Еремија 39:1-18
39 Во деветтата година на Седекија, царот на Јуда, во десеттиот месец,+ против Ерусалим дојде Навуходоносор, вавилонскиот цар, со сета своја војска, и започна да го опсадува градот.+
2 Во единаесеттата година од царувањето на Седекија, во четвртиот месец, на деветтиот ден од тој месец, продреа во градот.+
3 И влегоа сите кнезови на вавилонскиот цар и се сместија кај Средната Порта,+ а кнезовите беа: Нергал-Саресер, Самгар-Нево, Сарсехим, рапсарисот,* равмагот* Нергал-Саресер и сите други кнезови на вавилонскиот цар.
4 Кога ги видоа, Седекија, царот на Јуда, и сите негови воини побегнаа+ и излегоа ноќе од градот низ царската градина,+ низ портата меѓу двојниот ѕид, и се упатија кон Араба.+
5 Но халдејската војска тргна во потера по нив+ и го стигна Седекија во пустата рамница кај Ерихон.+ Го фатија и го одведоа кај Навуходоносор, вавилонскиот цар, во Ривла,+ во ематската земја,+ за да му суди.+
6 И вавилонскиот цар ги погуби+ во Ривла синовите на Седекија пред негови очи.+ Вавилонскиот цар ги погуби и сите достоинственици на Јуда.+
7 А Седекија го ослепи+ и потоа го окова во бакарни окови за да го одведе во Вавилон.
8 Халдејците ги изгореа со оган царскиот дворец и куќите на народот,+ и ги разурнаа сите ѕидови на Ерусалим.+
9 А остатокот од народот, кој уште остана во градот, и оние што пребегаа кај него и сиот преостанат народ, Невузардан,+ заповедникот на телесната стража,+ ги одведе во изгнанство во Вавилон.+
10 А некои од народот, сиромашните кои немаа ништо, Невузардан, заповедникот на телесната стража, ги остави во земјата на Јуда,+ и во тој ден им даде лозја и им одреди да работат во полето.+
11 А Навуходоносор, царот на Вавилон, вака му заповеда на Невузардан, заповедникот на телесната стража, во врска со Еремија:
12 „Земи го и твоите очи нека внимаваат на него! Не прави му никакво зло!+ Туку, како што ќе ти рече тој, така направи му!“+
13 И така Невузардан,+ заповедникот на телесната стража, рапсарисот Невусазван, равмагот Нергал-Саресер и сите водечки луѓе на вавилонскиот цар
14 испратија по Еремија и го зедоа од Стражарскиот Двор+ и му го предадоа на Годолиј,+ синот на Ахикам,+ син на Сафан,+ да го врати во неговата куќа, за да живее меѓу народот.
15 А на Еремија му дојде Јеховината реч додека беше затворен во Стражарскиот Двор:+
16 „Оди и речи му на Етиопјанецот Авде-Мелех:+ ‚Вака вели Јехова над војските, Богот на Израел: „Еве, ќе ги исполнам зборовите што ги кажав за овој град, на негово зло, а не на добро,+ и ќе се исполнат пред тебе во тој ден“ ‘.+
17 ‚А тебе ќе те избавам во тој ден‘,+ вели Јехова, ‚и нема да бидеш предаден во рацете на луѓето од кои се плашиш.‘+
18 ‚Зашто, јас навистина ќе те избавам, па нема да паднеш од меч. Ќе ја добиеш својата душа како плен,+ бидејќи се надеваше на мене‘,+ вели Јехова“.
Фусноти
^ Главниот врач (астролог); титула на висок службеник во царството.