4. Мојсеева 20:1-29

20  Во првиот месец, целата заедница од синови на Израел стигна во пустината Зин+ и народот се насели во Кадис.+ Таму умре Маријам+ и таму беше погребана.  А заедницата немаше вода,+ па се собра против Мојсеј и Арон.+  И народот почна да се препира+ со Мојсеј: „Камо да изгиневме кога изгинаа нашите браќа пред Јехова!+  Зошто ја доведовте Јеховината заедница во оваа пустина, да изумреме овде и ние и нашата стока?+  Зошто нѐ изведовте од Египет, за да нѐ доведете на ова лошо место?+ Овде нема ни жито, ни смокви, ни лози, ни калинки,+ а нема ни вода за пиење“.  Тогаш Мојсеј и Арон отидоа откај заедницата кон влезот во шаторот на средбата и паднаа ничкум,+ и им се покажа Јеховината слава.+  И Јехова му рече на Мојсеј:  „Земи го стапот+ и свикај ја заедницата, ти и брат ти Арон, па пред нивни очи речете ѝ на карпата да им пушти од себе вода. Извади им вода од карпата, па напој ја заедницата и нејзината стока“.+  И Мојсеј го зеде стапот што беше пред Јехова,+ како што му заповеда тој. 10  Потоа Мојсеј и Арон ја свикаа заедницата пред карпата, и тој им рече: „Чујте сега, бунтовници!+ Треба ли од оваа карпа да ви извадиме вода?“+ 11  И Мојсеј ја подигна раката и ја удри карпата двапати со стапот; и потече многу вода, така што пиеше и заедницата и нејзината стока.+ 12  Потоа Јехова им рече на Мојсеј и Арон: „Поради тоа што не ми верувавте и не ме посветивте+ пред очите на синовите на Израел, нема да ја доведете оваа заедница во земјата што ќе ѝ ја дадам“.+ 13  Тоа е водата на Мерива,*+ зашто синовите на Израел се препираа со Јехова, а тој се посвети меѓу нив. 14  Потоа Мојсеј испрати од Кадис гласници кај едомскиот цар:+ „Вака вели твојот брат Израел:+ ‚Ти добро знаеш какви неволји нѐ снајдоа.+ 15  Нашите татковци отидоа во Египет,+ па живеевме во Египет многу време.+ Но Египќаните лошо постапуваа со нас и со нашите татковци.+ 16  Затоа повикавме за помош кон Јехова+ и тој го чу нашиот глас, па испрати ангел+ и нѐ изведе од Египет. Еве нѐ сега во Кадис, град на границата на твоето подрачје. 17  Те молиме, пушти нѐ да поминеме преку твојата земја. Нема да минуваме преку нивите, ниту преку лозјата, ниту ќе пиеме вода од бунарите. Ќе одиме по царскиот пат,+ не свртувајќи ни надесно ни налево+ сѐ додека не го поминеме твоето подрачје‘ “. 18  Но Едом му одговори: „Не минувај низ мојата земја за да не излезам пред тебе со меч“. 19  Тогаш синовите на Израел му рекоа: „Ќе одиме по друмот, а ако јас или мојата стока пиеме твоја вода, ќе ти платам колку што вреди.+ Не барам ништо повеќе, само да поминам пеш“.+ 20  А тој возврати: „Не поминувај!“+ И Едом+ излезе пред него со многу луѓе и со голема сила. 21  Така Едом не му дозволи на Израел да помине низ неговото подрачје.+ Затоа Израел се сврте и си отиде откај него.+ 22  Целата заедница од синови на Израел тргна од Кадис+ и стигна до планината Хор.+ 23  А на планината Хор, која е на границата од едомската земја, Јехова им рече вака на Мојсеј и Арон: 24  „Арон ќе им се придружи на своите прататковци,+ зашто нема да влезе во земјата што ќе им ја дадам на синовите на Израел, затоа што се побунивте против мојата заповед што ја дадов кај водите на Мерива.+ 25  Земи ги Арон и неговиот син Елеазар, па одведи ги на планината Хор. 26  И соблечи му ја на Арон одеждата,+ па облечи му ја на неговиот син Елеазар.+ А Арон ќе им се придружи на своите прататковци и таму ќе умре“.+ 27  Мојсеј направи како што заповеда Јехова. Пред очите на целата заедница се искачија на планината Хор. 28  Мојсеј потоа му ја соблече одеждата на Арон и му ја облече на неговиот син Елеазар. Потоа Арон умре таму на врвот од планината.+ А Мојсеј и Елеазар слегоа од планината. 29  Кога целата заедница виде дека Арон умре, целиот Израелов дом го оплакуваше Арон триесет дена.+

Фусноти

„Мерива“ значи „караница; судир“.