1. Мојсеева 32:1-32
32 А кога Јаков отиде по својот пат, го сретнаа Божјите ангели.+
2 Штом ги здогледа, Јаков рече: „Ова е Божји логор!“+ Затоа, на тоа место му го даде името Маханаим.*+
3 Тогаш Јаков испрати пред себе гласници+ кај својот брат Исав во земјата Сеир,+ на подрачјето на Едом,+
4 и им заповеда: „Вака ќе му речете на мојот господар,+ на Исав: ‚Твојот слуга Јаков ти порачува: „Живеев кај Лаван и останав долго, сѐ до сега.+
5 Стекнав говеда, магариња, овци, слуги и слугинки,+ па му го јавувам тоа на мојот господар за да најдам милост во негови очи“ ‘ “.+
6 По некое време, гласниците се вратија кај Јаков и рекоа: „Бевме кај брат ти Исав, и тој ти доаѓа во пресрет со четиристотини луѓе“.+
7 А Јаков многу се исплаши и се загрижи.+ Затоа ги раздели на две групи луѓето што беа со него, ситната стока, говедата и камилите,+
8 па рече: „Ако Исав наиде на едната група и ја нападне, другата сѐ уште ќе успее да побегне“.+
9 Потоа Јаков рече: „О Боже на мојот татко Авраам и Боже на мојот татко Исак!+ О Јехова, ти кој ми велиш: ‚Врати се во својата земја и кај своите роднини, и јас ќе постапувам добро со тебе‘,+
10 јас не сум достоен за сета милост* и за сета верност што ја покажа кон мене, твојот слуга,+ зашто го поминав овој Јордан само со стап, а сега имам два логора.+
11 Те молам, избави ме+ од раката на брат ми, од раката на Исав, зашто се плашам дека ќе дојде и ќе ме нападне мене,+ а и мајките со деца!
12 Ти самиот ми рече: ‚Навистина ќе бидам добар кон тебе и ќе направам твоето потомство да биде како зрната морски песок, кои се толку многу што не може да се избројат‘ “.+
13 Таа ноќ ја помина тука. А од она што го имаше зеде дар за својот брат Исав:+
14 двесте кози и дваесет јарци, двесте овци и дваесет овни,
15 триесет камили доилки со нивните младенчиња, четириесет крави и десет бика, дваесет магарици и десет магариња.+
16 Потоа на своите слуги им предаваше едно стадо по друго и им велеше: „Поминете ја реката пред мене и држете растојание помеѓу стадата!“+
17 И му заповеда на првиот: „Ако те сретне брат ми Исав и ако те праша: ‚Чиј си, каде одиш и чие е ова пред тебе?‘ —
18 речи му: ‚На твојот слуга Јаков. Тоа е дар+ што му го испраќа на мојот господар+ Исав, а ене, и тој самиот иде по нас‘ “.
19 Така му заповеда и на вториот, и на третиот, а и на сите што одеа по стадата: „Така речете му на Исав кога ќе го сретнете!+
20 И уште речете му: ‚Ене, твојот слуга Јаков иде по нас‘ “.+ Зашто, си рече: „Ќе го смирам со дарот што оди пред мене,+ па потоа ќе го видам неговото лице. Можеби тогаш ќе ме прими љубезно“.+
21 Така дарот ја помина реката пред него, а тој ја мина таа ноќ во логорот.+
22 Уште во истата ноќ, стана, ги зеде своите две жени,+ двете слугинки+ и своите единаесет млади синови+ и го премина Јавок+ каде што беше плитко.
23 Така ги зеде и ги преведе преку реката,*+ и пренесе сѐ што имаше.
24 Најпосле Јаков остана сам. Тогаш еден човек се бореше со него сѐ додека не се зазори.+
25 Кога виде дека не може да го совлада,+ му го допре бедрото кај зглобот, така што на Јаков му се исчаши колкот додека се бореше со него.+
26 Потоа рече: „Пушти ме, зашто се зазори!“ А Јаков му одврати: „Не те пуштам додека не ме благословиш“.+
27 А тој го праша: „Како се викаш?“ „Јаков“, одговори тој.
28 Тогаш му рече: „Повеќе нема да се викаш Јаков, туку Израел,*+ зашто се бореше+ со Бог и со луѓето, и надвладеа“.
29 А Јаков го запраша: „Те молам, кажи ми го своето име!“ Но тој му рече: „Зошто прашуваш за моето име?“+ И таму го благослови.
30 Затоа Јаков го нарече местото Фануил*+ зашто, како што рече: „Се видов со Бог лице в лице, а сепак мојата душа се избави“.+
31 И сонцето заблеска над него кога го помина Фануил, но куцаше поради колкот.+
32 Затоа синовите на Израел до ден-денес не ја јадат жилата* која се наоѓа на бедрениот зглоб, зашто ангелот го допре Јаков кај бедрениот зглоб, на местото каде што се наоѓа жилата.+
Фусноти
^ „Маханаим“ значи „два логора“.
^ Види го додатокот 12.
^ „Израел“ значи „Бог се бори; оној што (истрајно) се бори со Бог“.
^ „Фануил“ значи „Божје лице“.
^ Или: „тетивата на бедрениот (ишијадичниот) нерв“.