„Благослов додека не биде доста“
Четиринаесетто поглавје
„Благослов додека не биде доста“
1, 2. а) Каков добар избор може да направи секој од нас? б) Кое пророштво е поврзано со благословите што може да ги добиеме?
ЖИВЕЕМЕ во време на суд, но и време на благослови, во време кога религиозниот систем се распаѓа, но и време кога вистинското обожавање се обновува. Ти сигурно сакаш да ги добиеш благословите и сите убави работи што ги носи таа духовна обнова уште денес, и што ќе ги донесе во иднина! Но, како можеш да бидеш сигурен дека навистина ќе биде така? Одговорот на ова прашање е поврзан со едно пророштво кое имало главно исполнување веднаш откако почнале „последните денови“ во 1914 год. (2. Тимотеј 3:1). Малахија прорекол: „,Во својот храм ќе дојде Господарот [Јехова], кого вие го барате, и гласникот на сојузот, кому му се радувате. Еве, сигурно ќе дојде‘, вели Јехова над војските“ (Малахија 3:1).
2 Ова пророштво, кое има огромно значење за твојот живот, е запишано во последната од 12-те пророчки книги. Сега, кога завршуваме со разгледувањето на овие книги, може да се каже дека она што го запишал Малахија е од особена важност. Неговата книга содржи важни поуки кои можат да ти помогнат тебе и на сите други Јеховини слуги да добиете „благослов додека не биде доста“ (Малахија 3:10). Да го разгледаме сега малку подетално 3. поглавје од книгата на Малахија.
ВРЕМЕ ЗА ДУХОВНО ПРОЧИСТУВАЊЕ
3. Зошто Божјиот древен народ бил заменет со „Израелот Божји“?
3 Околу пет века по Малахија, Јехова, преку својот претставник Христос (Божјиот ‚гласник на [авраамскиот] сојуз‘), дошол во дословниот храм во Ерусалим за да му суди на својот народ на сојузот. Општо земено, тој народ покажал дека повеќе не ја заслужува Јеховината милост, па затоа Јехова го отфрлил (Матеј 23:37, 38). Потврда за тоа е она што се случило во 70 год. од н.е. Исто така, можеме да бидеме сигурни дека на местото на Израелците, Бог го избрал „Израелот Божји“, духовен народ составен од 144.000 лица избрани од сите народи (Галатите 6:16; Римјаните 3:25, 26). Но, тоа не било последното исполнување на пророштвото на Малахија. Има уште едно исполнување во денешно време, а тоа е директно поврзано и со твојата надеж да добиеш „благослов додека не биде доста“.
4. Што требало да се види откако Исус бил поставен за Цар во 1914 год.?
4 Исполнетите библиски пророштва потврдуваат дека во 1914 год. Исус Христос бил поставен за Цар на Јеховиното небесно Царство. Тогаш дошло време да се види која група христијани ја прифаќа Бог. Требало да се види и кој го положил испитот за духовна чистота. Во врска со тоа, Малахија вели: „Кој ќе го поднесе денот на неговото доаѓање и кој ќе опстане кога тој ќе се појави? Зашто, тој ќе биде како огнот на леарот“ (Малахија 3:2). Кога и како дошол Јехова во својот „храм“ за да суди?
5, 6. а) Каква состојба затекнал Јехова кај повеќето припадници на христијанските цркви кога дошол да го провери својот духовен храм? б) Што им било потребно на Божјите слуги помазани со неговиот свет дух?
5 Очигледно, Бог не дошол во еден дословен храм, изграден од камен и малтер. Последниот таков храм во кој се вршела света служба за Бог бил уништен во 70 год. од н.е. Значи, Јехова дошол во еден духовен храм, во кој луѓето можат да му пристапат и да му служат на темел на Исусовата откупна жртва (Евреите 9:2-10, 23-28). Црквите на христијанскиот свет во никој случај не го сочинуваат тој духовен храм, зашто тие се дел од верскиот систем кој е виновен за крвопролевање и духовен блуд, систем кој шири лажни учења и не ги поучува луѓето да му служат на Бог на исправен начин. Јехова бил „брз сведок против“ нив, а како што знаеш, тоа било праведна осуда (Малахија 3:5). Меѓутоа, откако било воспоставено Божјето Царство, во дворот на Божјиот духовен храм се појавила една група вистински христијани кои, и покрај тешките искушенија, верно му служеле на Бог на исправен начин. Сепак, дури и на тие помазаници им требало прочистување. Книгите на 12-те пророци укажуваат на тоа прочистување. Тие содржат охрабрувачки ветувања дека Божјите слуги ќе доживеат духовна и буквална обнова. Малахија прорекол дека ќе има еден народ кого Јехова ќе го „пречисти како злато и како сребро“. Тој народ ‚ќе му принесува на Јехова жртвен дар во праведност‘ (Малахија 3:3).
6 Од цврстите докази јасно се гледа дека од 1918 год. наваму, Јехова ги прочистувал помазаните христијани, нивната света служба, нивните постапки и нивните учења. a Тоа им било од неизмерна корист ним и на припадниците на ‚големото мноштво‘ кои им се придружиле подоцна (Откровение 7:9). Тие обединето продолжуваат да принесуваат „жртвен дар во праведност“ кој му е „пријатен на Јехова“ (Малахија 3:3, 4).
7. Што треба да се запрашаме за да видиме каков ни е односот со Бог?
7 Да, Бог го прочистил својот народ како целина. Но, што е со секого од нас поединечно? Добро е да се запрашаме: ‚Дали на некои мои ставови или постапки им треба прочистување? Дали треба да си го прочистам однесувањето, како што Јехова ги прочистил своите помазаници?‘ Видовме дека 12-те пророци зборувале за непожелните ставови и однесување, но и за убавите особини и постапки. Тоа многу ти помага да знаеш што ‚бара Јехова од тебе‘ (Михеј 6:8). Забележи дека стихот вели „од тебе“. Тоа покажува дека секој од нас треба да се преиспита за да види дали треба да се прочисти или да се поправи на некое подрачје.
„ИСПИТАЈТЕ МЕ“
8. Каков повик му упатува Јехова на својот народ?
8 Да видиме што уште вели Јехова во Малахија 3:10. Тука е запишан овој срдечен повик: „,Донесете ги сите десеттини во складиштето, па да има храна во мојот дом, и испитајте ме во тоа, ве молам,‘ вели Јехова над војските, ‚зар нема да ви ги отворам небесните брани и да ви излеам благослов додека не биде доста?‘“ Овој повик му е упатен на Божјиот народ како целина. Но, што мислиш, дали ти е упатен и тебе лично?
9. Какви жртви и десетоци можеш да му дадеш на Јехова?
9 Како можеш да му дадеш „десеттини“ на Јехова? Се разбира, не си обврзан да даваш буквални жртви и десетоци, како оние што биле пропишани со Законот. Бог сега очекува од нас духовни жртви. Како што беше кажано во претходното поглавје, Павле рекол дека нашето проповедање е жртва (Осија 14:2). Потоа спомнал уште еден вид жртви: „Не заборавајте да правите добро и да делите [материјални работи] со другите, зашто со таквите жртви му се угодува на Бог“ (Евреите 13:15, 16). Очигледно, ‚десеттините‘ што се спомнати во Малахија 3:10 се однесуваат и на духовните и на материјалните жртви. Како крстен христијанин, ти целиот свој живот си му го посветил на Јехова, а твоите десетоци го претставуваат она што можеш да го дадеш или да го користиш во службата за него. Во тоа спаѓаат твоето време, сили, средства и материјални прилози што ги даваш за Јеховината служба.
10. На кој начин можеш исправно да ‚го испиташ Јехова‘?
10 Колку е убаво што од срце и со љубов му даваш такви симболични десетоци на Јехова! Но, тоа мораш да го правиш со чувство на итност. Знаеш дека големиот Јеховин ден е сѐ поблизу и дека е „многу страшен“ (Јоил 2:1, 2, 11). Во прашање се човечки животи. Бог го повикува секого од нас да направи нешто. Јехова сака да ‚го испиташ‘. Се разбира, никој од нас, безначајни несовршени луѓе, не би требало ни да помисли да го стави на испит Јехова, како тој да не е достоен за доверба (Евреите 3:8-10). Но, сепак има исправен начин на кој можеш понизно да го испиташ. Кој е тој начин? Јехова ветил благослов. Кога си му послушен, ти го ставаш Бог на испит, односно како да велиш: ‚Ќе ме благослови ли?‘ Тој, пак, од своја страна, се обврзува дека ќе го направи тоа и дека ќе го одржи своето ветување. Значи, со тоа што ти дозволува да ‚го испиташ‘, Бог уште поцврсто те уверува дека богато ќе те благослови.
11, 12. Кои благослови си видел дека Јехова ги излеал врз својот народ?
11 Јеховиниот народ великодушно дава материјални и духовни жртви. Јехова, пак, од своја страна, излева „благослов додека не биде доста“. Веројатно и самиот си забележал дека врз Божјиот народ е излеан таков благослов. Тоа се гледа од големиот пораст во бројот на Јеховините сведоци од почетокот на 20 век па до денес. Сигурно си забележал и дека сега многу подобро ги разбираме „Божјите длабочини“ (1. Коринќаните 2:10; Изреки 4:18). Но, размисли за ова и од друг агол: Како влијае тоа врз тебе?
12 Сети се на времето кога си припаѓал на некоја црква или кога штотуку си почнал да одиш на состаноците на Јеховините сведоци. Колку си ги разбирал библиските вистини тогаш? Сега, направи споредба со она што си го научил оттогаш и што можеш да го докажеш на темел на Библијата. Или, помисли на подлабоките работи што си ги разбрал, како што се пророштвата што се исполнуваат сега. Размисли и за тоа колку подобро применуваш некои библиски начела во секојдневниот живот. Ова е навистина голем напредок! Како апостол Петар, и ти можеш да речеш: „Пророчката реч што ја имаме е уште посигурна“ (2. Петрово 1:19). Поуката од ова е дека ти лично си ‚поучен од Јехова‘ и му припаѓаш на народ кој живее според начелата на вистинското христијанство и кој сака засекогаш да му служи на Јехова (Исаија 54:13). Уште сега можеш со право да кажеш дека Јехова богато те благословил.
ТВОЕТО ИМЕ ВО КНИГАТА НА ЖИВОТОТ
13. Како може некој да биде запишан во Божјата книга на сеќавањето?
13 Во Малахија 3:16 се спомнати и други благослови што Јехова ги излева врз своите слуги: „Во тоа време, оние што се бојат од Јехова разговараа еден со друг, секој со својот ближен, и Јехова внимаваше и слушаше. И пред него почна да се пишува книга на сеќавањето за оние што се бојат од Јехова и што размислуваат за неговото име“. И помазаниците и припадниците на големото мноштво „се бојат од Јехова“ и го почитуваат. Зарем за тебе не е чест што си Јеховин сведок и што припаѓаш на еден среќен народ кој размислува за Божјето име и го велича во целиот свет? Навистина можеш да бидеш среќен и задоволен, зашто Јехова ветува дека нема да ја заборави твојата верност! (Евреите 6:10).
14. Како ти помагаат книгите на 12-те пророци да видиш какви ставови и постапки мрази Јехова?
14 Но, што можеш да направиш за да се најде и твоето име во ‚книгата на сеќавањето‘, која уште сега се пишува пред Јехова? Да се потсетиме на некои од мудрите совети што ги најдовме во книгите на 12-те пророци. Од овие книги дознавме какво однесување, какви особини и какви ставови не му се допаѓаат на Јехова. На пример, пророците нѐ предупредуваат на некои работи што Бог вели дека се спротивни на неговите праведни мерила и можат да ни го уништат животот, како што се ‚срамотните дела‘ и „блудот“ (Осија 4:12; 6:9). Бог не ги сака оние што си го изневеруваат брачниот другар или семејството (Малахија 2:15, 16). Јехова ги вдахновил пророците да нагласат во своите книги дека тој го мрази секој облик на насилство (Амос 3:10). Исто така, ги поттикнал да нагласат дека не смееме да бидеме неправедни и нечесни во деловните и во финансиските работи (Амос 5:24; Малахија 3:5). Во овие книги е нагласено и колку е важно мажите на кои им се доверени одредени одговорности да не дозволат пристрасноста или себичните интереси да влијаат врз нивното просудување (Михеј 7:3, 4).
15. Кои се некои благослови што ќе ги добиеш ако ги следиш советите на 12-те пророци?
15 Но, пророците не зборувале само за тоа што не смееме да го правиме. Тие ни го свртуваат вниманието и на благословите што можеме да ги имаме ако се држиме за Божјите мерила. Така ќе станеме поблиски пријатели со Јехова (Михеј 4:5). Нашето собрание ќе биде постабилно и поактивно ако сите се трудиме да постапуваме праведно. Ќе имаме подобар брак, а целото семејство ќе биде обединето и насочено на духовните работи (Осија 2:19; 11:4). Ако сме праведни и чесни, ќе ја стекнеме почитта на другите. Ако покажуваме милост како Јеховината, ќе станеме сочувствителни и добродушни, а нашите браќа и сестри ќе ни возвратат на ист начин (Михеј 7:18, 19). Да, ќе бидеме опкружени со луѓе кои се интересираат за духовни работи, со браќа и сестри кои ги сакаат вистината и мирот, а пред сѐ ќе бидеме пријатели со Јехова (Захарија 8:16, 19). Зарем не се согласуваш дека овие благослови ги имаме уште сега?
16. Каква разлика е очигледна денес, и што ќе значи тоа кога ќе дојде Јеховиниот ден на пресметка?
16 Од сѐ што разгледавме досега, јасно е дека „разликата меѓу праведникот и злиот“ — меѓу вистинските и лажните христијани — е поочигледна од кога и да е порано (Малахија 3:18). Ние се трудиме да живееме според Јеховините мерила, додека светот, општо земено, сѐ подлабоко тоне во безбожност. А како што знаеш, оваа разлика ќе биде многу важна кога ќе дојде „големиот ден на Јехова“ (Софонија 1:14; Матеј 25:46).
17. Како може во иднина да ти користат советите од оваа книга?
17 Значи, советите на 12-те пророци никогаш не застаруваат. Кога ќе се појави некој проблем или кога мораш да донесеш некоја одлука, добро ќе биде да ги проучиш корисните совети што се изнесени во оваа книга. Така ќе покажеш дека сакаш да учиш за Јеховините патишта и да ‚одиш по неговите патеки‘ (Михеј 4:2). Но, тоа не значи само сега да одиш по неговите патишта. Ти сигурно искрено сакаш твоето име засекогаш да биде запишано во Јеховината книга на сеќавањето. Книгите на 12-те пророци ќе ти помогнат во тоа.
ВЕРАТА ВОДИ ДО СПАСЕНИЕ
18. Кое важно барање е запишано во Јоил 2:32, и што додал апостол Павле на тоа барање?
18 Јоил кажал што е најважно за да ја имаме Божјата милост засекогаш: „Секој што ќе го повика името на Јехова ќе биде спасен“ (Јоил 2:32). И двајца апостоли, Петар и Павле, го цитирале ова важно барање кое води до спасение (Дела 2:21; Римјаните 10:13). Павле додал уште една мисла на тој совет кога прашал: „Како ќе го повикаат оној во кого не поверувале?“ (Римјаните 10:14). Ти сигурно сакаш да го повикуваш името на Јехова и да покажуваш вера во него сега и во сета вечност!
19. Што е вклучено во тоа да го повикуваме Јеховиното име?
19 Да го повикуваме името на Јехова не значи само да го знаеме и да го користиме (Исаија 1:15). Од контекстот на Јоил 2:32 се гледа дека многу е важно вистински да се покаеме и да веруваме дека Јехова е спремен да ни прости (Јоил 2:12, 13). Да го повикуваме Божјето име значи добро да го запознаеме Бог, да имаме доверба во него, да му бидеме послушни и да го ставиме на прво место во животот. Да, најважно нешто во животот треба да ни биде да му служиме на Јехова. Тоа ќе ни овозможи да имаме исполнет и вечен живот, кој е благослов од Бог (Матеј 6:33).
20. Кој прекрасен благослов можеме да го добиеме ако покажуваме вера?
20 Преку Авакум, Јехова рекол: „Праведникот ќе остане жив поради својата верност“ (Авакум 2:4). Врежи си го ова добро во умот и во срцето. Тоа е една од главните библиски вистини. Во своите вдахновени посланија, Павле трипати се осврнал на овој стих b (Римјаните 1:16, 17; Галатите 3:11, 14; Евреите 10:38). Оваа библиска вистина бара од тебе да покажуваш вера во жртвата што Исус Христос ја дал за нашите гревови. Исус објаснил: „Бог толку многу го сакаше светот што го даде својот единороден Син, за секој што верува во него... да има вечен живот“. Понатаму се вели: „Кој верува во Синот, има вечен живот“ (Јован 3:16, 36). Таа жртва го овозможува оздравувањето што може да го изврши само нашиот Откупител. Откако ги запишал зборовите на Јехова во врска со тоа што ќе се случи со Сатановиот злобен свет во Јеховиниот голем ден, Малахија продолжил: „Вас, кои се боите од моето име, ќе ве огрее сонцето на праведност, кое носи оздравување на своите крилја“. Да, Исус ќе огрее и ќе донесе оздравување. Ова се однесува на духовното оздравување што го чувствуваме уште денес. Но, колку е само убаво што знаеме дека во новиот свет тоа ќе значи и потполно физичко оздравување! (Малахија 4:2).
21. Зошто можеш да бидеш уверен дека Јехова може да ја оствари својата намера?
21 Освен тоа, многу е важно да бидеме уверени дека Бог е способен да ја оствари својата намера. Во времето на Михеј, човек тешко можел да има доверба во другите. Михеј рекол: „Не верувајте му на другарот. Немајте доверба во доверливиот пријател“. Но, на Михеј воопшто не му било тешко да има доверба во Јехова, а не треба да ти биде тешко ни тебе. Михеј напишал: „Јас ќе гледам кон Јехова“ (Михеј 7:5, 7). За разлика од луѓето, кои се многу непредвидливи, Јехова сака и може да ја оствари својата намера, со што ќе докаже дека има право да биде врховен владетел и ќе им овозможи на верните луѓе да се радуваат на вечни благослови.
22. Што ќе доживеат оние што го повикуваат Јеховиното име со вера?
22 Со доверба и ние, како Авакум, можеме да кажеме: „Ќе му се радувам на Јехова, ќе се веселам поради Богот на моето спасение“ (Авакум 3:18). Пророкот Јоил јасно дал на знаење дека оние што го повикуваат Јеховиното име со вера имаат силна причина за радост — ‚ќе бидат спасени‘. Истото го кажал и апостол Павле (Јоил 2:32; Римјаните ). Во која смисла спасени? Твојата вера веќе те спасила од лукавите сплетки на Сатана и од многуте болни последици со кои мораат да се соочат злите ( 10:131. Петрово 1:18). Освен тоа, со доверба можеш да се надеваш дека ќе бидеш спасен кога овој злобен свет ќе доживее катастрофален крај. Тогаш ќе добиеш изобилство благослови, како што прорекле и 12-те пророци.
КРАТОК ПОГЛЕД ВО РАЈОТ
23, 24. а) Како некои од 12-те пророци го опишале рајот? б) Како она што го запишале 12-те пророци влијае врз твојата надеж за иднината?
23 Оние што „се бојат од Јехова“ ги чекаат вечни благослови (Малахија 3:16). Некои од 12-те пророци ни овозможиле накратко да ѕирнеме каков ќе биде рајот на Земјата. Тие даваат сликовити описи кои можат да нѐ исполнат со радост и исчекување. На пример, Михеј напишал: „Секој ќе седи под својата лоза и под својата смоква и никој нема да го плаши“ (Михеј 4:4). И навистина, во Божјето Царство ќе се чувствуваш потполно сигурен и ќе се радуваш на плодовите на својот труд!
24 Нашата надеж дека болестите, тагата, па дури и смртта ќе ги снема не е само фантазија — сето тоа ќе стане реалност. Замисли колку радосни ќе бидат оние што ќе воскреснат и ќе имаат можност да станат совршени луѓе! Овде на Земјата, тие во потполна смисла ќе ги доживеат зборовите што се запишани во Осија 13:14: „Од раката на гробот јас ќе ги откупам, од смрт ќе ги избавам. Смрт, каде ти се осилата? Гробу, каде е твојата разорна моќ?“ Павле ги применил овие зборови на небесното воскресение (1. Коринќаните 15:55-57).
25. Како ќе се чувствуваш во новиот свет?
25 Не би требало да ни е тешко да веруваме дека ќе има воскресение на Земјата (Захарија 8:6). Кога Амос и Михеј пророкувале дека Божјиот народ ќе се врати од изгнанство, можеби на Евреите им било тешко да веруваат во тоа. Но, навистина се случило така (Амос 9:14, 15; Михеј 2:12; 4:1-7). Повратниците рекле: „Бевме како во сон. Тогаш устата ни беше полна со смеа, а јазикот ни беше полн со радосни восклици... Големо дело направи Јехова за нас. Затоа бевме радосни“ (Псалм 126:1-3). И ти ќе се чувствуваш така во новиот свет, кога Јехова ќе излева „благослов додека не биде доста“.
26. Каква иднина ги очекува оние што живеат со Јеховиниот ден во мислите?
26 Откако во „денот на Јехова“ Земјата ќе биде исчистена од сета злоба, „царската власт ќе му припадне на Јехова“ во потполна смисла (Авдија 15, 21). Тоа ќе биде прекрасен благослов за сите негови слуги на Земјата! И ти можеш да бидеш меѓу оние на кои се однесуваат зборовите од 3. поглавје од книгата на Малахија: „,Тие ќе бидат мои‘, вели Јехова над војските... ‚И ќе бидам милостив кон нив како што човек е милостив кон својот син кој му служи‘“ (Малахија 3:17). Поради својата верност, ќе бидеш спасен и врз тебе ќе биде излеан „благослов додека не биде доста“. Колку прекрасна надеж!
[Фусноти]
a Повеќе информации можеш да најдеш во Стражарска кула од 1 октомври 1987, страници 23-28.
b Павле цитирал од грчката Септуагинта, во која текстот малку се разликува од хебрејскиот текст.
ЗАПРАШАЈ СЕ
• Каква корист имаш ти од духовното прочистување на Јеховиниот народ во современа доба? (Даниел 12:10; Малахија 3:12).
• Зошто сакаш да му принесуваш на Бог уште повеќе жртви? (Осија 14:2; 1. Петрово 2:5).
ЖИВЕЈ СО ЈЕХОВИНИОТ ДЕН ВО МИСЛИТЕ
• Зошто мислиш дека е важно да ги имаш на ум зборовите од Авакум 2:4? (Осија 2:18, 20).
• Како 12-те пророци ти помогнаа со уште поголема желба да го очекуваш новиот свет? (Псалм 126:1-3).
• Зошто си решен да живееш со Јеховиниот ден во мислите? (Јоил 2:1, 2; Авакум 2:2, 3).
[Прашања]
[Слика на страници 180 и 181]
Јехова го прочистува својот народ како група. Но, дали ни треба некакво прочистување и нам како поединци?
[Слика на страница 187]
Јоил
[Слики на страници 188 и 189]
Јеховините слуги се опкружени со луѓе кои ги сакаат вистината и правдата