е чувството кога го славиш Јехова?

a Повеќе информации за тоа зошто беше направена оваа промена можеш да најдеш во статијата „Ти сакаше да биде така“ во Стражарска кула од 15 март 2015, стр. 7-11.

b Откако Големиот Вавилон ќе биде уништен, сите слуги на Јехова ќе бидат испитани за време на нападот на Гог од Магог. Секој што ќе му се придружи на Божјиот народ по уништувањето на Големиот Вавилон исто така ќе биде испитан.

c ОПИС НА СЛИКАТА: Три слики кои покажуваат зошто некои можеби нема да ја чујат добрата вест која ја проповедаме низ целиот свет: 1) една жена која живее на место каде што поради главната религија не е безбедно да се проповеда добрата вест, 2) еден брачен пар кој живее на место каде што поради политичкиот систем е забрането и опасно да се проповеда добрата вест и 3) еден маж кој живее на многу оддалечено и непристапно место.

d ОПИС НА СЛИКАТА: Една млада жена која престанала да му служи на Јехова се сеќава што научила во врска со уништувањето на Големиот Вавилон. Таа одлучува повторно да му служи на Јехова и се враќа кај нејзините родители кои се Сведоци. Ако се случи вакво нешто, ние сакаме да бидеме како нашиот милостив и сочувствителен небесен Татко и да се радуваме кога некој грешник ќе се врати кај него.