2. Мојсеева 14:1-31
14 Јехова му рече на Мојсеј:
2 „Речи им на синовите на Израел да се вратат и да се улогорат пред Пи-Аирот, меѓу Мигдол и морето, спроти Ваал-Сефон.+ Улогорете се спроти тоа место, покрај морето.
3 Тогаш фараонот ќе рече за синовите на Израел: ‚Збунето талкаат по земјата. Пустината ги затворила‘.+
4 И ќе дозволам да му закорави срцето на фараонот,+ па ќе тргне во потера по нив. А јас ќе се прославам над фараонот и над сета војска негова.+ Така Египќаните ќе знаат дека јас сум Јехова“.+ И направија токму така.
5 По некое време му јавија на царот на Египет дека народот избегал. И веднаш срцето на фараонот и на неговите слуги се сврте против народот,+ па рекоа: „Што направивме? Го пуштивме Израел, па повеќе нема да ни робува“.+
6 Затоа ги подготви своите бојни коли и го поведе својот народ.+
7 Зеде шестотини одбрани коли+ и сите други коли во Египет, а во сите имаше воини.
8 Јехова дозволи да му закорави срцето на фараонот,+ царот на Египет, и тој тргна во потера по синовите на Израел, додека тие заминуваа со подигнати тупаници.+
9 И така Египќаните тргнаа во потера по нив, сите фараонови коњи со неговите коли, неговите коњаници+ и неговата војска, и ги стигнаа додека беа улогорени крај морето, близу Пи-Аирот, спроти Ваал-Сефон.+
10 Кога се приближи фараонот, синовите на Израел погледнаа и забележаа дека Египќаните идат кон нив. И синовите на Израел многу се уплашија и почнаа да викаат за помош кон Јехова.+
11 И му рекоа на Мојсеј: „Зарем немаше гробови во Египет, па нѐ изведе да изумреме во пустинава?+ Што ни направи, та нѐ изведе од Египет?
12 Зарем не ти рековме во Египет: ‚Пушти нѐ да им служиме на Египќаните‘? Зашто, подобро ни е да им служиме на Египќаните отколку да изумреме во пустинава“.+
13 Тогаш Мојсеј му рече на народот: „Не плашете се!+ Стојте цврсто и гледајте го спасението што Јехова ќе ви го донесе денес!+ Зашто, Египќаните што ги гледате денес, никогаш повеќе нема да ги видите.+
14 Јехова ќе се бори за вас,+ а вие ќе стоите мирно“.
15 Тогаш Јехова му рече на Мојсеј: „Зошто викаш за помош кон мене?+ Речи им на синовите на Израел да се подготват за поаѓање.
16 А ти, крени го својот стап,+ испружи ја раката над морето и раздвој го+ за да можат синовите на Израел да поминат среде морето по суво.+
17 И јас, еве, ќе допуштам да им закорави срцето на Египќаните,+ па ќе тргнат по нив, а јас ќе се прославам над фараонот и над сета негова војска, над неговите бојни коли и над неговите коњаници.+
18 И Египќаните ќе знаат дека јас сум Јехова кога ќе се прославам над фараонот, над неговите бојни коли и над неговите коњаници“.+
19 Тогаш ангелот+ на вистинскиот Бог, кој одеше на чело на израелскиот табор, отиде и им застана зад грб, а и столбот од облак што беше пред нив, се помести и им застана зад грб.+
20 И се постави помеѓу таборот на Египќаните и таборот на Израел.+ Од едната страна облакот беше мрачен, а од другата страна ја осветлуваше ноќта.+ И не се приближија едни на други цела ноќ.
21 И Мојсеј ја испружи раката над морето,+ а Јехова цела ноќ го потиснуваше морето со силен источен ветар, претворајќи го морското дно во сува земја.+ И водите се раздвоија.+
22 Тогаш синовите на Израел тргнаа среде морето по суво,+ а водите им стоеја како ѕид оддесно и одлево.+
23 И Египќаните тргнаа во потера, сите фараонови коњи, неговите бојни коли и неговите коњаници појдоа по нив+ среде морето.
24 А при утринската стража,* од столбот од оган и од облакот+ Јехова погледна на таборот на Египќаните и во него создаде бркотија.+
25 И им ги извади тркалата од колите, така што тие едвај се движеа.+ Тогаш Египќаните извикаа: „Да бегаме од Израелците, зашто Јехова се бори за нив против Египќаните!“+
26 На крајот Јехова му рече на Мојсеј: „Испружи ја раката над морето+ за да се вратат водите врз Египќаните, врз нивните бојни коли и врз нивните коњаници!“
27 Мојсеј веднаш ја испружи раката над морето и, во мугрите, морето почна да се враќа на своето место. Египќаните бегаа пред морето, но Јехова ги испофрла среде морето.+
28 И водите се враќаа+ и, на крајот, ги потопија бојните коли и коњаниците, сета фараонова војска што беше тргнала по Израелците во морето.+ Не остана ниту еден од нив.+
29 А синовите на Израел одеа по суво среде морското корито,+ додека водите им стоеја како ѕид оддесно и одлево.+
30 Така, во тој ден Јехова го избави Израел од рацете на Египќаните.+ И Израел ги виде мртвите Египќани на морскиот брег.+
31 Израел ја виде и силната рака со која се послужи Јехова против Египќаните. И народот почна да се бои од Јехова, и им поверува на Јехова и на неговиот слуга Мојсеј.+
Фусноти
^ Станува збор за третата (последна) стража од хебрејската поделба на ноќта. Почнувала кон 2 часот, а завршувала во 6 часот.