2. Коринќаните 12:1-21
12 Морам да се фалам. Од тоа, всушност, нема корист, но ќе преминам на виденијата+ и објавите на Господарот.*
2 Знам еден човек во единство со Христос, кој пред четиринаесет години — дали во тело или надвор од телото, не знам, Бог знае — беше однесен+ до третото небо.
3 Да, знам дека тој човек — дали во тело или надвор од телото,+ не знам, Бог знае —
4 беше однесен во рајот+ и слушна зборови кои не смеат да се изговорат, кои на човек не му е дозволено да ги зборува.
5 Со таков човек ќе се фалам, а со самиот себе нема да се фалам, освен со своите слабости.+
6 Всушност, ако некогаш посакам да се фалам,+ не би бил неразумен, зашто би ја зборувал вистината. Но се воздржувам од тоа, за некој да не помисли за мене нешто повеќе од она што го гледа или го слуша од мене,
7 поради силните објави.
Затоа, за да не се возгордеам,+ даден ми е трн во телото,+ ангел на Сатана, да ме удира за да не се возгордеам.
8 Поради тоа, трипати го молев+ Господарот да го отстрани тоа од мене.
9 Но тој ми рече: „Доволна ти е незаслужената доброта+ што ти ја покажувам, зашто мојата сила се покажува во потполност кога си слаб“.+ Затоа со задоволство ќе се фалам со своите слабости,+ за Христовата сила да остане над мене како засолниште.
10 Затоа уживам во слабостите, во навредите, во немаштиите, во прогонствата и во тешкотиите за Христос. Зашто, кога сум слаб, тогаш сум силен.+
11 Станав неразумен, зашто вие ме принудивте.+ Всушност, вие требаше да ме препорачате, зашто во ништо не заостанувам зад вашите надапостоли,+ иако не сум ништо.+
12 Навистина, доказите за моето апостолство+ се покажаа меѓу вас со голема истрајност+ и со чудесни знаци и со предзнаци и со моќни дела.*+
13 Во што сте вие помали од останатите собранија, освен во тоа што јас не ви бев на товар?+ Простете ми ја таа грешка.
14 Еве, веќе третпат сум готов да дојдам кај вас+ и нема да ви бидам на товар, зашто не го барам вашиот имот,+ туку вас. Всушност, децата+ не треба да стекнуваат имот за родителите, туку родителите за децата.+
15 А јас со задоволство ќе потрошам сѐ и ќе се истрошам самиот себе за вашите души.+ Ако јас толку ве сакам, зарем вие ќе ме сакате помалку од тоа?
16 Но, како и да е, јас не ви бев товар.+ А вие сепак велите дека сум бил „лукав“ и дека сум ве фатил „со измама“.+
17 Зарем ве искористив преку некој од оние што ви ги испратив?
18 Го замолив Тит да ве посети и со него испратив уште еден брат. Зарем Тит ве искористи во нешто?+ Зарем ние не размислувавме исто?+ Зарем не постапувавме исто?*
19 Зарем за сето ова време мислите дека се браниме пред вас? Пред Бог зборуваме како Христови ученици. А сето тоа, сакани, е за ваше изградување.+
20 Зашто, се плашам дека, кога ќе дојдам,+ можеби нема да ве најдам такви какви што би сакал да ве најдам и дека јас кон вас нема да бидам таков каков што вие би сакале да бидам, туку дека можеби ќе затекнам караници, љубомора,+ гнев, препирки, клеветења, озборувања, вообразеност, нереди.+
21 Се плашам дека, кога ќе дојдам пак, мојот Бог ќе ме посрамоти кај вас и дека ќе тагувам за мнозина кои порано згрешиле,+ а не се покајале за нечистотијата и за блудот+ и за бесрамните дела+ што ги правеле.
Фусноти
^ Види го додатокот 11.
^ Или: „и со чуда“.
^ Буквално: „Не одевме ли во истиот дух? Не [одевме] ли по истите стапки?“