1. Мојсеева 37:1-36
37 А Јаков остана да живее во земјата во која татко му беше дојденец,+ во ханаанската земја.+
2 Ова се настани од животот* на Јаков.
Кога имаше седумнаесет години, Јосиф+ ги чуваше овците заедно со своите браќа,+ а бидејќи уште беше многу млад, беше со синовите на Вилха+ и на Зелфа,+ жените на неговиот татко. Јосиф му донесуваше на татка си лоши гласови за нив.+
3 А Израел го сакаше Јосиф повеќе отколку сите други синови+ зашто му се роди на старост, и му направи долга ригеста облека со ракави.+
4 Кога видоа дека татко им го сака повеќе од сите нив, неговите браќа го замразија+ и не можеа да му кажат мирно ниту еден збор.+
5 Подоцна Јосиф сони сон и им го раскажа на своите браќа,+ а тие уште повеќе го замразија поради тоа.
6 Имено, тој им рече: „Ве молам, чујте го сонот што го сонив!+
7 Си врзувавме снопови среде полето, кога одеднаш мојот сноп се подигна и застана исправено, а вашите снопови го опколија мојот сноп и му се поклонија“.+
8 А неговите браќа му рекоа: „Да не имаш намера да бидеш цар над нас?+ Да не сакаш, можеби, да господариш со нас?“+ Така најдоа нова причина да го мразат поради неговите соништа и поради неговите зборови.
9 Потоа тој сони уште еден сон, па им го раскажа на своите браќа: „Пак сонив сон. Во него сонцето, месечината и единаесет ѕвезди ми се клањаа мене“.+
10 Кога им го раскажа тоа на својот татко и на своите браќа, татко му го прекори:+ „Што значи тој сон што си го сонил? Ќе дојдеме ли јас, мајка ти и твоите браќа да ти се клањаме доземи?“
11 И неговите браќа почнаа да му љубоморат,+ но татко му размислуваше за тие зборови.+
12 Еднаш неговите браќа отидоа да го пасат стадото на татка си близу Сихем.+
13 По некое време, Израел му рече на Јосиф: „Зарем твоите браќа не ги чуваат стадата близу Сихем? Ајде да те испратам кај нив“. А тој му одговори: „Еве ме!“+
14 Тогаш му рече: „Те молам, оди и види дали се живи и здрави твоите браќа и дали е добро стадото, па јави ми!“+ Така го испрати од Хевронската Долина,+ и тој отиде кон Сихем.
15 Подоцна некој човек го најде како скита по полето, па го запраша: „Што бараш?“
16 „Ги барам моите браќа“, одговори тој. „Те молам, кажи ми каде ги чуваат стадата?“
17 Човекот одговори: „Отидоа одовде, зашто ги чув како велат: ‚Ајде да одиме во Дотан!‘“ Така Јосиф продолжи да ги бара своите браќа и ги најде во Дотан.
18 А тие го здогледаа оддалеку и, пред да им се приближи, почнаа лукаво да коваат заговор против него за да го убијат.+
19 Па си рекоа еден на друг: „Еве, доаѓа оној сонувачот.+
20 Ајде сега да го убиеме и да го фрлиме во една од јамите за вода!+ Ќе речеме дека го изела дива ѕверка.+ Па да видиме тогаш што ќе биде со неговите соништа“.
21 Кога го чу тоа, Рувим се обиде да го избави од нивни раце.+ Затоа рече: „Да не ја убиваме неговата душа!“+
22 Рувим понатаму им велеше: „Не пролевајте крв!+ Фрлете го во оваа јама во пустелијава и не кревајте рака на него!“+ Всушност, сакаше да го избави од нивни раце и да го врати кај татко му.
23 И штом Јосиф дојде кај своите браќа, тие му ја соблекоа долгата облека, долгата ригеста облека што ја носеше,+
24 па го зедоа и го фрлија во јамата за вода.+ Во тоа време јамата беше празна, во неа немаше вода.
25 Потоа седнаа да јадат леб.+ Кога ги подигнаа очите и погледнаа, гледај, караван со Исмаелци+ доаѓаше од Галад со камили натоварени со мирислива смола леданон, со балсам и со смолеста кора,+ кои ги носеа во Египет.
26 Тогаш Јуда им рече на своите браќа: „Од каква полза ќе биде ако го убиеме нашиот брат и ако ја скриеме неговата крв?+
27 Ајде да им го продадеме на Исмаелците+ и да не креваме рака на него!+ Тој е сепак наш брат, наше месо“. Така го послушаа својот брат.+
28 Токму тогаш наидоа некои мадијамски трговци.+ А браќата го извлекоа Јосиф од јамата+ и им го продадоа на Исмаелците за дваесет сребреници.+ Овие, пак, го одведоа Јосиф во Египет.
29 Кога се врати кај јамата и виде дека Јосиф повеќе не е во неа, Рувим си ја раскина облеката.+
30 Штом се врати кај браќата, извика: „Го нема детето! За каде сум сега јас?“+
31 А тие ја зедоа долгата облека на Јосиф, заклаа јарец и повеќепати ја натопија во крвта.+
32 Потоа му ја испратија на својот татко долгата ригеста облека и му порачаа: „Ова го најдовме. Те молиме, види+ дали е ова облеката на твојот син или не е!“+
33 А тој, откако убаво ја разгледа, извика: „Тоа е облеката на син ми! Лута ѕверка го изела!+ Јосиф е растргнат на парчиња!“+
34 Тогаш Јаков ја раскина својата наметка, си препаша козина околу бедрата и тажеше по својот син многу дни.+
35 И сите негови синови и сите негови ќерки настојуваа да го утешат,+ но тој не дозволуваше да го утешат, туку велеше:+ „Со тажење ќе отидам кај мојот син во гробот!“* Така татко му плачеше по него.
36 А во Египет Мадијамците му го продадоа на Петефри, дворјанин на фараонот,+ заповедник на телесната стража.+