4. Мојсеева 35:1-34
35 И Јехова понатаму му рече на Мојсеј во пустелијата, во моавските рамници, покрај Јордан,+ спроти Ерихон:
2 „Заповедај им на Израеловите синови да им дадат од своето наследство на синовите на Леви градови+ за живеење. Нека им ги дадат на синовите на Леви и пасиштата околу градовите.+
3 Градовите нека им бидат за живеење, а пасиштата нека им бидат за стоката и за сите други животни и за нивниот имот.
4 Пасиштата покрај градовите, кои ќе им ги дадете на синовите на Леви, нека се протегаат од градскиот ѕид по илјада лакти наоколу.
5 Измерете надвор од градот две илјади лакти на источната, две илјади лакти на јужната, две илјади лакти на западната и две илјади лакти на северната страна, така што градот да биде во средина. Тоа нека им бидат пасиштата околу градовите.
6 Ова се градовите што ќе им ги дадете на синовите на Леви: шест градови-прибежишта,+ кои ќе ги дадете за да може убиецот да избега таму,+ а покрај тоа ќе им дадете уште четириесет и два града.
7 Сите градови што ќе им ги дадете на синовите на Леви нека бидат четириесет и осум градови со пасиштата.+
8 Тие градови ќе ги издвоите од поседот на синовите на Израел.+ Од оние што имаат многу земете повеќе, а од оние што имаат малку земете помалку.+ Секој нека им даде од своите градови на синовите на Леви, според наследството што ќе го прими“.
9 Јехова понатаму му рече на Мојсеј:
10 „Кажи им на синовите на Израел и речи им: ‚Поминете преку Јордан во ханаанската земја+
11 и изберете си погодни градови. Нека ви служат како градови-прибежишта за да може во нив да избега убиецот кој ненамерно ќе убие некого.*+
12 Тие градови нека ви служат како прибежиште од одмаздникот за крв,+ за да не загине убиецот пред да излезе на суд пред заедницата.+
13 За тоа нека ви служат градовите што ќе ги дадете, шестте градови-прибежишта.
14 Одвојте три града од оваа страна на Јордан,+ а три града во ханаанската земја.+ Тоа нека бидат градови-прибежишта.
15 Тие шест града нека им бидат прибежишта на синовите на Израел, на дојденците+ и на доселениците што живеат меѓу нив, за да избега во нив секој што ненамерно ќе убие некого.*+
16 Но, ако некој удри некого со железен предмет, па овој умре, тогаш е убиец.+ Убиецот да биде погубен.+
17 Ако го удри со некој помал камен, од кој човек може да загине, и овој навистина загине, тогаш е убиец. Убиецот да биде погубен.
18 Ако го удри со некаков помал дрвен предмет од којшто човек може да загине, и овој навистина загине, тогаш е убиец. Убиецот да биде погубен.
19 Одмаздникот+ за крв нека го погуби убиецот. Кога ќе го сретне, нека го погуби.
20 Ако некој турне некого од омраза+ или фрли врз него нешто од заседа,+ па тој умре,
21 или ако го удри со својата рака од непријателство, па овој умре, тогаш оној што го удрил да биде погубен, убиец е. Одмаздникот за крв да го погуби убиецот кога ќе го сретне.+
22 Но, ако го турне случајно, не од непријателство, или фрли нешто врз него, но не од заседа,+
23 или ако, без да го види, фрли или испушти врз него некаков камен од кој човек може да загине, и овој навистина загине, а не му бил непријател, ниту сакал да му нанесе зло,
24 тогаш заедницата нека суди меѓу убиецот и одмаздникот за крв според овој закон.+
25 Заедницата+ нека го избави убиецот од рацете на одмаздникот за крв и нека го врати во градот-прибежиште во кој избегал. Таму нека остане до смртта на првосвештеникот, кој е помазан со свето масло.+
26 Но, ако убиецот излезе надвор од границата на градот-прибежиште во којшто избегал,
27 па одмаздникот+ за крв го најде надвор од границата на неговиот град-прибежиште, и одмаздникот за крв го погуби убиецот, тогаш не е виновен за крв.
28 Зашто, убиецот мора да остане во својот град-прибежиште до смртта на првосвештеникот,+ а кога ќе умре првосвештеникот, може да се врати на земјата што ја поседува.
29 Тоа нека ви биде судска одредба од поколение до поколение во сите места каде што ќе живеете.
30 Секој што ќе убие човек* нека биде погубен како убиец+ на темел на изјави од сведоци,+ но никој* не може да биде погубен на темел на изјава од еден сведок.
31 Не земајте откупнина за животот на убиецот што заслужил смрт,+ зашто тој мора да биде погубен.+
32 Не земајте откупнина за оној што избегал во својот град-прибежиште и сака да се врати за да живее во земјата пред смртта на првосвештеникот.
33 Немојте да ја извалкате земјата во која живеете, бидејќи крвта ја валка земјата+ и земјата не може да се исчисти од крвта што е пролеана на неа, освен со крвта на оној што ја пролеал.+
34 Немојте да ја извалкате земјата во која живеете и среде која живеам јас. Зашто јас, Јехова, живеам меѓу синовите на Израел‘ “.+
Фусноти
^ Буквално: „некоја душа“.
^ Буквално: „некоја душа“.
^ Буквално: „некоја душа“.
^ Буквално: „ниту една душа“.