1. Самоилова 23:1-29

23  По некое време му јавија на Давид: „Еве, Филистејците војуваат против Кеила+ и ги пљачкаат гумната“.+  И Давид го праша Јехова за совет:+ „Дали да одам и да ги нападнам тие Филистејци?“ А Јехова му одговори на Давид: „Оди, нападни ги Филистејците и избави ја Кеила!“  Тогаш неговите луѓе му рекоа на Давид: „Гледај, уште овде во Јуда+ сме во страв, а што ли ќе биде ако отидеме во Кеила против филистејските чети“.+  Затоа Давид уште еднаш побара совет од Јехова.+ И Јехова му одговори вака: „Стани и оди во Кеила, зашто ќе ги предадам Филистејците во твои раце!“+  И Давид отиде со своите луѓе во Кеила и се бореше против Филистејците. Ја отера нивната стока, а ним им нанесе голем пораз. Така Давид ги избави жителите на Кеила.+  А кога побегна кај Давид во Кеила, Авијатар,+ синот на Ахимелех, го понесе во својата рака свештеничкиот ефод.+  По некое време му јавија на Саул: „Давид дојде во Кеила“.+ А Саул рече: „Бог ми го предаде* в раце,+ зашто самиот се фати во стапица кога дојде во град кој има врати и резиња“.  И Саул го повика во војна целиот народ за да оди против Кеила и да ги опколи Давид и неговите луѓе.  А Давид дозна дека Саул му смислува зло.+ Затоа му рече на свештеникот Авијатар: „Донеси го ваму свештеничкиот ефод!“+ 10  Давид потоа рече: „Јехова, Боже на Израел,+ твојот слуга чу дека Саул има намера да дојде во Кеила за да го разори градот поради мене.+ 11  Дали жителите на Кеила ќе ме предадат во негови раце? Ќе дојде ли Саул, како што чу твојот слуга? Јехова, Боже на Израел, те молам, кажи му на својот слуга!“ А Јехова одговори: „Ќе дојде“.+ 12  Тогаш Давид рече: „Дали жителите на Кеила ќе нѐ предадат мене и моите луѓе во рацете на Саул?“ А Јехова одговори: „Ќе ве предадат“.+ 13  Тогаш Давид стана со своите луѓе, кои беа околу шестотини,+ и замина од Кеила, па талкаа насекаде. Кога му јавија дека Давид побегна од Кеила, Саул се откажа од походот. 14  Давид живееше во пустината, во скришни места, и во планините во пустината Зиф.+ Саул го бараше непрестајно,+ но Бог не го предаде во негови раце.+ 15  А Давид се плашеше, затоа што Саул беше излезен да ја бара неговата душа додека Давид беше во пустината Зиф, во Орес.*+ 16  Тогаш Јонатан, синот на Саул, стана и отиде кај Давид во Орес за да ја зацврсти+ неговата доверба во Бог.+ 17  И му рече: „Не плаши се,+ зашто нема да те стигне раката на мојот татко Саул. Ти ќе царуваш+ над Израел, а јас ќе бидам втор, веднаш до тебе. Мојот татко Саул добро го знае тоа“.+ 18  Тогаш двајцата склучија сојуз+ пред Јехова. И Давид остана во Орес, а Јонатан се врати во својот дом. 19  Еден ден, луѓето од Зиф+ дојдоа кај Саул во Гаваја+ и му рекоа: „Не се крие ли Давид+ кај нас на тешко проодните места во Орес,+ на ридот Ехела,+ кој е од десната страна* на Јесимон?*+ 20  А сега, царе, кога и да посака твојата душа да дојде,+ дојди, а ние ќе го предадеме во рацете на царот“.+ 21  А Саул одговори: „Нека ве благослови Јехова+ што ме сожаливте! 22  Ве молам, одете и бидете уште поупорни, испитајте и видете ги местата на кои стапнува неговата нога и дали некој го видел таму, зашто ми рекоа дека е многу лукав.+ 23  Погледнете ги и проверете ги сите скривалишта каде што се крие, па вратете се кај мене кога ќе знаете за сѐ со сигурност, а јас ќе појдам со вас. Ако е во земјата, ќе ги пребарам поради него сите илјадници+ на Јуда“. 24  Така станаа и отидоа во Зиф+ пред Саул, а Давид со своите луѓе беше во пустината Маон+ во Араба,*+ јужно од Јесимон. 25  Потоа Саул дојде со своите луѓе за да го бара.+ Кога му го јавија тоа, Давид отиде до карпата+ и остана во пустината Маон. Саул чу за ова, па тргна во потера+ по Давид во пустината Маон. 26  Саул одеше на едната страна од ридот, а Давид со своите луѓе одеше на другата страна од ридот. Давид брзаше да му избега+ на Саул, зашто Саул со своите луѓе ги опколуваше Давид и неговите луѓе за да ги фати.+ 27  Но кај Саул дојде еден гласник и му рече: „Дојди побрзо, зашто Филистејците ја нападнаа земјата!“ 28  Тогаш Саул се откажа од потерата по Давид+ и отиде да се соочи со Филистејците. Затоа го нарекоа тоа место Карпа на раздвојувањето. 29  А Давид отиде оттаму и престојуваше на тешко проодните места во Ен-Геди.+

Фусноти

Буквално: „продаде“.
„Орес“ значи „шума“.
По сѐ изгледа дека изразот „од десната страна“ значи „јужно од“ Јесимон. Види го 24. стих.
Или: „пустината“.
Овде изразот „Араба“ се однесува на оној дел од раседната долина што се протега на југ до Акавскиот Залив на Црвеното Море.