Исус Навин 6:1-27

6  А Ерихон се затвори и се утврди поради синовите на Израел, па никој не излегуваше и не влегуваше.+  И Јехова му рече на Исус Навин: „Еве, ти ги давам в раце Ерихон и неговиот цар со неговите храбри јунаци.+  Сите вие, воини, обиколувајте го градот по еднаш на ден. Тоа правете го шест дена.  Седум свештеници нека носат пред ковчегот седум овнешки рога. А на седмиот ден, обиколете го градот седум пати и свештениците нека затрубат во роговите.+  И кога тие ќе затрубат во овнешките рогови и кога ќе го чуете звукот на рогот, целиот народ нека крене силна воена викотница,+ и градските ѕидишта ќе се урнат до темел.+ Тогаш народот нека се искачи во градот, секој право напред од местото на кое ќе се затече“.  Така Исус, синот на Навин, ги повика свештениците+ и им рече: „Земете го ковчегот на сојузот,+ а седум свештеници нека носат пред Јеховиниот ковчег+ седум овнешки рога!“  На народот, пак, му рече: „Појдете и обиколете го градот, а вооружени воини+ нека одат пред Јеховиниот ковчег!“  И направија така како што му рече Исус Навин на народот. Седумте свештеници, кои ги носеа пред Јехова седумте овнешки рога, тргнаа и затрубија во роговите, а ковчегот на сојузот одеше по нив.  Вооружените воини одеа пред свештениците кои трубеа во рогови, додека заштитната стража+ одеше по ковчегот, а за сето тоа време трубеа во роговите. 10  А Исус Навин му заповеда на народот:+ „Не викајте, да не ви се чуе глас и ниту еден збор не смее да ви излезе од уста сѐ до денот кога ќе ви кажам: ‚Викајте!‘ Тогаш ќе викате“.+ 11  А го испрати Јеховиниот ковчег да го обиколи еднаш целиот град. Потоа се вратија во логорот, и во логорот преноќеваа. 12  Исус Навин стана рано изутрината,+ и свештениците го понесоа Јеховиниот ковчег.+ 13  Седумте свештеници кои ги носеа седумте овнешки рога одеа пред Јеховиниот ковчег, трубејќи постојано во роговите. Вооружените воини одеа пред нив, а заштитната стража одеше по Јеховиниот ковчег. За сето тоа време трубеа во роговите.+ 14  И на вториот ден го обиколија градот еднаш, а потоа се вратија во логорот. Тоа го правеа шест дена.+ 15  На седмиот ден станаа рано, штом зазори зората, и седум пати го обиколија градот на истиот начин. Само на тој ден го обиколија градот седум пати.+ 16  А кога го обиколуваа градот по седмиот пат, свештениците затрубија во роговите и Исус Навин му рече на народот: „Викајте,+ зашто Јехова ви го предаде градот!+ 17  Градот е удрен со проклетството на уништувањето,*+ тој и сѐ што е во него му припаѓаат на Јехова. Само блудницата Раав+ нека остане жива, таа и сите оние што се со неа во куќата, зашто ги скри извидувачите што ги испративме.+ 18  Затоа, чувајте се од проколнатите работи,+ за да не посакате+ и да не земете нешто проколнато,+ па да ги навлечете на израелскиот логор проклетството на уништувањето и осудата!*+ 19  А сето сребро, злато, како и сите предмети од бакар и од железо се свети за Јехова.+ Треба да се донесат во Јеховината ризница“.+ 20  И кога затрубија во роговите, народот извика.+ И кога народот го чу звукот на рогот и се огласи со силна воена викотница, ѕидиштата почнаа да се рушат.+ Потоа народот се искачи во градот, секој право напред од местото на кое се затече, и го освоија градот. 21  Сѐ што беше во градот, машко и женско, младо и старо, говеда и овци и магариња, го убија* со сечилото на мечот.+ 22  А на оние двајца што ја извидуваа земјата, Исус Навин им рече: „Отидете во куќата на онаа блудница и изведете ги оттаму жената и сите нејзини, како што сте ѝ се заколнале!“+ 23  И младите луѓе, кои ја извидуваа земјата, отидоа и ги изведоа Раав, татко ѝ, мајка ѝ, нејзините браќа и сите нејзини, ги изведоа сите нејзини роднини,+ па ги одведоа надвор од израелскиот логор. 24  А градот и сѐ што беше во него го изгореа со оган.+ Само среброто, златото и предметите од бакар и од железо ги предадоа во ризницата на Јеховиниот дом.+ 25  А блудницата Раав и домот на татко ѝ и сите нејзини, Исус Навин ги остави живи,+ и така таа остана меѓу Израелците до ден-денес,+ затоа што ги скри луѓето кои Исус Навин ги испрати да го извидат Ерихон.+ 26  Во тоа време Исус Навин нареди да се изрече оваа клетва: „Проклет да е пред Јехова човекот што ќе стане да го изгради овој град, градот Ерихон! Со својот првороден нека плати ако му го положи темелот и со својот најмлад син нека плати ако му ги постави вратите!“+ 27  И Јехова беше со Исус Навин,+ и тој стана славен по целата земја.+

Фусноти

Или: „Градот е херем“. Види ја фуснотата за 2Мо 22:20.
Или: „и да не го земете она што е херем, па и израелскиот логор самиот да стане херем и да биде осуден“.
Или: „го убија како херем“. Види ја фуснотата за 2Мо 22:20.