Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

2

Божјето име во Христијанските грчки списи

Божјето име во Христијанските грчки списи

Библиските изучувачи го прифаќаат фактот дека Божјето лично име, претставено со тетраграмот (יהוה), се појавувало околу 7.000 пати во изворниот текст на Хебрејските списи. Меѓутоа, многумина сметаат дека тоа име не се појавувало во изворниот текст на Христијанските грчки списи, наречени и Нов Завет. Од таа причина, во повеќето современи Библии не се користи името Јехова кога се преведува овој дел од Библијата. Дури и кога преведуваат цитати од Хебрејските списи во кои го има тетраграмот, повеќето преведувачи ја користат титулата „Господ“ наместо Божјето лично име.

Во Преводот Нов свет тоа не е случај. Во него, името Јехова стои на 237 места во Христијанските грчки списи. Кога одлучија да го стават Божјето име на сите тие места, преведувачите зедоа предвид два важни фактора: 1) Грчките ракописи што ги имаме денес не се оригинални примероци. Повеќето од илјадниците примероци што ги имаме денес биле напишани најмалку два века по изворните ракописи. 2) Дотогаш, оние што ги препишувале изворните ракописи го замениле тетраграмот со грчкиот збор Кириос, што значи „Господ“ или „Господар“, или, пак, го препишувале од примероци во кои тоа веќе било направено.

Поради тоа што постојат цврсти докази дека тетраграмот се појавувал и во Христијанските грчки списи, Одборот што работеше на Преводот Нов свет одлучи да го користи Божјето име и во овој дел на Библијата. Таа одлука ја донесоа на темел на следниве аргументи:

  • Примероците од Хебрејските списи што се користеле во времето на Исус и неговите апостоли го содржеле тетраграмот во својот текст. Во минатото, некои го оспорувале ова. Но, откако во близината на Кумран беа пронајдени примероци од Хебрејските списи кои датираат од првиот век, беа расчистени сите сомнежи околу тоа.

  • Во времето на Исус и неговите апостоли, тетраграмот го имало и во грчките преводи на Хебрејските списи. Изучувачите со векови сметале дека тетраграмот го немало во грчкиот превод на Хебрејските списи наречен Септуагинта. Но, во средината на 20 век, нивното внимание го привлекло едно многу значајно откритие — биле пронајдени многу стари фрагменти од грчката Септуагинта што се користела во времето на Исус. Тие фрагменти го содржат Божјето лично име напишано со хебрејски букви. Значи, во времето на Исус без сомнение постоеле примероци на Хебрејските списи на грчки јазик што го содржеле Божјето име. За жал, попознатите преписи на Септуагинтата, како што се Ватиканскиот кодекс и Синајскиот кодекс, кои настанале во четвртиот век од н.е., веќе не го содржеле Божјето име во Хебрејските книги на Светото писмо (од 1. Мојсеева до Малахија), иако тоа се наоѓало во претходните преписи на Септуагинтата. Затоа, не е за изненадување што во пронајдените текстови од тој период Божјето име не се појавува ниту во Новиот завет, односно Грчките списи од Библијата.

    Исус јасно кажал: „Јас дојдов во името на својот Татко“. Исто така, во молитва му рекол на Бог: „Им го објавив твоето име на луѓето што ми ги даде од светот“

  • Од Христијанските грчки списи гледаме дека Исус често се осврнувал на Божјето име и им го објавувал на другите. Во една прилика, Исус јасно кажал: „Јас дојдов во името на својот Татко“ (Јован 5:43; 10:25). Исто така, во молитва му рекол на Бог: „Им го објавив твоето име на луѓето што ми ги даде од светот“ (Јован 17:6, 11, 12, 26).

  • Бидејќи Христијанските грчки списи се пишувани под водство на Божјиот свет дух, исто како Хебрејските списи, би било крајно нелогично името Јехова ненадејно да исчезне од текстот на Грчките списи. Некаде во средината на првиот век, Исусовиот ученик Јаков им рекол на старешините во Ерусалим: „Симеон подробно изнесе како Бог за првпат им обрна внимание на незнабошците за да земе од нив народ за своето име“ (Дела 15:14). Би било чудно Јаков да каже такво нешто ако никој во првиот век не го знаел или не го користел Божјето име.

  • Во Христијанските грчки списи Божјето име се појавува во скратен облик. Во Откровение 19:1, 3, 4, 6, Божјето име е содржано во зборот „Алилуја“. Овој збор доаѓа од хебрејскиот израз „Халелујах“ што буквално значи „Фалете го Јах“. „Јах“ е скратен облик на името Јехова. Многу од имињата што се спомнуваат во Христијанските грчки списи, во себе го содржат Божјето име. Всушност, од многу стручни текстови може да се види дека името Исус значи „Јехова е спасение“.

  • Древните еврејски записи покажуваат дека еврејските христијани го користеле Божјето име кога ги пишувале грчките книги од Библијата. Во Тосефта, збирка на усни закони која била завршена некаде во 300 год. од н.е., во врска со христијанските списи што биле спалувани на денот на одмор стои следново: „Книгите на писателите на евангелијата и книгите на минимите [што веројатно е назив за еврејските христијани] не ги штедат од огнот, туку ги палат на лице место, па така горат и страниците каде што се појавува Божјето име“. Во истата збирка се цитира и рабинот Јоси Галилеецот, кој живеел во почетокот на 2 век од н.е. Тој рекол дека во другите денови од седмицата „некој ги отсекува местата каде што стои Божјето име во [христијанските списи] и ги трга настрана, а остатокот го фрла во оган“.

  • Некои библиски изучувачи признаваат дека во Христијанските грчки списи Божјето име се наоѓало на местата каде што имало цитати од Хебрејските списи. Во еден речник, во поднасловот „Тетраграмот во Новиот завет“ е даден следниов коментар: „Постојат докази дека писателите на Новиот завет го користеле тетраграмот, односно Божјето име Јахве, во некои или во сите стихови што биле цитирани од Стариот завет“ (The Anchor Bible Dictionary). Изучувачот Џорџ Хауард вели: „Бидејќи тетраграмот сѐ уште се наоѓал во преписите на грчкиот превод на Библијата што го користеле христијаните во првиот век [Септуагинта], разумно е да се заклучи дека писателите на Новиот завет го задржале тетраграмот во библискиот текст кога цитирале од Хебрејските списи“.

  • Реномирани библиски преведувачи го користеле Божјето име во Христијанските грчки списи. Од 16 век наваму, во хебрејските преводи на Христијанските грчки списи тетраграмот се користи во многу стихови. Некои преведувачи го направиле тоа долго време пред да биде објавен Преводот Нов свет. Некои такви преводи се: Nowy Testament (1574, полски, Шимон Будни); Die heilige Schrift des neuen Testaments (1791, германски, Доминикус фон Брентано); The Emphatic Diaglott (1864, англиски, Бенџамин Вилсон); O Evangelho Segundo S. Mattheus (1909, португалски, Падре Сантана); Bible de Chouraqui, (1985, француски, Андре Шураки). Освен тоа, во еден шпански превод од почетокот на 20 век, преведувачот Пабло Бесон го користел името „Јехова“ во Лука 2:15 и во 14. стих од писмото на Јуда, а на преку 100 други места во фусноти објаснил дека името „Јехова“ веројатно е исправниот облик на Божјето име. Исто така, уште барем шест други шпански преводи го користат Божјето име во облиците: Yahvé, Yavé, Yahweh и YHWH. Понатаму, името Јехова се појавува на руски јазик во фуснотите на преводите „Смысловоѝ перевод“ и „Евреѝскиѝ Новыѝ Завет“ од Давид Стерн. Само на германски јазик, во најмалку 11 преводи на Грчките списи се појавува името „Јехова“ (или транслитерирано како „Јахве“), додека во четири преводи Божјето име се појавува во загради после титулата „Господ“. Во над 70 германски преводи, Божјето име се користи во фусноти или забелешки.

    Божјето име во Дела 2:34 во преводот The Emphatic Diaglott од Бенџамин Вилсон (1864)

  • Библиските преводи на повеќе од сто јазици го содржат Божјето име во Христијанските грчки списи. На пример, во многу преводи на разни африкански, американски, азиски и пацифички јазици, Божјето име се појавува многу пати. (Види го списокот на страници 12 и 13.) Преведувачите на овие изданија одлучиле да го користат Божјето име од истите причини наведени погоре. Некои од тие преводи на Христијанските грчки списи се издадени во поново време, како што е Библијата на јазикот ротуман (1999), во која името „Jihova“ се користи 51 пат во 48 стихови, како и преводот на индонезискиот јазик батак (1989), каде што името „Jahowa“ се користи 110 пати.

    Божјето име во Марко 12:29, 30 во еден превод на хавајски јазик

На темел на сите овие факти, постои цврста основа да се врати Божјето име, Јехова, во Христијанските грчки списи. Токму тоа го направија преведувачите на Библијата Нов свет. Тие имаат длабоко ценење кон Божјето име и од страхопочит кон Бог никогаш не би се осмелиле да отстранат нешто што стоело во изворниот текст на Библијата (Откровение 22:18, 19).