5. Мојсеева 22:1-30
22 Ако видиш дека скита некое говедо или некоја овца на твојот брат, немој само да поминеш покрај нив.+ Одведи ги назад кај својот брат.+
2 Ако не е близу и ако не го познаваш твојот брат, одведи ги кај тебе дома, и нека бидат кај тебе додека твојот брат не ги побара. Тогаш врати му ги.+
3 Така направи и со неговото магаре, и со неговата наметка и со секоја изгубена работа на својот брат, која тој ќе ја изгуби, а ти ќе ја најдеш. Не смееш само да поминеш покрај нив.
4 Ако видиш дека магарето на твојот брат или неговото говедо паднало на патот, немој само да поминеш покрај нив. Помогни му да ги подигне.+
5 Жена не смее да носи машка облека и маж не смее да носи женска облека,+ зашто секој што прави такво нешто му е одвратен на Јехова, твојот Бог.
6 Ако патем наидеш на птичје гнездо со пилиња+ или со јајца, на дрво или на земја, и мајката лежи на пилињата или на јајцата, не смееш да ја земеш мајката со пилињата.+
7 Мајката пушти ја да одлета, а пилињата можеш да ги земеш, за да ти биде добро и да ги продолжиш своите денови.+
8 Ако изградиш нова куќа, направи и ограда на покривот+ за да не навлечеш вина за крв на својата куќа ако некој падне од неа.
9 Не сеј два вида семе+ во своето лозје, за да не ти биде одземен целиот род од семето што ќе го посееш и родот од лозјето и да бидат предадени во светилиштето.
10 Не орај со бик и со магаре во ист јарем.+
11 Не носи ткаенина исткаена и од волна и од лен.+
12 Направи си реси подврзани во снопчиња на четирите краишта на наметката со која се наметнуваш.+
13 Ако некој човек земе жена и легне со неа, но потоа ја замрази+
14 и ја обвини за срамни дела, па пушти лош глас за неа,+ велејќи: ‚Ја зедов оваа жена, но кога легнав со неа, не најдов доказ дека е девица‘,+
15 тогаш таткото на девојката и нејзината мајка нека го земат доказот за нејзината девственост и нека го донесат на портата пред градските старешини.+
16 И таткото на девојката нека им рече на старешините: ‚На овој човек му ја дадов својата ќерка за жена, а тој ја замрази.+
17 И еве, сега ја обвинува за срамни дела,+ велејќи: „Не најдов доказ на твојата ќерка дека е девица“.+ Но еве го доказот за девственоста на мојата ќерка!‘ И нека ја рашират наметката пред градските старешини.
18 А старешините+ на тој град нека го земат мажот и нека го казнат.+
19 Нека им плати казна од сто сикли* сребро, а тие нека му ги дадат на таткото на девојката, зашто пуштил лош глас за една девица во Израел,+ а таа нека му остане жена. Не смее да се разведе од неа додека е жив.
20 Но, ако излезе дека обвинението е вистинито, дека не се нашол доказ за девственоста на девојката,+
21 нека ја изведат девојката на вратата од куќата на нејзиниот татко и луѓето од нејзиниот град нека ја засипат со камења за да загине, зашто направила срамотно и безумно дело+ во Израел, оддавајќи се на блуд во куќата на својот татко.+ Така отстрани го злото од својата средина!+
22 Ако некој биде затечен како лежи со жена што му припаѓа на друг човек,*+ двајцата да бидат погубени, и мажот што лежел со жената и жената.+ Така отстрани го злото од Израел!+
23 Ако некој човек во градот наиде на девица свршена за некого+ и легне со неа,+
24 двајцата изведете ги на портата од тој град и засипете ги со камења за да загинат — девојката затоа што не викала во градот, а мажот затоа што ја осрамотил жената на својот ближен.+ Така отстрани го злото од својата средина!+
25 Но, ако некој човек наиде на свршена девојка во полето, па ја фати и легне со неа, нека биде погубен само тој човек што легнал со неа,
26 а на девојката не прави ѝ ништо. Девојката не направила грев што заслужува смрт, зашто тоа е исто како кога некој ќе го нападне својот ближен и ќе го* убие.+
27 Зашто, наишол на неа во полето. Свршената девојка викала, но немало кој да ѝ притрча на помош.
28 Ако некој човек наиде на девојка, на девица која не е свршена, па ја фати и легне со неа,+ и ги затечат,+
29 човекот што легнал со неа нека му даде на таткото на девојката педесет сикли сребро,+ а нејзе нека ја земе за жена, зашто ја осрамотил. Не смее да се разведе од неа додека е жив.+
30 Никој не смее да ја земе жената на својот татко за да не го открие скутот на својот татко.+
Фусноти
^ Види го додатокот 13.
^ Или: „која му припаѓа на [својот] сопственик (господар)“.
^ Буквално: „неговата душа“.