4. Мојсеева 5:1-31
5 Јехова му рече на Мојсеј:
2 „Заповедај им на синовите на Израел да го отстранат од логорот секој што е лепрозен,+ секој што има излив+ и секој што се извалкал со мртовец.*+
3 Отстранете и машко и женско! Испратете ги надвор од логорот+ за да не ги извалкаат+ таборите на оние меѓу кои живеам јас“.+
4 Синовите на Израел направија така и ги испратија надвор од логорот. Како што му беше рекол Јехова на Мојсеј, така направија синовите на Израел.
5 А Јехова понатаму му рече на Мојсеј:
6 „Вака кажи им на синовите на Израел: ‚Ако некој маж или жена направи каков било човечки грев постапувајќи неверно кон Јехова, таквиот* си навлекол вина.+
7 Нека го признае+ направениот грев и нека даде надоместок за својата вина во полна вредност и кон тоа нека додаде уште една петтина од вредноста,+ па нека му го даде тоа на оној кому му е нанесена неправдата.
8 А ако овој нема поблизок роднина кому може да му биде даден надоместокот за вина, надоместокот за вина што му се дава на Јехова нека му припадне на свештеникот, покрај овенот за очистување со кој свештеникот ќе изврши обред на очистување за него.+
9 Секој прилог+ од сите свети работи+ на Израеловите синови, кои тие му ги принесуваат на свештеникот, нека му припадне нему.+
10 И светите работи, кои некој ќе ги принесе, му остануваат нему. На свештеникот нека му припадне сето она што некој ќе му го даде‘ “.
11 Јехова понатаму му рече на Мојсеј:
12 „Кажи им на синовите на Израел и речи им: ‚Ако нечија жена застрани и направи неверство,+
13 и некој друг легне со неа и му истече семе,+ а тоа биде скриено од очите на нејзиниот маж+ и остане неоткриено иако таа се извалкала, но против неа нема сведок и не била фатена,
14 а мажот го фати љубомора*+ и почне да се сомнева во верноста на својата жена која навистина се извалкала, или ако го фати љубомора и почне да се сомнева во верноста на својата жена иако таа, всушност, не се извалкала,
15 тогаш мажот нека ја доведе својата жена кај свештеникот+ и нека ја донесе и нејзината жртва: една десеттина ефа* јачменово брашно. Врз тоа нека не излева масло и нека не става темјан,+ зашто тоа е житна жртва за љубомора, житна жртва за спомен, за да потсети на престапот.
16 Свештеникот нека ја доведе и нека ја постави пред Јехова.+
17 Потоа нека земе света вода во земјен сад, нека земе земја од подот во светиот шатор и нека ја стави во водата.
18 Свештеникот нека ја постави жената пред Јехова, нека ѝ ја распушти косата и нека ѝ ја стави в раце житната жртва за спомен, односно житната жртва за љубомора.+ А свештеникот нека ја држи в рака горчливата вода што носи проклетство.+
19 Потоа свештеникот нека ја заколне жената и нека ѝ рече: „Ако ниту еден човек не легнал со тебе и ако не си застранила и не си се извалкала додека си била под власта на својот маж,+ нека не ти биде ништо од оваа горчлива вода што носи проклетство.
20 Но ако си застранила додека си била под власта на својот маж+ и ако си се извалкала, па некој друг освен твојот маж го ставил во тебе своето семе...“+
21 Свештеникот нека ја заколне жената со клетва+ и нека ѝ рече: „Јехова нека те постави како пример за проклетство и за клетва меѓу твојот народ, Јехова нека направи бедрата*+ да ти овенат и мевот да ти се подуе.
22 Оваа вода што носи проклетство нека влезе во твојата утроба за од неа да ти се подуе мевот и да ти овенат бедрата“. А жената нека рече: „Нека биде така, нека биде така!“
23 Свештеникот нека ги запише тие клетви во книгата,+ па нека ги измие+ во горчливата вода.
24 И нека ѝ даде на жената да пие од горчливата вода што носи проклетство,+ нека влезе во неа водата што носи проклетство и нека ѝ биде горчлива.
25 Потоа свештеникот нека ја земе житната жртва+ за љубомора од раката на жената, нека ја заниша житната жртва пред Јехова и нека ја приближи до жртвеникот.
26 И свештеникот нека земе грст од житната жртва како спомен+ и тоа нека го изгори на жртвеникот. Потоа нека ѝ даде на жената да ја испие водата.
27 Откако ѝ дал да ја испие водата, ако се извалкала и му била неверна на својот маж,+ водата што носи проклетство ќе влезе во неа и ќе биде горчлива, мевот ќе ѝ се подуе, а бедрата ќе ѝ овенат, па жената ќе стане проклетство меѓу својот народ.+
28 А ако жената не се извалкала, туку е чиста, нема да биде казнета+ и ќе забремени.
29 Тоа е закон за љубомора+ кога жената ќе застрани+ додека е под власта на својот маж+ и кога ќе се извалка,
30 или кога некој човек ќе го фати љубомора, па се посомнева дека жена му е неверна. Тогаш нека ја постави жената пред Јехова, а свештеникот нека постапи со неа според целиот овој закон.
31 Тој човек нека биде слободен од вина, а жената нека одговара за својот престап‘ “.
Фусноти
^ Буквално: „со душа“, односно со мртва душа. Види го додатокот 2.
^ Буквално: „таа душа“.
^ Буквално: „дух на љубомора“.
^ Една ефа е 22 литри. Види го додатокот 13.
^ Изразот „бедра“ веројатно ги означува половите органи.