Дела на апостолите 10:1-48

10  А во Цезареја имаше еден човек по име Корнелиј, стотник+ на таканаречената Италиска чета,+  побожен човек+ кој се боеше од Бог,+ како и сите во неговиот дом. Великодушно му даваше милостина на народот+ и непрестајно му упатуваше сесрдни молитви на Бог.+  Некаде околу деветтиот* час,+ јасно виде во видение+ еден Божји ангел+ како доаѓа кај него и му вели: „Корнелиј!“  А тој се загледа во него, па уплашено го праша: „Што е, Господару?“ Тој му одговори: „Твоите молитви+ и милосрдни дела се вознесоа кај Бог и тој се сети на нив.+  Затоа сега испрати луѓе во Јопа и повикај го Симон, наречен Петар.  Тој е гостин кај еден Симон, кожар, кој има куќа покрај морето“.+  Штом замина ангелот кој му зборуваше, тој повика двајца слуги и еден побожен војник, кој постојано беше покрај него,+  им раскажа сѐ и ги испрати во Јопа.+  Утредента, додека беа на пат и се приближуваа до градот, Петар отиде на покривот од куќата+ околу шестиот* час за да се моли.+ 10  Огладне и сакаше нешто да јаде. Додека му готвеа јадење, тој падна во занес*+ 11  и го виде небото отворено+ и нешто како големо платно, држено за четирите краишта, како се спушта на земјата. 12  Во него имаше секакви видови земни четириножни суштества и лазачи и небесни птици.+ 13  И еден глас му рече: „Петре, стани! Коли и јади!“+ 14  Но Петар рече: „Никако, Господару, зашто никогаш не сум јал нешто валкано и нечисто!“+ 15  А гласот повторно, по вторпат, му рече: „Не викај го валкано+ она што Бог го очистил!“ 16  А тоа се повтори и по третпат, и тогаш сѐ беше наеднаш земено на небото.+ 17  А додека Петар многу збунето се прашуваше што би можело да значи тоа видение, ете, луѓето што ги испрати Корнелиј застанаа пред вратата, откако се распрашаа за куќата на Симон.+ 18  И ги повикаа домашните и прашаа дали е тука на гости Симон, наречен Петар. 19  А додека Петар размислуваше за видението, духот+ му рече: „Еве, те бараат тројца мажи. 20  Стани, слези и појди со нив без колебање, зашто јас ги пратив!“+ 21  Тогаш Петар слезе кај луѓето и рече: „Еве, јас сум оној кого го барате. Зошто сте дојдени?“ 22  А тие рекоа: „Стотникот Корнелиј, праведен човек, кој се бои од Бог+ и за кого добро зборува+ целиот еврејски народ, беше упатен од Бог преку свет ангел да те викне во својот дом за да го чуе она што имаш да го кажеш“. 23  Тогаш ги покани внатре и ги нагости. Утредента стана и отиде со нив, а некои браќа од Јопа појдоа со него. 24  Другиот ден стигна во Цезареја. Корнелиј ги очекуваше, па ги повика своите роднини и блиски пријатели. 25  Кога Петар влезе, Корнелиј му излезе во пресрет, му се фрли пред нозете и му се поклони. 26  Но Петар го подигна, велејќи: „Стани! И јас сум човек“.+ 27  И разговарајќи со него, влезе и најде многу собрани луѓе, 28  па им рече: „Вие знаете дека Законот му забранува на Евреинот да се дружи со човек од друг народ или да доаѓа кај него,+ но Бог мене ми покажа дека не треба ниту еден човек да го викам валкан или нечист.+ 29  Затоа дојдов без приговор кога испративте по мене. А сега ве прашувам зошто ме повикавте?“ 30  Тогаш Корнелиј рече: „Пред четири дена, токму во ова време, во деветтиот* час,+ се молев во својата куќа,+ кога, ете, еден човек во сјајна облека+ застана пред мене 31  и рече: ‚Корнелиј, услишена е твојата молитва и Бог се сети на твоите милосрдни дела.+ 32  Затоа, испрати во Јопа и повикај го Симон, наречен Петар.+ Тој човек е гостин во куќата на Симон кожарот, покрај морето‘.+ 33  Затоа јас веднаш испратив по тебе, а ти добро стори што дојде. И сега сите ние се наоѓаме пред Јехова Бог за да чуеме сѐ што ти заповедал да кажеш“.+ 34  Тогаш Петар ја отвори устата и рече: „Сега навистина сфаќам дека Бог не е пристрасен,+ 35  туку во секој народ го прифаќа оној што се бои од него и го прави она што е праведно.+ 36  Тој им ја испрати својата реч+ на Израеловите синови за да им ја објави добрата вест на мирот+ преку Исус Христос, кој е Господар на сите.+ 37  Вие знаете за што се зборуваше низ цела Јудеја, почнувајќи од Галилеја, по крштавањето што го проповедаше Јован,+ 38  имено за Исус од Назарет, како Бог го помаза со свет дух+ и сила, а тој минуваше низ земјата правејќи добро и лекувајќи ги сите кои Ѓаволот ги угнетуваше,+ зашто Бог беше со него.+ 39  А ние сме сведоци на сето она што го правеше во еврејската земја и во Ерусалим. Него го убија обесувајќи го на столб.*+ 40  А Бог го воскресна на третиот ден и му даде да им се појави на луѓето,+ 41  но не на целиот народ, туку на сведоци кои Бог однапред ги одреди+ — нам, кои јадевме и пиевме со него+ откако стана од мртвите. 42  И ни заповеда да му проповедаме+ на народот и да сведочиме темелно дека тоа е оној кого Бог го постави за судија на живите и на мртвите.+ 43  За него сведочат сите пророци,+ дека секој што верува во него добива простување на гревовите преку неговото име“.+ 44  Додека Петар уште зборуваше за тоа, светиот дух слезе на сите што ги слушаа тие зборови.+ 45  И верните што дојдоа со Петар, а кои беа од обрежаните, беа восхитени, бидејќи дарот на светиот дух беше излеан и на незнабошците.+ 46  Зашто, ги чуја како зборуваат на разни јазици и го величаат Бог.+ Тогаш Петар рече: 47  „Може ли некој да ја забрани водата да не бидат крстени+ овие што го примија светиот дух исто како што го примивме и ние?“ 48  Тогаш им заповеда да се крстат во името на Исус Христос.+ Потоа го замолија да остане неколку дена.

Фусноти

Околу 15 часот, според нашето сметање на времето.
Околу 12 часот.
Или: „транс“.
Околу 15 часот.
Или: „дрво“. Види го додатокот 8.