Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Јеховините пораки некогаш и денес

Јеховините пораки некогаш и денес

Прво поглавје

Јеховините пораки некогаш и денес

1, 2. По какво скриено богатство трагале некои, но што може да ти помогне да имаш поубав живот?

 НИЗ историјата, многу луѓе сонувале да пронајдат некое скриено богатство. Веројатно имаш читано историски записи за истражувачи, археолози и за други кои навистина трагале по такво богатство. Иако можеби ти никогаш нема да тргнеш во некоја таква потрага, што би направил ако сепак најдеш некое богатство? Ќе биде убаво ако тоа богатство може да ти го подобри или да ти го направи животот поубав и посреќен!

2 Повеќето луѓе никогаш не трагале по дословно богатство, но можеби среќата ја бараат во парите, здравјето и добриот брак — богатство кое не може да се најде закопано в земја. Ниту, пак, има некоја дословна карта која покажува како да се стигне до ова богатство. Како што знаеш, мора да се вложи труд за да се дојде до него. Токму затоа, мнозина се благодарни кога ќе добијат совети што ќе им помогнат да стигнат до својата цел и да имаат поубав и посреќен живот.

3, 4. Каде можеш да најдеш практични совети за животот?

3 Ти, всушност, можеш лесно да дојдеш до корисни совети и поуки кои веќе им помогнале на други луѓе да бидат среќни. Како што мнозина увиделе, Библијата ни ги дава најдобрите совети како да живееме. Англискиот писател Чарлс Дикенс го рекол следново за Библијата: „Таа отсекогаш била и секогаш ќе биде најдобрата книга во светот... зашто ги дава најдобрите совети што можат да му помогнат на секој човек“.

4 Оваа изјава не ги изненадува оние што сметаат дека Библијата е вдахновена од Бог. Веројатно и ти се согласуваш со зборовите што се запишани во 2. Тимотеј 3:16: „Целото Писмо е вдахновено од Бог и корисно за поучување, за укорување, за поправање, за воспитување во праведноста“. Со други зборови, Библијата содржи многу корисни совети што можат да им покажат на луѓето како да живеат во овој свет кој тоне во проблеми. Оние што ги земаат предвид советите од Библијата, можат да имаат поубав и посреќен живот.

5-7. Во кои делови од Библијата можеш да најдеш корисни совети?

5 Но, кои делови од Библијата ти паѓаат на ум кога размислуваш каде би можел да најдеш такви совети? Некои помислуваат на Проповедта на гората, во која Исус дал корисни совети за различни полиња од секојдневниот живот. Други помислуваат на писмата на апостол Павле. А секој може да најде корисни совети во Псалмите и во Изреките — книги кои се вистинска ризница на мудрост. Всушност, во зависност од твоите околности или проблемите што ги имаш, секоја книга од Библијата може да ти помогне, па дури и книгите што главно се историски, како што се книгите од Исус Навин до Естира. Историските настани што се запишани во овие книги се корисни поуки за сите што сакаат да бидат среќни додека му служат на Бог (1. Коринќаните 10:11). Да, во нив има совети што ќе те водат во животот и што ќе ти помогнат да бидеш среќен. Потсети се на овие вистинити зборови: „Сѐ што беше некогаш напишано, напишано е за наша поука, за преку својата истрајност и преку утехата од Писмата да имаме надеж“ (Римјаните 15:4; Исус Навин 1:8; 1. Летописи 28:8, 9).

6 Но, има еден дел во Библијата што за мнозина е како едно неистражено подрачје на кое може да се најде големо богатство. Станува збор за една збирка од 12 книги, честопати наречени Мали пророци. Тие обично се наоѓаат по поголемите библиски книги на Езекиел и Даниел, а пред евангелието на Матеј. (Во повеќето Библии, овие 12 книги се наредени по следниов редослед: Осија, Јоил, Амос, Авдија, Јона, Михеј, Наум, Авакум, Софонија, Агеј, Захарија и Малахија.) Како што видовме, Библијата е вдахновена од Бог и е корисна за да се поучат луѓето и да им се помогне да имаат подобар живот. Може ли тоа да се каже и за овие книги?

7 Секако дека може! Всушност, таканаречените Мали пророци содржат скапоцени совети што нѐ учат како да живееме денес. За да сфатиш зошто некои луѓе не им придаваат голема важност на овие книги, да го разгледаме називот што тие го имаат на многу јазици: Мали пророци. Дали овој назив влијае врз мислењето на луѓето за овие книги? Дали можеби има извесно влијание и врз твоето мислење?

ДАЛИ „МАЛИТЕ ПРОРОЦИ“ СЕ МАЛИ ПО ВАЖНОСТ?

8. а) Кој е еден важен начин на кој Бог ги пренесувал своите пораки? б) Како обично се наречени 12-те книги за кои зборуваме, и зошто, всушност, се наречени така?

8 Апостол Павле го започнал своето писмо до Евреите со зборовите: „Бог, кој во минатото многу пати и на многу начини им зборуваше на нашите прататковци преку своите пророци, во овие последни денови ни се обрати нам преку Синот“ (Евреите 1:1, 2). Со оглед на тоа што Бог користел луѓе како пророци кои ќе ги пренесат неговите пораки, не би смееле да сметаме за помалку важен никого од нив ни од она што го напишале. Сепак, називот „Мали пророци“ навел некои на заклучок дека содржината на тие книги нема некоја голема важност и затоа не заслужува некое посебно внимание. Други заклучиле дека пораките во овие книги се помалку веродостојни од другите книги во Библијата. Но, всушност, овие 12 книги се наречени „Мали пророци“ a само поради тоа што се пократки од некои други книги.

9. Зошто тоа што една библиска книга е кратка не значи дека е помалку вредна?

9 Тоа што една библиска книга е пократка не значи и дека е помалку важна или вредна. Книгата Рут е многу пократка од книгите пред и по неа, но сепак од неа можеш да дознаеш многу интересни и возбудливи работи. Во оваа кратка книга е истакнато дека треба верно да му служиме на Бог. Таа ни покажува колку многу Бог ги цени жените и ни дава важни детали за семејната лоза на Исус (Рут 4:17-22). Друг пример е посланието на Јуда, кое се наоѓа при крајот на Библијата. Ова послание е толку кратко, што во некои Библии не зафаќа ни цела страница. Сепак, од него можеме многу да научиме и да добиеме бесценети совети. Во него се зборува за тоа како постапил Бог со злите ангели, дадени се предупредувања во врска со расипаните луѓе што се вовлекуваат во собранието и поттикнати сме силно да се бориме за верата. Можеш да бидеш сигурен дека книгите што се наречени Мали пророци, иако се кратки, не се помалку важни ниту по содржината ниту по вредноста што ја имаат за тебе.

ВО КОЈА СМИСЛА ОВИЕ КНИГИ СЕ ПРОРОЧКИ?

10, 11. а) Што помислуваат некои кога ќе го чујат зборот „пророк“? б) Според Библијата, кои биле пророците, и што правеле тие?

10 Друга работа што треба да ја разгледаме се зборовите „пророци“ и „пророчки“. Овие зборови можеби нѐ потсетуваат на претскажување на иднината. Кога ќе се спомне пророк, многу луѓе помислуваат на некој што претскажува што ќе се случи во иднина, при што користи некои таинствени фрази кои можат да се толкуваат на различни начини. Некои вака гледаат и на книгите на 12-те пророци.

11 Точно, додека ги читаш овие 12 книги, брзо ќе увидиш дека тие содржат многу пророштва, а многу од нив се однесуваат на претстојниот голем ден на Јехова. Тоа е во склад со основното значење на зборот „пророк“. Пророк бил човек близок со Бог, преку кого Бог честопати откривал што ќе се случи во иднина. Почнувајќи од Енох, многу библиски пророци ја претскажувале иднината (1. Самоилова 3:1, 11-14; 1. Царевите 17:1; Еремија 23:18; Дела 3:18; Јуда 14, 15).

12. Како ќе објасниш дека, да се биде пророк, значело многу повеќе отколку само да се претскаже нешто?

12 Но, треба да задржиме на ум дека задачата на Јеховините пророци не била само да ги објават неговите пророштва. Бог честопати ги користел како свои претставници, кои ќе им кажуваат на другите која е неговата волја. На пример, можеби на Авраам, Исак и Јаков не помислуваме како на луѓе што ја претскажувале иднината, но во Псалм 105:9-15 тие се наречени пророци. Понекогаш, Бог ги користел за да откријат нешто во врска со иднината, како на пример, кога Јаков ги благословил своите синови. Но, овие семејни поглавари биле пророци и во таа смисла што на своите семејства им го пренесувале она што Јехова го кажал во врска со нивната улога во неговата намера (1. Мојсеева 20:7; 49:1-28). Друг пример за тоа колку широко значење има библискиот збор „пророк“ се гледа од тоа што Арон му служел како пророк на Мојсеј. Арон бил пророк во таа смисла што зборувал наместо Мојсеј, односно му бил „наместо уста“ (2. Мојсеева 4:16; 7:1, 2; Лука 1:17, 76).

13, 14. а) Наведи примери кои покажуваат дека задачата на пророците не била само да ја претскажуваат иднината. б) Како ќе ти помогне тоа што знаеш дека пророците објавувале и други работи освен пророштва?

13 Размисли и за пророците Самоил и Натан (2. Самоилова 12:25; Дела 3:24; 13:20). Преку нив Јехова објавил што ќе се случи во иднина, но тие му служеле како пророци и во друга смисла. Служејќи како пророк, Самоил ги поттикнал Израелците да престанат да обожаваат идоли и повторно да почнат да му служат на Бог на исправен начин. Исто така, ја објавил осудата над цар Саул, од која можеме да увидиме дека за Јехова послушноста е многу повредна од материјалните жртви. Да, во задачата на Самоил како пророк било вклучено да ги поучи другите за тоа како сака Бог да живеат луѓето (1. Самоилова 7:3, 4; 15:22). Пророкот Натан претскажал дека Соломон ќе го изгради храмот и дека неговото царство ќе биде стабилно (2. Самоилова 7:2, 11-16). Но, Натан имал улога на пророк и кога го разоткрил гревот на Давид со Витсавеа и убиството на Урија. Кој може да заборави на каков начин Натан ја разоткрил прељубата на Давид — преку приказната за богаташот кој на некој сиромав му ја одзел единствената овчичка што многу ја сакал? Натан учествувал и во организирањето на светата служба во Божјето светилиште (2. Самоилова 12:1-7; 2. Летописи 29:25).

14 Значи, не треба да мислиме дека во овие пророчки книги се запишани само претскажувања за иднината. Тие содржат Божји изјави во врска со многу други работи. На пример, од нив дознаваме како требало да живеат Божјите слуги во тоа време и како треба да живееме ние денес. Всушност, сигурни сме дека она што е запишано во Библијата, вклучувајќи ги и овие 12 книги, е многу корисно и поучно и им помага на луѓето да сфатат како е најдобро да го живеат својот живот. Во овие вдахновени книги наоѓаме скапоцени совети што можат да ни помогнат „да живееме разборито, праведно и со оддаденост на Бог среде овој сегашен свет“ (Тит 2:12).

КАКО НИ КОРИСТАТ

15, 16. а) Каков сликовит јазик се наоѓа во „Малите пророци“? б) Какви пророштва содржат овие книги?

15 Читањето на Божјата вдахновена реч ни користи на многу начини. Некои библиски книги раскажуваат што се случувало во одредено време, во други читаме поезија, и секоја од нив си има своја вредност. Во трети, пак, доаѓа до израз сликовитиот, или симболичниот јазик, како што е случај со овие 12 книги. На пример, Исус се осврнал на книгата на Јона кога рекол: „Зло и прељубничко поколение постојано бара знак, но нема да му се даде никаков друг знак, освен знакот на пророкот Јона. Зашто, како што Јона беше во утробата на големата риба три дни и три ноќи, така и Синот човечки ќе биде во срцето на земјата три дни и три ноќи. Жителите на Ниневија ќе станат од мртвите во Судниот ден заедно со ова поколение и ќе го осудат, зашто се покајаа кога им проповедаше Јона, а еве, овде е некој што е поголем од Јона“ (Матеј 12:39-41).

16 Очигледно, Исус не мислел дека книгата на Јона е само историски запис за тоа како постапил Бог со Јона, за она што го направил пророкот во Ниневија и за тоа што се случило откако Јона го објавил предупредувањето од Бог. Исус сфатил дека пророкот Јона, во симболична смисла, укажувал на него — Исус Христос — на неговата смрт и на тоа дека, по три дена, ќе воскресне. Освен тоа, со ова пророштво Исус направил остра разлика меѓу тоа како реагирале ниневијците на предупредувањето од Бог, и како реагирале повеќето Евреи на неговото проповедање и на неговата служба (Матеј 16:4). Според тоа, можеме да заклучиме дека овие 12 книги содржат пророштва за тоа како ќе постапи Бог со својот народ во наше време. Проучувањето на ваквите пророштва е интересно и многу корисно. b

17. Како се разработени книгите на 12-те пророци во оваа книга?

17 Меѓутоа, во книгата што сега ја држиш в рака, не се изучува сликовитото, или симболичното значење на книгата Јона, ниту на другите 11 книги. Во неа, овие книги не се разработуваат стих по стих. Наместо тоа, првенствено се става акцент на поуките што можеме да ги извлечеме од овие книги и да ги примениме во секојдневниот живот. Запрашај се: ‚Кои корисни совети ми ги дава Јехова во книгите на 12-те пророци? Како тие ќе ми помогнат да „живеам разборито, праведно и со оддаденост на Бог среде овој сегашен свет“? Што учам од нив за христијанскиот живот, за моралот, за семејниот живот и за ставовите што треба да ги имаат христијаните во ова тешко време, зашто „доаѓа Јеховиниот ден, зашто е близу“?‘ (Тит 2:12; Јоил 2:1; 2. Тимотеј 3:1). Додека со помош на оваа книга ноаѓаш задоволувачки одговори, веројатно ќе наидеш на стихови кои ќе ти бидат многу драги, стихови што претходно не си ги користел кога си зборувал со другите за библиските совети. Така ќе се збогати твојата ризница со скапоцени библиски стихови (Лука 24:45).

18. Како е осмислена оваа книга, и како ти помага тоа?

18 Поглавјата во оваа книга се поделени на четири дела. Пред да почнеш да го читаш секој дел, разгледај ги накратко поглавјата во него за да добиеш една општа слика за што се зборува. Во секое од следните 13 поглавја има две рамки, кои имаат цел да ти помогнат да го запамтиш материјалот. Прашањата во рамките ќе ти помогнат да се потсетиш на она што си го прочитал и да размислуваш за тоа колку се важни тие совети и како можеш да ги примениш во животот. Првата рамка се наоѓа отприлика на средината на поглавјето. Кога ќе дојдеш до оваа рамка, размисли за прашањата во неа. Тоа ќе ти помогне да го ставиш длабоко в срце она што си го проучил (Матеј 13:8, 9, 23; 15:10; Лука 2:19; 8:15). Втората рамка ќе ти помогне да размислуваш за она што си го прочитал во вториот дел од поглавјето и добро да го запамтиш. Затоа, посвети време добро да ги проучиш овие рамки. Тие навистина можат да ти помогнат да увидиш како да го примениш во својот живот она што го учиш.

19. Што треба прво да дознаеш за книгите на 12-те пророци?

19 За да се подготвиш за проучувањето на оваа книга, размисли што знаеш за содржината на секоја од овие 12 пророчки книги. Преку кого ги пренел Бог овие пораки, и какви луѓе биле тие? Кога живееле и во какви околности служеле? (Од голема помош ќе ти биде временскиот приказ што се наоѓа на страници 20 и 21; често користи го додека ги проучуваш следните поглавја.) Која била нивната порака, какво значење имала за нивно време, и како сето ова ќе ти помогне да го разбереш материјалот во соодветниот контекст? Во следното поглавје ќе ги најдеш одговорите на овие важни прашања.

[Фусноти]

a Во една енциклопедија се вели дека овој израз „веројатно потекнува од латинската назнака во преводот Вулгата (Prophetae Minores). Придавката ‚мали‘ во називот ‚Мали пророци‘ не се однесува на важноста на 12-те пророци во споредба со Исаија, Еремија и Езекиел, туку на тоа дека се многу помали по должина“ (том 12, 49. страница).

b На пример, размисли како е обработена книгата на пророкот Агеј во Стражарска кула од 1 јануари 1997, страници 6-22, и книгата на пророкот Захарија во Стражарска кула од 1 јануари 1996, страници 8-22.

КОРИСНИ ПОУКИ

• Кои погрешни мислења за „Малите пророци“ треба да ги отфрлиш? (Римјаните 15:4).

• Зошто можеш да очекуваш дека проучувањето на книгите на 12-те пророци ќе ти биде од корист? (2. Тимотеј 3:16).

• Што ќе научиш додека ги проучуваш овие книги? (1. Солуњаните 2:13).

[Прашања]