Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Јехова — Бог кој прорекува и исполнува

Јехова — Бог кој прорекува и исполнува

Четврто поглавје

Јехова — Бог кој прорекува и исполнува

1, 2. а) Зошто некои можеби имаат чувство дека сѐ излегло од контрола? б) Каков опис на Јеховината личност ни даваат 12-те пророци?

 МНОГУ луѓе имаат чувство дека животот им бега од контрола. А кога го читаат дневниот весник, доаѓаат до заклучок дека целото човештво оди од лошо на полошо. Се прават напори да се решат проблемите, но изгледа дека тоа само уште повеќе ја комплицира и онака безнадежната ситуација. Добро е да знаеме дека и некои од 12-те пророци, чии книги ги разгледуваме, имале слични грижи и дека со своите пораки ни даваат надеж која може многу да ни помогне и со која можеме да ги тешиме другите (Михеј 3:1-3; Авакум 1:1-4).

2 Главната мисла на овие пророчки книги е дека Јехова, Севишниот Владетел на вселената, има потполна контрола над збиднувањата на Земјата и дека многу е заинтересиран за нашето добро. Всушност, секој од нас може да рече: „Јехова е заинтересиран за моето добро“. Дванаесетте пророци ни го опишуваат „Јехова над војските“ на извонреден начин. Иако Бог може да ‚ја допре земјата и таа да се растопи‘, тој ги уверува своите слуги: „Кој ве допира вас, ја допира зеницата на моето око“ (Захарија 2:8; Амос 4:13; 9:5). Зарем не ти е мило на душата кога читаш вакви стихови, кои покажуваат дека Бог прави сѐ од љубов и дека е милостив и простува? (Осија 6:1-3; Јоил 2:12-14). Точно, во книгите на овие пророци не се опфатени сите особини на Бог; за тоа се потребни сите 66 книги од Библијата. Сепак, овие 12 книги ни даваат одлична можност да видиме колку прекрасна личност е Бог и како постапува тој.

3. Како 12-те пророци покажале дека Јехова е Бог кој го остварува она што ќе го науми?

3 Од книгите на 12-те пророци можеме уште повеќе да се увериме дека Јехова непогрешливо ја претскажува иднината и дека секогаш го остварува она што ќе го науми. Тие потврдуваат дека на крајот Бог ќе воспостави рај на Земјата, кој ќе биде под негова власт (Михеј 4:1-4). Некои од овие пророци опишуваат како Јехова го подготвил патот за доаѓањето на Месијата и за откупнината со која ќе го ослободи човештвото од гревот и од смртта (Малахија 3:1; 4:5). Зошто е толку важно да ги знаеме овие работи?

ВЛАДЕТЕЛ КОЈ ИМА КОНТРОЛА НАД СЀ

4, 5. а) Која основна вистина за Бог ја нагласиле 12-те пророци? б) Зошто за тебе е важно тоа што Јехова е Семоќен?

4 Како што видовме во претходното поглавје, било оспорено правото на Бог да владее. Побуната против власта на Јехова — и тоа што му биле припишани погрешни мотиви — навеле некои ангели на небото да му се спротивстават на Бог и да предизвикаат голем неред и насилство на Земјата. Очигледно, за да има потполн ред во вселената и мир меѓу луѓето, сите мора да ја почитуваат и да ѝ се подложуваат на Јеховината врховна власт. Затоа, Јехова со право одлучил да докаже дека тој е врховниот владетел. Сега, да видиме како книгите на 12-те пророци ни помагаат уште подобро да го сфатиме тоа.

5 Како гласници на Јехова, пророците многу зборувале за неговата возвишена положба. На пример, величајќи ги името и врховната власт на Семоќниот Бог, Амос 21 пат го користи изразот „Севишниот Господар“. Ова покажува дека вистинскиот Бог е неизмерно возвишен и дека има контрола над сѐ (Амос 9:2-5; види ја рамката  „Семоќниот Јехова“). Само Јехова има право да владее со вселената и има неспоредлива надмоќ над безживотните идоли (Михеј 1:7; Авакум 2:18-20; Софонија 2:11). Бидејќи Јехова е Творецот на сѐ, тој има неоспорно право да владее со сѐ (Амос 4:13; 5:8, 9; 9:6). Зошто е тоа важно за тебе?

6. Како секој човек е вклучен во исполнувањето на Божјата намера?

6 Ако некогаш си бил жртва на дискриминација, неправда или предрасуди, утешно е да знаеш дека нашиот Владетел нѐ сака и се грижи за сите нас. Јехова имал посебен однос со еден древен народ, но сепак ветил дека ќе бидат благословени луѓе од сите народи и јазици. Тој е „вистинскиот Господар на целата земја“ (Михеј 4:13). Бог ветил дека неговото име „ќе биде големо меѓу народите“ (Малахија 1:11). Бидејќи нашиот небесен Татко непристрасно им се открива на сите, „луѓе од сите јазици што ги зборуваат народите“ од срце го прифаќаат неговиот повик да му служат (Захарија 8:23).

7. Зошто е толку важно значењето на Јеховиното име?

7 Божјата личност и она што тој ќе го направи се тесно поврзани со неговото име (Псалм 9:10). Во времето на Михеј, името на Јехова било омаловажувано затоа што мнозина од оние што го носеле биле многу непослушни. Михеј под вдахновение нагласил ‚дека името на Јехова е величествено‘ и дека „кој е мудар, ќе се бои од [Божјето] име“ (Михеј 5:4; 6:9). Зошто? Сето она на кое цврсто се надеваш дека ќе се исполни во вечната иднина е поврзано со многу важното значење на тоа име: „Тој предизвикува да стане“. Прочитај го Јоил 2:26 и размисли колкава радост е да го носиш тоа име и да им кажуваш на другите за единствениот Бог кој може да стане сѐ што е потребно за да им помогне на сите суштества што ги создал. Бог докажал дека има неограничена способност да направи сѐ што е потребно. Доказ за тоа е исполнувањето на голем број пророштва што ги кажале 12-те пророци.

8. На што те поттикнува името на Јехова?

8 Врз милиони луѓе позитивно влијаело тоа што дознале дека Јехова може да направи сѐ што сака. Јоил укажал на ова во познатите зборови што ги цитирале и христијанските писатели: „Секој што ќе го повика името на Јехова ќе биде спасен“ (Јоил 2:32; Дела 2:21; Римјаните 10:13). Дали и ние, како Михеј, велиме дека „ќе одиме во името на Јехова, нашиот Бог, довека, во сета вечност“? (Михеј 4:5). Да, во време на прогонство или кога имаме лични проблеми, со доверба можеме да ‚најдеме засолниште во името на Јехова‘ (Софонија 3:9, 12; Наум 1:7).

9. Во колкава мера Бог има контрола над човечките владетели?

9 Додека ги читаш овие пророчки книги, уште повеќе ќе се увериш дека Јехова има контрола над човечките владетели и над оние што управуваат со работите во светот. Тој има моќ да ги поттикне да постапуваат во склад со неговата волја (Изреки 21:1). Да го разгледаме примерот на персискиот цар Дариј Велики. Непријателите на вистинскиот Бог побарале од царот да ја запре изградбата на Јеховиниот храм во Ерусалим. Но, се случило токму спротивното! Околу 520 год. пр.н.е., Дариј ја вратил на сила наредбата на Кир и им дал поддршка на Евреите во изградбата. Кога подоцна повторно се појавиле пречки, пораката што Бог му ја дал на еврејскиот управител Зоровавел гласела: „,Не со воена сила, ниту со моќ, туку со мојот дух‘, вели Јехова над војските. Која си ти, голема планино? Пред Зоровавел ќе станеш рамница“ (Захарија 4:6, 7). Ништо нема да го спречи Јехова да го уништи овој злобен свет и да направи рај во кој ќе живеат неговите слуги (Исаија 65:21-23).

10. Што сѐ има Бог под контрола, и зошто е тоа значајно?

10 Не заборавај ни дека Јехова ги има под своја контрола природните сили, кои, ако сака, може да ги употреби за да ги уништи своите непријатели (Наум 1:3-6). За да нагласи дека Јехова може да ги заштити своите слуги, зборувајќи симболично, Захарија напишал: „Над нив Јехова ќе се покаже и неговата стрела ќе полета како молња. Севишниот Господар Јехова ќе затруби во рог, ќе дојде со јужните виори“ (Захарија 9:14). Тогаш, зарем ќе му биде тешко на Бог да докаже дека е помоќен од безбожните народи во нашево време? Ни најмалку! (Амос 1:3-5; 2:1-3).

ЈЕХОВА ВЕРНО ГИ ИСПОЛНУВА СВОИТЕ ВЕТУВАЊА

11, 12. а) Зошто Ниневија била сметана за неосвоив град? б) Во склад со Божјето пророштво, што се случило со Ниневија?

11 Замисли си да си живеел во деветтиот век пр.н.е., на подрачјето што денес е познато како Блиски Исток. Кој град, сигурно, би бил многу познат? Се разбира, Ниневија. Тоа бил голем асирски град на источниот брег на реката Тигар, околу 900 километри североисточно од Ерусалим. Сигурно многу би се зборувало за неговата големина — имал пречник од околу 100 километри! Луѓето што ја имале посетено Ниневија велеле дека му била рамна на Вавилон по раскошот, по царските палати, по храмовите, по широките улици, по јавните паркови и по величествената библиотека. Освен тоа, воените стратези зборувале за огромните, непробојни надворешни и внатрешни ѕидови на овој град.

12 „Неосвоив град!“ Сигурно многу луѓе така ја опишувале Ниневија. Но, некои пророци од малата Јуда упорно тврделе дека Јехова го осудил тој ‚крволочен град‘ на уништување. Бидејќи луѓето поволно реагирале на пораката на Јона, некое време градот бил поштеден од осудата на Бог. Меѓутоа, ниневијците повторно ѝ се вратиле на својата злоба. Наум прорекол: „Ниневија... меч ќе те исече... Нема лек за твојата пропаст“ (Наум 3:1, 7, 15, 19; Јона 3:5-10). Отприлика во исто време, преку Софонија, Бог прорекол дека Ниневија ќе стане пустош (Софонија 2:13). Дали Јеховиното пророштво навистина ќе се исполни и непобедливата политичка сила од тоа време навистина ќе пропадне? Ова прашање било одговорено отприлика во 632 год. пр.н.е. кога Вавилонците, Скитите и Медијците ја опсадиле Ниневија. Ненадејните поплави ги поткопале ѕидовите на градот, а напаѓачите ја пробиле неговата одбрана (Наум 2:6-8). Некогаш моќниот град, за миг станал куп урнатини. Ниневија останала пустош сѐ до денес. a ‚Веселиот град‘ не можел да го спречи исполнувањето на Божјите објави! (Софонија 2:15).

13. Кои докази за исполнети пророштва можеш да ги најдеш во книгите на 12-те пророци?

13 Она што се случило со Ниневија е само еден пример за исполнување на некое пророштво. Разгледај некоја современа карта на Блискиот Исток. Можеш ли да ги најдеш Амон, Асирија, Вавилонија, Едом или Моав? Ги нема! Иако едно време тие народи биле многу моќни, 12-те пророци претскажале дека ќе пропаднат (Амос 2:1-3; Авдија 1, 8; Наум 3:18; Софонија 2:8-11; Захарија 2:7-9). Еден по еден, овие народи исчезнале. Јехова рекол дека ќе ги снема, и токму тоа и се случило! А навистина се случило и она што овие пророци го прорекле за остатокот од Евреите што требало да се вратат од ропството во Вавилон!

14. Зошто можеш со потполна доверба да се потпреш на Јеховините ветувања и да живееш во склад со нив?

14 Како доказите за тоа дека Јехова е способен да ја претскаже иднината влијаат врз твојата доверба во него? Можеш да бидеш сигурен дека Јехова ќе ги исполни своите ветувања; тој е Бог „кој не може да лаже“ (Тит 1:2). Освен тоа, преку својата Реч, Бог ни кажува сѐ што треба да знаеме. Можеш да го посветиш својот живот на тоа да ја вршиш Јеховината волја и да бидеш потполно сигурен дека неговите пророштва ќе се исполнат. Пророштвата што се запишани во книгите на 12-те пророци не се само примери за предвидувања што се исполниле во минатото. Многу од тие пророштва се исполнуваат сега или, пак, ќе се исполнат наскоро. Според тоа, она што е запишано во овие 12 книги ќе ти помогне да имаш уште поголема доверба дека ќе се исполнат пророштвата за нашето време и за иднината. Затоа, сфати ги сериозно.

ГРИЖЛИВ ТАТКО

15. Како ќе ти помогне примерот на Михеј кога се мачиш да решиш некои лични проблеми?

15 Бог не го прорекува само она што ќе се случи со народите или општо на светската сцена. Тој прорекува и исполнува работи што те засегаат и тебе лично. Зошто го велиме ова? Па, можеби понекогаш се мачиш да решиш некои лични проблеми. Свесен си дека не е доволно само да најдеш некој што ќе те разбере — ти треба некој на кого можеш да се потпреш за помош. Во осмиот век пр.н.е., Михеј сигурно се чувствувал многу осамен кога се соочил со горделивите жители на Јуда. Можеби му се чинело дека тој е последниот верен човек на Земјата, дека не може да има доверба дури ни во своето семејство. Каде и да се свртел, гледал само крвожедни, подмолни и расипани луѓе. Сепак, Михеј го храбреле Божјите ветувања дека, што и да прават другите, Тој ќе се грижи за своите верни слуги. Во ова можеш да најдеш утеха и ти, особено ако околу тебе нема други слуги на Јехова или ако си единствениот слуга на Јехова и си опкружен со луѓе што не го почитуваат Бог (Михеј 7:2-9).

16. Зошто можеш да бидеш уверен дека Бог ги забележува расипаноста и угнетувањето и дека ќе ги избави праведните?

16 Како што е вообичаено и денес, така и во тоа време богатите и влијателни луѓе во Јуда и Израел биле алчни и нечесни. Затоа што биле наметнати преголеми даноци и била одземана земјата, луѓето биле продавани како робови, што било спротивно на Законот. Никој не се грижел за сиромашните, напротив, со нив дури се постапувало и сурово (Амос 2:6; 5:11, 12; Михеј 2:1, 2; 3:9-12; Авакум 1:4). Преку своите гласници, Бог јасно ставил на знаење дека нема да ги трпи расипаноста и угнетувањето и дека ќе ги казни непоправливите грешници (Авакум 2:3, 6-16). Прорекол дека ‚ќе ги исправи работите меѓу моќните народи‘ и дека неговите слуги, кои му се по волја, ‚ќе седат под својата лоза и под својата смоква и никој нема да ги плаши‘ (Михеј 4:3, 4). Какво ли олеснување! Бог прорекол и исполнил уште многу други работи. Зарем не си уверен дека ќе го исполни и ова ветување?

17, 18. а) Зошто Бог им дава надеж на луѓето? б) Како треба да гледаме на укорот од Јехова?

17 Јехова не ги исполнува своите ветувања само за да покаже дека има моќ да предвидува, како да сака да ги импресионира луѓето. Тој прави сѐ од љубов која се темели на начела, зашто „Бог е љубов“ (1. Јованово 4:8). Потсети се на Осија, кој живеел во осмиот век пр.н.е. Како што жената на Осија, Гомера, му била неверна нему, така и Израелците му биле неверни на Јехова. Нивното идолопоклонство било рамно на прељуба; обожавањето на Ваал го споиле со чистото обожавање на Јехова. Исто така, во симболична смисла ‚вршеле блуд‘ со Асирија и со Египет. Како реагирал Јехова? Осија требало да ја повика својата неверна жена да му се врати. Јехова го повикал својот народ, затоа што го сакал. „Ги привлекував со јажињата на земниот човек, со врвците на љубовта... нежно ги хранев сите нив“ (Осија 2:5; 11:4). Да се покаеле искрено, Бог ќе им простел и ќе можеле повторно да бидат блиски со него (Осија 1:3, 4; 2:16, 23; 6:1-3; 14:4). Зарем не те допира до срце кога гледаш колку нѐ сака Јехова? Запрашај се: ‚Ако Јехова покажал толкава љубов во минатото, зарем нема да покаже таква нежна, верна, непроменлива и вечна љубов и кон мене?‘ (Осија 11:8).

18 Од книгите на 12-те пророци ќе видиш дека и укорот е израз на Божјата љубов. Јехова го уверил својот неверен народ дека нема ‚сосема да го истреби‘ (Амос 9:8). Бог не се воздржувал да го казни кога тоа било неопходно, но за народот било олеснување што знаел дека тоа ќе биде само привремено! Во Малахија 1:6 Јехова е спореден со татко кој ги сака своите деца. Како што знаеш, еден татко може да ги искара своите сакани деца за да се поправат (Наум 1:3; Евреите 12:6). Но, поради својата љубов, нашиот небесен Татко е бавен на гнев, а во Малахија 3:10, 16 се потврдува дека тој великодушно ќе ги награди своите слуги.

19. Како треба да се преиспитаме?

19 Малахија ја почнува својата книга со уверувањето: „,Ве сакам‘, вели Јехова“ (Малахија 1:2). Додека размислуваш за ова уверување што Бог им го дал на Израелците, запрашај се: ‚Да не правам нешто поради што Бог нема да ме сака? Што уште треба да дознаам за Божјата љубов за да ја почувствувам уште повеќе?‘ Ако подобро ја разбереш Божјата љубов, уште повеќе ќе бидеш уверен дека таа ќе трае вечно.

ПРОСТУВАЊЕТО ВОДИ ДО СПАСЕНИЕ

20. Како тоа што Бог простува води до спасение?

20 Додека ги читаш овие пророчки книги, ќе забележиш дека Јехова понекогаш прорекувал неволји. Зошто? Честопати, за да го поттикне својот народ да се покае. За да го постигне тоа, дозволил туѓинци да ги уништат Самарија во 740 год. пр.н.е. и Ерусалим во 607 год. пр.н.е. Она што Бог го прорекол се исполнило, но подоцна дозволил покајниците повторно да се вратат во својата земја. Да, во овие книги се истакнува дека Бог великодушно простува и повторно ги прифаќа оние што ќе престанат да грешат и ќе му се вратат (Авакум 3:13; Софонија 2:2, 3). Михеј бил поттикнат да објави: „Кој Бог е како тебе, кој ги простува грешките и преминува преку престапот на остатокот од своето наследство? Нема засекогаш да се гневи, зашто сака да покажува милост“ (Михеј 7:18; Јоил 2:13; Захарија 1:4). Исполнетите пророштва го потврдуваат тоа.

21. а) Што кажале 12-те пророци за Месијата? б) Кои пророштва за Месијата ти се интересни?

21 Јехова го прорекол доаѓањето на Месијата, кој требало да го жртвува својот човечки живот како „соодветна откупнина“ за грешното човештво и на тој начин да обезбеди непроменлива правна основа за да може засекогаш да им бидат простени гревовите на луѓето (1. Тимотеј 2:6). Амос објавил дека Месијата, синот Давидов, ќе спроведе обнова (Амос 9:11, 12; Дела 15:15-19). Михеј дури кажал каде точно ќе се роди Исус, кој ќе им овозможи вечен живот на сите што ќе покажат вера во неговата жртва (Михеј 5:2). А Захарија зборувал за „Фиданката“, Исус, кој „ќе седи и ќе владее на својот престол“ (Захарија 3:8; 6:12, 13; Лука 1:32, 33). Твојата вера сигурно ќе стане уште поцврста ако проучиш и други вакви пророштва. (Види ја рамката  „Некои поважни пророштва за Месијата“.)

22. Како се зајакнува твојата доверба во Јехова од она што 12-те пророци ни го кажуваат за него?

22 Додека ги читаш пораките на 12-те пророци, ќе стекнеш поголема доверба во конечната победа на Бог. Јехова се бори за нас и тој ќе спроведе вистинска правда. Бог си стои на зборот. Тој се држи за она што му го ветил на својот народ, се грижи за своите слуги и ги избавува од угнетувачите (Михеј 7:8-10; Софонија 2:6, 7). Јехова не се менува (Малахија 3:6). Колку е утешно да знаеме дека нема проблем ни препрека што ќе го спречи Бог да ја оствари својата намера! Штом вели дека неговиот ден на суд ќе дојде, тој сигурно ќе дојде. Затоа, будно чекај го Јеховиниот ден! „Јехова ќе биде цар на целата земја. Во тој ден, Јехова ќе биде еден, и неговото име ќе биде едно“ (Захарија 14:9). Што ќе прорече, тоа и ќе го исполни.

[Фуснота]

a Во ноември 2002 год., пред војната во Ирак, професорот Ден Крукшанк го посетил овој регион. За телевизискиот канал Би-Би-Си известил: „Покрај градот Мосул се наоѓа огромниот разрушен град Ниневија, на чие подрачје — како и на подрачјето на градот Нимруд... британските археолози со жар вршат ископувања од 1840-те па до денес... Истражувањата во овие асирски градови се, всушност, откритие на една одамна заборавена — речиси митска — цивилизација која е позната само од кратките, загадочни и не баш ласкави описи во Библијата“.

КАКО ТИ ЈА ЗАЈАКНУВА ВЕРАТА

• тоа што Јехова е Семоќен? (Јоил 1:15).

• тоа што Бог е непристрасен? (Захарија 8:23).

• многу важното значење на Божјето име? (Михеј 5:4).

КАКО ЌЕ СИ ГО ЗАЈАКНЕШ ПРИЈАТЕЛСТВОТО СО БОГ

• со тоа што ќе размислуваш дека тој има моќ да ги исполни своите ветувања? (Јоил 2:11).

• со тоа што ќе размислуваш за неговата голема љубов? (Осија 11:4; 14:4; Софонија 3:17).

• со тоа што ќе размислуваш за неговата милост и спремност да прости? (Осија 2:23; Михеј 7:18).

[Прашања]

[Рамка на страница 45]

 СЕМОЌНИОТ ЈЕХОВА

Една титула што на хебрејски се користи за Бог е шадај, или „Семоќниот“. Овој израз го има само еднаш во 12-те пророчки книги, и тоа во Јоил 1:15. Се смета дека главното значење му е „да се биде силен“ или „да се покаже сила“. Еден сличен израз, „Јехова над војските“, во 12-те книги се појавува 107 пати. Да се има моќ значи да се има сила или способност да се оствари некоја намера. Исто така, значи и да се совладаат пречките или отпорот до кои можеби ќе дојде. Тоа што Јехова е Семоќен значи дека има ненадминлива моќ да ја оствари својата намера, да го исполни она што ќе го прорече.

[Табела/слика на страница 55]

 НЕКОИ ПОВАЖНИ ПРОРОШТВА ЗА МЕСИЈАТА

Настан Пророштво Исполнување

Роден во Витлеем Михеј 5:2 Лука 2:4-11;

Јован 7:42

Повикан Осија 11:1 Матеј 2:14, 15

од Египет

Влегол во Ерусалим Захарија 9:9 Матеј 21:1-9;

на магаре Јован 12:12-15

Предаден за Захарија 11:12 Матеј 26:15; 27:3-10

30 сребреници

Пастирот удрен, Захарија 13:7 Матеј 26:31, 56

стадото разбегано

Прободен додека е Захарија 12:10 Матеј 27:49;

на столбот Јован 19:34, 37

Во гроб неполни Јона 1:17; 2:10 Матеј 12:39, 40; 16:21;

три дена, 1. Коринќаните 15:3-8

потоа воскреснат

[Слика на страница 48]

Иако Ниневија изгледала неосвоива, како се исполнило пророштвото на Јехова?