Лука 15:1-32
15 Сите даночници+ и грешници+ доаѓаа кај него за да го слушаат.
2 Затоа фарисеите и книжниците негодуваа: „Овој прима грешници и јаде со нив“.+
3 Тогаш им ја раскажа оваа споредба:
4 „Ако некој од вас има сто овци и загуби една од нив, нема ли да ги остави оние деведесет и девет во пустината и да ја бара загубената додека не ја најде?+
5 И кога ќе ја најде, ќе ја стави на рамења и ќе се радува.+
6 А кога ќе дојде дома, ќе ги повика пријателите и соседите и ќе им рече: ‚Радувајте се со мене, бидејќи ја најдов својата загубена овца!‘+
7 Ви велам дека така на небото ќе има поголема радост поради еден грешник кој ќе се покае+ отколку поради деведесет и девет праведници на кои не им треба покајание.+
8 Или, ако некоја жена има десет драхми, па загуби една драхма,* нема ли да запали светилка, да ја измете куќата и внимателно да бара додека не ја најде?
9 И кога ќе ја најде, ќе ги повика пријателките и сосетките и ќе им рече: ‚Радувајте се со мене, зашто ја најдов драхмата што ја загубив!‘
10 Ви велам, таква е радоста меѓу Божјите ангели поради еден грешник кој ќе се покае“.+
11 Потоа рече: „Еден човек имаше два сина.+
12 Помладиот од нив му рече на татка си: ‚Татко, дај ми го делот од имотот што ми припаѓа!‘+ И тој им го подели својот имот.+
13 По неколку дена, помладиот син собра сѐ, отпатува во далечна земја и таму го истроши својот имот, живеејќи распуштено.+
14 Кога потроши сѐ, во целата таа земја настана голем глад и тој се најде во немаштија.
15 Дури отиде и наговори еден жител на таа земја да го земе за наемник, а овој го испрати на своите ниви да чува свињи.+
16 И сакаше да се насити со рогачките што ги јадеа свињите, но никој не му ги даваше.+
17 Кога се вразуми, рече: ‚Колку наемници на мојот татко имаат леб во изобилство, а јас тука умирам од глад!
18 Ќе станам, ќе отидам+ кај својот татко и ќе му речам: „Татко, му згрешив на небото и тебе.+
19 Не сум веќе достоен да се нарекувам твој син. Прими ме како еден од своите наемници!“ ‘
20 И стана и отиде кај својот татко. Додека уште беше далеку, неговиот татко го здогледа и се сожали, па потрча, му падна околу вратот и го избакна.
21 Тогаш синот му рече: ‚Татко, му згрешив на небото и тебе.+ Не сум веќе достоен да се нарекувам твој син. Прими ме како еден од своите наемници!‘+
22 А таткото им рече на своите робови: ‚Бргу, изнесете ја најдобрата облека и облечете го во неа!+ Ставете му прстен+ на раката и обујте му сандали на нозете!
23 И доведете го згоениот+ јунец и заколете го,* па да јадеме и да се веселиме,
24 зашто овој мој син беше мртов и оживе,+ беше загубен и се најде!‘ И почнаа да се веселат.
25 А неговиот постар син+ беше во полето. Кога на враќање се приближи до куќата, чу музика и играње.
26 Затоа повика еден од слугите и го праша што се случува.
27 Тој му одговори: ‚Си дојде брат ти,+ па татко ти+ го закла згоениот јунец, зашто му се врати здрав‘.
28 А тој се разгневи и не сакаше да влезе. Тогаш неговиот татко излезе и почна да го моли да влезе.+
29 А тој му рече на својот татко: ‚Еве, толку години ти робувам и ниту еднаш не ја престапив твојата заповед, а никогаш не ми даде ни едно јаре за да се провеселам со своите пријатели.+
30 А штом дојде овој твој син,+ кој со блудници го изеде твојот имот,+ ти му го закла згоениот јунец‘.+
31 Тогаш таткото му рече: ‚Сине, ти секогаш си со мене и сѐ што е мое, твое е.+
32 Но моравме да се веселиме и да се радуваме, бидејќи овој твој брат беше мртов и оживе, беше загубен и се најде‘ “.+
Фусноти
^ Драхмата е грчки сребреник кој тежел 3,4 грама. Види го додатокот 13.
^ Буквално: „принесете го за жртва“.