Лука 18:1-43
18 Тогаш им раскажа една споредба за тоа дека секогаш треба да се молат и да не се откажуваат:+
2 „Во еден град си беше еден судија, кој не се плашеше од Бог и не му беше грижа за луѓето.
3 А во тој град имаше и една вдовица, која доаѓаше кај него+ и го молеше: ‚Помогни ми да добијам правда во спорот со оној со кој се судам‘.
4 Некое време тој не сакаше, но на крајот си рече во себе: ‚Не се плашам од Бог и не ми е грижа за луѓето,
5 но оваа вдовица толку ми досадува+ што сепак ќе ѝ помогнам да добие правда, па повеќе да не доаѓа и да ме измачи докрај‘ “.+
6 Тогаш Господарот рече: „Дали чувте што рекол неправедниот судија?
7 Та нема ли Бог да се погрижи да добијат правда+ неговите избрани, кои викаат кон него ден и ноќ, иако изгледа дека долго чека+ за да им помогне?*
8 Ви велам, ќе се погрижи брзо да добијат правда.+ Но Синот човечки, кога ќе дојде, ќе најде ли вера на земјата?“
9 А на некои што беа уверени во својата праведност,+ па ги потценуваа другите,+ им ја раскажа оваа споредба:
10 „Двајца луѓе отидоа во храмот да се молат. Едниот беше фарисеј, а другиот даночник.
11 Фарисејот застана+ и вака се молеше+ во себе: ‚Боже, ти благодарам што не сум како останатите луѓе: изнудувачи, неправедници, прељубници или како овој даночник.+
12 Постам двапати во седмицата, давам десеттина од сѐ што ќе стекнам‘.+
13 А даночникот, стоејќи понастрана, не сакаше ни очите да ги подигне кон небото, туку се удираше в гради+ и велеше: ‚Боже, биди милостив кон мене грешникот!‘+
14 Ви велам, овој си замина дома поправеден+ од другиот. Зашто, секој што се возвишува, ќе биде понижен, а оној што се понизува, ќе биде возвишен“.+
15 А луѓето му ги доведуваа и малите деца за да ги допре. Кога учениците го видоа тоа, ги прекоруваа.+
16 Но Исус ги викна децата кај себе и рече: „Пуштете ги децата да доаѓаат кај мене и не забранувајте им! Зашто, на таквите им припаѓа царството Божје.+
17 Вистина, ви велам, секој што нема да го прими царството Божје како дете, нема да влезе во него“.+
18 А еден поглавар го праша: „Учителе добар, што морам да правам за да наследам вечен живот?“+
19 Тогаш Исус му рече: „Зошто ме нарекуваш добар? Никој не е добар, освен еден, Бог.+
20 Заповедите ги знаеш:+ ‚Не врши прељуба‘,+ ‚Не убивај‘,+ ‚Не кради‘,+ ‚Не сведочи лажно‘,+ ‚Почитувај ги татка си и мајка си‘ “.+
21 А тој рече: „Сето тоа го држам уште од младоста“.+
22 Кога го чу тоа, Исус му рече: „Уште едно ти недостасува: продај сѐ што имаш и парите раздели им ги на сиромасите, па ќе имаш богатство на небесата! Тогаш дојди и оди по мене!“+
23 А овој, кога го чу тоа, длабоко се нажали, зашто беше многу богат.+
24 Исус го погледна и рече: „Колку тешко ќе влезат богатите во царството Божје!+
25 Полесно ѝ е на камила да помине низ иглени уши отколку на богат човек да влезе во Божјето царство“.+
26 Оние што го чуја тоа, прашаа: „Тогаш, кој може да се спаси?“
27 А тој рече: „Она што не е можно за луѓето, можно е за Бог“.+
28 А Петар рече: „Еве, ние оставивме сѐ и појдовме по тебе“.+
29 Тогаш Исус им рече: „Вистина, ви велам, никој не оставил куќа или жена или браќа или родители или деца заради царството Божје,+
30 а да не добие многу повеќе во ова време, а во поредокот* што доаѓа — вечен живот“.+
31 Тогаш ги зеде настрана дванаесеттемина и им рече: „Еве, одиме во Ерусалим. И ќе се исполни сѐ што напишале пророците+ за Синот човечки.+
32 Ќе им го предадат на незнабошците, ќе го исмејуваат,+ ќе постапуваат лошо со него+ и ќе биде плукан.+
33 Ќе го искамшикуваат+ и потоа ќе го убијат,+ а на третиот ден ќе воскресне“.+
34 Но тие не сфатија ништо од тоа, туку значењето на тие зборови им беше скриено и не знаеја за што зборува.+
35 Додека се приближуваше кон Ерихон, еден слепец седеше крај патот и просеше.+
36 Кога чу дека поминуваат мноштво луѓе, почна да се распрашува што се случува.
37 Му рекоа: „Поминува Исус Назареќанецот!“+
38 Тогаш извика: „Исусе, Сине Давидов, смилувај ми се!“+
39 Оние што одеа напред го замолчуваа, но тој уште посилно викаше: „Сине Давидов, смилувај ми се!“+
40 Тогаш Исус застана и заповеда да го доведат кај него.+ Кога се приближи, Исус го праша:
41 „Што сакаш да ти направам?“+ Тој одговори: „Господару, направи да прогледам!“+
42 А Исус му рече: „Прогледај! Твојата вера те оздраве“.+
43 И веднаш прогледа+ и тргна по него, славејќи го Бог.+ И сиот народ што го виде тоа, го фалеше Бог.