Дела на апостолите 16:1-40
16 Така стигна во Дерва и во Листра.+ И гледај, таму имаше еден ученик по име Тимотеј.+ Неговата мајка беше Еврејка и верничка, а татко му беше Грк.
2 За него зборуваа добро браќата во Листра и во Иконија.
3 Павле сакаше тој да појде со него, па го зеде и го обрежа+ поради Евреите што беа во тие места, бидејќи сите знаеја дека татко му е Грк.
4 Додека минуваа низ градовите, им ги предаваа на тамошните браќа одредбите што ги донесоа апостолите и старешините во Ерусалим, за да се придржуваат кон нив.+
5 Така собранијата се зацврстуваа во верата+ и од ден на ден растеа.
6 Потоа поминаа низ Фригија и низ подрачјето на Галатија,+ зашто светиот дух им забрани да ја проповедаат речта во Азија.
7 А кога дојдоа до Мизија, се обидоа да одат во Витинија,+ но Исусовиот дух не им дозволи.
8 Затоа ја поминаа Мизија и дојдоа во Троада.+
9 А ноќта Павле имаше видение:+ еден Македонец стоеше и го молеше: „Прејди во Македонија* и помогни ни!“
10 А откако го виде видението, настојувавме веднаш да отидеме во Македонија,+ заклучувајќи дека Бог нѐ повикува да им ја објавиме добрата вест.
11 Затоа испловивме од Троада и дојдовме право во Самотраки, а утредента во Неапол,
12 а оттаму во римската колонија Филипи,+ водечки град во таа област на Македонија.+ Во тој град поминавме неколку дена.
13 А на саботниот* ден излеговме од градот и отидовме до една река, мислејќи дека таму луѓето се собираат за молитва. Седнавме и почнавме да им зборуваме на насобраните жени.
14 Слушаше и една жена по име Лидија, продавачка на пурпур од градот Тијатира,+ која го почитуваше Бог. И Јехова ѝ го отвори срцето+ да го прифати она што го зборуваше Павле.
15 А кога се крстија таа и нејзините домашни,+ ги замоли: „Ако сметате дека сум му верна на Јехова, влезете во мојот дом и останете!“+ И нѐ присили да дојдеме.+
16 Додека одевме на местото каде што луѓето се собираат за молитва, нѐ сретна една слугинка која беше обземена од дух,+ гатачки демон,+ која со своето прорекување им донесуваше голема добивка+ на своите господари.
17 Таа девојка одеше по Павле и по нас и викаше:+ „Овие луѓе се робови на Севишниот Бог! Тие ви го објавуваат патот на спасението!“
18 Ова го правеше многу денови. Најпосле тоа му додеа на Павле,+ па се сврте и му рече на духот: „Ти заповедам во името на Исус Христос да излезеш од неа!“+ И духот излезе во истиот тој час.+
19 Кога нејзините господари видоа дека повеќе не можат да се надеваат на заработка,+ ги фатија Павле и Сила и ги одвлечкаа на плоштадот пред градските поглавари.+
20 И ги доведоа пред градските управители* и рекоа: „Овие луѓе многу го вознемируваат+ нашиот град. Тие се Евреи
21 и шират обичаи+ кои нам не ни е допуштено ниту да ги прифатиме ниту да ги држиме, бидејќи сме римски граѓани“.
22 Тогаш мноштвото стана против нив, а градските управители ги симнаа од нив облеките и заповедаа да ги истепаат со стапови.+
23 Откако им нанесоа многу удари,+ ги фрлија в затвор и му наредија на затворскиот чувар добро да ги чува.+
24 Откако доби таква наредба, тој ги фрли во внатрешниот дел од затворот+ и им ги стави нозете во клада.+
25 Околу полноќ+ Павле и Сила се молеа и со песна го фалеа Бог,+ а затворениците ги слушаа.
26 Но одеднаш се случи силен земјотрес, така што се затресоа темелите на затворот. И веднаш се отворија сите врати и на сите им паднаа оковите.+
27 А затворскиот чувар се разбуди од сон и, кога виде дека затворските врати се отворени, го извлече мечот за да се убие,+ мислејќи дека затворениците избегале.+
28 Но Павле извика на сет глас: „Не прави си никакво зло!+ Сите сме овде!“
29 Тогаш чуварот побара светло, влета внатре и сиот треперејќи се фрли+ пред Павле и пред Сила.
30 Потоа ги изведе надвор и рече: „Господа, што морам да правам+ за да бидам спасен?“
31 А тие рекоа: „Верувај во Господарот* Исус и ќе бидеш спасен+ — ти и твоите домашни!“+
32 И му зборуваа за Јеховината реч нему и на сите во неговиот дом.+
33 И во истиот час во ноќта тој ги одведе и им ги изми раните, па веднаш се крсти+ и тој и сите негови.
34 Тогаш ги воведе во својата куќа и принесе јадење на трпезата. И многу се радуваше со сиот свој дом што беше поверувал во Бог.
35 Кога самна, градските управители+ ги испратија своите службеници* со пораката: „Пуштете ги тие луѓе!“
36 Тогаш затворскиот чувар му ги јави на Павле нивните зборови: „Градските управители порачаа да бидете пуштени вие двајцата. Затоа, сега излезете и одете си во мир!“
37 Но Павле им рече: „Јавно нѐ истепаа неосудени, нас кои сме римски граѓани,+ и нѐ фрлија в затвор. Зарем сега тајно да нѐ исфрлат? Никако, туку самите нека дојдат и нека нѐ изведат!“
38 Тогаш службениците им ги јавија овие зборови на градските управители. А тие се уплашија кога чуја дека се римски граѓани.+
39 Затоа дојдоа да ги смират, па ги изведоа и ги замолија да си одат од градот.
40 А кога излегоа од затворот, отидоа во домот на Лидија. И кога се видоа со браќата, ги охрабрија,+ па заминаа.
Фусноти
^ „Македонија“ во Библијата е име на провинција на Римското Царство. Настаните кои Библијата ги поврзува со Македонија се одиграле на подрачјето на денешна Грција.
^ Или: „магистрати“.
^ Види го додатокот 11.
^ Или: „ликтори“.