Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

СТАТИЈА ЗА ПРОУЧУВАЊЕ 24

ПЕСНА 24 Дојдете на Јеховината гора!

Остани гостин на Јехова засекогаш!

Остани гостин на Јехова засекогаш!

О Јехова, кој ќе биде гостин во твојот шатор? (ПС. 15:1)

ЦЕЛ НА СТАТИЈАТА

Да сфатиме што треба да правиме за да останеме пријатели на Јехова и да видиме на кој начин тој очекува да постапуваме со неговите пријатели.

1. Како ќе ни користи тоа што ќе го разгледаме Псалм 15:1-5?

 ОД ПРЕТХОДНАТА статија дознавме дека оние што му го заветувале својот живот на Јехова и се трудат да останат блиски пријатели со него можат да бидат гости во неговиот симболичен шатор. Но, што треба да правиме за да имаме такво блиско пријателство со него? Во Псалм 15 се зборува токму за оваа тема. (Прочитај Псалм 15:1-5.) Овој псалм ни кажува што мора да правиме за да бидеме блиски пријатели со Бог.

2. На што можеби мислел Давид кога го спомнал Јеховиниот шатор?

2 Псалм 15 почнува со следниве прашања: „О Јехова, кој ќе биде гостин во твојот шатор? Кој ќе живее на твојата света гора?“ (Пс. 15:1). Кога го спомнал Јеховиниот „шатор“, псалмистот Давид можеби мислел на светиот шатор, кој некое време бил во Гаваон. Давид исто така ја спомнал Божјата „света гора“, можеби мислејќи на гората Сион во Ерусалим. Таму, неколку километри јужно од Гаваон, Давид поставил шатор и во него го ставил ковчегот на сојузот, каде што останал сѐ додека не бил изграден храмот (2. Сам. 6:17).

3. Зошто сакаме да го разбереме Псалм 15? (Види ја и сликата.)

3 Се разбира, повеќето Израелци никогаш не служеле во светиот шатор, и само неколкумина влегле во делот од шаторот каде што бил чуван ковчегот на сојузот. Но, сите верни слуги на Јехова можат да бидат гости во неговиот симболичен шатор така што ќе станат и ќе останат негови пријатели. Тоа е нешто што сите ние го посакуваме. Во Псалм 15 се спомнати некои особини што треба да ги развиваме и да ги покажуваме за да останеме пријатели на Јехова.

Израелците од времето на Давид можеле лесно да си претстават што значи да се биде гостин во Јеховиниот шатор (види во пасус 3)


ЖИВЕЈ БЕСПРЕКОРНО И ПОСТАПУВАЈ ПРАВЕДНО

4. Од каде знаеме дека крштавањето не е сето она што Јехова го очекува од нас? (Исаија 48:1).

4 Во Псалм 15:2, оној што му е пријател на Бог е опишан како „оној што живее беспрекорно и постапува праведно“. Зборовите „живее“ и „постапува“ укажуваат на дејство кое трае и се одвива постојано. Но, дали ние навистина можеме да живееме беспрекорно? Да. Иако ниту еден човек не е совршен, Јехова ќе смета дека живееме беспрекорно ако даваме сѐ од себе за да му бидеме послушни. Кога ќе му го заветуваме својот живот на Бог и кога ќе се крстиме, тоа е само почеток на нашето пријателство со него. Забележи дека, во библиски времиња, самото тоа што некој бил Израелец не значело автоматски дека е гостин на Јехова. Некои го повикувале, „но не со вистина и со правда“. (Прочитај Исаија 48:1.) За да покажат дека навистина сакаат да бидат гости на Јехова, Израелците требало да дознаат што бара Јехова од нив и да постапуваат во склад со тоа. На сличен начин, за да бидеме блиски пријатели со Јехова денес, не е доволно само да се крстиме и да бидеме наречени Јеховини сведоци. Потребно е нешто повеќе. Мора да продолжиме да постапуваме праведно. Како можеме да го правиме тоа?

5. Што значи да му бидеме послушни на Јехова во сѐ?

5 За Јехова да каже за некого дека „живее беспрекорно и постапува праведно“, тоа лице треба да прави повеќе отколку само редовно да присуствува и да учествува на собраниските состаноци (1. Сам. 15:22). Мора да даваме сѐ од себе за да му бидеме послушни на Бог во секој аспект од нашиот живот, дури и кога сме сами (Изр. 3:6; Проп. 12:13, 14). Важно е да се трудиме да му бидеме послушни на Јехова дури и во релативно мали работи. На тој начин покажуваме дека навистина го сакаме, а поради тоа тој ќе нѐ сака уште повеќе (Јован 14:23; 1. Јов. 5:3).

6. Според Евреите 6:10-12, што е многу поважно од кое и да било добро дело што сме го направиле во минатото?

6 Јехова многу го цени она што сме го направиле за него во минатото. Сепак, само затоа што сме правеле добри работи во минатото не значи дека и понатаму ќе останеме гости во шаторот на Јехова. Ова јасно се гледа од Евреите 6:10-12. (Прочитај.) Јехова не ги заборава добрите работи што сме ги направиле во минатото. Но, тој сака да продолжиме да му служиме со сето срце „сѐ до крајот“. Јехова засекогаш ќе биде наш пријател „ако не се умориме“ (Гал. 6:9).

ЗБОРУВАЈ ЈА ВИСТИНАТА ВО СВОЕТО СРЦЕ

7. Што значи да ја зборуваме вистината во нашето срце?

7 Оној што сака да биде гостин во Јеховиниот шатор мора да ја „зборува вистината во своето срце“ (Пс. 15:2). Ова не значи само да не лажеме. Јехова сака да бидеме чесни во сѐ што кажуваме и правиме (Евр. 13:18). Ова е важно затоа што „на Јехова му е одвратен расипаниот човек, а близок е со справедливите“ (Изр. 3:32).

8. Од какво однесување треба да се чуваме?

8 Оние што ја зборуваат вистината во своето срце не се преправаат дека му се послушни на Бог кога се со други луѓе, ниту пак ги прекршуваат Божјите закони кога се сами (Иса. 29:13). Тие не постапуваат нечесно. Оној што е расипан, односно нечесен, би можел да почне да се сомнева во мудроста на некои од Јеховините закони (Јак. 1:5-8). Тој би можел да му биде непослушен на Јехова во работи за кои смета дека не се толку важни. Потоа, ако се чини дека нема последици за неговата непослушност, тој би можел да почне да прави дури и уште полоши работи. Иако тој мисли дека му служи на Бог, Јехова ќе го смета за лицемерен (Проп. 8:11). Но, ние сакаме да бидеме чесни во сѐ.

9. Што можеме да научиме од првата средба на Исус со Натанаел? (Види ја и сликата.)

9 Од првата средба на Исус со Натанаел можеме да научиме колку е важно да бидеме искрени во срцето. Кога Филип го довел својот пријател Натанаел да се запознае со Исус, се случило нешто впечатливо. Иако претходно никогаш го немал видено Натанаел, Исус за него рекол: „Еве, вистински Израелец, во кого нема измама!“ (Јован 1:47). Исус знаел дека другите негови ученици се искрени, но Натанаел бил особено искрен. Исто како нас, Натанаел бил несовршен. Но кај него немало ни трошка лицемерие или неискреност — тој бил чесен во сѐ. Исус бил воодушевен од тоа и затоа го пофалил Натанаел. Се разбира, сите ние сакаме Исус да го мисли истото и за нас!

Филип му го претставил на Исус својот пријател Натанаел, човек во кого немало измама. Дали истото би можело да се каже и за нас? (види во пасус 9)


10. Зошто треба да внимаваме што зборуваме? (Јаков 1:26).

10 Повеќето од барањата кои се наведени во Псалм 15 се поврзани со тоа како постапуваме со другите. Во врска со оној што е гостин во Јеховиниот шатор, во Псалм 15:3 пишува: „Тој не клевети со јазикот. Не му прави никакво зло на ближниот свој и не го срамоти пријателот свој“. Ако ги клеветиме другите, тоа може многу да ги повреди и поради тоа повеќе нема да можеме да бидеме гости во Јеховиниот шатор. (Прочитај Јаков 1:26.)

11. Што е клевета, и што ќе се случи со некој што ги клевети другите и не се кае поради тоа?

11 Псалмистот конкретно го спомнува клеветењето. Што е клевета? Општо земено, тоа е лажна изјава која може да уништи нечиј углед. Ако некој ги клевети другите и не се кае поради тоа, ќе биде исклучен од христијанското собрание (Ерем. 17:10).

12-13. Кои се некои ситуации во кои би можеле ненамерно да ги посрамотиме нашите пријатели? (Види ја и сликата.)

12 Псалм 15:3 исто така нѐ потсетува дека гостите на Јехова не им прават никакво зло на своите ближни и не ги срамотат своите пријатели. Како би можеле да го направиме тоа?

13 Ние би можеле ненамерно да посрамотиме некого така што ќе шириме негативни информации за него. Размисли за следниве ситуации: 1) една сестра престанува со пионерската служба, 2) еден брачен пар повеќе не служи во Бетел или 3) еден брат повеќе не служи како старешина или како слуга-помошник. Дали би било исправно да шпекулираме од кои причини дошло до тие промени и потоа да го споделуваме со другите нашето мислење? Може да има повеќе причини поради кои дошло до тие промени за кои ние не сме ни свесни. Оној што е гостин во Јеховиниот шатор „не му прави никакво зло на ближниот свој и не го срамоти пријателот свој“.

Лесно е да се рашират негативни информации за другите кои би можеле да прераснат во клевета (види во пасуси 12-13)


УКАЖУВАЈ ИМ ЧЕСТ НА ОНИЕ ШТО СЕ БОЈАТ ОД ЈЕХОВА

14. Што значи да ги отфрлиме оние што заслужуваат презир?

14 Во Псалм 15:4 пишува дека пријателите на Јехова „го отфрлаат оној што заслужува презир“. Како можеме да знаеме дали некој заслужува презир? Ние не можеме да го одредиме тоа на темел на нашето сопствено мислење. Зошто? Ние сме несовршени и затоа некои луѓе можеби ни се допаѓаат поради некои нивни особини, а други не ни се допаѓаат. Затоа, треба да ги отфрлиме само оние кои Јехова смета дека заслужуваат презир (1. Кор. 5:11). Во нив спаѓаат оние што непокајнички прават лоши работи, покажуваат непочитување кон нашите верувања или се обидуваат да ни го ослабнат пријателството со Јехова (Изр. 13:20).

15. Кој е еден начин на кој можеме да им укажуваме чест на „оние што се бојат од Јехова“?

15 Од друга страна, во Псалм 15:4 пишува дека мора да им укажуваме чест „на оние што се бојат од Јехова“. Затоа, ние бараме начини да им покажуваме љубов и почит на оние што му се пријатели на Јехова (Рим. 12:10). Како? Според Псалм 15:4, еден начин на кој оној што е гостин во Јеховиниот шатор го прави тоа е така што „својата заклетва не ја менува, дури и ако тоа е на негова штета“. Ако не ги исполниме нашите ветувања, ќе ги повредиме другите (Мат. 5:37). На пример, Јехова очекува неговите гости да го исполнат својот брачен завет. Исто така, тој се радува кога родителите се трудат да ги исполнат ветувањата што им ги дале на своите деца. Љубовта кон Бог и кон ближниот ќе нѐ поттикне да дадеме сѐ од себе за да ги исполниме нашите ветувања.

16. На кој друг начин им укажуваме чест на Јеховините пријатели?

16 Друг начин на кој им укажуваме чест на Божјите пријатели е така што сме гостољубиви и великодушни (Рим. 12:13). Кога се дружиме со соверниците и во други прилики освен на состаноците или во службата на проповедање, стануваме поблиски со нив и со Јехова. Освен тоа, кога сме гостољубиви, го следиме примерот на Јехова.

НЕМОЈ ДА ИМАШ ЉУБОВ КОН ПАРИТЕ

17. Зошто во Псалм 15 се спомнуваат парите?

17 Во Псалм 15:5 пишува дека оној што е гостин на Јехова „своите пари не ги дава за камата и не зема поткуп против невиниот“. Зошто во овој псалм се спомнуваат парите? Бидејќи, ако имаме неурамнотежено гледиште за парите, би можеле да ги повредиме другите и да го уништиме своето пријателство со Јехова (1. Тим. 6:10). Во библиски времиња, некои ги искористувале своите сиромашни браќа така што им земале камата за парите што им ги позајмувале. Исто така, некои судии земале мито и потоа неправедно им пресудувале на невините. Таквите постапки му се одвратни на Јехова (Езек. 22:12).

18. Кои прашања можат да ни помогнат да се преиспитаме каков став имаме кон парите? (Евреите 13:5).

18 Добро е да се преиспитаме каков став имаме кон парите. Прашај се: „Дали честопати размислувам за пари и за тоа што може да купам со нив? Ако позајмам пари од некого, дали чекам долго време да му ги вратам мислејќи дека тие не му се толку потребни? Дали тоа што имам повеќе пари од другите ме прави да се чувствувам поважен од нив? Дали ми е тешко да бидам дарежлив? Дали сметам дека некој брат или сестра е материјалист само затоа што има многу пари? Дали сакам да бидам пријател само со оние што се богати, а не сакам да бидам близок со оние што се сиромашни?“ Важно е да си ги поставиме овие прашања бидејќи ни е дадена прекрасна можност да бидеме гости на Јехова. А можеме да останеме негови гости само ако сме сигурни дека немаме љубов кон парите. Во тој случај, Јехова никогаш нема да нѐ напушти. (Прочитај Евреите 13:5.)

ЈЕХОВА ГИ САКА СВОИТЕ ПРИЈАТЕЛИ

19. Зошто Јехова сака да ги правиме работите кои се спомнати во Псалм 15?

19 Псалм 15 завршува со следново ветување: „Кој прави така, никогаш нема да се затетерави“ (Пс. 15:5). Тука псалмистот открива зошто Јехова сака да ги правиме сите работи кои се спомнати во овој псалм. Тој сака да бидеме среќни. Затоа, ако го правиме она што Бог го бара од нас, ќе имаме подобар живот и тој ќе нѐ штити (Иса. 48:17).

20. Што може да очекуваат гостите на Јехова?

20 Гостите на Јехова можат да очекуваат прекрасна иднина. Верните помазаници ќе живеат на небото, каде што Исус им приготвил место (Јован 14:2). Оние што имаат надеж дека ќе живеат на Земјата, едвај чекаат да се исполнат ветувањата од Откровение 21:3. За сите нас е огромна чест што Јехова нѐ поканил да бидеме негови пријатели, односно да бидеме гости во неговиот шатор засекогаш!

ПЕСНА 39 Да стекнеме добро име кај Бог